Тешки телесни повреди, смрт, непријавена работа, недостаток на соодветна заштитна опрема, нерегистрирани прекувремени часови, работникот во Македонија се соочува со низа предизвици.
Јавниот, но и приватниот сектор секој со своите недостатоци, но во истиот кош кога станува збор за злоупотреба на трудот на работникот.
Голем дел од работниците се жалат на многу други прекршувања од Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа.
„Последен пример од минатата година ќе земам големи две компании од индустријата за градежни материјали коишто исто така не ги испочитуваат до крај работничките права. Тоа се „Мермерен комбинат Прилеп“ и „КНАУФ Радик АД Дебар“. Имате високопрофитабилни компании од приватен сектор во државата коишто навистина прават милионски профити од потта на тие работници, а на крајот на денот не им го исплаќаат за тоа што се договориле. Тоа се неисплатени плати согласно договор или анекс на договор, тоа се неисплатени надоместоци на плата, додатоци во смисла на минат труд, но исто исконско законско решение коешто наназад години го обезбедил синдикатот, неисплатени регреси за годишен одмор и така натаму“, појаснува Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и планирање во Македонија, Иван Пешевски.
„Во делот на шумарство каде што исто така имаме голем број на работници во државата коишто работат на високоризични работни места и се изложени на постојани надворешни влијанија. Тие луѓе се случи минатата година да не добијат плата, да не добијат регрес за годишен одмор, а после еден месец скоро од доцнење на платата добија намалување на платите. Таа компанија е јавното претпријатие „Национални шуми“ коешто брои преку 1.200 вработени и ги остави во најголемите празници луѓето без плата, а понатаму кога ја земаат платата па беше линеарно за повеќе од 100 евра на месечно ниво намалена кај сите вработени. Тука треба исто така треба да се запраша Управата за јавни приходи како ги води овие пресметки на плата и како има систем мапинг за исплата на плата да се под минимална плата“, дециден е Иван Пешевски.
Повреди и смртни последици при вршење на работата
Од 2019 до 2023 година, поради повреда на работно место починале 86 работници во Македонија, покажуваат податоците од Државниот инспекторат за труд. Најчестите причини за смрт кај работниците при работа се: невнимание, несоодветна опрема, некористење на заштитна опрема…
„Можеме да додадеме уште и непреземени колективни мерки за безбедност и здравје при работа (отсуство или несоодветна заштита на работниот простор, немање на соодветни упатства за безбедна работа со кои треба да се запознаени работниците, немање соодветно одбележување или поставување на знаци за опасност и известување во работниот простор), како и немање на индивидуални мерки за безбедност и здравје за повредените работници кои се законска обврска на работодавачот: неизвршени здравствени прегледи во овластена здравствена установа од областа на медицина на трудот, неизвршени обуки за безбедност и здравје при работа од страна на овластени стручни правни субјекти, неизвршена проценка на ризик на работни места изготвена од овластени правни субјекти и доктор специјалист по медицина на трудот, необезбедена од страна на работодавачот лична заштитна опрема соодветна на работното место на работникот и др. Дел од причините е и непостапување по протоколи (упатства за безбедна работа) од страна на работникот, неносење на личната заштитна опрема која му ја обезбедил работодавачот, невнимание од работникот или од соработникот и друго“. – Државен инспекторат за труд
Нема официјален регистар за повредени и починати работници при работа
Македонија сè уште нема официјална статистика која ќе покаже на годишно ниво колку работници завршиле со повреди при работа или починале на работното место.
Редакцијата на Види Вака побара податоци од Институтот за јавно здравје – Скопје, за тоа колку се здобиле со лесни и тешки повреди при работа, како и за тоа колку работници починале поради повреда на работно место во 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 година, за секоја година посебно.
„Ве известувам дека во последните пет години кои сте ги навеле во барање, нема ниеден случај кој завршил фатално“. – Институт за јавно здравје, Скопје
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и планирање во Македонија, Иван Пешевски вели дека е неопходно да се формира регистар кој ќе содржи податоци на случаи кои се пријавуваат во Државниот инспекторат за труд, Институтот за јавно здравје и Министерството за внатрешни работи.
„Воедно сум и член на Националниот совет за безбедност и заштита при работа и ние и таму имавме барања да се направи еден единствен регистар каде што луѓето ќе знаат статистички колку во годината имаме повреди и жртви меѓутоа тоа до ден-денес не се случи. Треба секојдневно да се синхронизираат тие податоци и да имаме унифициран систем каде ќе ги водиме овие повреди и жртви и не само да ги водиме туку, што треба да се преземе, да се превенира за да ги немаме овие повреди и жртви во иднина. Да се најде едноставно виновникот, а не досега 30 години во државата, виновен да биде само работникот“, посочи Иван Пешевски.
Работниците да се обучат и едуцираат за своите работнички права
Освен ширењето на синдикалната кауза којашто сама по себе треба да се бори и заштитува, другата цел на Синдикатот е обезбедување на едукација за работничките права.
„Тоа единствено може да го обезбедиме со експерти од областите трудово право и безбедност и здравје при работа од кои, работниците ќе учат и понатаму ќе делуваат помеѓу новите генерации коишто доаѓаат. Единствен излез од кризата со егзодусот на млади сили од државата ќе биде токму тоа да ги едуцираме луѓето да останат тука, меѓутоа од друга страна треба државата и работодавачите во приватниот сектор тоа да го ценат и соодветно да го плаќат, а не да наоѓаат изговори како македонскиот работник не е продуктивен и од друга страна ќе видите дека никој не може да биде продуктивен колку што ги гледаме платите во тие сектори“, појаснува претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и планирање во Македонија, Иван Пешевски