Уредувачка политика

1. Вовед

Публиката и вистината. Тоа се двете најважни работи за тимот на Види Вака. Сакаме да го издигнеме новинарството на повисоко професионално ниво, нешто што недостига во медиумскиот простор во Македонија и на социјалните медиуми. Види Вака нуди видео содржина прилагодена за онлајн употреба, која е веродојстојна, лесна за гледање и штеди време за да ги добиете клучните информации.

Види Вака е медиум за дигиталната генерација која ги добива вестите преку мобилни уреди и социјални мрежи. За разлика од многу мејнстрим медиуми ние даваме смисла на информациите во една минута преку обезбедување фер, чесна и конзистентна содржина комбинирајќи текст, видео и звук и ги носиме вестите каде и да сте.

Види Вака е првиот медиум во Македонија кој јавно ја објавува својата уредувачка политика, вредностите на тимот, структурата и начинот на работа. Транспарентноста не не прави ранливи туку напротив, поблиски до вас-нашата публика.

Овој документ е развиен со помош на надворешните консултанти – Татјана Репкова од Словачка и Мет Форд од САД.

1.1 Вредности

1.1.1 Вистина/факти
Тимот на Види Вака е максимално посветен во откривање на вистината преку презентирање на фактите, контактирање на засегнатите страни и анализа на информациите. Да се долови вистината во 60 секунди е вистински предизвик, но со посветена работа се грижиме тоа да е императив на тимот. Прецизноста не е само составување на мозаик од фактите туку и одмерување на достапните информации и избегнување на неосновани шпекулации. Новинарските приказни на Види Вака се во согласност со Кодексот на Здружението на новинари на Македонија како и во согласност со одлуките и препораките на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ).

1.1.2 Праведност
Видео сториите на Види Вака се базираат на праведност и отвореност. Секој придонес од нашата публика ќе го третираме со почит.

1.1.3 Чесност и искреност
Чесноста и искреноста ги ставаме високо на листата на вредности бидејќи сметаме дека само на тој начин можеме да ја бараме/добиеме добербата од нашата публика.

1.1.4 Во служба на јавниот интерес
Јавниот интерес е во центарот на нашите приказни. Секогаш си го поставуваме прашањето: „кој е јавниот интерес од предложената тема“? Грижата за јавниот интерес не води кон продуцирање на видео содржини кои може да променат некоја состојба, да отворат дискусија, дилеми и евентуално да предложат решенија.

1.1.5 Партиска непристрасност
Види Вака е непартиски и непристрасен медиум. Политиката е дел од општественото живеење и ние како медиум даваме простор на сите политички субјекти да го искажат своето мислење на нашиот медиум притоа грижејќи се информациите да не ги повредуваат вредностите на нашата уредувачка политика.

1.1.6 Независност
Види Вака има независна уредувачка политика. Основањето и функционирањето на нашиот медиум беше помогнато преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). За содржината на видеата е одговорен тимот на Види Вака и не ги изразува ставовите на УСАИД ниту пак на Владата на Соединетите Американски Држави. Донаторите на Види Вака не влијаат на независноста на уредувачката политика и на содржината на видео приказните кои ги изработува тимот на Види Вака, а кои се објавуваат на социјалните мрежи. Донаторите го подржуваат развојот на медиумот и функционирањето, но немаат никакво влијание врз уредувачката политика. Истото се однесува и на комерцијалниот дел на видео приказните што ги изработува тимот. Компаниите, организациите или поединците кои платиле за изработка на видео сторија за нивни потреби на никаков начин не смеат да влијаат на независноста на уредувачката политика и на видео приказните што се објавуваат на каналите на Види Вака.

1.1.7 Транспарентност
Види Вака е медиум кој се стреми преку транспарентност да ја добие довербата од публиката. Нашиот тим и уредувачка политика се јавно достапни, начинот на функционирање и начинот на креирање на нашите видео приказни исто така. Сметаме дека транспарентноста е алатка која ни дава предност, а не не прави ранливи.

1.1.8 Одговорност
Види Вака е одговорен медиум. Признаваме дека сите грешат па и ние, но не сите ја признаваат грешката. Сите евентуални грешки кои самите ќе ги увидиме или кои ќе ни бидат посочени од нашата публика ќе се стремиме да ги исправиме.

Грешките кои ќе ги увидиме во процесот на изработка на видеото ги исправаме веднаш. Грешките за кои ќе добиеме сознание по објавата на видеото тимот на Види Вака се обврзува јавно да објави, на социјалните мрежи или пак на веб страницата, како коментар со забелешка и исправка на грешката.

2. Структура на тимот на Види Вака

Види Вака тимот е составен од професионални новинари со долгогодишно искуство во печатени и електронски медиуми. Импресумот е објавен на фејсбук страницата на Види Вака.

Основачите и менаџери на Види Вака го раководат комерцијалниот дел на медиумот, се грижат за брендот, за односите со клиентите и за успешно пробивање на медиумот на македонскиот медиумски пазар, но и пошироко.

Новинарскиот дел од тимот е независен од менаџерите, односно од комерцијалниот дел. Тимот е составен од главен уредник, новинари, преведувачи, сниматели и монтажери.

Темите за прилозите на Види Вака се договараат на редакциски состанок на кој присуствуваат главниот уредник, новинарите и монтажерите.

Главниот уредник раководи со тимот и е одговорен за содржината на видео прилозите. Тој го уредува текстот, ги проверува податоците и во координација со новинарите работи на финалниот изглед на видеата на Види Вака. Главниот уредник се грижи за почитување на вредностите наведени во уредувачката политика.

Новинарите ги пишуваат текстовите за прилозите, прават интервјуа, бараат, систематизираат и анализираат податоци потребни за прилозите. Во координација со монтажерите го финализираат производот-текстот во комбинација со видео и музика.

Видео монтажерите се одговорни за визуелниот изглед на секое видео на Види Вака. Тие го обработуваат потребниот видео материјал комбинирајќи текст, слики, видео и музика и во координација со новинарите и главниот уредник ги креираат видеата на Види Вака.

Напоредно со видео приказните што ги продуцира новинарскиот дел од тимот, Види Вака нуди и комерцијални услуги во вид на продукција на видео приказни, снимање, монтажа, изработка на сценарија и друго.

Изработката на комерцијалните видео приказни не влијае на независноста на уредувачката политика на медиумот и продуцирањето на овие платени видеа не смее да го наруши интегритетот и независноста на самата уредувачка политика.

3. Употреба на видео материјали

Тимот на Види Вака во голема мера се потпира на сопствената продукција на видео материјали. Снимаме видеа и изјави на терен и во нашето студио.
Користиме веб сајтови и платформи каде плаќаме за користење на видео и аудио материјали или бараме дозвола за користење видео материјали од лицата на кои се однесуваат приказните.

Користиме и видеа кои се објавени на социјалните мрежи. Во пракса, бараме дозвола за користење на видео материјал постиран од трети лицa, но поради временското ограничување или неможност за комуницирање во ретки случаи користиме дел од истите видео материјали согласно „Политиката за фер користење“ , наведувајќи го изворот на сопственикот на видео материјалот.

Во случаи кога добиваме поплака за употреба на видео без дозвола се обидуваме да корегираме и да го наведеме изворот на тоа видео во оригиналниот пост на социјалните мрежи.

4. Соработници и фриленсери

Сите онии кои сакаат да соработуваат со тимот на Види Вака или кои сакаат да изработуваат видеа по претходен договор со главниот уредник мора да ги следат упатствата наведени во овој документ и доследно да ги почитуваат вредностите на тимот.

5. Грешки/исправки

Велат кој работи тој и греши. Ова не е обична флоскула туку факт кој секојдневно е присутен и во најголемите медиуми како „The New York Times” или “Washington post”.

Овие медиуми со стотици вработени секојдневно грешат, но и ги признаваат грешките објавувајќи ги на посебен дел „корекции на грешки“.

Тимот на Види Вака уште на почетокот ја прифати оваа пракса за јавно признавање и исправање на грешките. Бидејќи станува збор за видео материјали кои се објавуваат на социјалните медиуми, политика на тимот е истите видеа што веќе се објавени, а кои имаат грешка која не повредува нечиии права или слободи, и не ги крши законските прописи да не се бришат.

Објавата дека е направена грешка ја постираме јавно на социјалните медиуми во рамки на објавеното видео во вид на забелешка дека видеото содржи грешка. Ако со видеото некому несвесно му е нанесена штета, тогаш истото видео ќе биде отстрането и корегирано.

6. Фабрикување и манипулација нa информации

Тимот на Види Вака не ги фабрикува информациите и изјавите користени во нашите новинарски видео материјали. Не користиме актери и не поставуваме сцени, видеата не се по однапред утврдено сценарио и воопшто нема манипулирање со користените материјали.

7. Приватност

Види Вака се грижи за заштита на приватноста на граѓаните. На снимките кои ги користиме, ако се снимени ја јавно место, не ги заматуваме ликовите освен ако станува збор за тема во која се зборува за незаконско или неморално делување.

Секогаш ги заматуваме ликовите на децата ако станува збор за чувствителна тема, но не ги заматуваме ликовите на децата ако тие се дел од приказната, ако од нив имаме снимено изјава со дозвола на родител или старател.

Ги заматуваме и ликовите на оние кои спаѓаат во ранливи групи на граѓани.

Ги заматуваме и чувствителните податоци како матичен број со чие објавување би се прекршил Законот за заштита на лични податоци.

8. Конфликт на интерес

Види Вака го почитува правото на своите вработени да бидат активно вклучени во граѓански, добротворни, религиозни или социјални организации.

Сепак, Види Вака препорачува вработените да избегнуваат политички активности или било какви други активности со кои се создава конфликт на интерес во делот на работата на нашиот медиум и кои би влијаеле на вистинитоста на објавените информации.

9. Подароци

Вработените во Види Вака не смеат да примаат подароци во вид на пари или било каков друг облик во делот на работата што ја извршуваат за потребите на медиумот.

10. Пцости и навреди

Во видеата на Види Вака се избегнува објавување на пцости и навреди освен ако тие се круцијален дел од приказната и чие објавување на би навредило друга личност.

Не прикажуваме порнографски материјали или било каков облик на голотија освен ако тие се круцијален дел од приказната или со посебна одлука на уредувачкиот тим.

Снимките на кои се прикажува насилство или нешто што би можело да ја вознемири публиката вообичаено не ги објавуваме освен ако се нужен дел од приказната и тогаш со одлука на уредувачкиот тим би се објавиле заматени.

11. Религија

Види Вака ги почитува религиозните права на граѓаните во земјата, посебно поради фактот дека земјата е мултиетничко општество каде опстојуваат повеќе религии.

Сепак, во нашите видое приказни не се фаворизира одредена религија, не се напаѓа и не се дискриминира никој по религиозен или било каков друг основ.

12. Фидбек од публиката

Види Вака ја охрабрува публиката да коментира и да испраќа предлози и сугестии до нашиот тим. Сите коментари, сугестии и пораки ги разгледуваме со посебно внимание и одговараме во најкус можен рок.

Навредливите коментари, коментарите кои шират омраза по верска, етничка или било каква друга основа и коментарите кои потикнуваат насилство ги бришеме.

13. Уредувачката политика се менува и надградува

Уредувачката политика односно овој документ постојано ќе се менува и надградува согласно промените во медиумскиот бизнис и посебно делот на социјалните медиуми кој постојано доживува промени. Она што ненамерно сме го испуштиле во овој документ ќе биде наведено и дополнето, ако е во согласност со јадрото на оваа уредувачка политика, во согласност со етичките стандарди на новинарските здруженија и на законите во земјава.