Работникот во Македонија на работ на животот

Само во последните две години 52 работници го загубиле животот како последица на повреда при работа.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Тања Рибарска, Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

„34-годишен работник починал од повреди добиени при пад од скеле на градилиште во центарот на Скопје„, „Работник се здобил со тешки телесни повреди на објект во изградба во Бутел“, „Додека извршувал работни задачи во фирма на објект во Гази Баба, градежен работник се здобил со тешка телесна повреда“, „47-годишен работник се повредил додека извршувал градежни работи“, „Работник се повредил додека извршувал работни задачи за градежна фирма на автопатот Кичево – Охрид“ – ова се само дел од записите во билтените на МВР кои се случиле периодов…
Во месец мај, тројца градежни работници се здобиле со тешки телесни повреди извршувајќи градежни работи – двајца во Скопје и еден во Кичево. Додека пак веќе во првата недела од месец мај, еден работник починал при пад од скеле и еден градежен работник е тешко повреден.

Македонија нема официјални податоци ниту пак единствен регистер за повреди и жртви на работно место.
Минатата година се евидентирани 169 несреќи при работа – покажа истражувањето на Македонско здружение за заштита при работа, но како што потенцират, оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек според податоците на Институтот за Јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.
Според извештаите на Македонското здружение за заштита при работа, за 13 години имало вкупно 1882 несреќи при работа, од нив 1457 биле повреди, а фатално завршиле 420 работници.

За 13 години сме изгубиле 420 работници

Најголем дел на несреќи кои резултираат со смрт се во дејноста преработувачка индустрија, градежништво, дејноста на домаќинства како работодавачи. А само во последните две години сме изгубиле 52 работници поради несреќа на работа.

„Има податоци кои се трипати помалку од реалните што ги гледаме како повреди, жртви од медиумите во текот на една година“ – истакнува Иван Пешевски од Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.
Тој додава дека статистиката која сме ја воделе во минатото и денес не соодветствува со официјални податоци од државата. Според него многу поголеми бројките бидејќи она што се прибира како податоци од медиумите не соодветствува со податоците од Центар за јавно здравје или МВР.

„Толку е голем лавиринтот од пријавување на повреда, па дали било повреда на работно место, несреќа или ќе се заведе како друго нешто е навистина најмистериозното прашање откако имаме држава, ние немаме единствен регистар за повреди на работно место или за жртви. Тоа е најголемиот проблем што ќе излезе можеби некое здружение за безбедност и здравје при работа со едни бројки ние со други, ЦЈЗ трети, нема официјална еднаш за секогаш статистика дека оние што треба да ја водат статистиката онаму кај што се пријавува не ја водат и тоа е исто погубна политика“ – потенцира Иван Пешевски од Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.

Синдикатите постојано апелираат за почитување на Закон за безбедност и здравје при работа, бидејќи во спротивно се зголемуваат ризиците за повреда на работно место.

Пешевски посочува дека според податоците на синдикатот, само околу 20% од работодавците го почитуваат работното време, Законот за безбедност и здравје при работа, безбедна соодветна опрема за сите, исплатуваат прекувремените часови, обезбедуваат регрес за годишен одмор, но како што нагласува тој, останатата слика којашто е голем дел во сива економија која е нелојална конкуренција кон овие работодавачи и работници е катастрофална.

Во меѓувреме се подготвува закон за работна недела од 60 работни часа

Пред извесно време се склучи договор за стратешки проект за изградба на Коридорите 8 и 10 Д, со конзорциумот „Бехтел и Енка“, каде што се предвидуваат измени на Законот за работни односи кои предвивуваат во просек да се работи по 60 часа неделно со цел забрзано градење на автопатите иако Уставниот суд веќе еднаш го укина овој предлог член, во 2022 година кога оцени дека со него се повредува правото на дневен и неделен одмор на работникот.
Токму поради големиот ризик при работа на терен, уште во 2012 година, Синдикатот покренал иницијатива пред Министерството за труд и социјална политика, да се воведе бенифициран стаж за градежните работници, коешто барање не е реализирано до ден денес.

Состојбата во регионот

Работните услови на градежните работници во Македонија споредени со земјите од регионот, се далеку понеповолни.
Градежниците сè уште работат за минимална плата, а соседните земји стануваат сè попривлечни за нив.

„Анализа ако правиме во регионот можам да кажам со сигурност дека сме послаби од другите земји не само членките на ЕУ како Хрватска и Словенија и една Босна и Црна Гора и Србија нè помина и во секторот градежништво и во плати и во сè, тоа не може да го препишеме на вина на работникот, истиот тој работник кога ќе отиде во Германија како е продуктивен кога ќе добие 5000 евра плата, наспроти тука кога добива 500 евра плата, со 500 евра плата вие не можете да очекувате на градилиште некој да биде попродуктивен затоа што истите тие средства на крајот на месецот не му стигаат,“ истакна Иван Пешевски.

Уназадување на работничките права

„Ние како земја членка аспирант за таа Европска Унија требаше да пресликаме некој можеби модел каде што ќе пробаме шест, седум часа работно време или четири дена во неделата, а не да се враќаме пред три века и да мислиме дека ќе донесеме законско решение коешто ќе биде добро за нашите работници,“ заклучи Иван Пешевски од Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање.
Со изгласување на овие законски измени, Македонија се враќа векови во минатото каде работнички права биле постојано угнетувани.
Во многу земји почнува да се воведува работна недела под 40 работни часа. А во Македонија, градежниот работник е во неизвесност за 60-часовна работна недела.

Видео прилог „60 часа работни часа“
Facebook
Twitter
LinkedIn