Македонија далеку од добар трудов свет

Текстилната и чевларската индустрија се со најмногу прекршувања на работничките права во Македонија, а најчести прекршоци се однесуваат на откази без претходна најава, неисплатени плати, неисплатен к-15, неисплатени дневници за празници, неработни денови или пак прекувремена работа покажуваат пријавите кои пристигнаа до Види Вака.
Автор: Ангела Петровска, Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

„Ненајавено ни кажаа: „Oд утре сте на одмор и на 3-ти август дојдете на работа. Кога отидовме на 3-ти август на работа, директорот ни даде отказ, немало работа. Платата за претходниот месец ни беше исплатена само 2.000 денари, а остатокот не го добивме никогаш“, пријавува анонимен граѓанин на формуларот за анонимно пријавување за прекршување на работнички права на Види Вака.

Oткази без претходна најава, неисплатени плати, неисплатен К-15, неисплатени дневници за празници, неработни денови или пак прекувремена работа се дел од пријавите што стигнаа до нашата редакција, откако неодамна ја започнавме кампањата за подигнување на свеста за работничките права преку поттикнување на публиката анонимно да пријави прекршување на некое работничкo правo, „Пријави за прекршување на работнички права“ ги повикавме граѓаните да ги споделат прекршувањата на нивните работнички права и негативните искуства со работодавачите.

Од објавувањето на анонимниот прашалник досега, најмногу од пријавите се однесуваат на текстилната и чевларската индустрија.

Граѓаните со нас споделија и дека не им се исплатени ноќни смени, а некои од нив работат и во лоши хигиенски услуги. Пријави пристигнаа од различни делови на Македонија – Струмица, Битола, Тетово, Куманово, Прилеп, Скопје…

Дел од анонимните пораки што пристигнаа до редакцијата на Види Вака

И Сојузот на синдикати на Македонија потврдува дека најголемиот дел на прекршени работнички права се во делот на неисплатени плати и додатоци на плати, особено регресот за годишен одмор. За три години пријавите за прекршување на работнички права преку ССМ и Државниот инспекторат за труд се зголемиле, но најголемиот дел од пријавите се анонимни. Од 2021 до 2023 година, ССМ обезбедил бесплатна правна помош и заштита за 23.283 работници од земјава кои се обратиле преку апликацијата „ССМ мои работнички права“, а пријавите се проследени до Државниот инспекторат за труд што е показател дека граѓаните пријавуваат прекршување на нивните работнички права, но сè уште стравуваат за можните последици од нивните работодавачи.

Неисплата на плати, додатоци од плата, изготвување на анекси кон договорите и претставки коишто се однесуваат на вознемирување на работното место – ова биле најчестите претставки за прекршување на работнички права во првата половина од оваа година според извештаите на Државниот инспекторат за труд. Од нив, 1555 претставки биле по пријава од работниците, а вкупно се извршени 10.886 инспекциски надзори од Државниот инспекторат за труд за шест месеци.

Додека пак најголем број на констатирани непочитувања на законските и подзаконските прописи се констатирани во трговија на големо и мало, преработувачка, градежна дејност, дејности на здравствена и социјална заштита, рударско и вадење камен, транспорт и сообраќај – покажува извештај од Државниот инспекторат за труд за периодот јануари – јуни 2023.

Токму најголем дел на несреќи кои резултираат со смрт се во овие дејности – преработувачка индустрија, градежништво, дејноста на домаќинства како работодавачи. А само во последните две години сме изгубиле 52 работници поради несреќа на работа.

Работнички права на хартија, но не и во пракса

Работничките права во Македонија фигурираат во законските регулативи, но реалноста е дека речиси и да не постои индустрија во која не се прекршуваат работничките права, односно истите да се спроведуваат и почитуваат.

Работничките во Македонија без разлика дали доаѓаат од урбани или рурални средини се соочуваат со исти предизвици.

Земјоделките плаќаат здравствено и социјално осигурување, но не можат да пристапат до правото на платен надоместок за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање, мајчинство, болест и повреда. Иако годинава беше утврдена системска дискриминација врз жените земјоделки поради неможноста да остварат право на платено породилно отсуство и боледување, предлог-законот за платено породилно отсуство за жени земјоделки заглави во лавиринтите на Собранието.

И во приватниот сектор има случаи на прекршени работнички права кај бремените жени. Многу жени живеат во страв од отказ доколку останат бремени. Годинава неколку жени објавија сведоштва за добиен отказ за време на породилно отсуство при што им била прекината исплатата од Фондот за здравствено осигурување. Филимена не е прва жена во Македонија на која ѝ се случило ова, но Фондот за здравство нема точна бројка на вакви случаи во Македонија.

Изумираат дел од индустриите

Но освен тоа што во секоја индустрија има некакво прекршување на работнички права, дел од индустриите се соочуваат со недостиг на кадар, а со тоа и изумираат. Нема интерес кај заедницата да вложува во нив, па паралелно тие се неатрактивни за помладиот кадар кој ќе треба да ги наследи работните професии, занаети, индустриски гранки.

Една од тие професии е оџачарството, па така во Скопје има само 26 сертифицирани оџачари, а покрај тоа нема ниту Закон за оџаци, оџачари и оџачарство како што е пример во Европските држави.

Уназадување на работничките права

Во Македонија се уназади градежниот работик со тоа што се воведе 60 часовна работна недела, додека во многу земји почнува да се воведува работна недела под 40 работни часа.

Иван Пешевски од Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање посочува дека според податоците на синдикатот, само околу 20% од работодавците го почитуваат работното време, Законот за безбедност и здравје при работа, безбедна соодветна опрема за сите, исплатуваат прекувремените часови, обезбедуваат регрес за годишен одмор, но како што нагласува тој, останатата слика којашто е голем дел во сива економија која е нелојална конкуренција кон овие работодавачи и работници е катастрофална.

Со цел да се испрати порака за прекршување на работничките права во текстилната индустрија, но и да се прекине нишката за прекувремена работа, пари во плик и неисплатена плата на работничките и работниците, Види Вака изработи омнибус филм „Вера, Сања и Ева“. Филмот е составен од три посебни приказни поврзани со заедничка тема – кршење на работничките права прикажани преку бруталната реалност со која се соочуваат текстилните работнички.

Facebook
Twitter
LinkedIn