ЛГБТИК+ заедницата во потрага по слобода и права

Македонија прави исчекор во унапредување на правата на ЛГБТИ+ заедницата, но сè уште е далеку зад европските земји.
Автор: Види Вака
Продукција: Види Вака

Македонија се наоѓа на 31 место во Европа во однос на почитување на правата на ЛГБТИК+ заедницата, што ја прави под европскиот просек. Во однос на соседните земји Македонија е на претпоследно место, а само Бугарија е зад нас.

Македонското општество е сè уште несензитивно и се однесува дискриминаторски кон ЛГБТИК+ заедницата. Ова не само што го потврдуваат многу македонски, но и странски истражувања, самиот однос кон заедницата се пресликува и на социјалните мрежи каде говорот на омраза и повиците за насилство и смрт земаат замав.

Безмалку 60% од луѓето во Македонија не се согласуваат со тврдењето дека геј мажите и лезбејките треба да имаат слобода да го живеат својот живот како што сакаат, а нешто над 61% се согласуваат дека би се чувствувале засрамени доколку близок член на семејството е геј маж или лезбејка. Противењето на идејата за еднакви права на посвојување меѓу хомосексуалните и хетеросексуалните двојки е уште поизразено – нешто над 84% од населението не се согласуваат со таквата идеја (а впечатливо е и дека дури 62% воопшто не се согласуваат – највисоко ниво на противање на скалата), покажува истражувањето на Коалиција Маргини „Отворено скриени опресии: ставови, вредности и пракитики на граѓанките и граѓаните за политичкото учество и хомосексуалноста“.

Во ова истражување исто така се вели дека хомобофичните ставови во Македонија се поврзани со конкретни општествени вредности.

„Хомофобијата расте со возраста, почеста е меѓу мажите отколку кај жените, кај руралниот сегмент на населението во споредба со урбаниот, меѓу нискообразованите, кај вработените повеќе отколку кај оние кои не се присутни на пазарот на труд, кај Албанците повеќе отколку кај Македонците и меѓу граѓаните кои припаѓаат на конкретни религиозни групи во споредба со оние кои не припаѓаат на такви групи“, стои во извештајот на Коалиција Маргини.

Нема голем прогрес во правата на ЛГБТИК+ заедницата

Петта година по ред се одржува парада на гордоста, а и натаму во јавноста, но и на социјалните мрежи се поставуват прашањето зошто да се парадира? Но токму одговорот на ова прашање лежи во фактот дека оваа заедница, активистите, организаторите на парадата и оние кои ја поддржуваат парадата сè уште апелираат за претпазливост со мерки за заштита пред и по самиот настан за парадата на гордоста. Ова укажува дека заедницата сè уште се соочува со вербални и физички напади кои најчесто водат до несакани последици.

Но потребата за Парада на гордоста со себе носи низа повици на кои треба да одговорат институциите, со цел подобрување на животот на овие лица.

„Единственото она што го имаме како напредок е носењето на Законот за заштита од дискриминација, каде што експлицитно се внесени сексуалната определба и родовиот идентитет. За жал, сведоци сме на неносењето на Законот за правно признавање на родот којшто имаше три обиди да се внесе во собраниска процедура, но за жал трите обиди беа повлечени“, вели активистката Лила Милиќ од здружението „ТрансФорма“.

Милиќ вели дека поддршка за оваа заедница даваат само поединци од политичките партии и Интерпарламентарната група која има 14 членови пратеници.

Донесена првата пресуда за говор на омраза кон ЛГБТИ лице

Kазна затвор од една година за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација доби лице од Македонија. Ова е првата пресуда за говор на омраза кон лгбт лице, а кривичната пријава поднесена од Квир Центар е за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Основниот суд Неготино донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.

Активистите ја поздравуваат ваквата одлука за санкционирање на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, но, велат дека не е доволно бидејќи говорот на омраза е секојдневие во Македонија.

Уште многу работа за подигнување на свеста за правата на ЛГБТИ+ лицата и рушење на стигмата кон нив

Во последната декада се подигна свеста за правата на ЛГБТИК+ лицата и рушење на стигмата кон нив, но и натаму нема голем прогрес.

Психолозите и психотерапевтите ги отворија своите канцеларии за поддршка, невладиниот сектор и натаму работи се бори за унапредување на правата на заедницата, а со тоа самите ЛГБТИ лица и нивните блиски се охрабрија да зборуваат јавно со цел подигнување на свеста.

Европските држави далечен пример за Македонија

Дел од европските држави пред повеќе од дваесет години ги имаат унапредено правата на ЛГБТИ заедницата. Холандија често се наведува како една од најпрогресивните земји во однос на правата на ЛГБТИК+ заедницата. Таа беше првата земја во светот што ги легализираше истополовите бракови во 2001 година и има силна законска заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

Шведска пак е позната по своите инклузивни политики и силната законска заштита за ЛГБТИ заедницата. Истополовите бракови се легални од 2009 година, а земјата има обемни закони против дискриминација кои ја покриваат сексуалната ориентација и родов идентитет.

Шпанија ги легализираше истополовите бракови во 2005 година и има сеопфатни закони за заштита на правата на ЛГБТИ. Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет е забранета.

Норвешка беше во првите редови на правата на ЛГБТИ, со истополовите бракови легализирани во 2009 година. Земјата има силна законска заштита од дискриминација и промовира инклузивност во различни аспекти на општеството.

Истополовите бракови во Португалија се легализирани уште од 2010 година и оттогаш ја прошири заштитата за ЛГБТИ поединците. Земјата има закони за антидискриминација кои ја покриваат сексуалната ориентација и родовиот идентитет, заедно со политиките насочени кон промовирање на еднаквоста.

Канада направи значителен напредок во правата на ЛГБТИ заедницата со истополовите бракови легализирани на национално ниво во 2005 година. Земјата има цврсти закони против дискриминација кои ги штитат ЛГБТИ поединците во различни аспекти на животот, вклучително вработување и домување.

Овие земји често се препознаваат по нивните прогресивни политики, правна заштита и општествено прифаќање на ЛГБТИ поединците.

Македонија прави исчекор, но сè уште е далеку зад овие земји. Потребно е и понатаму да се подобруваат нивните права и општеството да стане посензитивно и да се однесува без дискриминација кон ЛГБТИК+ заедницата.

Facebook
Twitter
LinkedIn