Институциите не препознаваат говор на омраза кај трансродовите лица

Македонија ја доби првата казна затвор од една година за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација. Трансродовите лица во земјава ја добија првата, но мала битка во борбата против говор на омраза и насилството кон оваа заедница.
Автор: Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Македонија ја доби првата казна затвор од една година за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација. Трансродовите лица во земјава ја добија првата, но мала битка во борбата против говор на омраза и насилството кон оваа заедница. Кривичната пријава поднесена од Квир Центар е за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, а Основниот суд Неготино донесе пресуда дека обвинетиот е виновен за делото за кое се товари.

„Обвинетиот, во јули минатата година, на социјалната мрежа Фејсбук под споделена медиумска содржина има напишано два коментари со вознемирувачки говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата, во кои се повикува на насилство кон оваа маргинализирана група. Со тоа обвинетиот сторил кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од чл. 394-г ст. 1 од Кривичниот законик, па судот му изрече алтернативна мерка – условна осуда, казна затвор во траење од една година. Утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетиот во рок од една година по правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело,“ се вели во соопштението на Квир Центар.

Активистите ја поздравуваат ваквата одлука за санкционирање на говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, но, велат дека не е доволно бидејќи говорот на омраза е секојдневие во Македонија.

Давид Тасевски

„Ова е прва пресуда од ваков тип и секако дека сме задоволни од тоа што конечно институциите го практикуваат законот кој го имаме на хартија. Ако зборуваме за тоа дали е доволна оваа пресуда, тогаш би одговорил дека не е доволна и дека не сме задоволни. Бидејќи говорот на омраза стана секојдневие кај нас, не само на основ на сексуална ориентација, туку генерално. Ја поздравувам одлуката на судот и се надевам дека ќе гледаме што повеќе пресуди дури и за политичари, кои во одредени изборни кампањи шират омраза, нетрпеливост и користат дискриминаторски речник со цел да добијат политички поени,“ истакна извршниот директор на Квир Центар, Давид Тасевски.

Од Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „Трансформа“ се надеваат дека казнивоста за говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата ќе прерасне во пракса.

Сметаме дека редно време беше државата да преземе некаков чекор во поглед на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, бидејќи во годините наназад сè почесто е ширењето на говор на омраза од страна на контраверзни антиродови движења на што државата, а и институциите некако остануваат ненадлежни на пријавите кои сме ги поднеле до сега. Со оваа пресуда се започнува едно ново поглавје и се надеваме дека на институциите ова ќе им прерасне во пракса,“ вели Лила Милиќ од „Трансформа“ за Види Вака.

Како едни од опциите за поголема заштита кон ЛГБТИ+ заедницата, активистите сметаат дека треба да се почитуваат законите и конечно да проработи Секторот за компјутерски криминал и за ЛГБТИ+ заедницата.

Сме имале случај каде трансродова жена има отидено да пријави говор на омраза на социјални мрежи, но од Секторот не е препознаен говорот и ѝ е кажано на девојката дека тоа се случува на скоро секоја 3-4 девојка во земјата,“ посочија од „Трансформа“.

И покрај оваа пресуда активистите не се многу оптимисти дека говорот на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата ќе се намали.

„Сметаме дека ќе биде во истиот континуитет како што е и досега. Како што спомнавме погоре во последните години особено трансродовите жени се на напад и ширење на говор на омраза од страна на анти родови движења. Нашата координаторка досега има пријавувано говор на омраза до ОЈО и до полиција но тие веднаш ги отфрлаат жалбите со изговор дека не е констатиран говор на омраза со што сметаме дека треба да се сензибилизираат, но и казнуваат институциите и одговорните лица кога не би постапиле по пријава. Само така сметаме дека конечно ќе се врати довербата кон заедницата, но и довербата кон институциите,“ вели Лила Милиќ од „Трансформа“.

Според Давид Тасевски институциите се тие кои треба да направат напори за говорот на омраза да не се толерира.

Не би имал такви очекувања, меѓутоа, доколку институциите продолжат да праќаат порака дека говорот на омраза нема да се толерира, тоа сигурно ќе донесе позитивни промени. Институциите мора да се свесни за поврзаноста помеѓу говорот на омраза и делата од омраза и нивната задача во овој случај кога реагираат на говорот на омраза е со цел да спречат дела од омраза. Тоа ќе создаде безбедна средина, но и помалку работа за нив во иднина,“ вели Тасевски.

Сепак, од мониторингот и пријавувањето на организациите се констатира дека состојбата со говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата е многу лоша, најчесто забележан во коментари на објава на социјалните мрежи.

„Ваквата слика зборува дека ова прашање е важно и мораме да работиме на него. И ова важи особено за институциите, кои кога забележуваат дека одредена ситуација излегува од контрола, мораат да ги употребат алатките кои ги имаат во нивните раце за да спречат ескалирање и насилство. А, нивната алатка се законите кои се во функција на заштита на секој граѓанин,“ истакна Тасевски од Квир Центар.

Трансродовите лица во Македонија секојдневно живеат во страв, изложени се на константен говор на омраза и дискриминација на социјалните мрежи, а живеат и со страв од насилство. Но, сепак одбиваат да бидат замолчени и по петти пат маршираа храбро на улиците во Скопје за видливост и солидарност за трансродовите лица.

Испратија пораки за запирање на насилството и дискриминацијата со која се соочуваат овие лица. Велат, поддршката од семејства и најблиските е најважна за трансродовите лица.

Стравот кај нас е голем, мојот страв е дали ќе ми се врати живо детето дома ако излезе само? Гледаме секогаш да ја пренесуваме со автомобил, да не одиме по автобуси, што помалку, во училиште е добро прифатена, средината е таква, можам да се пофалам од училиштето и тоа е многу значајно и за менталното здравје нејзино, бидејќи досега не била изложена на булинг. Заштитена е во училиште, ние нормално ја штитиме колку можеме, меѓутоа тоа е тоа, децата мора да излезат и надвор,“ ова ни го раскажа мајка на трансродово лице.

Според неа, овие маршови за видливост се важни бидејќи ја хуманизираат заедницата.

„Како прво факт е дека и покрај промената колку и да им делува шокантна, ако мислат дека не ги забележувале работите кои сигурна сум и гарантирам дека ако размислат за детството и што се случувало, ќе се сетат на знаците, тоа е истото дете кое кога се родило, кога го земале во раце и им се стопиле срцата, потполно истото дете. Се радувале на тоа дете, тоа е истото дете ништо не се променило значајно. Истите желби ги има, истите потреби ги има, подеднакво си ги сака родителите и моја порака е додатно, да се отворат малку повеќе кон дечињата, затоа што се плашат тие дечиња дека ќе бидат отфрлени од родителите, а верувам за децата е пострашно, така што, љубовта да ја пуштат, да ги гледаат низ љубовта која ја имале уште пред да се роди детето,“ додава мајката на трансродовото лице од Македонија.

Пред пет години, лицето Икс, трансродов маж од Македонија, доби тужба против државата во Стразбур, по 11-годишна правна битна пред домашните институции и успеа да го смени родот од женско во машко и има нов матичен број – од ознаката „ж“ во „м“ и со нов матичен број како машко лице.

Приказната на Види Вака, „Неуморна борба за признаен личен идентитет“ го раскажува животниот пат на трансродовите лица коишто имаат неусогласени назнаки во личните документи. Нивните документи честопати ги доведуваат овие лица во непосакувани ситуации во секојдневието. Тие се ставени во положба на постојано исчекување на одлука на законодавецот за измени во Законот за матична евиденција.

Борбата за поголема правна заштита и признавање на своите основни права за трансродовите продолжува да биде секојдневие. Во иднина се надеваат на законска регулатива која ќе ги заштити од дискриминација и насилство. Сепак, најважното е да можат да живеат во слобода и без страв од осуди и изолација. Во идеалниот случај, иднината за трансродовите лица во Македонија треба нивните права и достоинство да бидат целосно заштитени и признати.

Facebook
Twitter
LinkedIn