Десет години од поплавите во Стајковци – за штети од 50 000 евра граѓани добиле обесштетување од 5 000 евра

10 години по кобната поплава во Стајковци жителите велат дека не биле соодветно обесштетени за штетите кои ги претрпеле. Општина Гази Баба нема информации за обемот на штетите во својата општина, ниту колку луѓе биле обесштетени. Во други општини во Македонија пак, ветената помош не ни пристигнала, така Општина Делчево не ги обесштетила своите граѓани за поплавата во 2023 бидејќи немала средства за ангажирање на проценители. По секоја поплава државата ветува помош, но колку брзо таа стигнува до граѓаните, дали е доволна и што се прави за следната силна бура да не донесе исти последици?
Автор: Љубица Анѓелкоска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Што се случува со граѓаните откако ќе се повлече водата?

По секоја поплава зад бројките стојат семејства кои со години се обидуваат да ја надоместат штетата.
Невремето е вест еден ден. Последиците траат со месеци или години.
По секоја поплава државата ветува помош. Но колку брзо таа стигнува до граѓаните, дали е доволна и што се прави за следната силна бура да не донесе исти последици? Како и дали функционира системот за обесштетување, превенција и закрепнување по поплавите во Македонија?

СТАЈКОВЦИ 2016 година

За штета од околу 50 000 евра, Ивана и нејзиното семејство од државата биле обесштетени со 5000 евра, недоволно за да ја оспособат куќата за живеење по големите штети од поплавата во 2016 година.

Жителка пак од село Црешево, за штета од 10 000 евра предизвикана од тогашната поплава, зела 500 евра помош од Црвен крст и 3 000 евра отштета од државата. Надоместокот од државата доцнел многу, а дел од шетите од поплавата успеале да ги санираат после десет години.

Јас живеам во с.Црешево, тоа е над с.Стајковци и тоа беше второ на удар од бујицата која надојде од планината, веднаш по с.Виниче. Нашата куќа е последна на улицата и веднаш зад нас е планината, па така, првиот удар од водата го добивме ние. Поплавен беше целиот двор и приземјето на куќата кое што тукушто го средивме. Финансиски, штетата беше сигурно над 10 000 евра.
Во тој период државата се организираше и доаѓаше комисија на терен, од куќа на куќа да направи проценка на штетата. Дали беше направена коректна проценка – па би рекла не, бидејќи отштетата не ги покри трошоците кои следеа за санирање. Искрено, институциите за проценката реагираа во првите денови, но исплатата на штетата доцнеше многу.

Од Црвениот крст, зедовме помош околу 500 евра, а од државата ако добро помнам, некаде околу 3000 евра. Реално, оштетата не ги покри трошоцитераскажува жителката од с.Црешево за кобната поплава која го зафати скопскиот регион пред десет години и однесе 22 жртви, а предизвика големи материјални штети.

Според кажувањата на двете жителки, парите за обесштетување кои биле далеку помалку од штетите кои ги претрпеле во нивните домови, не стигнале доволно навремено за да ги санираат штетите, а некои од нив веќе ги имале санирано штетите во домовите со сопствени пари, поради опасноста од ширење зарази, немањето струја и проверена вода за пиење.

И во двата случаи, жителките не поднеле жалба за отштетата сметајќи дека тоа нема ништо да промени во однос на проценетата штета.

Не паметам кога точно ги добивме парите, знам само дека ние веќе горе доле се имавме средено кога стигнаа парите. Што се однесува до жалба, дали мислите дека ако се жалевме, тоа нешто ќе сменеше? Во тие моменти ни беше најважно да исчистиме, ни се закануваа зарази. Бевме без струја и без проверена вода за пиење – се сеќава Ивана, додека други жители велат дека во тој период не ни размислувале за жалба бидејќи секоја финансиска помош им значела.

Материјалната штета беше огромна, според некои информации во медиумите од тој период, од околу 1050 куќи во Стајковци, 750 биле поплавени. Покрај тоа голем број моторни возила, земјоделски површини исто така беа оштетени.

За штети од секторот земјоделие некои граѓани четири години чекаа решение за да ги добијат исплатите, додека од друга страна сѐ уште има граѓани кои не добиле исплата за оштетените моторни возила, и по десет години.

Но, маѓичен круг е обидот да се добие информација за обемот на штети од поплавите во Стајковци, колку штети биле пријавени, колку проценети, а колку обесштетени.

Надлежни за проценка на штетите од поплавите се општинските комисии за проценка на штети. Согласно нивните законски надлежности, Ве упатуваме бараните информации да ги побарате директно од соодветните општински комисии – велат од Центар за управување со кризи на чијшто број за итни повици 112 граѓаните можат да пријават поплави, пожари, природни непогоди и други кризни ситуации.

Гази Баба нема информации за обемот на штетите во својата општина, ниту колку луѓе биле обесштетени

Од Општина Гази Баба за Види Вака велат дека не располагаат со информации во врска со обем на штети, проценети штети и исплатени обесштетувања на граѓаните поради обемот на настаната штета во тој период.

Тогаш Владата донесе Одлука за постоење на кризна состојба, со што сите ингеренции на формираната општинска комисија за процена на штети преминаа во надлежност на Бирото за судски вешташења – сегашно Биро за процена.
Сите барања кои во тој период беа доставувани до општината веднаш беа препраќани до БСВ. Тие со тимови од овластени проценители од цела држава, излегоа на терен и постапуваа по секое барања. За сите податоци во врска со број на примени барања, вкупно проценета штета и надоместок на штета (во определен процент од вкупниот поединечен износ) тие водат службена евиденција и сигурно ќе ве удостојат со соодветен одговор“– велат во електронски допис до Види Вака од Општината Гази Баба.

Сепак од Бирото за проценка ни соопштија дека проценители од таму, заедно со други проценители, од други општини биле ангажирани како надворешни соработници да утврдуваат причинети штети, а извештаите од проценките биле предадени на Владата како нарачател на услугата, со тоа и тие не располагаат со вкупниот број на штети, проценети штети и исплати за истите.

Бирото за процена (тогашно Биро за судски вештачења) во 2016 година кога настанала поплавата ви Сингилиќ, Стајковци и други опфатени места, по барање на Влада на Р.М. , беше ангажирано со своите вработени проценители и други надворешни соработници да ја утврдат поединечната вредност на настанатите штети во тие населени и земјоделски места.
Освен Бирото за процена, ангажирани беа и други проценители од сите општини во државава и Осигурителните компании.
Проценките односно извештаите за настаната штета поединечно за секоја недвижност, земјоделска штета или за транспортните средства беа предадени на Владата на Р.Македонија како нарачател на процената.
Поединечните усмени барања од некои од оштетените кои се обратиле до нас како институција, ние ги препративме до Влада на Р.М. бидејќи ние одговараме само на нарачателот на процената.
Други писмени барања од оштетените немаме и не можеме да имаме бидејќи ние вршиме само услуга -Процена“ – велат од Биро за процена, за Види Вака.

И од Министерство за финансии посочија дека одговорите во врска со обем на штети, проценка, обесштетување треба да се бараат од Влада на Македонија.


Од Владата на Македонија пак, и по еден месец не одговорија на прашањата во врска со штетите и обесштетување како последица на поплавите.

Десет години подоцна, во јавноста нема точна бројка во однос на претрпените штети од поплавите во Стајковци и дали сите домаќинства беа обесштетени.
Институциите си ја префрлаат топката, а до конечен одговор речиси и не се доаѓа.

Ситуацијата на терен пак покажува дека градот не учи од грешките. Жителите велат дека атмосферската канализација и каналите со обрасната вегетација и ѓубришта повторно не се чистат навремено. Непланска сеча на шума, неодржување и човечки фактор се меѓу главните фактори што ги посочуваат како причина за поплавување при секој пообилен дожд.

Десет години подоцна, народот си ја прави најголемата штета. Водата која надојде од планината и носеше сѐ пред себе, немаше да надојде доколку шумите не се сечеа неплански. Каналите се полнат со ѓубре, а нашата улица се претвора во река после секој поголем дожд жителката на с.Црешево.

Екстремно обилниот дожд кој падна за многу кратко време во Скопје, 2016 година, најмногу на потегот Стајковци, почнувајќи од планината, подножјето, површински носеше сѐ пред себе вклучувајќи и тврди предмети како и возила, ја оштети обиколница и поплавувајќи го целиот тој потег го наполни и канализациониот систем со вода и кал кој го носеше попатно.


За одржување на канализацискиот систем во Скопје задолжено е ЈП Водовод и Канализација.

Оттаму ни доставија со какви ресурси располагаат и колкава канализациона линија одржуваат редовно и велат дека нема посебно одреден буџет за одржување на канализациониот систем, затоа што тоа се врши тековно преку целата година.

ЈП Водовод и Канализација секојдневно одржува канализациона линија во должина од 1100 км. околу 50 000 шахти и 20 000 сливници со одредена динамика која е опфатена со тромесечен план на претпријатието – велат од ЈП Водовод и Канализација.

Во поплавите во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци, Црешево и Арачиново починаа 22 лица, меѓу кои и двегодишно и 12-годишно дете. Следниот ден уште три лица починале од срцев удар поради стресот од загубите што ги претрпеле.


Тој шести август, пред 10 години во текот на 24 часа наврнале 93 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето удриле над 800 молњи и громови.

Емилија Цветковска од Куманово тој датум ќе го памети до крајот на својот живот. Мракот, ладната вода, градот, месечината и мртвите животни како пловат се дел од траумите кои ги носи со себе изминативе десет години.
Таа три часа се борела за својот живот на денот на катастрофалните поплави во селото Стајковци, а и денес ја вознемирува звукот на дожд.

Видеото е оригинално објавено 06.08.2024 година

ДЕЛЧЕВО 2023 година

Седум години после Стајковци, инфраструктурата и канализацијата во Делчево не го поминаа тестот на поројните дождови. Овие поплави не земаа човечки жртви, но Делчевчани беа оставени сами деноноќно да се справуваат со штетите.

Општина Делчево не ги обесштетила своите граѓани оти немала средства за ангажирање на проценители

Поради недостиг на средства, Општината Делчево не ангажирала проценители за проценка на штетите, а со тоа и не се изработиле елаборати со што постапката за обештетување на граѓаните била запрена.

Три години после поплавата која го зафати Делчево, ниту едно семејство не е обесштетено, а неофицијално според Зоран Биковски од Делчево, биле поднесени повеќе од 400 пријави за штети.

Штетите беа огромни. Најмногу беа погодени семејствата чии домови на се заштитени со огради или потпорни зидови и каде имаше излевање на канализациските мрежи. Од непосреден увид некаде штетите како кај моја колешка беше и до 5 000 евра, уништен намештај, под, храна, инвентар, бидејќи водата од улицата буквално јурнала кон нејзиниот дом – раскажува Зоран од Делчево.

Невремето што го зафати Делчево на 8 јуни 2023 година, беше проследено со интензивни врнежи од дожд и силен ветер, при што за помалку од еден час наврнаа 65 литри дожд на метар квадратен, предизвика големи штети на инфраструктурата – улици, одводни канали, како и потпорни ѕидови, мостови и друга инфраструктура, но и земјоделски површини. Исто така, беа поплавени домови и институции и предизвикани штети на подрумски простории, оштетена покуќнина, апарати, возила и друга опрема.

Неколку дена по поплавите, на 12 јуни 2023 година, Општината објави Јавен повик за пријавување штети од невремето и беа формирани три комисии кои вршеа увид по поднесените пријави.

Но, граѓаните морале сами да испраќаат фотографии за претрпените штети бидејќи Општината немала пари да ангажира проценители, а денес, три години подоцна таа не располага со информации за вкупната проценета штета.

До Општината беа поднесени 160 пријави од граѓани за штети од невремето и по предметите се направени записници со фотографии, но проценката, согласно со Методологијата за процена на штети од природни непогоди и други несреќи („Службен  весник на Република Северна Македонија“ бр.181/2021),. ја вршат овластени проценители кои ги прават елаборатите за градежните објекти, за оштетените патнички моторни возила, земјоделски површини и сл.
Но, поради недостиг на средства, Општината не ангажираше проценители за проценка на штетите, а со тоа и не се изработија елаборати со што постапката за обештетување на граѓаните беше запрена и од тој аспект не располагаме со податоци за вкупната проценета штета по домаќинствата
– велат од Општина Делчево за Види Вака.

Според Биковски, за презадолжена Општина како Делчево, речиси е невозможна мисија да ангажираат стручни лица за проценување на штета од поплавите.

Официјалната проценка ја правеа тимови формирани од Локалната Самоуправа врз основа на пријави на жителите кои требаше да донесат и фотографии од штетата. Се разбира дека проценка на штета треба да направат стручни лица, проценители, што за општина како што е Делчево, презадолжена е невозможна мисија и е прескапо – вели Биковски.

На Владата ѝ требаа скоро две недели за да прогласи кризна состојба на подрачјето на општините Делчево и Крива Паланка заради поплавите и справување со поплавите и последиците од нив. А Општина Делчево отвори донаторска сметка за собирање средства во хуманитарни цели, како помош за штетите од полавите, па граѓаните беа оставени на хуманост на други граѓани за да си ги санираат штетите.

Граѓаните на Делчево велат дека не е извлечена голема лекција од поплавата која го зафати градот. Неисчистени канали со години, затрупани канализации и ненавремено одржување се меѓу главните фактори кои граѓани ги посочуваат.

Состојбата беше хаотична. Улици преполни со вода, отсечен и пропаднат асфалт на една улица, нервозни граѓани и поставени пумпи за вадење на водата од домовите. Противпожарни служби од Делчево и соседни општини во помош на граѓаните да ја испумпуваат водата. Изваден мебел од домовите да не скапува внатре, и полни контејнери со стварии кои граѓаните ги фрлаат. Луѓе излегуваа на терен со цел да помогнат на секој на кој му е потребна помош, за жал ова презадоцнето од причина што каналлите на беа исчистени со години, не се чистени ни канализациите, нема инспекциски надзор дали цевките за фекална канализација и за дождовницата одат на исто место, решетките на канализациите беа затрупани, а дојде до израз дека се ставани и цевки со помал фи од стандардите. За жал не е извлечено голема поука од истото – раскажува Биковски дополнувајќи дека ако не биле неисчистените одводни канали, запушени решетки на канализација, несоодветни канализациони цевки и непоставени потпортни зидови последици од природната катастрофа ќе имаше, но немаше да биде толкава штетата.

Во однос на инфраструктурата, санација и реконструкција на неколку улици во Делчево се правело со поддршка на Владата и со ангажирање на државните јавни претпријатија, Макеоднија пат, и ЈПДП. Локалните канали и пропусти се чистеле со поддршка на АРМ, а останатите штети ги санирале од ЈКПД „Брегалница“ Делчево. А, периодов на дебата со локалната самоуправа и градоначалникот, делчевчани барале да се дозволи кај едно семејство да си стави потпорен ѕид пред тротоарот за да не му се случи поплава повторно, а за во месноста ,,Пустевски Ендек“ да се прошири патот за да може да доаѓа противпожарно возило.

Видеото е оригинално објавено 13.06.2023 година

КИЧЕВО 2026

Големи поплави во Кичево во јануари и февруари 2026 година беа предизвикани од обилни врнежи од дожд и излевање на Зајашка и Сушичка река, поплавите причинија големи материјални штети и евакуирани беа над 270 лица, дел од нив беа сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Над 63 милиони штета од поплавите во Кичево – средствата на граѓаните сѐ уште не се исплатени

Од Општина Кичево за Види Вака велат дека 548 барања за надомест на штета биле поднесени од граѓаните во врска со поплавите во јануари и февруари годинава, а вкупната проценета штета изнесува 63 114 714 денари.

Извештајот за проценетите штети е доставен до Владата на Република Северна Македонија на разгледување и понатамошно постапување, а средствата за надомест на штети сѐ уште не се исплатени.

Според информации во медиумите повеќе една деценија не била спроведена акција за чистење на речните корита во кои водата се подигнала и до три метри, додека во врска со канализациската мрежа, од Општината велат дека редовно се одржува, а за нејзиното одржување е надлежно Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ – Кичево.

КИСЕЛА ВОДА 2026

Големото невреме што го зафати Скопје на први јули целосно ги поплави магацинските простории на издавачката куќа „Антолог“. Уништени се десетици илјади книги, оштетен е речиси целиот инвентар, а материјалната штета се проценува на неколку стотици илјади евра.
Од „Антолог“ велат дека загубиле 27 години труд и дека за катастрофата, покрај обилните врнежи, придонела и нефункционалната канализациска инфраструктура.

Видеото е оригинално обајвено на 02.07.2026 година

Меѓу најпогодените од невремето беше општина Кисела Вода.
Од Општина Кисела Вода велат дека имаат постојана и редовна комуникација околу активностите кои се преземаат на терен со службите на ЈП „Водовод и канализација“ кои имаат надлежност за одржувањето на канализациската мрежа.
Оттаму, фрлањето отпад во шахтите го посочија како голем проблем кој го отежнува протокот на атмосферските води.

Сепак, треба да се има предвид дека невремето од 1 јули претставуваше елементарна непогода со исклучително висок интензитет, што го надмина капацитетот на системот, а дополнителен проблем при вакви ситуации е и фрлањето отпад во шахтите од страна на несовесни лица, што значително го отежнува протокот на атмосферските води – ни изјавија од Општина Кисела Вода.

По невремето Општина Кисела Вода спроведен јавен повик за доделување на еднократна парична помош за засегнатите. Оттаму велат дека во моментов интензивно се работи на прибирање на барањата од граѓаните, а постапката е сè уште во тек, по што, по приемот на сите барања, посебно формирана Комисија ќе ја разгледува секоја пријава поединечно, по што ќе се одлучува за висината на еднократната парична помош.

Бидејќи процесот на прибирање и евидентирање на штетите е во тек, во овој момент Општината вели дека не можат да излезат со финални бројки ниту за бројот на пријави, ниту за бројот на лица, висината на штетата или исплатените средства.

РЕШЕНИЈА БАЗИРАНИ НА ПРИРОДАТА

Додека во светот се градат градови резистентни на поплави, Македонија сѐ уште е на микро скалата на решенија базирани на природата.

Секој пообилен дожд ги поплавува македонските улици, домови, земјоделски поседи. Неконтролирана урбанизација, запуштена инфраструктура, климатски промени и институционална неподготвеност се горливиот проблем кога се во прашање поплавите како природни катастрофи. Во светот сè поголемо внимание за заштита од поплави добиваат решенија базирани на природата, но во Македонија овие практики сѐ уште се на почетно ниво.

Последните 20-30 години се забележува зачестено појавување на проблеми врзани со водите, со поплавите, така да можеме да кажеме бројот на поплавувања, на проблеми врзани со поплави се позачестени, а интензитетот во зависност од сливното подрачје може да кажеме дека е и поголем, меѓутоа во минатото бележиме на поголемите реки поинтензивни поплави, поголеми поплави, поплави кои носеле големи количини на вода, тоа можам да ги кажам од 1962 поплавата од 1972 и 1979, кои реално биле многу поголеми од поплавите кои ни се случуваат сега во последно време. Меѓутоа, овие поплави кои се јавија последните 20 години, можеме да кажеме дека беа покатастрофални во делот на помалите сливни подрачја поради фактот што предизвикаа големи штети локални, меѓутоа и голем број на човечки жртви, кои можеме да кажеме дека македонскиот народ е многу погоден со овој вид на поплави Васко Стојов – раководител на сектор за хидрологија при УХМР.

Видеото е оригинално објавено на 02.02.2026 година

Градежната експанзија на градби и дивоградби во близина на речните корита, нелегалната сеча на дрвја, ненавременото чистење на атмосферската канализација, ниската свест за фрлање отпад во каналите и речните корита е крајно време како појави да се искоренат со цел спречување или намалување на штетите од природните појави како поплави.

Превенцијата игра најголема улога кога се вакви појави во прашање. Неопходно е селата, општините, градовите, институциите да учат од грешките во минатото, да ги заштитат но и да им помогнат на своите граѓани во случаи на штети од непогоди, а поплавите кои земаат жртви како онаа во Стајковци на денешен ден, пред десет години, за жал да бидат лекции кои ќе останат во минатото.

Човекот треба да научи да живее со природните појави, Македонија е земја на која ѝ треба вода, има територии кои често знаат да бидат погодени од суши и да донесат проблеми поради недостаток на вода и затоа треба да најдеме начин како да живееме со поплавите и да ги задржиме водите за да може да се користат во ситуација кога немаме вода.

Facebook
Twitter
LinkedIn