126 починати пешаци во сообраќајки со мотори по македонските патишта за четири години

3213 пешаци биле повредени, а 126 починале за четири години во 1465 сообраќајки со мотори на македонските патишта, а во 50 случаи возачите на мотоцикли завршиле со последица смрт.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Во 365 дена во годината се случуваат 366 сообраќајки со мотори во Македонија односно како секој ден во годината по една сообраќајна несреќа со мотор да се случува по македонските патишта ако се пресмета просек од 2021-2024 година за бројот на несреќи со мотор.

Во Македонија, безбедноста не е загарантирана ни кога одиш да фрлиш ѓубре пред зграда, ни кога пешачиш или преминуваш улица на семафор на зелено светло. Патиштата, улиците, булеварите станаа места каде судбината ја одредуваат брзината на моторите и автoмобилите, а не законите.

Небезбедни и пред сопствениот дом

Ноќта на 1-ви јули Ј.Н излезе да фрли ѓубре пред својата зграда. Враќајќи се назад кон својот дом, движејќи се по пешачка патека, 68-годишниот Ј.Н беше прегазен од мотор. Пред сопствената зграда. Под сопствениот прозор.

Мотоциклистот кој удри во Ј.Н го напуштил местото на настанот без да укаже прва помош на Ј.Н и на неговиот сопатник на мотоциклот кој пак се здобил со телесни повреди.
Ј.Н почина следното утро од здобиените повреди.

Од 1465 сообраќајќи со мотор што се случиле за четри години во Македонија, дури 1148 возачи на мотоцикли завршиле со телесни повреди, а во 50 случаи завршиле со последица смрт.

Бројот на повредени пешаци за четири години во 1465 сообраќајки е повеќе од двојно односно 3213 повредени во несреќи со мотор, а бројот на пешаци со последица смрт е 126 пешаци за четири години.

Во 365 дена во годината се случуваат 366 сообраќајки со мотори

Во просек, годишно 366 несреќи со мотори се случуваат на македонските патишта. А изминатата, 2024 година се случиле најмногу во последните пет години, дури 428 сообраќајки со мотори.

Во просек 25 лица пешаци и 10 возачи на мотоцикли годишно умираат во сообраќајни несреќи предизвикани од мотори.
Пет пешаци починале како резултат на повреда од мотор во Македонија во првите шест месеци од годинава.

Додека 282 возачи на мотоцикли годишно во просек завршуваат со телесни повреди, а бројот на повредени пешаци пак во просек изнесува 767 пешаци годишно повредени од мотор.
Најмногу во последните пет години, вкупно 906 пешаци биле повредени во 2024 година од мотоцикли.

„Страв ни е децата да си ги пуштиме надвор, полицијата ништо не прави, а се вози како на трка“, „Секоја вечер летаат овде на мотори“, „Возат брзо, пијани, не внимаваат“ – се дел од коментарите на граѓаните по социјалните мрежи според кои овие појави се особено зачестени во летните вечери кога и најмногу има мотори по улиците.

Низа прекршоци направил возачот на моторот кој усмрти пешак ноќта на 1-ви јули

Возачот на моторот кој го усмрти Ј.Н е 25-годишен скопјанец кој управувал со мотор „кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел.

Возел по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“, преку површина наменета за движење на пешаци и не се придржувал кон прописите.

Кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил.

Управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место.

Не укажал помош – го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото.

Овие прекршоци го соопшти Основното Јавно обвинителство истакнувајќи дека 25-годишникот бил претходно осудувано лице, а ќе одговара за сообраќајна несреќа и неукажување помош на повредените.

„Фактот дека осомничениот веднаш по настанот избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен за органите на прогонот, за јавниот обвинител е потврда за опасноста тој повторно да се даде во бегство доколку биде пуштен да се брани од слобода. Освен тоа, станува збор претходно осудувано лице, кое и на критичниот ден направило две кривични дела едно по друго, што упатува на опасноста тој да го повтори делото или да стори друго кривично дело. На тие основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“ – соопштија од ОЈО.

Откако беше пронајден возачот на мотоцикл и Кривичен суд му определи куќен притвор, по бројните реакции од јавноста и жалба од Обвинителство, беше преиначена одлуката на судот и возачот беше спроведен во Шутка во затворски притвор.

Култура на блага казнивост или неказнивост

Праксата покажува дека дури и во случаи со смртен исход, или со отежнителни околности кога бегаат од местото на несреќата, возачите на мотори не секогаш добиваат ефективен притвор веднаш.

Сторителите на сообраќајни несреќи со мотори во Македонија одговараат пред законот за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 и 301 и член 297 од Кривичниот законик.

Во случајов, ОЈО Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 25-годишникот, осомничен за кривични дела од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 каде каната затвор е најмалку четири години, и член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик каде предвидената казна затвор е од три месеци до пет години.

Засилени полициски контроли ги вадат на виделина секојдневните сообраќајни прекршоци

Еден ден по сообраќајната несреќа со мотор во која загина пешак, на 2-ри јули, за шест часа санкционирани се 429 возачи во акциска контрола на територијата на Македонија за санкционирање на прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли.

Од нив 267 не користеле заштитна кацига, 83 возеле без возачка дозвола, одземени се 12 мотоцикли поради истечена сообраќајна дозвола и предизвикување голема бучава.

Во 109 сообраќајни несреќи кои се случиле во првата половина од годинава, шест биле предизвикани од мотоциклисти под дејство на алкохол. Во просек 33 возачи на мотоцикл годишно предизвикуваат сообраќајни несреќи под дејство на алкохол.

Каде што системот затајува одговорноста престанува

Во Македонија, патиштата одамна престанаа да бидат безбедни особено за пешаците.

Последниот трагичен случај, кога мотоциклист усмрти пешак на обележан премин, пред сопствената зграда, уште еднаш ја разбуди јавноста и го постави старото прашање: До кога ќе плаќаме со животи заради нефункционален систем и култура на неказнивост во сообраќајот?

Види Вака и претходно пишуваше за сообраќајната неправда каде пијани, брзи и недопирливи пред законот се предизвикувачите на сообраќајни несреќи додека правда за загинатите нема.

Во сообраќајни несреќи, без разлика дали станува збор за возачи на авотмобили или мотори, јавноста реагира на неказнивост која делумно доаѓа поради употреба на врски, влијанија или пак бавна и селективна правда.
Дури и кога се смртни последици во прашање, се случува сторителите да добиваат условни казни, минимални затворски пресуди или да се бранат од слобода. Ваквата пракса ја подрива довербата во правосудството.

За да се зголеми контролата, да се намали неказнивоста, потребни се поголеми казни, едукација, видеонадзори. Но само доследна и правична примена на законите ќе донесе вистинска одговорност и поголема безбедност.

Facebook
Twitter
LinkedIn