„За шест години ќе гледаме решение за воздухот? А што се случи со последниве 10 години од кога нашите активисти го креваат алармот за загадувањето? Чест изговор на секоја администрација е дека овој проблем треба време да се реши. Колку луѓе ќе умрат дур чекаме? 5.000 годишно х 6 години се 30.000 граѓани што предвремено ќе умрат од аерозагадување, нив им е окej да чекаат? Ја видовме планската програма за почист воздух, но во неа има големи недостатоци како конкретни чекори, конкретни рокови за следење, одговорни лица, средства и буџетирање и детални анализи како баш тие чекори ќе го намалат загадувањето и за колку,“ велат активистите од граѓанската иницијатива Зелен хуман град за Види Вака, по најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе бидат потребни шест години да се справиме со аерозагадувањето.
За шест години отсега, потенцијално би можело да се реши загадувањето на воздухот во Македонија, ако се промени системот за затоплување и изградба на гасните централи. Ова го изјави премиерот на Македонија, откако Скопје традиционално и зимава го зазема местото на најзагаден град во Европа. Покрај Скопје, на листата се и другите македонски градови како Струмица, Тетово, Гостивар, Куманово…
Од Зелен хуман град велат дека загревањето е само дел од проблемот, но дека продолжуваме да ја игнорираме и индустријата и загревањето на државните институции, автоцентричноста на градовите и депониите, а за решавање на проблемот потребно е вклучување на експертската и пошироката јавност во креирање на планови, не зад затворени врати.
Пред завршувањето на 2024 година во декември Зелен хуман град организираше два протести во Скопје. Активистите велат дека отпорот мора да продолжи, но и дека оваа година граѓаните не треба да чекаат некој да ги организира протестите за да тие го покажат своето незадоволство.
ГАЛЕРИЈА ОД ПРОТЕСТИТЕ НА 10.12.2024 И 28.12.2024 ГОДИНА
„ЗХГ звучи како голема организација, но реално зад сцената сме само неколкумина кои работат на оваа проблематика, без финансии и во своето слободно време (сите имаме од 9 до 17 ч. работа). Што значи дека доколку некој сака, секако може да организира протест, герила акција или каква било форма на отпор на оваа тематика, а ние сме тука да помогнеме и подучуваме од наши искуства. Никако не смее за отпорот да бидат задолжени само неколкумина, туку како „grassroot“ движење да се насочи кон широката јавност,“ велат од Иницијативата.
Но додека власта и опозицијата си ја префрлаат одговорноста за аерозагадувањето, во зимскиот период „прст пред око не се гледа“ во македонските градови.
Само 60 денови од 365 во Струмица се дише чист воздух – Европска Еколошка Агенција (2023 година)
Официјалната и неофицијалната индустрија е во најголем дел причинител за отскокнување на Струмица од просекот на останатите градови во поглед на загадениот воздух, ова е ставот на активистите од струмичкото еко здружение „Здрава Котлина“, според кои други главни причинители на загадувањето на воздухот во Струмица се и загревањето на домовите до некое ниво колку што е просечно како во останатите градови.
Конкретно за загревањето на домовите во Струмица, па и цела Македонија, граѓаните се принудени да се загреваат со мокри дрва што е последица на катастрофалното работење на ЈП Македонски Шуми, велат од „Здрава Котлина“ и потенцираат дека мора да се променат со законски нормативи за квалитет на огревно дрво и достава затоа што мокро дрво загадува 20 пати повеќе од суво дрво.
Пластика, лакирано дрво, кабли се согоруваат – казни нема
Во делот на официјалната индустрија покомплексни се проблемите бидејќи огромен дел од фирмите не го почитуваат законот и во трка за профит согоруваат најевтини енергенси што се апсолутно несоодветни зошто најчесто се остатоци од производствен процес како текстил, отпадоци, лакирани дрва, резидуално масло, пластики итн., појаснува Ѓорѓи Танушев од „Здрава Котлина“ и додава дека особено впечатливо е тоа што во Струмица има една компанија што користи петрол кокс во производствен процес и во интерираната дозвола нема информација дека се користат некакви филтри односно зборчето филтер не постои.
„Во неофицијалната индустрија имаме организирано горење на кабли и отпадоци за добивање на метална суровина бакар и негова продажба на струмички фирми за „рециклажа” во огромни количини чија вредност достигнува повеќе милиони евра секоја година. Во овој „бизнис” се користат социјално загрозени граѓани како покритие кои за грст парички се стават во ризик од кои подоцна профитираат струмички фирми и во овој бизнис се вмешани повеќе актери од јавната администрација и партиско-политички фигури кои го заштитуваат и одржуваат. Во суштина е криминално здружување и не е ништо невообичаено за држава како Македонија во која владее озаконета корупција. Затоа горат полуофицијални и диви депонии, затоа се шета отпад од различни далечни општини, затоа нема никакви казни за никого,“ вели Ѓорѓи Танушев.
Од каде сулфур диоксид во воздухот во гасифициранта Општина Струмица?
Струмица конкретно последните години е редовно во врвот за најзагадени градови во Европа и според консолидирани извештаи го држи 7-мото место далеку пред Скопје, Битола, Кичево.
Професори цела година испитуваа во Струмица ама не ја објавија студијата туку само резултатите во кои се вели дека загадувањето најмногу било од дрвата од домаќинствата и од сообраќајот. Но, од „Здрава Котлина“ бараат одговори „од каде и зошто нивоата на сулфур диоксид во Струмица се 6 до 10 пати поголеми од сите останати градови во Македонија?“
Во Струмица 40% од домаќинствата се затоплуваат на струја, сите локални јавни институции во градот се гасифицирани, еден дел од производствената индустрија е поврзан на гасоводна мрежа, а според Танушев во оваа општина нема ни приближно толку автомобили како сите други градови заедно, а од неодамна е воведен и електричен јавен превоз.
„Да дојдеа да објаснеа професорите и инспекторите како тоа сулфур диоксид имаме колку што заедно на едно место немаат Скопје, Битола, Куманово, Кичево? Сулфур диоксид е директен отпечаток на загадувањето од индустријата во Струмица и јасна е корелацијата на движењето на нивоата на сулфур диоксид со движењето на нивоата на ПМ 2,5 и ПМ10 честичките. Единствено логично објаснување според науката за присуство на сулфур диоксид во урбани средини е горење на петрол кокс без филтер, производство на бакар, неквалитетно дизел гориво со сулфур над законската граница од 10 пм и секако горење на јаглен и тешки резидуални горива во огромен обем што споредбено би требало да ги надминува РЕК Битола и РЕК Осломеј. Така што работите се прилично јасни,“ заклучува Танушев.
Два дена траеа мерките за заштита на граѓаните поради загаден воздух во Струмица
Работодавачите да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар, а сите работодавачи да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11:00 до 17:00 часот. Ова се препораките кои беа издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање наменети за Струмица, каде воздухот е загаден според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи. А истите беа укинати во петокот.
Исто така, се препорачуваше да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено. Меѓу другото „согласно настанатата состојба во Струмица треба да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-Интегрирана еколошка дозвола, да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-Интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци, да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила, да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата, како и да се забрани горење на отворено“ – стоеше во препораките.
Од „Здрава Котлина“ велат дека овие мерки не се доволни, дека станува збор за генерички зборови на хартија кои немаат никаков ефект во реалноста.
„Единствен ефект што се смета е кога ќе има опипливи резултати во форма на казнети загадувачи и забрани за работа на сите што не ги почитуваат законите. Се сеќавате како беше во Тетово пред да се затвори Југохром поради немање филтри? Или топилницата во Велес? Едноставно или ќе работат филтрите или ќе затворите додека не се имплементираат филтри. Трето е да се кренат протести што нема да запрат додека нешто не се смени. За почеток мора да се набави опрема и да се обучат инспекторите да ја користат наместо да се бараат платени акредитирани лаботатории кои се дел од корумпираниот систем досега. Како може тие лаборатории да тврдат дека нема загадување кога тоа е евидентно за сите?“ – вели Танушев.
На прашањето кои мерки ги презема Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) по однос на аерозагадувањето, како и за тоа дали се предвидени препораки за Скопје и другите градови има загадување, оттаму за Види Вака одговорија дека Министерството ги повикува сите надлежни институции, општините и Градот Скопје и општините од Градот поинтензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“ кој е усвоен од Владата, а во кој се проектирани краткорочни превентивни мерки што ќе овозможат редукција на емисиите од детектираните сектори што имаат најголем придонес во зголемувањето.
Од Министерството тврдат дека во соработка со Државниот инспекторат за животна средина, спроведуваат засилени и вонредни контроли врз индустриските капацитети со А интегрирани еколошки дозволи.
„Континуирано се следи и квалитетот на воздухот, а јавноста редовно се информира за состојбата и препорачаните мерки за заштита. Според Извештаите од Државниот инспекторат за животна средина, на територија на град Скопје се поминати со вонредни надзори сите субјекти, продолжуваме со ненајавени контроли кај субјекти кои се задолжени со елаборати за животна средина,“ уверуваат од надлежното Министерство.
Скопјани за сто денари „купуваат“ чист воздух на Водно
Секој деветти смртен случаи на деца на возраст до една година е поради последица на аерозагадувањето во Македонија, покажува новиот документ за политики на УНИЦЕФ.
„Што ви дишат децата?“ – беше едно од главните прашања кое се постави на досегашните протести за загаден воздух кој се одржаа зимава во Скопје.
„Наједноставно кажано, загадениот воздух го скратува животот на сите без исклучок, ги разболува сите, а најмногу бебињата и малите деца кои немаат имунитет и не се доволно развиени за да имаат отпорност и да се филтрираат,“ истакнува Танушев од „Здрава котлина“.
Сите зборуваме за ПМ10 и ПМ2,5 а тоа е само физичка димензија на честички кои се во редот на микрони и кои се толку ситни што од белите дробови се пренесуваат во плацентите на неродените деца во трудните жени, потенцира Танушев и додадава дека ретко кој прашува што е составот на тие честички, каков хемиски состав има и конкретно каков ефект има.
„Одредени ПМ честички се хемикалии кои се директно токсични, канцерогени и мутагени, а особено се истакнуваат диоксини, фурани, поливинилхлоридите и тешки метали. Тука се и останатите од повеќе групи загадувачи кои се најчесто дел од перзистентни органски загадувачи (POPs) и нестабилни органски соединенија (VOCs) како и цела палета на неоргански загадувачи. За ова што се случува сега цехот ќе се плаќа покасно преку масовно нарушено здравје и прерани смртни случаи. Во Струмица дишењето има острина што ја дава сулфур диоксидот кој исто така предизвикува штипење на очи и гребење на грло. Тоа е затоа што самоиот гас е иритант и во допир со вода образува сулфуреста киселина. Тоа е она што се случува во нашите бели дробови и влажна слузокожа. Но исто така предизвикува кисели дождови што ја деградираат целата животна околина. Зошто? За да некој стави повеќе пари во џеб и да го шета светот додека во Струмица се гушат и трујат,“ – смета Ѓорѓи Танушев.
Краткорочни и долгорочни барања на „Зелен Хуман Град“ за справување со аерозагадувањето
Загадениот воздух има значајно поголем ефект на децата отколку на возрасните, особено во нивните рани години кога нивните тела сè уште се во развој, а нивниот организам не е целосно формиран, што ги прави посензитивни на штетните ефекти на загадувачките честички и гасови.
Според извештајот „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ , ризиците од загадениот воздух во Македонија се особено високи, каде просечните нивоа на ПМ10 и ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
„Децата уште сега го искусуваат климатскиот хаос со кој ќе се соочуваат цел живот. Болестите и смртните случаи предизвикани од загаден воздух може да се спречат, но ни требаат климатски политики во кои ќе се води сметка и за децата. Тука спаѓаат политиките со кои се намалуваат загадувачките супстанции и се подобрува квалитетот на воздухот таму каде што децата учат, живеат и си играат,“ стои во извештајот.
УНИЦЕФ во извештајот „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ посочува дека бебињата и малите деца и најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради аерозагадување, а раната и честа изложеност на загаден воздух почнувајќи уште од матката води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Во истиот апелира до владите и институциите да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето.
И според податоците на Институтот за јавно здравје во Македонија загадениот воздух продира и во утробата на трудниците, со што загадениот воздух стигнува и до бебињата, со што влијае на нивното здравје, бидејќи детето е изложено на истите концентрации и квалитет на воздух што го дише и мајката.
Загаден воздух се дише во воспитнообразовните установи
Во Македонија 135 објекти на државната управа се греат на нафта, а на нафта се греат 272 објекти во општините, а 90 отсто од нив се детски градинки и основни и средни училишта, покажуваат податоците и мапата изработена од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„И оваа зима, како и секоја зима, ќе изгорат над два милиони литри нафта за да се загреат. Во Бутел сите училишта и градинката и Општината се греат на нафта, а градоначалниците велат што да прават. Во Чаир сите училишта и градинката се на нафта, во Ѓорче училиштата и градинката се на нафта, во Шутка училиштата се на нафта, во Гази Баба училиштата, Општината и градинката се на нафта, во Аеродром и Кисела Вода по две училишта и градинките се на нафта. Град Скопје има две јавни претпријатија. Четири средни училишта на нафта, ЈСП со две автобази на мазут. И ќе кажат немаат што да прават. Клиниката за физикална рехабилитација е на мазут и врв на апсурдот Клиниката за белодробни заболувања на децата во Козле е на нафта.“ Јане Димески, Шанса за Центар и советник во Општина Центар.
Дека децата во воспитно-образовните установи дишат загаден воздух потврди и истражувањето на УНДП спроведено во градинки и училишта во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.
„Воздухот во внатрешните простории на улиштатата и градинките во овие градови е загаден двапати над препорачаната граница од Светската здравствена организација. Воздухот во затворените простории во училиштата и градинките, слично како и надворешниот амбиентален воздух, го надминува дозволениот лимит на ПМ 2,5-суспендирани честички, а истражувањето покажало дека другите загадувачи се во рамките на прифатливите граници. Иако се поврзани, нема директно влијание на надворешниот воздух врз воздухот во внатрешните простории. Истражувањето покажало дека во зимскиот период кога суспендираните честички имаат екстремно високи концентрации надвор, тие не пробиваат во целост внатре, па зимно време концентрациите се помали во затворените простори за разлика од летно време кога тие се поголеми. Дишеме загаден воздух и внатре и надвор, но дишењето загаден воздух внатре е поголем проблем оти, особено во зимскиот период, многу повеќе време децата минуваат во затворени простории,“ – стои во истражувањето на УНДП.
Системи за вентилација и за филтрација на воздухот, носење посебни обувки и облека наменети за употреба во внатрешниот простор, редовно чистење и мокро пребришување на површините. Ова се дел од мерките за подобрување на квалитет на воздухот во образовните установи кои произлегоа од едногодишното мерење на квалитетот на воздухот во градинки и училишта во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга, спроведено под водство на проф. Дејан Мираковски.
Согорување мазут и нафта, во ложишта за греење јавни објекти и згради (градинки, училишта, болници), како и во индустриски објекти за производство на топлина или некои други технолошки процеси е еден од главните извори на загадување.
Решавање на проблемот со аерозагадувањето останува само на хартија во изборните програми на партиите
Решавањето на проблемот со аерозагадувањето се најде на речиси сите изборни програми на политички партии.
Па така СДСМ во политичката програма на изборите во 2020 ветувајќи решавање на проблемот со загаден воздух, се обврзаа дека сите државни институции ќе се поврзат на чисти извори нa топлинска енергија до 2022 година и ќе воведат етапна замена на возниот парк на институциите со ековозила. Ова остана само ветување на хартија.
Меѓу другото тогаш беше изработена посебна веб-страницата www.planzacistvozduh.mk каде што требаше да ги има прикажано сите мерки кои треба да се спроведат од државните институции во врска со Планот за чист воздух, но истата не функционира.
И во предизборната програма на ВМРО на годинашните парламентарни избори 2024 година, партијата се обврза со план за чист воздух, и во делот со институциите.
Повеќе од 600 објекти на државни и јавни институции користат мазут или цврсти горива за загревање или технолошки потреби. Се обврзуваме дека:
• ќе изработиме проектна и техничка документација за промена на горивото и за употреба на чисти горива и технологии за загревање на јавните објекти во Македонија;
• ќе инвестираме во промена на системите за загревање на јавните објекти кон системи со нулта емисија на цврсти честички (гасни горива, топлински пумпи и други системи) – стои како ветување во програмата на ВМРО ДПМНЕ.
План за обезбедување на чист воздух ветуваат сите политички партии но ретко која мерка се исполнува во реалноста. Граѓаните на Македонија со деценија дишат загаден воздух, а последиците ги плаќаат со живот.
Според истражувањето на УНИЦЕФ, во 23 земји и територии во Европа и Централна Азија, се проценува дека 6.441 деца и тинејџери починале од причини поврзани со загадувањето на воздухот во 2021 година. Мнозинство – 85% починале во нивната прва година од животот. Всушност, еден од пет од сите смртни случаи на новороденчиња во регионот биле поврзани со загадувањето на воздухот.
Иако крајот на 2024 година го одбележаа граѓанските протести против аерозагадувањето, Скопје и во новата 2025 година продолжува да го носи епитетот на најзагаден град во Европа. Токсичниот воздух кој влијае и го загрозува здравјето на граѓаните останува нерешен и со алармантно високи нивоа на ПМ честички. За овој децениски проблем никако да се најде решение, политичарите ветуваат мерки за кои ќе треба долго време, а дотогаш граѓаните го губат својот живот како последица на аерозагадувањето.