За една година 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици

На хартија препораки, а во реалноста никој не се справува со врсничкото насилство. Прочитајте повеќе за насилничкото однесување помеѓу младите во новата мултимедијална приказна на Види Вака.
Автор: Бјанка Станковиќ, Љубица Иванова, Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов, Тања Рибарска
Продукција: Види Вака

Наместо книги, ладно оружје во ранците на младите во Македонија. Објавени снимки од тепачки, вознемирување, исмејување преку фотографии и уценување за истите, булингот зема замав помеѓу младите. Врсничкото насилство не е нова појава, но во последниве години стануваат сè повидливо поради социјалните мрежи. Почетокот на второто полугодие од учебната година, за жал, ја одбележа крвничката тепачка во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.

Две петнаесетгодишни девојки претепaа своја соученичка надвор од училишниот двор, а настанот беше снимен и објавен на социјалните мрежи. Едната од нив, денови потоа објави видео на социјалните мрежи од помодреното око на претепаната соученичка. Истата доби укор пред исклучување од училиштето, а нејзиниот татко пред гимназијата постави билборд на кој пишува и бара за својата ќерка – „Правда“. Настанот беше пријавен до надлежните институции, а првото рочиште и сослушување за овој случај е закажано за втори април.

Овој настан не беше поука за останатите како не треба младите да се однесуваат и да ги решаваат недоразбирањата, напротив, месецов полициските билтени и медиумите се полни со таканаречена црна хроника за нови настани на врсничко насилство.

Настанот со тепачката во скопската гимназија ги отвори дилемите во јавноста: Кој е одговорен да реагира во случај на тепачка помеѓу врсници/млади? Дали училиштето може да реагира ако насилството се случи надвор од училишните клупи и надвор од часовите? Кога реагира полицијата? Дали насилниците се бркаат од училиштата? Каква заштита добива жртвата после настанот?“

Редакција на Види Вака упати прашања до Министерството за образование и наука, но оттаму ни одговорија дека мерките ги презема самото училиште.

„Раководствата на училиштата имаат обврска да преземат мерки за насилничко однесување меѓу ученици, доколку се случи и надвор од училишниот објект. Независно каде се случило насилството тие имаат должност да пријават до надлежните институции, “ изјавија од Министерството за образование и наука.

Официјалната статистиката на насилство е далеку од реалната состојба

Досегашните искуства покажуваат дека иако отсекогаш постоело насилничко однесување и млади кои прават булинг кон другите млади и нивни соученици, не секогаш насилството се пријавува, најчесто од страв истото да не се повтори. Жртвите трпат секундарна виктимизација, а насилниците земаат замав.

204 настани на насилничко однесување помеѓу учениците во основните и средните училишта регистрирало Министерството за внатрешни работи за три години. Најчесто овие настани се регистрирани во Скопје и Тетово, а насилството се случува за време на големиот одмор, во училишниот двор и хол.

Само во 2023 година се регистрирани 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици, од кои најголемиот дел, 40, се регистрирани во Скопје, за кои против 10 се поднесени кривични пријави за кривични дела „насилство“.

„Министерството презеде соодветни мерки против нарушителите, при што поднесени се десет кривични пријави за кривични дела „насилство“, „насилство врз дете“, „малтретирање во вршење служба“, „тешка телесна повреда“ и „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“, а поднесени се и пет известувања до Основното јавно обвинителство. Покрај тоа, против 102 лица поднесени се 60 барања за поведување прекршочна постапка за сторени прекршоци од ЗППЈРМ, во најголем дел за „физички напад“ и „учество во тепачка“ и против родителите за занемарена грижа во врска со истите прекршоци.“ – МВР

На хартија препораки, во реалноста никој не се справува со насилството

Полициските билтени и медиумите известуваат за насилството помеѓу младите, но овие настани остануваат грижа само на семејствата чие дете е жртва на булинг. Јавноста сè уште не виде разрешница од досегашните насилства помеѓу соученици, без разлика дали станува збор за дејствија во или надвор од училишните клупи.

Во мај 2023 година, Министерството за образование и наука отвори адреса за пријавување на насилство во училишта, prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно paraqitdhune@mon.gov.mk како место каде што може да се пријавува училишно насилство, со цел институциите веднаш да реагираат и да спречуваат сериозни ситуации.

Меѓу другото, училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација. Според член 65-а во упатството изготвено од МОН е утврдено дека директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт – упатство.

Со Упатството за постапка за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се уредуваат видовите на насилство (сите форми на физичко, психичко, емоционално, социјално, сексуално и кибернасилство, повреди или злоупотреба, занемарување или несовесно постапвуање, малтретирање или експлоатација), начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата. Според упатството секој е должен да пријави насилство или сомнеж за насилство над ученик, без разлика дали насилството се случило во училиштето, на патот до училиштето или во училишниот двор, во домот на ученикот или на кое било друго место.

„Упатството кое го посочувате е наменето за училиштата и истото е на сила, како подзаконски акт кој произлегува од Законот за основното образование, согласно кој директор на училиште е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции. Како што се нагласува во упатството, не е важно каде се случило насилството (во училиштето или во дворот, на патот до училиштето или во домот, во домот и на кое било друго место),“ велат од МОН за Види Вака.

МОН со врсничко насилство се справува креирајќи препораки и упатства, но не нудат конкретни систематизирани решенија како институција, по кои училиштата треба да се водат строго и да ги применуваат. Иако тие упатства и насоки постојат на хартија, во пракса не се применуваат. Обврската МОН ја остава на директорите, односно раководствата на училиштата кои пак се оставени секој на своја волја да дејствува, а исходот ќе зависи од професионалноста на поединците коишто се должни да им понудат поддршка на младите во образовниот и развојниот процес.

Иако државата има донесено Стратегија (2020-2025) и Акциски план (2020-2022) за заштита на деца од сите форми на насилство во кои се залага за активности со кои ќе се стави крај на насилството врз деца и се препознаени сите процеси, механизми и обуки, сепак зачестениот број на врсничко насилство всушност е показател дека во државава се занемарува насилството, а уште помалку се презема нешто за да се превенира.

За влијанието на социјалните мрежи, конкретно ТикТок зборуваат фактите дека младите се почесто се изложени на дигитално насилство во форма на видеа, фотографии, написи со цел потсмевање, омаловажување, набедување и слично.

Ова го потврдуваат и податоците на Националната стратегија за ментално здравје за млади (2024-2026) на Националниот младински совет во Македонија, во чија анализа се поставува прашањето „што прават младите кога се изложени на дигитално насилство?“

„При испитувањето на искуствата на младите, за нас беше исклучително важно да го доловиме индиректното влијание, она што се случува преку сведочење на искуствата на блиските луѓе. Околината во која растат младите е извор на чувство на сигурност, топлина, поддршка. Затоа, не е изненадувачки што секој настан што влијае на различни нивоа на животната средина на младите, како што е семејството или училиштето, може индиректно да влијае на психолошката благосостојба на детето, како и да ја наруши или зајакне неговата отпорност“ стои во Националната стратегија за ментално здравје за млади (2024-2026).

Предупредувачки индикатор е дека 15% од младите посакале да го напуштат местото каде што сега живеат од неколку причини како немање поддршка од родителите, изложеност на емоционално насилство, принудување на присилна работа и друго.

Има исклучоци во морето негативни појави

По немилите настани, некои училишта од Македонија преземаа активности со цел подигнување на свеста за врсничко насилство.

Основното училиште „Никола Карев“ во Пробиштип направија работилница со низа активности, информации, поуки, пораки во неколку одделенија.

„Шега е шега, булинг е булинг… Важно е да направиме разлика помеѓу овие два поима и која било форма на насилство, вербална или физичка, да ја третираме со огромна сериозност и иницијатива за спречување,“ стои во објавата на училиштето.

Од Националниот младински совет препорачуваат итно обезбедување на услуги за рана идентификација и интервенција за младите луѓе изложени на ризици за менталното здравје. Како и соработка со училиштата, организациите во заедницата и давателите на здравствени услуги за да се креира координиран и сеопфатен пристап за промоција и превенција на менталното здравје. Според НМСМ, неопходни се и бесплатни услуги за ментално здравје за младите лица кои се под социјален ризик, преку системот на социјална заштита.

„Развивање Национална стратегија за превенција од насилство насочена кон младите луѓе, вклучувајќи кампањи за подигање на свеста, обука на вратарите и услуги за помош. Зајакнување на капацитетот на службите за ментално здравје за идентификување и управување со ризикот од различни видови насилство, вклучително и обука на здравствените работници и подобрување на протоколите за интервенција во кризи. Поттикнување соработката со релевантните засегнати страни, вклучувајќи училишта, организации во заедницата и професионалци за ментално здравје, за да се создаде сеопфатна мрежа за превенција од насилство,“ стои во цел 4. Превенција на насилство, во стратегијата на НМСМ.

Како да се решат сите проблеми и да се пронајдат решенија зависат од сите вклучени фактори, родителите, децата, соучениците, наставниците, психолозите, директорите, односно сите вклучени во образовниот систем. Само така ќе може работите да се поместат и ќе се придонесе да се затвори кругот на врсничкото насилство.

Архивска објава: Мултимедијална приказна „Притисоците и предизвиците на Балканскиот ученик“

Facebook
Twitter
LinkedIn