Притисоците и предизвиците на балканскиот ученик

Имињата Коста К. (13) и Урош Б. (21) уште долго ќе одѕвонуваат во сеќавањата на Белград и целиот Балкан. Убиствата коишто тие ги направија го вклучија алармот за квалитетот на образованието, како и за менталното здравје на балканските тинејџери и адолесценти.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов, Тања Рибарска
Продукција: Види Вака

Знамиња на половина копје, едноминутен молк и тридневна жалост нималку не ја надоместија трагедијата што се случи во соседството. Седмооделенецот Коста К. (13) со пиштолот на својот татко застрела и уби чувар и осум свои соученици, но и рани уште седуммина врсници во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 3 мај годинава. Во првите 48 часа од трагедијата во Белградското училиште, во околината на на Младеновац и Смедерево, Урош Б. (21) застрела и уби девет луѓе, а рани уште седуммина.

Овие две трагедии отворија прашања за квалитетот на образованието, менталното здравје и ефектите од социјалните мрежи што ги користат младите.

Насилничкото однесување меѓу учениците не изостанува и во нашата земја. Во периодот од 2015 до 2021 година во државата регистрирани се вкупно 611 настани на насилство меѓу учениците. По години, најголем број од настаните се пријавени во текот на 2015 година – 122 настани, а најмал број во текот на 2020 година, кога заради настанатата состојба со Ковид-19, учениците наставата ја следеа од дома.

Најголем дел учениците насилничкото однесување го изразиле преку физички напади и меѓусебни тепачки, а во мал број настани е употребена вербална закана и тврди предмети. Учениците најчесто делуваат во група, а мотивот за насилното однесување во повеќето случаи е без повод и причина, или пак останува непознат.

До Министерството за образование и наука упативме прашање за тоа каква е процедурата и според кој правилник постапува училиштето доколку некое дете има самоубиствени мисли во текот на образовниот процес или пак, доколку некое дете покажува насилство, нетрпеливост, дискриминација или други форми на насилство кон свои соученици, како и за тоа како се одвива постапката кога еден ученик посетува педагог/психолог во училиштето.

Од Министерството се повикуваат на Законот за основното образование кој е усвоен во 2019 година.

„Во член 5 се дефинира дека вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост меѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.

Освен ова, училиштата се должни во годишните програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација.

Додека во член 65-а е утврдено дека директорот на училиштето е должен да го пријави секој облик на насилство, злоупотреба или занемарување сторено врз ученик од страна на друг ученик, родител односно старател, наставник, стручен соработник или кое било друго лице кое е вработено во училиштето, до надлежните институции утврдени со закон. Постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на било која од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се утврдуваат со подзаконски акт – упатство.

Од Министерството сепак не одговорија на прашањето според кој правилник се водат училиштата за евакуација во случаи како последниот во белградското училиште.

Со Упатството за постапка за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување се уредуваат видовите на насилство (сите форми на физичко, психичко, емоционално, социјално, сексуално и кибернасилство, повреди или злоупотреба, занемарување или несовесно постапвуање, малтретирање или експлоатација), начинот на пријавување и постапување од страна на училиштата.

Според упатството секој е должен да пријави насилство или сомнеж за насилство над ученик, без разлика дали насилството се случило во училиштето, на патот до училиштето или во училишниот двор, во домот на ученикот или на кое било друго место.

#Жртвата не е виновна

Она што исто така е клучно во Упатството е дека училиштето не смее да создава атмосфера во која жртвата на насилство и нејзините родители се обвинуваат за насилство. Напротив, училиштето презема соодветни мерки на обезбедување за да осигури дека ученикот нема да стекне впечаток дека со пријавување на насилство создава проблеми во училиштето.

Овие мерки подразбираат комуникација со ученикот со смирен тон, постојано вербално уверување дека е исправно што пријавил и дека тоа е од голема помош на училиштето, објаснувајќи на значењето на пријавување насилство и негативните последици од премолчување.

„При давање заштита и поддршка на жртвата, училиштето ги уважува и им дава легитимитен на личните дожуввања на жртвата. А активностите и мерките за заштита на ученикот жртва не смеат да резултираат со виктимизација, исклучување или изолирање. Дури и во случаите во кои ќе се утврди дека обвинетиот не го сторил делото жртвата не смее да се обвинува дека лажела или дека не требала да пријави.“

Во однос на стручниот кадар, наставниците, стручните соработници и директорот на училиштето се должни да го препознаат насилството, во секојдневното работење да внимаваат дали во училиштето се случува насилство, дали некој ученик е жртва на насилство и дали некој ученик се однесува насилсно. Доколку забележат насилство тие се должни да го применат Упатството. Истото важи и доколку некој од вработените се сомнева во насилство. Тоа мора да го сподели со дручните работници кои понатаму ќе делуваат со мерки за заштита од насилство.

Меѓу другото, училиштето исто така е должно да обезбеди секаков вид на комуникација меѓу учениците и контакт лицето за пријавување насилство кое е назначено од директорот, а се препорачува тоа да биде психолог со најдобри вештини, вредности и знаења за спречување на насилство. Исто така, училиштето должно е да обезбеди и анонимно пријавување на насилство преку поставување на кутија за пријави која контакт лицето за пријавување е должно да ја отвора најмалку еднаш неделно или секогаш кога има сознание дека во кутијата би можело да се најде пријава за насилство.

Насилство во и надвор од училишните згради

Дваесет пријави за врснично насилство и предлози за превенција на насилство меѓу децата пристигнаа месецов во електронското сандаче на македонското Министерство за образование и наука, откако по настаните во Србија, министерството отвори адреса за пријавување насилство во училишта, prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно paraqitdhune@mon.gov.mk за како што велат „да можат институциите веднаш да реагираат и да спречуваат сериозни ситуации“.

„Секоја пријава ќе се истражи и ќе се преземат соодветни мерки.“ – МОН

Од ресорното министерство соопштија дека се работи на протоколи со кои ќе се забрани користење на социјалните мрежи конкретно ТикТок во училиштата.

МОН најави и зајакнување на превентивните програми за борба против булингот, промовирајќи дијалог и ненасилство како клучни елементи во образованието и развојот на децата и младите.

Видеото оригинално е објавено на 4.3.2022 година

62,7 проценти од учениците потврдуваат дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Според учениците, во висок процент е присутно психичкото и сајбер насилството. Ова го покажа ланското истражувањето на тинк-тенк организацијата „Аналитика“, спроведено со учениците од три средни училишта на територијата на Град Скопје („Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Шаип Јусуф“).

70 проценти од учениците се сведоци на насилно однесување во нивните училишта, но не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои незнаењето кому да пријават или како да пријават, а да останат аноними пријавувачи.

Видеото оригинално е објавено на 6.10.2022 година

Младите го кренаат својот глас

Полицијата засилено да ги обезбедува училиштата до крајот на учебната година, канцелариите на училишните педагози да бидат отворени за средношколците за тет-а-тет средби, летниот распуст да биде искористен за изготвување протокол за нов модел на работа на стручните служби и обуки на соработниците. Да се отворат и бесплатни инфо линии и профили на социјалните мрежи на кои средношколците ќе можат да пријават меѓуврсничко насилство. Ова се четирите предлози на Средношколскиот сојуз за спречување меѓуврсничко насилство во училиштата.

На средбата која ја имавме минатиот петок во МОН, дел од присутните ја изразија својата поддршка за нашите четири предлози, а ние истите и електронски ги доставивме до МОН. Добивме потврда дека се примени, но сега за сега ништо повеќе од тоа. Ние секако очекуваме дека ќе има повеќе средби, а Сојузот активно ќе се вклучува во сите процеси. Спроведувањето на овие четири предлози е од круцијална важност за справување со епидемијата на насилство и кризата со менталното здравје која ја имаме во македонските училишта.“ – Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци.

Дел од Европските држави користат програми со кои се промовира лична добросостојба, образование и алатки против насилство. Финска успеа да го искорени врсничкото насилство благодарение на програмата КиВа (KiVa). Оваа програма нуди алатки против вознемирување и насилство. Студиите покажуваат дека КиВа го намалила малтретирањето и виктимизацијата, а 98% од жртвите рекле дека по интервенцијата, ситуацијата им се подобрила. Дури 90% од финските училишта ја користат, а веќе се применува и во Белгија, Шведска, Естонија, Велика Британија, Нов Зеланд и Шпанија.

Во Македонија се тргнува со забрана на една од најкористените социјални мрежи кај младите – ТикТок. Но дали со забрана ќе се искорени врсничкото насилство? Или пак, треба да се угледаме на земјите кои користат програми кои веќе вродиле со плод помеѓу младите.

Facebook
Twitter
LinkedIn