„Во Македонија токму поради слабата медиумска култура медиумите многу лесно креираат паника и лесно шират дезинформации, до тој степен што дел од нив тоа го прават плански и тенденциозно за да предизвикаат некој посакуван ефект или лична добивка. Дополнително, поголемиот дел од медиумите не ја заштитија приватноста и дигнитетот на жртвите и засегнатите семејства, кои покрај трауматичните случувања беа изложени и на голем притисок од страна на медиумите“, ова е укажувањето на универзитетскиот професор и комуниколог, д-р Сеад Џигал.
Трагичните убиства на 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче од Велес изминатава недела се во главниот фокус на медиумите и јавноста. За жал и за овој трагичен случај се повторија познатите проблеми со медиумите во Македонија, тоа го потврдува и комуникологот Џигал и дополнува дека иако дел од новинарите се обидуваа внимателно да известуваат за овој сензитивен случај, сепак значителен дел од другите медиуми ја преплавија јавноста со бројни шпекулации, претпоставки, погрешни или лажни информации, нетолерантни изјави, говор на омраза, вербални напади, вознемирувачки обвинувања, итн.
Во трката да се добијат информации, се споделија многу дезинформации за нивните убиства, кои служеа и за ширење на паника и теории на заговор. Дел од медиумите потфрлија во својата работа и покажаа дека нема доволно свест за последиците коишто произлегуваат од неетично известување.
Комуникологот истакнува дека продолжува штетната пракса да се пренесуваат непроверени информации, од сомнителни извори и содржини од социјалните мрежи, кои предизвикуват жолчни реакции и дискусии и појаснува дека поголемиот дел од медиумите не успеаја да ги филтрираат од јавната сфера штетните псевдо-информации и не само што не ја заштитија јавноста од нивните негативни ефекти, туку тенденциозно ги ширеа во информативниот простор со цел да ја зголемат сопствената видливост во јавноста.
Штетните последици од дезинформациите
Една од првите дезинформации кои излегоа во јавноста додека Вања Ѓорчевска сè уште се сметаше за исчезната беше Фејсбук профилот со украдена фотографија од оџа од Албанија, којшто објави дека младото девојче е кај него во соседно Косово.
Некои од македонските медиуми побрзаа да ја објават веста дека Вања е пронајдена, без да се провери веродостојноста на информацијата од надлежните, а потоа Министерството за внатрешни работи излезе со демант дека Вања не е пронајдена и дека се работи за лажен профил којшто шири дезинформации.
Набргу потоа министеротза внатрешни работи, Оливер Спасовски, информираше дека ваквите дезинформации ја загрозуваат истрагата.
„Морам да кажам дека сите тие профили кои објавуваат било какви лажни вести се детектираат и сите тие ќе бидат, а дел се повикани во полициска станица. Таму каде што ќе се утврди дека ја загрозуваат безбедност, односно истрагата и придонесуваат притоа да имаме сериозна штета во јавноста, ќе се преземаат мерки заедно со Јавниот обвинител“, изјави министерот за внатрешни работи.
На 03.12 преку Фејсбук објава во 21.00 часот, МВР соопшти дека се пронајдени безживотните тела на Вања и Панче, без најава за одржување на прес-конференција каде ќе се изнесат повеќе детали. Тоа предизвика во јавноста веднаш да почнат да се шират дезинформации и паника, особено кај родителите. Кратко потоа, МВР одлучи дека прес-конференција ќе одржи следното утро.
Низа шпекулации во вакуум просторот од дванаесет и пол часа, од соопштението на МВР до одржаната прес-конференција
Во тој вакуум простор, дел од медиумите објавуваа непотврдени информации, од неименувани и несигурни извори, а во недостаток на официјални детали. Се шпекулираше, се дезинформираше и се ширеше паника.
„Со вакво известување дел од медиумите помагаат во креирањето на чувство на несигурност, вознемиреност, страв и недоверба не само во институциите, туку и кон своите сограѓани и средината во која живеат. Се проширува и чувство на морална паника во која се доведуваат под сомнеж основните морални начела и позитивниот вредносен систем на заедницата“, потенцира комуникологот Џигал, додавајќи дека дезинформациите создаваат притисок врз надлежните институции, во овој случај врз обвинителството и Министерство за внатрешни работи, да објавуваат информации во јавноста.
„Иако таквиот притисок делумно е и легитимен, но очигледно беше дека во овој случај институциите токму поради огромниот интерес и притисок направија доста грешки при изведувањето на прес-конференциите и во изборот кои информации да бидат споделени во јавноста. Дел од тие информации, кои секако се сѐ уште во различни фази на обработка, доработка и комплетирање, наместо да ги спречат, за жал ги поттикнаа шпекулациите и го продолжија циклусот на медиумска експлоатација на трагичните настани.“
Од информации од сомнителни извори до вести во медиумите
Неетичкото и непрофесионалното известување од медиумите придонесе за продлабочување на дезинформациите и креирање на сомнежи кај граѓаните за свои теории. Се правеше спин, медиумите земаа информации од објавите и коментарите на граѓаните на социјалните мрежи и ги презентираа како информации од неофицијални извори. А дел од медиумите овие вести ги ставаа во категории како „вирално“, „актуелно“.
Препораки до медиумите
Препознавајќи ја потребата медиумите да се придржуваат до највисоките етички и професионални стандарди за известување за случајот со киднапирање и убиство на дете, проф. д-р Маријана Марковиќ и проф. д-р Елеонора Серафимовска од Институт за социолошки и политичко-правни истражувања-УКИМ Скопје, подготвија низа препораки за медиумите.
„Освен почитување на новинарските стандарди при известувањето за настанот што се однесуваше на киднапирање и убиство на дете, медиумите е неопходно да бидат свесни дека овој настан има карактер на колективна траума, која ја чувствуваат сите граѓани во оваа држава“, порачаа тие.
Апели за етичко и професионално медиумско известување пристигнаа и од Здружението на новинари на Македонија и Советот на етика, коишто најостро го осудија начинот на кој одредени медиуми известуваа за малолетното девојче и ги потсетија новинарите дека мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а известувањето да биде ослободено од сензационализам.
„Објавувањето без проверка, само затоа што некој објавил нешто и некаде на социјална мрежа, а тоа станало вест во медиум, не ги ослободува медиумите од одговорност“, соопштија од ЗНМ и Советот на Етика.
Дека медиумската експлоатација на свирепи злосторства и трагедии може дополнително да го засили трауматизирањето на целото општество согласен е и комуниколот Џигал.
„Во сите истражувања се потврдува дека ваквото известување не само што е неодговорно, туку е и самодеструктивно и за медиумите и за општеството. Медиумите во кризни ситуации мораат засилено да ги проверуваат информациите, внимателно да ги селектираат изворите, да бидат во координација со одговорните институции и стручната јавност и да оневозможат штетни и злонамерни актери да го засилуваат своето влијание и да ги спроведуваат своите неодговорни или деструктивни намери преку медиумите“, заклучува професорот и комуниколог, Сеад Џигал.
Седмата сила има мисија да ја информира јавноста за информации од јавен интерес, но во вакви случаи пред да ја информира јавноста, треба да ја почитува приватноста на личноста, но и личната болка и тага. Онака како што е пропишано и во Кодексот на новинари: