Класови со еден ученик, недоволен број на паралелки, без учебници по странски јазици, со намален број на ученици и вишок наставници, со затворени над 11 основни училишта, неизвесност за јавниот превоз, скапи трошоци за прибор, ниски примања на родителите и барања за повисоки плати на просветните работници, со низа предизвици започнува и оваа учебна година за основците и средношколците.
Само за последните десет години, бројот на ученици во основните и во средните училишта е намален за 27 илјади. Намалувањето на бројот на ученици е особено изразен во средното образование, каде само за десет години, бројот на ученици е намален дури за 20 %. Односно за 17 илјади ученици. Во основното образование, намалувањето изнесува 5 %, односно 10 илјади ученици – покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Денес започнува учебната година, а со тоа и нови предизвици за учениците. Пролетен распуст нема да има, одлучија мнозинството родители, ученици и наставници по направената анкета на Министерството за образование и наука.
Откако минатата учебна година се воведе за првпат пролетен распуст за учениците, сепак новата министерка за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, одлучи да го укине по направената анкета која беше спроведена поради различните ставови во јавноста по однос на пролетниот распуст во основното и средното образование минатата учебна година.
Претходната учебна година, основните и средните училишта од 29 април до 6 мај беа на пролетен распуст. Наставната годинава за основците заврши на 17 јуни, додека за средношколците, како и изминатите години, на 10 јуни.
На првиот училиштен ден, учениците ќе ги добијат учебниците, но не и оние за странските јазици.
„Освен учебниците по странски јазици кои ги нема неколку години наназад и за кои последниот тендер спроведен од претходното раководство е во жалбена постапка, учениците и наставниците во основните училишта на први септември ќе имаат учебници или материјали за учење за сите други предмети,“ изјави Јаневска пред стартот на учебната година.
Во однос на учебниците по странски јазици министерката Јаневска изјави дека учениците можат да учат јазици од серии, а нејзината изјава предизвика реакции во јавноста.
Во меѓувреме, МОН најави дека акцент ќе биде ставен на учебниците по странски јазици од прво до деветто одделение за кои процесот за одобрување е започнат, но и поништен од претходното раководство во МОН и во тек е жалбена постапка, по чие завршување, повторно ќе се објави јавен оглас согласно законските прописи.
Стопирана е и новата концепција за основното образование која годинава требаше да почне да се имплементира во седмо одделение, но ќе се прави нејзина ревизија.
Со имплементацијата во пониските одделение концепцијата донесе спојување на предмети, како „Историја и општество“ за петто и шесто одделение. Одложувањето на примената во седмо одделение значи дека „Историја“ ќе остане како посебен предмет за седмоодделенците, како што и досега.
Се најавуваа и измени за учењето во смени. Но, одењето во две смени исто така останува за повеќето ученици. Според податоците од МОН, едносменска настава оваа учебна година може да почнат само 124 од вкупно 1.095 основни и средни училишта.
Во неизвесност е и јавниот превоз за основците и средношколците од Скопје. ЈСП вози со 50 автобуси помалку и не се знае дали овој недостаток на автобуси ќе ги остави учениците без превоз за училиште.
Јавното Собраќајно Претпријатие информираше дека сите ученици од средните училишта ќе добијат бесплатни билети освен тие од приватните.
„На ЈСП, им се потребни податоци за приватните училишта и финансии од МОН и Град Скопје за да може да направат измени. Но, на темата МОН нагласи и дека „Од буџетот на РСМ се обезбедуваат само средства за финансирање на ЈАВНОТО средното образование“ се вели во соопштението од Сојузот на средношколци.
Прашањето за тоа учениците од приватните средни училишта да добијат бесплатен јавен превоз се отвори уште во 2021 година. Во јуни 2023 година, поранешниот претседател на Сојузот – Лука Павиќевиќ ја поднесе иницијативата до Уставниот суд. Истата година во декември, Сојузот ја оствари својата цел, со тоа што Уставниот суд донесе законско решение дека различен третман на учениците од средното образование во однос на стекнувањето на правото за користење на бесплатен превоз е спротивно на член 9 став 2 и член 44 став 2 од Уставот. Со тоа беше очекувано дека Град Скопје ќе им овозможи на учениците кои немаат картички да ги добијат што поскоро.
Егзодус на население = празни училишта
Егзодусот на населението полека, но сигурно ги празни училиштата. Стравот на кого ќе предаваат наставници и професорите присутен е и оваа година.
„Годинава во прва година имаме оформено едвај три класа, а претходно се оформуваа до шест класа. Додека пак во втора, трета и четврта година сега има по четири класови,“ споделува професорка од средно скопско училиште.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека ланската учебна година имало 182.124 основци или речиси 3.000 помалку од претходната. Средношколците, пак, броеле 69.227 или околу 2.000 помалку за само една година.
Тоа влијаело на бројот на основни училишта. Во учебната 2022-2023 година тој изнесувал 966, а во минатата година биле 11 помалку. Кај редовните средни школи, пак, бројот останал ист – 126.
Ситуацијата е полоша во руралните средини каде драстично се намалува бројот на ученици.
„Веќе имаме класови и со по еден ученик, а изминативе години сѐ почесто се случува да нема доволно деца да оформиме паралелки, па така училиштата се принудени тие паралелки од по еден, двајца, тројца ученици да ги приспојат како комбинирани со паралелки од други одделенија за учениците да не се чувствуваат изоставени и осамени“, раскажува наставник од Истокот на Македонија.
Тој додава дека токму проблемот со сѐ помалиот број на ученици во училиштата влијае на фондот на часови на наставниците поради што се доведени во ситуација да нема на кого да предаваат во иднина.
За само една учебна година, во Македонија, бројот на основни училишта се намалил за 11, а бројот на ученици паднал за 3.000. Се очекува трендот да биде таков и годинава.
Покрај тоа што опаѓа бројот на ученици во основните и средните училишта, и бројот на првачиња последниве неколку години бележи постојан тренд на опаѓање.
Овој тренд од една страна се јавува како последица на стапката на наталитет во Македонија, односно од година во година се раѓаат сè помалку деца. Во последниве десет години се родиле 5.065 бебиња помалку.
Но, од друга страна намалениот број на ученици во училиштата е и резултат на тоа што сѐ повеќе семејства се иселуваат од земјава.
Па, додека од една страна се намалува бројот на запишани ученици во училиштата, расте бројот на ученици кои се отпишуваат, со една од главните причини – отпишување на ученици поради преселба во странство. За трендот на отпишување на ученици, Види Вака пишуваше и минатата година.
Со предизвици се соочува и наставниот кадар
Наставниот кадар пак, учебната година ќе ја започне со протести. Поради непочитување на колективните договори и законот за минимална плата наставниците ќе излезат на протест. Независниот синдикат за образование и наука едногласно донел одлука за серија протести кои ќе започнуваат откако ќе завршат часовите, што значи учениците нема да губат настава. Првиот протест ќе започне во Битола.
Иако министерката Јаневска најави покачување на платите на наставниците за 12% во март идната година, од синдикатите велат дека тоа претставува непочитување на колективните договори и Законот за минимална плата и ќе бараат покачувањето да се случи до крајот на оваа година.
Јаневска во неколку наврати изјави дека наставниците ќе добијат повисоки плати во март идната година, а не во септември.
Но со предизвици не се соочуваат само учениците и наставниците. Проблеми има и во самото Министерство за образование и наука кое е во минус со 5 милијарди денари, оваа информација ја сподели министерката за образование и наука, Весна Јаневска во емисијата „За или Против“ на Алфа ТВ, каде говореше за актуелните состојби во образованието и промените кои ќе следат за време на нејзиниот мандат.
Со сите проблеми и предизвици со кои се соочува образовниот систем и Министерството, најголемиот товар оди кај учениците, а тоа го насочува правецот во кој ќе се движи државата, зашто иднината им припаѓа на младите.