Работниците најавуваат блокади од следната недела доколку до понеделник (утре) до 9 часот не се потпише Колективниот договор кој предвидува зголемување на платите за 6 000 денари и на минималната плата на 600 евра, најави Сојузот на синдикати на Македонија.
Од ССМ велат дека доколку тоа не се случи првите блокади ќе започнат токму од Собранието, бидејќи пратениците една година не го донеле законот за зголемување на минималната плата.
„Одлуката за поведување и започнување на генерален штрајк, кој работниците бараат од нас да биде во траење од 24 часа, ќе ги заштити сите работници кои тој ден нема да ги извршуваат своите работни обврски, нема да извршуваат својата работа, кои тој ден ќе одлучат да излезат на улица како што излегуваат нивните колешки и колеги во Франција, во Грција, во Белгија и да им покажат на секој еден газда дека нема да му молчат. Тогаш синдикатите, Законот ги штити работниците. Ќе определиме само нужни работи кои треба да се извршуваат, искуството кое го имаме од 2022 година, кога на предходната Влада ѝ направивме генерален штрајк во јавниот сектор, здраствените услуги, безбедноста, ќе бидат наведени како дејности кои согласно Закон имаат должност и обврска да извршуваат дел од нивните работни задачи за да не се доведеме во некоја непријатна ситуација, но сите останати кај имаат полно право да застанат позади одлуката за генерален штрајк“ – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на прес-конференција одржана два дена по протестот.
На протест за покачување на минималната плата граѓаните и Сојузот на синдикатите на Македонија, побараа пратениците и Владата да ги симнат розевите очила и да ги погледнат во очи работниците.
Веќе две години не е покaчен износот за минимална плата во Македонија иако расте минималната синдикална кошница, па според ССМ за околу 9500 денари секој од нас е посиромашен односно онолку колку што е зголемена вредноста на минималната синдикална кошница.
„Оваа влада, јаде цреши, манго, папаја, бифтек и што уште не во владината менза, која не можеме ниту да ја замислиме, а не убедува премиерот дека тој не пие нескафе, дека не јадел црешни и дека не јадел гројзе. Дозволете ми да упатам порака дека ова денеска може да биде само нов почеток на раст на работничките плати или почеток на крајот на мизерните плати зашто ќе се бориме без да отстапиме ниту милиметар“ – порача на протестот Слободан Трендафилов – претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија и ги повика функционерите да живеат со 397 евра колку што изнесува минималната плата во Македонија само еден месец.
Илијадници работници протестираа по скопските улици
„Не се живее веќе со мизерни плати“ – порачаа граѓаните марширајќи по скопските улици почнувајќи од Работничкиот дом, до Собранието, Стопанската комора па сѐ до Владата.
Зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6000 денари – побараа граѓаните и синдикатите, укажувајќи на инфлацијата и неможноста на македонските работници да си ги дозволат основните трошоци за живот.
„Нас денес овде не нè собра политиката. Нè собра маката, нè собра неправдата, нè собра сиромаштијата, нè собраа платите што не ни стигаат ни до 10-ти месецот. Нè собраа празните фрижидери и цените во маркетите, нè собра синдикална минимална кошница што изнесува 65 000 денари кој никој не може да си ја дозволи на најниски цени во маркетите“ – изјави Трпе Деаноски, Синдикат на УПОЗ.





ССМ побара до крај на неделата да се усвојат измени и дополнување на Законот за минимална плата и да се зголемат платите, упатувајќи пораки до пратениците во Собранието кои една година одбиваат да донесат измени на Законот за минимална плата.
„Собранието, луѓето на кој вие им давате мандат, не работат за вас. Луѓето кој вие ги бирате да си овозможат луксуз за себе, а за вас трошки. 120 избрани пратеници во Собранието една година одбиваат да донесат измени на Законот за минимална плата со кој платите на работниците ќе се зголемат за најмалку 6 000 денари, а минималната плата нема да биде под 600 евра. Сакам да упатам порака до нив, како што упатувавме порака и до предходните состави на Собранието: Многу лесно се паѓа од удобната функционерска фотелја на тврдо работничко столче. Веднаш, уште утре, да предложите измени и дополнувања на Законот за минимална плата, за да се сголеми на 600 евра“ – порача претседателот на ССМ на протестот.
Притисок врз работниците кои излегоа на протест
Два дена по протестот, на прес-конференција од ССМ изјавија дека имаат информации за вработени на кои им бил вршен притисок да не излегуваат на протест и да не членуваат во Сојузот на синдикатите бидејќи ќе се соочат со откази од работа, намалување на плати, репресии и слично.
200.000 работници во Македонија зимаат плата под 30.000 денари
Од Сојузот на синдикатите посочуваат дека 200.000 работници во Македонија зимаат плата под 500 евра, за разлика од функционерите кои уживаат привилегии и за 78% зголемени плати, со дополнителни 10% покачување на платите најавени за од месец февруари.
На протестот потсетија и дека вработените во одбраната, немаат зголемено плата две години. Вработените во полицијата добија скратени плати за 2%. Вработените во комунална хигиена добија 10% наместо 12% зголемена плата, а немале добиено плата два месеци. Вработените во пошта пред некој ден протестираа затоа што до 15 не им била исплатена платата и од тамошното раководство биле оставени за најголемите празници без плата. Како и непочитување на колективните договори каде минатата година, наместо 12% зголемени плати во јавниот сектор, во култура се зголемија за само 5%, во образование наместо двапати по 12%, се зголемија за 7% и 5%.
Онака како што нѐ поддржувате години наназад за политички поени на работничкиот грб, дојдете застанете со нас и поддржете нѐ за зголемување на работничките плати – порачаа граѓаните истакнувајќи и дека голем број од луѓето се иселуваат од државата во потрага за достоинствен живот.
„Ако платите растеа како што баравме и како што бараа работниците, денеска немаше да бидеме тука. Ќе бевме во нашите домови, со нашите семејства. Но за жал, заради овој симбол позади нас, на најголем дел од вас му заминаа најблиските. Браќата, сестрите, колегите, комшиите. Заминаа на печалба. Но не заминаа само тие, заминаа цели семејства. Семејства кои се гледаат прику Вибер, семејства кои не можат да прослават празник заедно“.
Во обид за подигање на свеста за прекршување на работничките права и замолчување на работниците, Види Вака ги подготви документарните филмови „Прекини ја нишката“ и „Концептуален крој“ каде преку социјално ангажирани филмови им дава глас на работниците.