Работнички права – реалност или илузија?

Истокот од земјава и натаму е центарот каде најмногу се прекршуваат работничките права. Прочитајте повеќе во мултимедијалната приказна на Види Вака кои се најчестите неправди на работните места.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Мајда Б. Атанасовска
Продукција: Види Вака

„Како и секој работен ден, дојдов на работа. На крајот на работното време, шефот на смена ме извести дека има плико за мене во кое пишуваше дека сум отпуштена од работа, иако претходно не добив никакво известување. Кога отидов во Заводот за вработување, дознав дека сум пријавувана од месец за месец, а последните шест месеци ме одјавувале и пријавувале од една во друга фирма, и така две години во различни фирми, од страна на истите газди.“

Ова е еден случај од илјадниците прекршувања на работничките права во земјава со кое се соочила жена од Повардарието. Сведочењето ни го раскажа сега невработената работничка која поради страв од реакциите на околината за неа и нејзиното семејство, но и за понатамошно вработување побара да не го откриваме нејзиниот идентитет. Таа не е единствената на која и е повредено работничко право. Во земјава, илјадници други се соочиле со иста или слична ситуација. Види Вака подготви онлајн прашалник кој не е репрезетантивен примерок, но 66-те одговори од граѓаните дадоа увид во неправдите на работните места.

Анонимна пријава

„Откако завршивме огромен проект дојде газдата и ни кажа: „Жал ми е нема пари во фирмава за плата“.“

Анонимна пријава

„Покачувањата на основната плата ги добивав во кеш на рака.“

Анонимна пријава

„Два пати ми беше намалена платат без никакво образложение.“

Анонимна пријава

„Ме прераспределија на друга работна позиција после породилното отсуство и ми ја дадоа платата која е предвидена за тоа работно место.“

Анонимна пријава

„Имав проблеми со работодавачот бидејќи сакаше да ме одјави за време на патолошка бременост и не сакаше ми даде плата.“

Анонимна пријава

„Не потпишав договор, ми рече дека договорот автоматски се продолжува по 3 месеци на определено и на крај после три и пол месеци ми даде отказ без претходно да ми каже најава.“

Анонимна пријава

„За минатава учебна година добивме пократок договор од “сработеното”. Поточно, месеците јануари, февруари и март не беа вметнати во договорот.“

Анонимна пријава

„Не ни исплатија к-15.“

Анонимна пријава

„Не потпишав договор, ми рече дека договорот автоматски се продолжува по 3 месеци на определено и на крај после три и пол месеци ми даде отказ без претходно да ми каже најава.“

Анонимна пријава

„Ни побараа да се потпишеме на бел лист хартија без образложение“

Неисплата на минимална плата, прекувремена неплатена работа, работа за време на празник, неисплата на регрес и натаму се најчестите прекршувања на правата кои ги имаат работниците. Сведоштвата укажуваат тие се соочуваат и со недоличен, дискриминаторски однос и присилно потпишување на спогодбени откази или празни листови хартија. Ваквите нерегуларности се случуваат низ целата држава, но ударот на повреди на права е најтежок за Истокот од државата, каде се стационирани и голем тел од текстилните, кожарските, чевларските и дрвните фабрики.

ВКУПНО ПРИЈАВЕНИ

4483

НЕПРАВИЛНОСТИ

За овие искуства говорат и податоците од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму велат дека во континуитет најголем број на обраќања се за неисплатени плати, надоместоци, придонеси, додатоци од плата. Само за првите шест месеци од годинава регистрирани се 3.256 обраќања по овој основ, од вкупно 4.483.

„Побарувањата од работниците и од граѓаните, обраќањата до нас беа огромни. Голем број на луѓе се јавуваа, па дури и кога се работеше за поединечните јавувања сите тие бараа совет и правно мислење за цела компанија.“ изјави Лиле Петрова, советник за работни односи при Сојузот на синдикати на Македонија.

Помалку исплатени или воопшто неисплатени плати работниците пријавувале и лани. Првите обраќања на работниците до ССМ биле во врска со одредени компании каде на работниците им било оневозможено да ги користат промотивните мерки на Владата за платено отсуство на родители на деца до 10 години, возрасни, хронично болни работници или пак, во некои компании тоа им било овозможено, но платата им била намалена.

Работниците исто така, укажувале дека им се врши притисок и уцена самите да потпишат спогодбени откази. Но и за трансформирање на договорите за вработувања од неопределено на определено време или предвремено прекинување на договорите на определено време. Ваквите прекршувања се случувале во компаниите од чевларската и текстилната индустрија. Како и во угостителството и металната индустрија.

Работењето на компаниите во земјава го надзорираат 131 инспектор од Државниот инспекторат за труд (ДИТ). Дел од нив се од областа на работните односи, а дел од областа на безбедност и здравје при работа. Годинава до септември, инспекторите утврдиле 12% повеќе нерегуларности при инспекциските надзори во однос на минатата година.

Директорката на ДИТ, Јована Тренчевска меѓу другото, појаснува дека работниот однос може да престане само во согласност со закон и колективен договор.

„Не може да ти се јави работодавачот и да ти каже од утре не си на работа, ако во договорот за вработување, а мора да стои согласно закон, договорот за вработување, мора да стои отказен рок. Минималните отказни рокови се еден месец, а најмногу три месеци. И сето тоа, односно отказниот рок мора да биде содржан во договорот за вработување.“, истакнува Тренчевска.

Една од ситуациите со кои се соочуваат работниците е и потпишувањето празен лист хартија. Најчесто ваквите потписи коишто работниците ги ставаат од страв или под присила се користат за отказ или кога се прави спогодба за трансформирање на работниот однос од неопределено на определено или од една во друга фирма.

„Во ниеден закон не е пропишано дека работодавачот може да не натера како работник да потпишете бел лист. Напротив, секогаш кога потпишуваме одреден документ пред да го потпишеме треба да го прочитаме, дали се работи за договор за вработување, дали се работи за спогодба за решение за годишен одмор. Кога потпишуваме, кога ставаме потпис на празен лист, ние автоматски се согласуваме дека тој празен лист со нашиот потпис му даваме мандат на работодавачот да го искористи, а често и да го злоупотреби,“ посочува директорката на Државниот инспекторат за труд.

Во ваквите случаи, инспекторите немаат простор за постапување.

Обесхрабреност пред Суд

Работниците иако покренуваат тужби, поради недоверба во институциите, но и финансиските трошоци, многумина од нив се обесхрабрени да водат судски постапки против работодавачите. Често пати самите работници велат дека се демотивирани и поради начинот на однесување на одредени работодавачи и во случаи кога тие веќе имаат правосилна пресуда.

„Кога еднаш веќе водат судска постапка и ако се вратени на работа по правосилната пресуда за незаконит отказ или пак, добиле пресуда за помалку исплатена или неисплатена плата, ќе се реализира пресудата кај работодавачот, но работниците укажуваат дека односот на работодавачот во најголем број случаи повторно е дискриминаторски кон нив и дека повторно имаат проблем во смила на повторно прекршување на работничките права. Сето тоа ги дестимулира и другите работници, ваквото однесување на одредени работодавачи потоа ги обесхрабрува другите работници правдата да ја бараат пред суд.“ вели советничката за работни односи од ССМ, Петрова.

Но прекршувањето на работничките права не треба да ги одвлекува работниците од барање правда. Пријавувањето на нерегуларностите во институциите, но и членувањето во синдикат се дел од механизмите кои може да го зајакнат професионалното работење.  

Види Вака изработи документарен серијал „Пандемониум“, составен од шест кратки документарни филмови посветени на нееднаквоста која дополнително беше засилена со појавата на ковид19 пандемијата. Еден од документарците е посветен на борбата низ иглени уши за работничките права.

Facebook
Twitter
LinkedIn