Хелсиншкиот комитет и здружението Гласен текстилец, за периодот од јануари до декември 2020 година, правна и параправна помош на текстилните работнички и работници им овозможиле на 691 случаи во повеќе општини во Македонија. Најмногу параправна помош имаат дадено во Делчево, на 90 случаи. Додека во Штип на 187 случаи имаат дадено правна помош.
Розета Арсова, која претходно има работено како текстилна работничка, сега како параправничка им помага на работниците и работничките во текстилната индустрија во Кочани. Кажа дека причината зошто се одлучила да биде параправничка е тоа што голем дел од овие работници не си ги знаат доволно своите права.
„Најголема причина беше што повеќето мои колешки не беа доволно едуцирани, не си ги знаеја своите права. Макар сето тоа стои во законот, значи, ама ако ти не бидеш упорен и не знаеш дека тоа постои, не можеш да го оствариш. Сето тоа ме наведе, да станам параправничка, за да им помогам на моите колешки, па и на моите поблиски,“ посочи Арсова.
Работничката од конфекција во Штип, ни посочи дека на овие работници им е потребна поголема мотивација, подобар пристап кон работникот и поголеми плати.
„Можеби малку повеќе совест би им дала на извесни личности или добра волја. А магично стапче нема, барем не тука во Македонија. Или малку повеќе мотивација, со поголеми плати, со малку пофин пристап кон работникот, да не биде разочаран кога ќе знае дека треба да оди на работа или барем со мирна душа да отиде дома и да им каже на децата дека можат да си купат леб денес, или, на некому да не му ја исклучат струјата, да биде без струја, зашто и тоа го има. Магично стапче не постои, треба само совест од човекот,“ истакна работничката од Штип.
Според истражувањето на Гласен текстилец, спроведено на 870 испитаници, 70% од работниците работат прекувремено, 59,3% работат над 50 часа неделно, а само 11,3% кажале дека не работат на празници и за време на викенди.
Со новото законско решение се ветува дека ќе бидат решени овие прашања, недела ќе биде неработен ден, а работниците коишто ќе работат ќе се плаќаат по час. Времето ќе покаже колку овие работи ќе се променат и ќе бидат во корист на работниците.
Мали светли точки на крајот на работничкиот тунел
Во текстилната, кожарската и чевларската индустрија малку фирми ги почитуваа препораките за заштита на работниците во време на оваа светска пандемија.
Според Ампева, има и такви фирми ккои го ценат работникот.
Конфекцијата „Метас“ од Кочани, постои 26 години и има 140 вработени. Со производствен процес организиран во четири производствени линии. На почетокот на пандемијата како компанија се соочиле со многу проблеми, но, се обиделе тоа да не влијае врз нивните работници.
Според менаџерката на конфекцијата „Метас“, Маја Захаријева Ситновска, проблеми со кои се соочувале се откажување на налозите и отсуството на вработените поради користење на мерките.
„Уште на самиот почеток се соочивме со проблемот од откажување на налозите коишто веќе ни беа предвидени во тековното производство. Со тоа, немавме можност да ги пополниме производствените капацитети. Исто така, се соочивме со проблемот од отсуство на вработени поради ослободување на родители на деца до 10 годишна возраст и хронично болните. Меѓутоа, и покрај сите овие негативни ефекти и негативни моменти, ние успеваме да го надминеме овој негативен тренд,“ истакна Маја Захаријева Ситновска, менаџерка во „Метас“.