Универзална сала, скопски саем, Луна паркот, лизгалиштето под Кале, езеро Треска, затворени градски библиотеки и дискотеки – во последниве триесетина години овие објеки и локации беа сведоци на културниот и рекреативниот живот во Скопје и Македонија.
„Градот бил уриван и повторно ѕидан, и секогаш бел и поубав, секогаш желен за слобода, стражарел над Вардар за едно поубаво утре“ – вака некогаш се раскажуваше за Скопје, но „Со кого Скопје град на култура“ – прашаа на последниот протест за работнички права културните работници – оваа реченица воедно ја опишува и пропадната културна страна на Скопје која сведочи за годините негрижа и пропаднати и запуштени објекти кои некогаш биле симбол за културниот живот во Скопје.
Скопјани носталгично се сеќаваат на местата каде што со децении се одржувале концерти, фестивали и манифестации – простори што денес молчат наместо да живеат со културата и за културата.
10 години без Универзална сала
Скопје функционира без Универзална и без саемска сала. Универзална веќе десетина години не е во употреба, а последен настан беше трибината на СДСМ каде се презентираа “политичките бомби”. По овој настан парче од таванот падна во делот на гледалиштето и оттогаш салата е затворена.
Универзална е изградена во 1966, три години по земјотресот, со донација од 35 држави. Симболот на градот беше домаќин на Златно Славејче, Скопски фестивал, Скопскиот џез фестивал…
Низ текот на годините имаше неколку проекти за реконструкција кои не се реализираа, а во септември 2025 година Министерството за култура го презентираше новиот проект за реконструкција на Универзална.
Откако пред две години пожар ја зафати салата и оштети дел од металната конструкција, деновиве започна првата фаза на реконструкцијата односно се урива дел од салата. Според проектот планирано е изградбата да биде завршена до крајот на 2027 година, а инвестицијата за овој објект е проценета на 20 милиони евра.
Од 2028 година се планира Универзалната сала да биде подготвена да биде дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.
Лизгалиштето под Кале – од гордост до руина
Лизгалиштето под Скопското кале кое беше едно од најатрактивните места за рекреација на скопјани денес е заменето со запуштеност и тишина. Некогашното лизгалиште, кое во 70-тите и 80-тите години важело за едно од најпосетуваните места во Скопје, денес изгледа напуштено и занемарено.
Во минатото, овој спортски објект бил центар на зимските активности во градот. Граѓаните го користеле за рекреација, тука се одржувале тренинзи по уметничко лизгање, а се играле и натпревари во хокеј на мраз. Во 60-тите години, лизгалиштето било и домаќин на светско првенство во хокеј, што дополнително ја потврдува неговата некогашна важност. Сепак, поради високите трошоци за одржување на мразот, лизгалиштето престанало со работа. Со текот на годините имало обиди за негова обнова, но тие не довеле до трајно решение.
Езеро Треска – симбол за негрижа
Речиси три децении е оставено да пропаѓа езерото Треска откако во 1998 година беше затворено за капачите поради загаденост на водата.
Мочуриште и корито обраснато со трева е моменталната слика за првото вештачко капалиште во Македонија, езерото изградено со парите од жителите на Скопје во 1978 година, денес е оставено да пропаѓа.
Некогаш Треска било омиленото спортско-рекреативно место за скопјани, но до денешен ден не вродија со плод многубројните ветувања за враќање на сјајот на Треска. Не се реализираше ни ветувањето на Општина Сарај за проект вреден 200 милиони евра за основање на туристичка развојна зона „Сарај – езеро Треска“.
Во застој ноќниот живот во Скопје
Ноќниот живот во Скопје и во земјава се соочува со сериозни предизвици, особено кога станува збор за алтернативната музичка сцена. Иако постои одредена понуда, таа е ограничена и претежно насочена кон еден тип на забава, додека содржини поврзани со електронска, рок и други алтернативни жанрови се речиси отсутни, особено по полноќ. Поголемиот дел од клубовите се затворени, а скопјани имаат само ограничени избори за забава.
Ова беше една од главните теми на дебатата на која учествуваа претставници од музичката сцена, културниот сектор и млади артисти, која се одржа во Лабораториум. Настанот имаше за цел да отвори јавна дискусија за состојбата со ноќниот живот во Скопје, како и за потребата од подобра регулација и институционална поддршка.
Како една од препознатливите дискотеки во Скопје, „Вулкан“ со децении беше симбол на алтернативниот ноќен живот и место каде што се создаваа музички спомени за генерации млади. Денес, овој објект заминува во историјата, откако пред неколку дена започна неговото уривање.
Лоциран во центарот на градот „Вулкан“ со години стоеше напуштен откако престана да работи, но и покрај тоа остана значаен дел од урбаната меморија на градот. Во периодот на своето функционирање, клубот нудеше простор за бројни алтернативни бендови и артисти, со редовни свирки и концерти кои привлекуваа публика во потрага по поинаква музичка сцена. Со уривањето на објектот исчезнува уште едно култно место кое беше дел од културниот идентитет на Скопје.
„Домче“ – културното срце на Тафталиџе проголтано од заборавот и правните лавиринти
Tри децении трае правната битка за заштита и зачувување на „Домче“ откако во 1992 година, сопственоста на објектот преминала на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ). Од 2011 година, по судска одлука, општина Карпош го предала владението на објектот на СПМ, а денес „Домче“ е во приватна сопственост и за него се води судски спор меѓу Социјалистичката партија и Општина Карпош.
Иако пред неколку месеци се расчисти од ѓубре, до неодамна овој објект беше затрупан во ѓубре, небезбеден и пред целосно распаѓање.
„Домче“ е популарното име за објектот на поранешната месна заедница и културен дом во населбата Тафталиџе 1, Скопје, изграден е во 1971 година во бруталистички стил од архитектот Кирил Муратовски, во тоа време бил исклучително значаен за локалната заедница.
Објектот првично служел за сместување на семејства чии домови биле разурнати од земјотресот во 1963 година, а подоцна, „Домче“ станал центар за културни и спортски активности, народна библиотека, КУД „Цветан Димов“.
„Кермес“ во Градскиот парк во Скопје тоне во заборав
Остатоци од недовршена градба е легендарниот ресторан „Кермес“ во Градскиот парк во Скопје – некогашниот ресторан стои во руини многу години, иако беше најавувано дека ќе се обнови.
„Кермес“ денеска служи како јавен тоалет за посетителите на паркот, а некогаш На платото пред „Кермес“ биле приредувани концерти од страна на Градскиот оркестар.
Кафеаната била изградена во 70-тите години од 19 век, а веќе над 20 години објектот стои во почетна фаза на градба и никако да се изгради.
И покрај тоа што Скопје се подготвува да ја понесе титулата Европска престолнина на културата во 2028 година, реалноста на терен укажува на долгогодишна институционална негрижа и недостиг од системска поддршка. Пропаѓањето на некогашните симболи на културниот живот не е само прашање на инфраструктура, туку и на приоритети. Доколку културата навистина треба да биде двигател на развојот, тогаш обновата и грижата за овие простори мора да стане суштински дел од визијата, а не само декларативна заложба.