„Повторно сме овде и оваа година пред портите на Министерството за култура. И се прашувам, до кога? Сигурно истото прашање си го поставувате и вие. Ќе има ли конечно мир за нас културните работници? Ќе нѐ остават ли конечно да работиме без постојано да ни создаваат нови проблеми? Очигледно, ова Министерство почитува само една традиција – традицијата на протести. Секоја година наоѓа нов повод да нѐ собере токму овде.“

Речиси секоја година во март и април културните работници во Македонија – чуварите на минатото, креатори на иднината, луѓето кои придонесуваат за создавање, зачувување и ширење на културните вредности, се доведени на работ на трпението и достоинството и приморани се да излезат на улиците.
„Загрозени ни се основните работнички права. Овојпат не станува збор само за платите, кои веќе втора година по ред ни ги кратат. Овојпат се доведени во прашање сите наши изборени права – права за кои заедно се боревме и кои ги изборивме пред шест години по цели три децении занемарување. Да ги потсетиме – бевме единствениот сектор каде колективните договори се потпишуваа само на хартија, а никогаш не се спроведуваа,“ истакнаа културните работници на протест.
Обидот да се укине колективниот договор од страна на министерот за култура, Зоран Љутков и Уставниот суд е причината поради која околу 2400 вработени во култура се борат за нивните права.
Колективниот договор кој го чекаа три децении, а за кој се бореа 15 години, сега е исправен пред одлука за укинување од страна на Уставен суд.
Околу 80 проценти од културните работници земаат плати меѓу 35.000 и 55.000 денари
Вчера пред зградата на Министерство за култура во Скопје се одржа протест на вработените во културата, организиран од Синдикат на култура на Република Македонија (СКРМ), поради незадоволство од состојбите во секторот и најавите за измени што ги засегаат нивните работнички права.

Културните работници изразија загриженост дека со актуелните процеси се загрозуваат веќе стекнати права, вклучително и платите, кои, според нив, се намалуваат во изминатиот период.
Од Синдикатот велат дека Колективниот договор за култура го чекале 30 години, а преговарале 15. Дополнително, според нивните ставови, отсуството на социјален дијалог и исклучувањето на Синдикатот од процесите на одлучување довело до зголемен број судски постапки.
800 тужби поднесоа културните работници поради како што велат усно давање насоки за пресметка на плата и непочитување на судски пресуди. Синдикатот поднесе жалба до Меѓународната организација на трудот, а најавува и генерален штрајк во мај доколку не се постигне решение.
Според културните работници потребно е прво да се донесе нов Закон за култура бидејќи постоечкиот е стар 28 години.
Уставниот суд поведе потапка за оценување на уставноста на Колективниот договор. Според културните работници, оваа постапка директно ги засега правата, платите и работната сигурност на културните работници.
Културните работници бараат почитување на постојниот колективен договор, вклучување на синдикатот во сите процеси на креирање политики и законски измени, како и воспоставување вистински социјален дијалог. Воедно, тие најавуваат продолжување на протестите доколку нивните барања не бидат земени предвид.
„Бараме да не ни се намалуваат правата под изговор на реформи. Бараме да не се одзема она за што сме се бореле со години. Не прифаќаме да нè делат на премногу платени и помалку вредни. Бараме да се признае вредноста на културниот работник преку достоинствени услови за работа и сигурна иднина. Бараме синдикатот да биде вклучен во сите процеси на изготвување или измена на Законот за култура. Бараме да се започне вистински, а не формален дијалог. Дијалог не значи соопштени ултиматуми. Дијалог значи решение со вклучени две страни. Бараме да се прекине притисокот врз културните работници и дискредитација на Синдикатот на култура. Ние не сме противници, ние сме луѓето што ја создаваат културата. Да живее колективниот договор за култура,“ ги истакна Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ, дел од барањата.
Спорно е што платите се пресметувале според Колективниот договор, а не согласно Законот за култура – изјави судијата известител Татјана Васиќ – Бозаџиева.
Уставните судии на седница за расправа за колективниот договор за култура изразија сомнежи дека одредени одредби од договорот не се усогласени со важечките закони и Уставот. Во фокусот на разгледувањето е начинот на пресметка на платите во културниот сектор. Според изнесеното на седницата, постои дилема дали е дозволиво платите да се утврдуваат врз основа на Колективен договор, наместо преку законска регулатива.
„Колективниот договор не е документ, тоа е нашата слобода. Слобода од чиновничкото его, слобода од партиска математика, слобода од луѓе што никогаш не стапнале на сцена, а мерат вредност. И сега истите тие ни велат: „Не сме против договорот, ама мора да се прилагоди на актуалните услови.“ Ајде да прашам, на кои услови да се прилагоди? На инфлацијата? Па тогаш зголемете ги платите,“ се истакна на простестот.
За споредба, Турција е земја каде колективниот договор бил укинат, но Европскиот суд за човекови права во Стразбур јасно утврдил дека тоа било бесправно. Односно се покажало како спротивно на европските стандарди и ратификувани конвенции.
„И сега ние, ние како втора земја, ќе бидеме првите што ќе го оспорат колективното договарање. Првите што ќе барат причина да не важи колективен договор за 2400 работници по секоја цена. Ова не е само правно прашање, ова е прашање на принцип, прашање на правичност, прашање на тоа дали стоиме за дредностите за кои декларативно се залагаме,“ истакнаа културните работници.
Прекини ја нишката за прекршување на работничките права!
Во обид за подигање на свеста за прекршување на работничките права и замолчување на работниците, Види Вака ги подготви документарните филмови „Прекини ја нишката“ и „Концептуален крој“ каде преку социјално ангажирани филмови им дава глас на работниците.