Праведна Зелена транзиција – Пркос за безгласните

Светот започна една нова ера за подобрување на животната средина, нашата земја треба да се движи во тој правец за да добиеме праведна зелена транзиција за сите.
Автор: Љубица Иванова, Ангела Петрова, Бјанка Станковиќ, Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Горан Бошковски и Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Во Македонија постојат млади луѓе кои се грижат за животната средина. Едни од нив се учениците од средното училиште „Орде Чопела“ од Прилеп, тие создадоа еко панел за прочистување на воздухот, создадоа и систем капка по капка за училишната градина, од градината плодовите ги носат во училишната пекара и таму подготвуваат храна заедно со маргинализирани или лица со попреченост.

Но во Македонија постојат и луѓе кои се грижат за зелената транзиција преку вклучување на поранешни зависници од дрога, алкохол и коцка, па произведуваат органски производи преку соларни сушари. Постојат и мали зелени бизниси кои прават грицки за миленици.

Сите овие индивидуалци или зелени бизниси го прават малиот, но многу значаен исчекор во животната средина за да дојдеме до праведна зелена транзиција за сите.

Доколку го прашате ChatGPT што е праведна зелена транзиција, тој ќе ви одговори дека „Зелената транзиција е клучна во борбата против климатските промени и создавањето на одржлива иднина за следните генерации. Зелената транзиција вклучува заеднички напори на владите, бизнис секторот, поединците, но бара и големи инвестиции и промени во политиките, технологиите и начинот на живот.“

ChatGPT е во право со дефинирањето, но во време кога светот транзитира кон зелената и праведната транзиција, економската криза и енергетската сиромаштија во Македонија уште повеќе ги нагласија проблемите и предизвиците на граѓаните од социјален ризик.

Според Зелениот Европски договор, праведната транзиција значи да не се изостави никој во општеството и економијата.

Праведната зелена транзиција се однесува на потребата од спроведување на промени кон создавање на одржлива и зелена економија, заснована врз принципите на фер, правичност, праведност и социјална вклученост на различните поединци и групи кои живеат во социјален ризик. Реализирањето на зелена трансформација и спроведувањето на зелените политики во периодот кој ќе следува согласно стандардите на ЕУ и усвоените регулативи и директиви се претпоставува дека најмногу ќе ги погоди економски загрозените заедници и луѓето во ризик кои секојдневно употребуваат не-еколошки извори на енергија за задоволување на своите животни потреби особено во зимскиот период. Иако зелената транзиција има за цел унапредување на животна средина, намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата, намалување на негативните влијанија на климатските промени, неправедната транзиција директно ќе влијае врз социјалниот и економскиот статус на сиромашните со што дополнително ќе се влијае врз нивната благосостојба, здравјето и здравствениот статус.

Социјално загрозените граѓани се соочуваат со низа предизвици

И оваа зима Струмица беше центар на загаденоста, а граѓаните кои живеат во социјален ризик беа први на мета во битката против загадувањето.
Иако Костадин Костадинов – градоначалникот на Струмица, посочи дека нема компромиси за несовесните дивонаселени жители кои го загадуваат воздухот, конкретно решение не им се понуди.

Според Ѓорѓи Танушев, советник во Општина Струмица и екологист „Здрава Котлина“, општината треба да ја решава социјалнатa димензија, а потребни се низа мерки кои треба да се преземат, почнувајќи од социјалната населба на која граѓаните сè уште чекаат.

Граѓаните кои живеат во импровизирани живеалишта, без основни услови за живот меѓу кои и греењето во зима како еден од главните проблеми, со дислокација во социјална населба би добиле пристојно место за живеење а во тој поглед би се решило и прашањето за греење, а граѓаните би биле вклучени во фер и праведна зелена транзиција.

„Имаме обврска кон социјалните случаи и таа редистрибуција на средства, треба да биде една вид праведна транзиција за сите, бидејќи, кога некој нема и мора да се грее на нешто што загадува, тогаш цената ја плаќаат сите, без разлика и тој што инвестира во многу скапи системи, го диши истиот воздух што е загаден од тој што нема, а мора да се грее. И тука таа треба да има една вид еднаквост во тој поглед“, истакнува Танушев.

На почетокот на годината градоначалникот на Струмица во изјава за Види Вака рече дека во завршна фаза е првата фаза од проектот, додека месецов од терен им порача на граѓаните да бидат трпеливи и дека при крај се градежните работи од првата фаза во социјалната населба.

Видеото оригинално е објавено на 11.1.2024 година

Македонија бавно чекори кон зелената транзиција

Енергетската сиромаштија е една од појдовните точки на енергетската транзиција, но и еден од главните предизвици за Македонија на патот кон Зелена транзиција.

Додека во земјите членки на Европа процентот на население кое е енергетски сиромашно е помеѓу 10 и 20%, енергетската сиромаштија во Македонија и регионот се движи од 40 до 60%.

Дека Македонија не работи доволно и бавно чекори кон зелената транзиција посочува Александар Ѓорѓиевски, претседател на Здружението „Изгрејсонце“ од Скопје. Според него клучна е трансформација на регионите, но и вклученост на сите граѓани.

Се разбира дека условите се креираат од страна на оние што ги креираат политиките,  но и граѓаните би требало да бидат вклучени во носењето на одлуки и во информираноста, да знаат што можат да направат за поголема ефикасност во домовите, во компаниите во кои работат и било кој сегмент од економијата во кој учествуваат. Јас би рекол дека во овој сегмент игра многу голема улога и цената на енергенсите откако настапи енергетската криза. Цената на енергенсите се зголеми и ние веќе имаме огромни инвестиции во овој дел,  на пример, компании странски и домашни, вложија огромни средства во соларни централи. Но сепак јас ќе кажам, не е тоа доволно за да биде праведна транзицијата, во таа транзиција и во тие инвестиции треба да учествуваат и самите домаќинства и самите граѓани, нормално и малите компании, оние што се поизложени и по неотпорни на овие економски ризици и оваа енергетска криза која настапи,“ посочи Ѓорѓиевски.

Доколку праведно се спроведува, зелената трансформација може позитивно да се одрази на маргинализираните групи граѓани, а придобивките од истата веќе се чувствуваат во некои од Европските држави.

Како што посочува Ѓорѓиевски, целта е Зелената трансформација да биде со што помалку жртви во економијата, особено оние најранливи категории што се во општеството и социјалата, а зелените работни места можат да бидат комплетно решени за оваа транзиција.

„Кога би го погледнале од аспект на енергетска транзиција, овие заедници би можеле да учествуваат во изградба или монтирање на соларни централи и во одржување на соларни, на ветерни централи, да се обучат и така, значи, добиваат вработување на зелено работно место кое ќе биде чисто и добро платено“, истакна Ѓорѓиевски.

Видеото оригинално е објавено на 28.3.2024 година

Од училница до менување на животната средина

„Иднината е на младите!“ Вака не пречекаа професорите од Средното општинско училиште „Орде Чопела“ од Прилеп. Во ова училиште ги има струките од секторот хемија и технологија, земјоделство, рибарство, ветеринарство, градежно геодетска струка, како и здравство и социјална заштита.

Јане Нелоски е матурант во ова училиште на насоката фитомедицина. Според него, многу е важно знаењето што го стекнува во училиште, да го примени дома, во нивите што ги обработуваат неговите родители, но и да помогне со заштитата на животната средина.
„Мене ми е голема чест, затоа што јас живеам и во село и ми е позната работата и многу ми помага овдешното учење преку практиката и го применувам во домашните услови,“ кажа Нелоски.

Според професорот Ѓорѓија Гагалевски, голем дел од работите што ги прават во училиштето се идеи кои потекнуваат од самите ученици.

„Во последно време многу се зборува за тие зелени вештини, за зелена трансформација, за тие зелени работни места. Ние можеме да се пофалиме дека уште пред 10 години ја имаме таа практика во училиштето. Ние тоа го викавме зелени работни места и едноставно се снаоѓавме со тоа што ни е најблиску до нас да го искористиме, а од друга страна да не влијаеме штетно врз животната средина. На пример, прв проект ни беше со фотоволтаици. Односно кај животните сакавме да овозможиме нивна благосостојба, односно тргнувајќи од фактот дека со климатските промени е зголемена температурата, а со тоа се јавува и топлотен стрес кај животните. За да го спречиме, ова баш беше идеја на ученик, поставивме во самиот живинарник термометар со термостат да ја регулира температурата. Поставивме и фотоволтаици и мислам дека сме први на ниво на Македонија што поставија фотоволтаици во една мини фарма во училиштето,“ посочи професорот Ѓорѓија Гагалески.

Видеото оригинално е објавено на 18.4.2024 година

Зелени работни места за зелена транзиција

Зелени работни места може да се најдат и на пет километри од Струмица, каде се наоѓа тераписката заедница „Покров“. Тука се сместени поранешни зависници од дрога, алкохол и коцка. Со окупационата терапија, тие сами садат, одгледуваат, берат, сушат и продаваат раноградинарски култури како домати, пиперки, модри домати, цвекло и така натаму. Во оваа работа, користат и соларни сушари за сушење на зеленчуците. За нив, сушарите се од голема помош бидејќи на тој начин заштедуваат електрична енергија, но и го зголемуваат производството. Идејата е во иднина да користат единствено еко сушари кои се напојуваат преку сончева енергија.

Со еколошкиот и органски начин на работа тие се дел од зелената трансформација. На овој начин, терапевтската заедница не самиот простор зарехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција туку и креира зелени работни места за поранешни зависници.

„Важно е воопшто човекот да се сврти и кон овие работни места, меѓутоа и да почне да ги користи сите овие технологии. Би било одлично кога би успеале, не сите, бара еден голем дел од луѓето кога би се преориентирале на производство и конзумација на здрава храна,“ вели Сократ Манчев, претседател на Здружение „Избор“ и еден од основачите на тераписката заeдница „Покров“

Заедницата „Покров“ користи соларна сушара за овошје и зеленчук која ја произведува фирмата „Еко Солар“ од Штип. Освен сушари, „Еко Солар“ произведува и воздушни сончеви колектори.

„Како што знаете, постојат три типа на сончеви колектори. Термални за производство на топла вода, фотоволтаични за струја и воздушни сончеви колектори. Воздушните сончеви колектори имаат за задача да внесат воздух од надворешноста, да ја загреат и потоа таков топол воздух се внесува внатре во просторијата. Дали тој топол воздух ќе се користи за загревање на простор или за користење на сушари, за предгревање на воздухот во сушарите, тоа е сепак зависи од самиот клиент што ќе побара,“ изјави Зоран Трајков од фирмата „Еко Солар“.

Како што објаснува тој, вредноста на овие воздушни колектори е тоа што тие се доста едноставни во конструкцијата и може да се применуваат во многу области.

Имаат многу голем век на траење, над 20 години. Овој што е поликарбонат или лексанот што го викаат, тој е отпорен на УВ зрачење и е многу добар термички изолатор. Фактички, внатре се создава ефект на стаклена градина и се затоплува воздухот. Многу е добар за загревање на воздух во ходници, во канцелари, подруми, затворени базенти, сушари и така натаму. Може да се реплицира овој воздушен колектор во многу гранки во индустријата или во прехрамената индустрија и така натаму,“ појаснува Трајков.

Видеото оригинално е објавено на 16.5.2024 година

Ветеринарките Катерина Јовановска и Марина Тодороска Тошеска, со својот мал зелен бизнис, одлучија да се посветат и на милениците, тие создадоа грицки за кучиња и мачиња. Грицките „Tricky Treats Tail“ се прават низ еколошки процес, се 100% природни, без алергени и со високо ниво на протеини.

„Во првобитниот концепт за производството на овие грицки бевме водени од мислата како да дадеме придонес за зелена транзиција и како ние две да станеме дел од цветот на зеленото претприемништво. Со самото тоа што користиме нуспроизвод од животинско потекло, значи влијаеме и придонесуваме за правилно оправување со отпадот. Дополнително тука ја покажуваме и грижата за животните, заради тоа што производството на храна со себе бара дополнително колење. На овој начин ние придонесуваме да не го има тоа. Тука да ги искористиме тие нуспроизводи од животинско потекло коешто нормално може да се користат во храната на животните. И на еден иновативен начин со користење на пониско количество на електрична енергија. Води кон една енергетско ефикасна практика, да ги производуваме овие грицки коишто пак се здрави за животните. Така што покажуваме и грижа за планетата Земја и грижа за животните. Но, секако и грижа за луѓето коишто сакат нивниот миленик да е среќен и да има здрава и вкусна храна,“ истакна Марина Тодороска Тошеска.

Видеото е оригинално објавено на 21.05.2024 година

Паметни еко згради

Една третина до една четвртина од луѓето во земјава можат задоволително да го загрејат домот, македонското население живее во енергетска сиромаштија. Но што е со институциите? Тука се користи државниот буџет за плаќање на сметките за струја и вода на институциите. На прашање до ЕВН, колку институциите трошат струја добивме одговор дека не располагаат со такви податоци.

Според регулативите на ЕУ, од 2030 година сите нови згради мора да бидат со нулта емисија.

Паметните еко згради значително ја намалуваат потрошувачката на електрична енергија, со користење на обновливи извори. Овие згради овозможуваат оптимизација на енергетските системи, што води до намалување на емисијата на штетни гасови. Зголемувањето на енергетската ефикасност директно влијае на заштедата на трошоците и намалувањето на увоз на електрична енергија, што во Македонија изнесува од 20% до 30% од вкупната потрошувачка.

Видеото оригинално е објавено на 23.5.2024 година

Праведна зелена транзиција за сите

И додека Македонија бавно чекори кон зелената транзиција, европските држави веќе ги чувствуваат придобивките и се европски лидери во енергетска трансформација.

На пример Данска е позната по ветерниците и е меѓу водечките земји во производство на ветерна енергија, а има цел да биде 100% независна од фосилни горива до 2050 година.

Шведска е една од лидерите во зелена транзиција, со амбициозни цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и зголемување на употребата на обновливи извори на енергија. Шведска има планови да биде целосно независна од фосилни горива до 2045 година.

Данска е позната по своите ветроелектрани и е меѓу водечките земји во производство на ветерна енергија. Земјата има за цел да биде 100% независна од фосилни горива до 2050 година.

Германија води во зелена транзиција преку својата политика „Energiewende“ која има за цел да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија во енергетскиот микс и да ја намали емисијата на стакленички гасови.

Финска има амбициозен план да биде јаглеродно неутрална до 2035 година. Земјата инвестира значителни ресурси во развој на зелени технологии и обновливи извори на енергија.

Норвешка е предводник во користењето на хидроелектрична енергија и има за цел да го намали користењето на фосилни горива. Норвешка, исто така, е една од водечките земји во однос на електричните возила.

Исланд е лидер во користењето на геотермална и хидроелектрична енергија. Речиси 100% од електричната енергија во земјата доаѓа од обновливи извори.

Костарика е пример во Латинска Америка за зелена транзиција. Земјата има за цел да биде јаглеродно неутрална до 2050 година и веќе голем дел од енергијата ја добива од обновливи извори како хидроелектрична, геотермална и ветерна енергија.

Овие држави покажуваат како може да се направи успешен премин кон одржлив и еколошки начин на живот и да се намали зависноста од фосилни горива.

Македонија е во процес на зелена транзиција, но се соочува со значителни предизвици и има уште многу работа пред себе. Некои клучни аспекти и напори во оваа насока вклучуваат:

Политики и стратегии: Македонија има усвоено неколку стратегии за енергетика и климатски промени, како што е Националниот план за енергетика и клима (NECP) за периодот 2021-2030 година. Овој план вклучува мерки за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Обновливи извори на енергија: Иако има значителен потенцијал за искористување на обновливите извори на енергија, особено соларната и ветерната енергија, моментално овие извори не се доволно развиени. Сепак, постојат иницијативи и проекти кои имаат за цел да го зголемат нивниот удел во енергетскиот микс на земјата.

Енергетска ефикасност: Се преземаат мерки за подобрување на енергетската ефикасност, особено во секторот на градежништвото и индустријата. Ова вклучува проекти за реновирање на згради и воведување на поефикасни технологии.

Емисиите на стакленички гасови: Македонија се обврза да ги намали емисиите на стакленички гасови, но ова бара значителни инвестиции и промени во инфраструктурата. Главните извори на емисии се енергетскиот сектор, транспортот и индустријата.

Меѓународна соработка и финансирање: Земјата активно бара поддршка од меѓународни партнери и фондови за финансирање на зелени проекти.

Законска и регулаторна рамка: Постепено се воведуваат нови закони и регулативи за поддршка на зелената транзиција, вклучително и регулативи за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Сепак, Македонија се соочува со бројни предизвици, како што се недостигот на финансиски средства, потребата од модернизација на инфраструктурата и политичката стабилност. Постојат значителни напори за подобрување, но процесот на зелена транзиција е долг и комплексен.

На ова поднебје, зборот транзиција од минатото носи едни поинакви спомени и доживувања. Во современиот свет зелената транзиција ги вклучува фундаменталните промени во општеството имајќи ги предвид глобалните тенденции во животната средина.

Светот започна една нова ера за подобрување на животната средина, нашата земја треба да се движи во тој правец за да добиеме праведна зелена транзиција за сите.

Facebook
Twitter
LinkedIn