Парадоксот на седмата сила, помеѓу сиромаштијата и слободата

Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ, Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

Професија која многу бара, а малку дава за возврат. Не е ценета, не е просперитетна и од неа не може да се збогатите. Вака отприлика гласат размислувањата за новинарската професија. Но, ова не е далеку од вистината. Во Македонија, новинарите имаат голем број предизвици и не постои новинар кој не ги искусил на своја кожа.

Главните проблеми се ниските плати, стресот во работата како и непочитувањето на некои од основните работнички права кои се гарантирани со Законот за работните односи.

Во онлајн медиумите еден од најголемите проблеми е ангажирањето на новинарите врз хонорарна основа или со договори на определено време, покажа истражувањето „Работните услови во медиумскиот сектор, професионален статус и работнички права на новинарите и медиумските работници“ на РЕСИС и ССНМ.

Во локалните и регионалните медиуми пак, постојано се намалува бројот на вработени и новинарите се маргинално застапени, во просек по еден и пол новинар работи во овие медиуми.

Предизвиците на медиумските работници – тужби, ниски плати, недефинирани договори за работа, лоши услови за работа

Еден од најзагрижувачките наоди е тоа дека околу половина од новинарите и 70% од медиумските работници имаат примања под просечната месечна плата (37.065 денари, мај-октомври 2023), што потврдува дека новинарството е слабо платена професија, што ги прави новинарите ранливи и подложни на различни влијанија. Ова значи дека и покрај законските гаранции за слободата на медиумите и на новинарите, без нивна стабилна и поволна социо-економска состојба тешко ќе се постигне професионално и објективно новинарство.

Во медиумите во Македонија работат околу 2.100 луѓе, распоредени на 3.146 работни позиции, покажа повеќемесечното истражување спроведено во текот на 2023 година.

Притисоците врз новинарите – удар врз демократијата

Телефонски повици, смс пораки, онлајн вознемирувања, директни и индиректни закани, тужби за навреда и клевета за напишан текст, новинарот е подложен на најразлични притисоци со една цел, да биде запрен во својата работа, односно да се откаже од истата.

Од осамостојувањето на Македонија па досега, новинарите поминаа низ различни времиња кои ја брануваат оваа професија. Ако во минатото новинарите беа тужени за навреда и клевета поради напишани текстови и од нив, но и од медиумите се бараа илјадници евра, денес новинарите добиваат тужби за едно евро. Целта сега не е економското исцрпување на медиумите, туку нарушување на професијата.

Во последниве години, медиумските здруженија бележат зголемен тренд на тужби за клевета кон новинари. Од почетокот на годинава покренати се 11 тужби кон новинари и медиумски работници, покажуваат податоците на Здружението на новинари.

Видеото е оригинално објавено на 27.12.2021

Во последните десет години, од 2014 па досега, во Здружението на новинари на Македонија регистрирани се 86 случаи на напади врз новинари.

Од пријавените напади во ЗНМ, најмногу имало во 2017 година – вкупно 16 напади, а најмалку пријавени напади има годинава – два. Пријавите најчесто се однесуваат за коментари со експлицитни смртни закани кон новинарите, вербален и физички напад, напади врз новинарска екипа, попречување во нивната работа на терен и уништување на приватен имот. Речиси сите од овие случаи се пријавени во Министерството за внатрешни работи низ текот на годините, но за најголем дел од овие пријави нема разрешници или институционален одговор. Нападите врз новинарите доаѓаат како закани од политичари, активисти на политички партии, бизнисмени, моќници и граѓани во живо и на социјалните мрежи.

Види Вака подготви и интерактивна прстолизгачка приказна за притисоците со кои се соочуваат новинарите во земјава поради нивната работа.

Видеото е оригинално објавено на 14.10.2022

Поголеми проблеми во помалите средини – локалните медиуми во опасност од исчезнување

Од попишаните 139 новинарски работни позиции кај локалните и регионалните ТВ станици, 61% се хонорарни позиции. Во вкупно 32 локални и регионални ТВ станици редовно се вработени само 54 новинари.

Според овие податоци од истражувањето на РЕСИС и ССНМ, потребна е нова стратегиска рамка и нова регулаторна политика, бидејќи локалните и регионални медиуми се во изумирање што отвора ризици за работничките права на новинарите.

Одовде, за разлика од новинарите од поголемите редакции кои сметаат дека имаат слобода во изборот на теми во процесот на продукција на вестите, изборот на темите за известување во регионалните и во локалните медиуми е поголем проблем за новинарите.

Како причини за овој проблем се наведуваат: малата средина во која функционираат овие медиуми, воспоставените клиентелистички врски на сопствениците со градоначалниците и други локални моќници, како и лошата финансиска состојба во која се наоѓаат овие медиуми.

Репортери без граници: Македонија на 36 место на Индексот на слобода на медиуми за 2024 година

И во 2024 година, Македонија бележи раст на скалата на Индексот на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 36-то место, што е за две места повисоко од 2023 година. Во извештајот се вели дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

Замира интересот за новинарство

Дека новинарството станува неценета професија говори и фактот што годинава само шест студенти се запишале на студиската насока новинарство на Правниот факултет при УКИМ.

Од година во година опаѓа бројот на студенти запишани на новинарство, што значи иднината на новинарството е во рацете на сѐ помалку млади заинтересирани за оваа професија.

Студиите по новинарство не се веќе атрактивни за идните студенти. Ако во првата академска година кога се отвориле студиите во 1977 година биле запишани 125 студенти, годинава во учебната 2024/2025 година запишани се само шест студенти. Ова укажува на драстичниот пад на запишани студенти. Голем дел од студентите се откажуваат и во текот на студиите или пак, овие студии ги заменуваат со други.

Ова е загрижувачки факт бидејќи ако во иднина престанат да се запишуваат студенти по овие студии, државата ќе се соочи со дефицит на дипломирани новинари кои во иднина би требало да бидат професионалниот „watchdog“ на демократијата.

Дел од причините за напуштање на студиите се и самата програма, но и тоа што студентите не гледаат иднина во оваа професија, па токму затоа некои од нив се префрлаат на катедрата по односи со јавност како навидум попросперитетна професија.

Во моментов на студиите по новинарство се изучуваат 30 предмети. Од нив задолжителни се: комуникологија, вовед во право, македонски јазик и новинарска стилистика, новинарски жанрови, економика, применета економика, политички систем, човекови права во Македонија, современа европска и македонска историја, европски интеграции, реторика, теории на новинарството, медиумите и глобализацијата, слобода на изразувањето, јавно мислење, јавна администрација, меѓународни политички односи и основни институти на јавно и приватно право. Додека пак како изборни предмети на студентот му се понудени оние кои би требало да ги изучи секој иден потенцијален новинар, а тоа се: истражувачко новинарство, е-новинарство, агенциско новинарство, медиумите и правата на децата, тв новинарство, радио новинарство, печатени медиуми, мировно и воено новинарство, заштита на лични податоци, уредување во новинарство, известување во новинарство, графиката и дизајнот во новинарството, дигитална демократија и политички маркетинг.

Инаку на факултетот досега не постоеше простор каде што студентите можат да одат на пракса, туку тоа го правеа самоиницијативно или по препорака на дел од професорите во универзитетското радио „Студент ФМ“. Годинава за првпат се отвори и медиумско студио каде студентите во пракса би можеле да искусат што значи да се биде новинар. Сепак, реализацијата на ова студио не произлегува од македонскиот образовен систем, туку е во соработка со државниот универзитет на Аризона „Волтер Кронкајт“, а проектот е инициран и поддржан од Американската амбасада во Скопје.

Со ова се чини дека во иднина доколку нема промени во програмата за високото образование, но и општо во медиумскиот простор и условите во коишто работат новинарите, оваа катедра ќе може да стави клуч на своите врати.

Видеото е оригинално објавено на 22.12.2022

Но проблемите не се само во студиите по новинарство, огромен аспект на којшто треба да се обврне внимание се и работничките права на новинарите и медиумските работници бидејќи тие се основа за слободно, независно и професионално новинарство.

За остварување на овие права потребно е познавање на правната рамка во која новинарите и медиумските работници дејствуваат како вработени во медиумскиот сектор.

За да се зајакне позицијата на новинарот, односно медиумскиот работник на пазарот на трудот, потребно е решение што ќе овозможи заштита на новинарот, односно медиумскиот работник во вршењето на неговата работа, но и по нејзиното завршување, без оглед на тоа дали тој/таа има статус на вработен во одреден медиум или не, во таа насока, Законот за работните односи не може соодветно да одговори на специфичните потреби што произлегуваат од ангажманот на новинарите и медиумските работници. Исто така потребно е зајакнување на одредбите на Законот за медиуми, во однос на препознавањето на специфичните потреби и заштитата на новинарите и медиумските работници, во традиционалните, но и во онлајн-медиумите. Ова стои во заклучокот на анализата „Работнички права на новинарите и медиумските работници – правна рамка на Република Северна Македонија“ изработена од Македонско здружение на млади правници – МЗМП Скопје, во издание на РЕСИС и ССНМ.

Генерално, новинарите во Македонија работат во поотворена и во послободна атмосфера отколку во претходната деценија и се чувствуваат послободни да истражуваат и да известуваат за комплексни прашања, како што е корупцијата, стои во Индикатори за степенот на слободата на медиумите и Индекс на безбедноста на новинарите 2023, ЗНМ.
Сепак, се чини дека кај новинарската заедница сѐ уште постои многу автоцензура поради стравот од политички или од правни последици. Според проценката направена од неколку меѓународни експерти, состојбата на независното новинарство и уредничката слобода и натаму е проблематична, бидејќи „..многу сопственици на медиуми, особено во традиционалните медиуми (национални ТВ-станици), имаат други основни бизниси, кои често зависат од тендери на министерствата и на институциите, создавајќи имплицитни или експлицитни табу-теми”.

Новинарската професија во Македонија се соочува со криза, вклучувајќи ниски плати и непочитување на работничките права. Професионалниот статус на новинарите е загрозен од притисоци, закани и правни тужби, што ја поткопува слободата на медиумите и демократските процеси. Во локалните и регионалните медиуми, ситуацијата е особено критична, со намалување на бројот на вработени. Опаднатиот интерес за студии по новинарство укажува на загриженост за иднината на професијата, што би можело да доведе до недостаток на квалификувани новинари. За да се подобри состојбата и седмата сила да си го врати својот сјај, неопходно е зајакнување на правната рамка и подобрување на условите за работа, што ќе овозможи слободно и независно новинарство.

Facebook
Twitter
LinkedIn