Деца вдишуваат лепак, питачат на плоштади, семафори, улици, пред кафеани и маркети или пак бришат автомобили, продаваат ситници, децата се сами или во друштво на возрасни, дополнително на секоја раскрсница може да се видат мајки со бебиња, ова е сликата која ја гледаме во Скопје секојдневно, но и во други градови во Македонија.
Скопје и останатите големи градови во Македонија се соочуваат со алармантна ситуација – сè поголем број деца питачат на улиците, некои од нив се зависни од вдишување лепак и други наркотични средства, што резултира со фатални последици.
Според извештаите, најмладиот зависник од лепак има само три години, а веќе се регистрирани од пет до седум смртни случаи. Паралелно со овој проблем, секојдневно околу 300 деца питачат на улиците на Скопје, а на ниво на целата држава, според граѓанските организации бројката се движи од 2.000 до 3.000.
Организирани групи злоупотребуваат и принудуваат деца на питачење, проституција и користење на наркотични средства, додека профитираат од нивната несреќа.
Точно утврдена бројка за деца на улица Македонија нема
Со една бројка излегуваат Центрите за социјална работа, со друга граѓанските организации, со трета бројка Заводот за социјална дејност, а сосема друга е бројката која се гледа секојдневно по улиците. Одовде и точната бројка за деца на улица не може да се утврди, бидејќи надлежните институции имаат различни податоци.
Според Анализа за состојбата со деца на улица во системот на социјалната заштита подготвена од ЈУ Завод за социјални дејности Скопје во 2023 година, се содржани податоци за деца на улица за 2021 и 2022 година, евидентирани во Центрите за социјална работа, по пол и возраст, чија вкупна бројка изнесува 151 дете на улица.
Од нив 105 се машки деца и 46 девојчиња. Најголем број деца на улица има во ЈУ МЦСР Скопје – 131, Куманово – 12, Кичево 6 и Битола 2 деца на улица.
Најголем број евидентирани деца на улица во 2021 и 2022 година , согласно податоците има во општина Шуто Оризари, Карпош и Чаир/Бутел, а на возраст до три години биле евидентирани 27 деца на улица, најголемиот број во Скопје.
Според Граѓанското здружение „Градиме иднина – Скопје“, станува збор за 2.000 до 3.000 деца на ниво на Македонија, а она што како сигурно го потврдува Народниот правобранител е дека најбројни се децата на улица до 3 години, најголем дел од нив се припадници на ромската заедница, потекнуваат од семејства што живеат во крајно лоши услови на живеење, во супстандардни услови за живеење, без вода, без електрична енергија, без никакви можности за нормален раст и развој, родителите се со многу ниско, ако не и без никакво образование, без работа и единствено егзистираат преку питачење или евентуално преку обезбедување на право на социјална заштита.
Три Дневни центри за деца од улица во цела Македонија не се доволни за да се тргнат децата од улица
Само три Дневни центри за згрижување на деца од улица има на ниво на државата. Еден е во Кисела Вода и два во Шуто Оризари.
Но, овие дневни центри не се доволни за децата питачи конечно да се тргнат од улица и да се вратат онаму каде што припаѓаат, согласно својата возраст, во градинките и училиштата, а ова го потврди државниот советник од канцеларијата на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа, презентирајќи ги наодите од истражувањето за „Состојбата со децата на улица во Република Северна Македонија“, по повод 12 Април – Меѓународниот ден на децата на улица.
„Освен во Скопје, во останатите градови вакви дневни центри воопшто и нема, со што се остава ова поле отворено, односно не им се дава можност на овие деца да бидат згрижени и да научат дека питачењето не е начин за заработка и дека не треба да претставува извор за егзистенција. Државата мора систематски да го реши ова прашање, или да им помогне и на родителите на овие деца, преку нивно вработување /финансиско помагање, сѐ со цел децата да одат на училиште и со тоа да се подготвуваат за нивно вклучување во општеството“, истакна Бајрамовска- Мустафа.
Бројката на деца од улица кои се згрижуваат во овие дневни центри е ограничена законски на 24 деца. Но, како што посочи Народниот правобранител во извештајот за состојбата на децата на улица во Македонија, центрите не ги исполнуваат критериумите во целост.
Дневните центри за деца од улица не ги исполнуваат критериумите во целост
Народниот правобранител во извештајот за состојбата на децата на улица во Македонија, посочи дека Центарот за дневен престој на деца во ризик во Кисела Вода, располага со ограничени просторни и материјални ресурси. Работи со еден воспитувач и еден педагог, кои не се лиценцирани и немаат доволно обука за работа со оваа категорија деца, вработените немаат ниту материјали и други помошни реквизити за работа со децата. Хигиената е недоволна, а центарот нема постојан хигиеничар. Од 10 евидентирани деца, на дневно ниво центарот посетуваат 3-5 деца, кои немаат документи и не се вклучени во образовниот процес. Децата добиваат еден оброк и активности за описменување и хигиенски навики, а децата оваа услуга ја користат без решение од Центарот за социјална работа.
Подобра е ситуацијата во двата центри во Шуто Оризари кои се со законски дозволениот пополнет капацитет на деца, 24 деца од улица. Овие центри спроведуваат и работа со родителите на овие деца каде се водат разговори да не ги носат сопствените деца на питачење и им се укажува на правните и други последици за злоупотреба на детскиот труд, одговорностите како родители, со посебен акцент на правата на детето и се водат мотивациони разговори за важноста на образованието.
Евидентираните деца од овие центри доаѓаат од многубројни семејства, некои и од семејства со 10 члена. Сепак, дел од децата и понатаму се на улица и питачат. Имено, децата доаѓаат во Дневниот центар, од каде чисти, уредни и со школски прибор и ранци се испраќаат на училиште, но дел од нив наместо да продолжат кон училиштето, денот го поминуваат на улица со питачење, претежно за да го прехранат семејството.
А, дел од овие деца се лица без документи, што го отежнува процесот на нивно вклучување во образованието и уште толку ја истакнува потребата од вклучување на сите институции во решавање на проблемот, стои во извештајот на Народниот правобранител.
Македонија нема решение за децата од улица
Протоколи, служби, механизми на хартија има, но децата и понатаму се на улица. Потребни се законски измени, а недостасуваат и мобилни екипи на терен.
Граѓанското здружение „Градиме иднина – Скопје“ бара итни законски измени и строги казни за сторителите, како и подобра заштита и рехабилитација за децата. Потребна е итна акција за справување со оваа криза и спасување на најмладите од улиците.
„Што е можно поголем број полицијата да биде на терен и да се формират неколку мобилни екипи на Министерството за внатрешни работи, затоа што они со една патрола не може ништо да направат во градот Скопје, затоа што јас кажав дека град Скопје има од 250 до 300 питачи, каде попрво да постигне, дали за криминалци, дали за сторени други дела. Ние само бараме релевантни институција да најдат нови начини, нови механизми, нови операции, да се остранат питачите, да им се понудат флексибилни работни места према нивната здравствена состојба, да им се доделат социјални станови“ – вели Илија Јовановиќ од Здружението „Градиме иднина“.
„Градиме иднина“ има изготвено и протокол како дел од проектот „Стоп за питачењето и злоупотреба на децата и нивното здравје“ според кој образование и вработување се клучни во отстранувањето на деца од улица, а како што посочува Јовановиќ децата од улица не знаат каде да пријават, да се обратат.
„Малолетните деца имат свое право, не знаат каде да го пријават, не се запознаени, децата се тепани, малтретирани и се под притисок и под закана, дури им се заканувале со смртни претепувања. Доколку го каже ова дека го тераат на питачење, му се закануваат со убиство и со уште пострашни приказни кои ги читав истражувањата и исказите на малите деца, кои, душиче невино, што знае, чиста душичка каде да се обрати? Кога детето е под седативи, под лепила, под алкохол и се под закана, притисок од страната на сторителите, на организаторите, на нивните биолошки родители, први учесници, поблиско, потесно семество, тие се исплашени и им е страв да го пријават случајот“ – додава Јовановиќ.
Должност на секој граѓанин е да пријави деца на улица на 192 или во Центар за социјални работи. Но, исто така граѓаните да не даваат пари на питачите апелираат од „Градиме иднина“
Стратегија има, но не е усвоена, усвоениот Протокол пак не се имплементира
Од 2022 година постои Протокол за меѓусекторско соработка за постапување со деца од улица, односно вклучување на сите институции за решавање на овој проблем – Министерство за труд и социјална политика, центрите за социјална работа, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, граѓанските организации, локалните самоуправи меѓутоа истиот не се имплементира.
Во текот на 2022 година беше формирана Работната група составена од претставници на повеќе институции и експерти од областа на детска заштита за изработка на „Стратегија за унапредување на правата на децата и акциски план за поддршка на деца на улица/улични деца во град Скопје“, кој како проект беше спроведен од Првата детска амбасада на светот Меѓаши, а финансиран од Буџетот на Град Скопје, во рамки на Програмата за социјална, детска и здравствена заштита за 2022 година. Работната група имаше за цел да ги идентификува и предлага можни решенија на проблемите кои ги засегаат децата и младите на територија на Град Скопје. Стратегија за унапредување на правата на децата на подрачјето на Град Скопје, како документ беше изготвен во ноември 2022 година, но се уште не е усвоена од страна на Советот на Град Скопје.
Освен усвојување на стратегии и протоколи и нивна имплементација, Народниот правобранител апелира и за неопходноста да се отворат повеќе дневни центри во подрачјата каде живеат оваа категорија на деца заради поголема достапност, а центрите да работат 24 часа заради евентуална потреба од згрижување деца кои ќе бидат затекнати на улица во ноќните часови. Покрај тоа потребно е да се направат подостапни здравствени услуги на оваа категорија деца и да се обезбеди бесплатна здравствена заштита и снабдување на неопходни лекарства како и формирање повеќе мобилни тимови што ќе работат на терен со децата на улица и ќе обезбедат нивно интегрирање во општествената заедница.
Само така децата од улица, ќе завршат во училишни клупи и ќе почнат да градат светла иднина.