Македонскиот студент во борба со глувци, змии и влага

Влага, глувци, змии, нехигиенски услови, недостаток на топла вода, Интернет, загрозена безбедност и до трипати поголеми трошоци од предвидените за храна и домување ги „следува“ студентите во државните студентски домови во Македонија.
Автор: Љубица Иванова
Продукција: Види Вака

Објектите кои ги користат државните студентски домови (ДСД) во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење, а намалените сместувачки капацитети и невоедначените услови кои ги нудат студентските домови се пресудни за степенот на искористеност и интересот на студентите за сместување во одредени ДСД, но и незадоволство на студентите во поглед на исхраната во студентските домови со што се наметнува потребата од преземање активности во насока на подобрување на условите во студентските домови и обезбедување на повисок стандард на живеење и студирање на студентите во државата – стои во извештајот на Државниот завод за ревизија, 2024 година, за условите во кои функционираат државните студентски домови во Македонија.

Но, овде не завршуваат проблемите за студентите.

Студентите од „Стив Наумов“ ќе се селат среде испитна сесија

Среде испитни сесии, најдоцна до 24 јуни треба да се иселат студентите од една од зградите во „Стив Наумов“, која е и единствена во функција од вкупно трите згради, покрај новите бараки. Токму од тоа да не останат на улица и покрај лошите услови, стравуваа студентите од „Стив Наумов“.

Реновирањето на „Стив Наумов“ кое се најавуваше уште пред две години всушност ќе започне кон крајот на месец јуни годинава, а за сметка на тоа студентите предвремено ќе треба да се иселат.

Со оглед на тоа што „Кузман Јосифовски – Питу“ не е во функција од 2022 година, а неговата реконструкција започна на почетокот на мај годинава и од МОН соопштија дека ќе биде финализирано за 18 месеци, во функција ќе бидат само студентските домови „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“, како и новите бараки во „Стив Наумов“.

„Предвидена е промена на водоводната инсталација отстранување на причините за појава на влага во објектите, промена на комплетната електрична инсталација и поставување на енергетски ефикасни LED светилки, промена на инсталацијата за греење, комплетна промена на санитаријата, изработка на енергетски ефикасни фасади на објектите, поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија, а ќе се опремуваат и соби за студенти со посебни потреби,“ соопштија од МОН со што и се потврдува фактот дека студентите досега домувале во нехумани услови за живот.

Санитарија, електорника, мебел – бројни се проблемите во студентските домови

Најстариот студентски дом во Македонија датира од 19 век и изграден е за потребите на турската војска, тоа е „Кочо Рацин“ во Битола, додека објектот на „Стив Наумов“ – нови бараки е последно изграден објект на студентски дом и истиот датира од 2014 година, а во тек се активности за пуштање во употреба на новиот објект на ДСД Тетово.

Со увид во државните студентски домови, од Државната ревизија утврдено е дека дел од домовите не ги задоволуваат условите за домување, особено во ДСД Пелагонија и ДСД Стив Наумов – трета зграда, комуналната инфраструктура и санитарните јазли, се наоѓаат во лоша состојба: оштетувања, протекување на вода и појава на влага и мувла, а поради застареност на инфраструктура потребна е темелна реконструкција на истата со цел овој проблем да се надмине на долг рок, особено од причини што санитарните простории во дел од ДСД се заеднички и ваквата состојба има влијание на хигиената во домовите.

Се јавува потреба од промена и реконструкција на електричната инсталација во старите згради кои не ги задоволуваат потребите на современото живеење со можности за приклучок на додатни уреди во собите.

А во врска со условите за престој и живеење во просториите во кои се сместени студентите утврдено е дека во различни ДСД истите се разликуваат. Минималната опрема за домување која треба да ја содржи секоја соба за студент е кревет, работна маса, стол, ѕидна полица и гардеробер, од извршен увид утврдивме дека кај дел од домовите ова не е случај, односно домовите кои сместуваат 3 или 4 студенти во една соба недостасуваат работни маси, столови и гардеробери за секој студент поединечно, а недостасува и слободна површина за вметнување на оваа опрема, што од друга страна укажува на можно надминување на проектираниот капацитет на собите. Кај дел од домовите дел од мебелот е набавен пред неколку децении и е целосно застарен и амортизиран, поради што постои потреба од негова итна замена, како и донесување на акт од страна на ДСД за утврдување на потребата за замена на овој вид на опрема на определен временски период.

Условите за сместување и нивото на опременост кај одредени ДСД не се на задоволително ниво и се пресудни за степенот на искористеност на сместувачките капацитети и интересот на студентите за сместување во одредени ДСД и влијаат на квалитетот на животот и процесот на образование на студентите

Иако со Правилник од МОН регулирани се нормативи и стандарди за опрема, простор и кадар во студентските домови како условите кои треба да ги задоволува секој студентски дом, поврзани со опременоста на просториите за престој, живеење, учење и рекреација на студентите во домот, дефинирана е минималната површина на собите во кои престојуваат студентите, а предвидени се и простории за вработените во домот, материјално-технички и услужни дејности (кујна, трпезарија, перална, котлара итн.) како и инфраструктурни простории во домот. Дополнително домовите треба да обезбедат затоплување на просториите во зимските месеци, осветлување, термичка и акустична изолација, водоводна и канализација. Но во наведениот правилник не е утврдена потребата за опременост на ДСД со електронска опрема како што се компјутери, принтери, скенери како и стабилна интернет конекција. Дел од домовите располагаат со компјутери и останата опрема ставени на располагање на студентите кои не поседуваат ваква опрема, меѓутоа опремата не е соодветна за реализирањето на активностите во наставниот процес на високо школската установа на која студираат.

Услови за животни, но не и за студенти

Откако на глувци се пожалија студентите од студентскиот дом „Пелагонија“, кон крајот на месец мај, змија беше забележана во мензата на студентскиот дом „Стив Наумов“. Студентите алармираа дека причина за тоа е неодржувањето на дворот односно неискосената трева околу студентскиот дом.

На нехуманите услови за живот од студентскиот дом „Стив Наумов“ се пожалија студентите уште во март годинава, посочувајќи ги проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во врска со нивното домување таму меѓу кои и загрозената безбедност поради зачестените кражби, демнење, напади кои се случуваа на почетокот на годината околу домот и Природно-математичкиот факултет.

Тогаш деканот на Природно-математички факултет, проф. д-р Даворин Трпески за Види Вака изјави дека токму овие проблеми многу се одразуваат на факултетот, а во иднина и на се` помалиот број на наставници по математика, физика, хемија, биологија, географија.

Видеото е оригинално објавено на 18.03.2024

И до трипати поголеми трошоци од предвидените за храна и домување

И над 80.000 денари ги чини еден семестар студентите на Економскиот факултет при УКИМ покажа истражувањето на Форум за образовни промени.

Преку интервјуа со студенти од различни факултети направена е Студентска кошничка на студентите која покажува дека просечните трошоци по студент на Економскиот факултет за еден семестар чинат 81.335 денари, за една академска година 162.670 денари, што би значело дека до завршување на додипломските студии тие плаќаат 650.680 денари.

Овде се пресметани трошоци за храна, домување, превоз, литература, партиципација.

Форумот за образовни промени меѓудругото препорача јавното високо образование да биде бесплатно за сите студенти и да се дигитализираат административните услуги за студентите да не бидат принудени да плаќаат дополнително за документи на шалтер.

„Заради немањето услови во студентскиот, ние мораме самите себе да си ги надополнуваме, како што станува збор од недоволната исхрана, немањето Интернет, немањето доста други работи кои треба ние самите себе да си ги овозможиме и треба самите себе да си ги купуваме, тогаш не доаѓаме до сума од 3.700 денари која се плаќа месечно, туку доста поголема сума која треба еден студент само за своето седење во Државниот дом Пелагонија да ги даде, камоли пак други се работи кои се поврзани со факултет, макар и како општ студентски живот, па и се друго“ – изјави Станоја Филиповски – студент кој домува во „Пелагонија“ кон крајот на месец април годинава.

Определената цена за сместување како основен извор на приходи на ДСД не е променета од 2008 година и изнесува 6.820 денари месечно за 10 месеци во годината од која МОН партиципира 50% од цената, разликата ја доплаќа студентот.

Но, Државната ревизија утврдил дека ДСД со одлуки на Управниот одбор имаат формирано цени за сместување на студентите повисоки од утврдената цена кои варираат од 3.445 денари до 5.000 денари месечно, кои се повисоки од утврдената цена за сместување и исхрана, без можност ДСД да влијае на промена на цената и им се наплаќа износ повисок од утврдените 3.410 денари месечно каде државата партиципира за студентите. При прием на студентите, ДСД еднократно наплатуваат надоместок кој во зависност од студентскиот дом се движи од 300 денари до 1800 денари за административни трошоци, културно – забавен и спортски живот, а во некои ДСД и надомест за тековно одржување и амортизација и за студентска платежна картичка.

Видеото е оригинално објавено на 15.05.2024

Се намалуваат сместувачките капацитет, а МОН нема воспоставено регистар на студентски домови

МОН нема воспоставено Регистар на студентски домови, односно како што стои во извештајот на Државен завод за ревизија, до денот на ревизијата МОН нема извршено верификација на студентските домови, што создава ризик од реализација на активностите поврзани со сместување на студентите во студентските домови врз основа на информации кои се нецелосни и не верификувани од надлежен државен орган, и посочено е дека МОН нема воспоставено соодветни анализи и истражувања со кои се поткрепуваат предвидените мерки и потребите во иднина кои би придонеле за подобрување на студентскиот стандард во земјата.

Намалувањето на сместувачките капацитетите на студентските домови е резултат на затварањето на зграда 1 и 2 од ДСД „Стив Наумов“ во 2019/2020 година, поради несоодветни услови за престој и планирано реновирање како и со затворањето на ДСД „Кузман Јосифовски Питу“, кој е ставен надвор од функција од месец мај 2022 година. Како дел од ДСД Скопје, овие објекти не се опфатени со објавените конкурси за сместување на студенти што значително ги намалило расположливите капацитети.

Од прикажаните податоци повеќето домови немаат промени во капацитетот, освен кај ДСД Томе Стефановски Сениќ каде има намалување, а кај ДСД Никола Карев – Охрид е забележан мал пораст на капацитетите. Со оглед на тоа што МОН нема воспоставено Регистер на студентски домови, податокот за капацитетите не може да биде потврден.

Студентите најмногу аплицираат за домување во „Гоце Делчев“ и новите бараки на „Стив Наумов“

Поради условите кои се во корелација со интересот на студентите за сместување, бројот на примени апликации за сместување 2022/23 година во однос на капацитетите на државните студентски домови се разликува, и како прв избор за сместување студентите ги бираат домовите кои нудат подобри услови, поради што бројот на апликации ги надминуваат сместувачките капацитети и тоа во „Гоце Делчев“ од 209,95% односно за 1.304 легла и во „Стив Наумов“,нови бараки од 191,30% односно за 126 легла. Големиот интерес за сместување во истите ги надминува расположливите капацитети во овие домови поради што се појавува потреба од нивно прераспределување во други домови.

Резултатите од овие анализи укажуваат дека причините за голем број на апликации се условите за сместување и престој во студентските домови во земјата кои се разликуваат што придонесува во забележително поголем број студентите да аплицираат во студентските домови во кои условите за сместување се подобри во однос на останатите, а состојбата и функционалноста (инфраструктурни услови, квалитет на исхрана, квалитет на домување) во домовите треба да биде на задоволително ниво, со цел да може еден студент да се чувствува како дома и да може своето време да го посвети на своите студии.

Од друга страна и не се вршат редовни инспекциски надзори.

Во 2019 година извршени последните инспекциски надзори во државните домови

Државниот просветен инспекторат има обврска да врши инспекција најмалку еднаш годишно и тоа во рок од 30 дена од денот на завршувањето на сместувањето на студентите во студентските домови и да достави извештај до МОН и до Владата во рок од 60 дена. Со ревизијата е утврдено дека ДПИ последен пат извршил инспекциски надзор во 2019 година во поголемиот број на студентски домови за што има издадени извештаи. За останатиот три годишен период од 2020-2022 година ДПИ нема извршено контроли/надзор и составено записници за извршени инспекциски надзори.

Лош и потпросечен е оценет квалитетот на животот во студентските домови од студентите

Според резултатите од анкета на Ревизија, како лош или потпросечен го оценуваат студентите квалитетот на животот за време на престојувањето во студентските домови.

Во однос на задоволството од одредени услови во студентскиот дом во кој престојуваат, испитаниците искажале најголемо незадоволство за техничката опременост и пристапот до интернет, како и за сите останати услови во домовите за кои исто така се добиени ниски оцени. Согласно квалитативната анализа на одговорите на отворените прашања, како клучни проблеми со кои се соочуваат студентите за време на престојот во студентскиот дом најчесто се издвојуваат: лоша хигиена во тоалетите, лимитирано користење на топла вода и греење, неквалитетна, количински недоволна и еднолична исхрана, прозорци што не затвараат, влага, слаба звучна изолација, оддалеченост од студентскиот кампус, непочитување на куќниот ред, небезбедност, обраснато со трева и малите соби во однос на бројот на сместени студенти.

Не се изгради студентскиот град во Скопје кој го ветуваше минатата Влада

„Владата ќе започне изградба на студентски град во Скопје, со комплетно нови модерни архитектонски и хортикултурни решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри. Дополнително, Владата ќе гради нова студентска зграда во Автокоманда со преку 700 легла преку јавно-приватно партнерство“ – стоеше во Програмата на СДСМ од 2016 година, „План за живот во Македонија“

Вo тригодишнатa Програма за работа за периодот 2017-2020 година која ја имаше изработено минатата Влада, со која во делот на образованието и унапредувањето на студентскиот стандард, се планираше изградба на студентски град во Скопје со нови градежни решенија и изградба на спортски сали, кино сали, фитнес центри, ресторани, планирано беше да се изгради нова студентска зграда во

Автокоманда со повеќе од 700 легла преку јавно-приватно партнерство. За Битола, Штип и Тетово, како градови со седишта на државни факултети, Владата планирала зголемување, реновирање и обнова на сместувачките капацитети во тамошните домови како и изградба на нови објекти. Но планираните активности за реализацијата на програмата до 2023 година не се спроведени со исклучок на изградбата на нов студентски дом во Тетово.

Опаднал и бројот на вработени во студентските домови во последните години

Евидентно е дека бројот на вработени лица е најголем во ДСД Скопје кој е најголем дом во земјата кој во својот состав опфаќа три активни објекти и два објекти привремено затворени. Сепак забележителен е падот на бројот на вработени лица особено кај овој ДСД при што бројот на вработени е намален за 55 лица односно за 30,4%. Кај останатите домови се забележува слична тенденција на намалување на бројот на вработени лица, но истата не е изразена во толку голем обем како кај ДСД Скопје. На ниво на сите ДСД бројот на вработени лица за набљудуваниот период од страна на Државна ревизија е намален за 67 вработени.

Во однос на старосната структура на вработените лица во студентските домови е неповолна. Највозрасната старосна група, над 55 години, во вкупниот број на вработени учествува со 42,8%, додека старосната група од 45 до 54 години учествува со 36,44%, односно учеството на овие две највозрасни старосни групи во вкупниот број на вработени изнесува 79,24%, што укажува на состојба која не е поволна во однос на потребата од ангажирање на помлад кадар кај сите ДСД.

А пак висината на платите е под објавениот државен просек што ги прави работните места и вработувањето во домовите неатрактивни.

Бројот на вработени лица треба да зависи од бројот на студенти кои се сместени во домот, бројот на оброци кои се подготвуваат во домот како и нето и бруто корисна површина. Вработените во домовите се задолжени за тековното функционирање на домовите како што се сместувањето на студентите, хигиената, исхраната, тековното одржување итн., поради што од особено значење е пополнетостa на домовите со кадар да е соодветна.

Државниот завод за ревизија истакна дека мерките и активностите за развој на студентскиот стандард кои се преземаат од страна на надлежните државни органи не се доволно ефикасни и економични за остварување на одржливо ниво на финансиска самостојност на студентските домови, соодветно сместување и исхрана како и реализирање на проектите за реконструкција и проширувањето на капацитетите на домовите.

Потребно е да се изработи посебен стратешки документ за студентскиот стандард со мерки и активности за развојот и подобрувањето на условите за живот и студирање во земјата.

Facebook
Twitter
LinkedIn