
„Оџачарството во Македонија е сива зона и најчесто се прави на своја рака и на старомоден начин којшто не е безбеден“ вели Јасмина Атанасова Симјановска, која е прва и единствена жена дипломиран оџачар во Македонија.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинства“, 49,18% од домаќинствата во земјава ги затоплуваат своите домови со огревно дрво или дрво од овошни насади. Тоа значи овие домаќинства во Македонија имаат оџак, а општо е познато дека истите не се чистат превентивно и редовно. За тоа показател е зачестениот и зголемен број на пожари поради неисчистени оџаци кои се случуваат од година во година за време на грејната сезона.
Податоци од Противпожарната бригада на Скопје покажуваат дека во домаќинствата во Скопскиот регион има околу 150 пожари во просек годишно кои се предизвикани од неисчистени оџаци.
Изминативе години беа регистрирани зголемен број пожари поради неисчистени оџаци и во Куманово и Тетово, во Битола за еден месец биле евидентирани 34 пожари од истата причина.
Покрај тоа што неисчистените оџаци се една од главните причини за пожари, тие се јавуваат и како големи загадувачи на воздухот, односно загадуваат двојно повеќе од исчистени оџаци.
Сепак, иако горењето на дрва, односно согорувањето на биомасата, според Министерството за животна средина претставува најголем извор на загадување, поради финансиска криза граѓаните сè уште се служат со традиционалните методи на загревање.
Дури 45% од домаќинствата во Скопје ги загреваат своите домови со огревно дрво, покажува едно истражување на УНДП.
А наспроти сите овие податоци, стои податокот дека во Скопје има само 26 едуцирани оџачари.
Оџаци има нема оџачари
Оџаци во Македонија има, но нема сертифицирани професионални оџачари, а ниска е и свеста на граѓаните за превентивно чистење на оџаците, па дури и кога се прави тоа, праксата покажува дека најчесто е „на своја рака“.
„Главно луѓето се греат на дрва во Македонија, а покрај дрва и се останато што може да гори и да создава некаква топлина па колку и да е тоа нискокалорично неважно. Во еден момент во посета на Хрватска на нивните институции за стручно образование сфатив дека во суштина во Македонија воопшто немаме стручни оџачари немаме едуцирани оџачари, немаме оџачари коишто практиткуваат модерно оџачарство. Сето тоа е приучено, сето тоа е од потреба, ние некако сме свикнати да сами за себе си ги вршиме работите дека е тоа полесно, дека е тоа поедноставно отколку да се плати стручен оџачар“, вели Јасмина Атанасова Симјаноска која е и едукатор за оџачари.
Исплатлива професија, но не доволно атрактивна
Иако оџачарството е доходовна професија, интересот за истата е многу мал, причините за оваа фактичка состојба се многубројни.

Јасмина Атанасова Симјаноска која е прва и единствена жена дипломиран оџачар во Македонија, по дипломирањето во Хрватска, кога се вратила во Македонија се соочила со многу предрасуди за професијата, но и покрај постепеното надминување на стереотипите за „жена во машка професија“, Јасмина посочува на низа проблеми со кои се соочуваат оџачарите.
Еден од проблемите е што не е регулирана професија односно не постои Закон за оџачарство, оџачарството во Македонија е само услужна дејност, литература речиси и да нема, а само од неодамна постои формално образование за оџачари.
– Со самото непостоење на Закон, значи и дека работничките права и мерките за безбедност на овие работници нема кој да се грижи – вели Јасмина.
Град Скопје заедно со Заводот за вработување неколку години по ред распишуваше повици за бесплатни обуки за оџачари и оџачарство, пред се за неврабтени лица. Но за жал заинтесираноста за оваа професија не е голема.
Атанасова Симјаноска покрај тоа што е архитектка и работи како професорка и едукаторка во ГУЦ „Здравко Цветковски“ кој е верифициран и за Скопје единствен центар во којшто се вршат обуки за оџачарство, таа има потпишано верифицирана програма за оџачарство и во Штип и Битола.
До пред околу пет години во Македонија никогаш немало насока за изучување оџачарство. Од 2016 година во средното градежно и гимназиско училиште „Здравко Цветковски” се воведе оваа струка и учениците можат да ја изучуваат во формалното образование.
Но и покрај тоа што во училиштето е донирана опрема за оџачарство и ги има сите услови, профресорката Атанасова Симјаноска вели дека интерес кај учениците речиси и да нема. Според неа, за учениците многу поромантично, поубаво звучи да бидат дизајнери, архитекти.
Од друга страна оваа програма за оџачарство моментално најмногу функционира за возрасните, односно како неформално образование каде се пријавуваат луѓе коишто веќе имаат една професија, па заклучуваат дека е попрофитабилно да се биде оџачар, потоа луѓе коишто се долго без работа, па гледаат иднина во оџачарството.
А според професорката Јасмина, оџачарите месечно можат да достигнат од 1500 до 1800 евра.
Во Македонија нема Закон за оџаци, оџачари и оџачарство
Во Македонија оџачарството е услужна професија и нема Закон за оџачарство како што е случај во другите Европски држави.
– Имаме одредби имаме начела ама немаме закон – посочува Атанасова Симјаноска и додава дека во Македонија оџачарството е услужна дејност, а тоа што таа се бори е оџачарството да стане комунална дејност.
Доколку постои Закон за оџачарство би имало точно утврдени начини на чистење, алатки и опрема, регулирана фреквентност на чистење, а со тоа би имале придобивки и работниците во оваа дејност, но и самите граѓани би имале побезбедни оџаци, со тоа и домови.

Необјавената книга за оџачари на Јасмина послужила како основа за изработка на Законот за оџачарство во Македонија којшто во моментов е на разгледување на различни институции, пред да стигне во Собрание.
Но, Атанасова Симјаноска посочува дека поради дефицитот на сертифицирани и едуцирани оџачари, Македонија нема да може да одговори на Законот дури и да се изгласа.
Според неа би требало да има што повеќе обучени оџачари додека се изгласа Законот, па затоа потенцира дека би било супер повторно да се отпочна обуки со Заводот за вработување бидејќи има се уште многу луѓе коишто се невработени коишто се на Завод, коишто би се едуцирале.
Во Скопје има само околу 26 обучени оџачари
–Нимберг донираше опрема најсовремената, најубавата и што е најдобро сите веќе знаат да ја користат како треба и што треба, сега Град Скопје мора многу сериозно да се занимава со овој проект, да се посвети на овој проект затоа што со донесување на законот ние влегуваме во вакуум кај мене има поминато 23,4,5,6 оџачари којшто добиле сертификат. Значи, со оџачарство може да се занимава само сертифициран оџачар и фирма којашто ќе има минимум двајца сертифицирани оџачари инаку нема да добиеш дозвола за вршење на дејноста. Со 24 оџачари во Македонија што веќе знам дека четворица не се тука стручни се имаат сертификат, еден е во Швајцарија, еден е во Словенија, двајца се во Германија веќе ние доаѓаме во ситуација град од 600.000 жители колку што е Скопје плус, минус, дека веќе нема да може да одговори на законот и од тие причини мора што почесто, што повеќе оџачари да се едуцираат за комунална дејност – истакнува Јасмина.
Без закон, нема кој да ги штити правата на работниците во оваа дејност
Работнички права – ризици, соодветна опрема и безбедност
Респираторниот систем е најмногу изложен на ризик кај оџачарите, а оџачарството е професија со ризик бидејќи се работи на висина поради што соодветната опрема и начинот на користење на истата е од голема важност за нив.
Но, доколку имаме Закон за оџачарство, ќе има фирми задолжени секоја за одредени делови од градот или за цел град односно организирани оџачарски служби и во тој случај имаме фреквентно одржување на оџаците што значии и превентивна заштита.
Како функционира Законот за оџачари во Хрватска
Во Хрватска и други европски земји има Закон за оџачари кој е функционален.
По поминатата пракса во Хрватска, Јасмина раскажува на кој начин функционира Законот таму.
Таа вели дека секоја фирма има свој регион каде што е наделжна, а постои и систем на известување, определен е и начин на чистење, контрола, евиденција, превентивни прегледи, превентивни чистења. Во Македонија, вели таа, разликата е во тоа што мора да имаме проблем па да бараме решенија, додека во Хрватска чистењето на оџаци е превентивно и редовно.
– Јас доаѓам проверувам, пример денес ми е една улица и, има систем на известување, во секое сандаче се става известување, ливче „на тој и тој датум помеѓу 10-10:30ч ќе помине оџачар, ве молам да има некој дома“. Тоа се прави две три недели пред официјалното чистење, датумот е одреден затоа што луѓето треба да планираат. Покрај тоа се праќа и имејл, а недела дена пред чистење се лепи соопштение „тогаш и тогаш од толку часот ве молам нека има некој дома доаѓа оџачар“. И знаете што? Не се случило да наидеме на затворена врата во Загреб, јас одев Загреб, Ријека, Нова Горица, Стара Горица – раскажува Атанасова Симјаноска.
Клучно е оџаците да се чистат превентивно
После пожарите оџаците веќе не се исти, истакнува Јасмина и потенцира дека не треба да се доведеме во ситуација да работи оџачар којшто не е стручен, којшто не е обучен за тоа.
Според професорката и едукаторка за оџачари, оџаците треба да се чистат минимум двапати во годината – пред грејна сезона и во средина на сезона. Почеток на октомври треба да бидат спремни оџаците затоа што Македонија може да има тропски горештини и цел октомври ама може и на 28 септември да падне темпертатура.
– Јас велам бидете спремни, нека бидат чисти оџаците, некаде јануари, фебруари ајде уште еднаш да ги исчистиме, „ама не се застанати, немам проблем“, да, ама чистењето е превентивно, секогаш е многу подобро и многу попаметно а искрено и поевтино кога е превентивно оџачарството отколку кога е последоватално.
Оџаците и екологијата
Придобивки од превентивно и континуирано чистење на оџаците
Спречување на опожарување на оџаците е една од основни придобивки од навремено чистење на оџаците, но одржувањето на истите доведува и до Заштеда на енергетско гориво, Заштита на животната средина преку намалување на штетните гасови во воздухот, поголема испорака на топлотна енергија како и продолжување на векот на оџаците.
Проблеми настануваат и поради нестручноста. Гаранција за безбедност за користење на оџак мора да постои, покрај ова Јасмина ја истакнува и неславната репутација на Скопје со загаденоста на воздухот, па додава дека оџачарството помага во намалување на загадувањето на воздухот.
– Прво со оџачарските служби ние правиме дата податоци каде што се внесени тип на ложиште, старост, состојба на ложиште – тоа се компоненти и со тоа ние веќе добиваме платформа и добиваме поглед, увид, каква е ситуацијата со ложиштата, имаме ложишта коишто се стари по 50,60 години коишто се прогорени, изгорени, коишто претрпеле милиони пожари. Имаме оџаци коишто се многу мали ама и големи и пречникот ако е поголем исто не значи дека оџакот функционира. Колкав пречник ни трреба за одредена висина, колку ложишта ќе бидат приклучени.
Што се однесува до екологијата многу е важно да ги имаме тие дата податоци и коешто ќе ни даде точен увид што како се случува, до каде е заменување на фондот на ложишта да се обновуваат, кои, какви, од каде, кои се добри, кој тип на гориво ќе се користи, дали се користат дрва, дали се користат палети, дали е тоа земен гас, друг некој начин, а ние сме многу инвентивни да измислиме начини, да изгориме се што ќе ни текне и што ќе видиме и што ќе помислиме дека може да се изгори. Работите мора да се знаат затоа што ова е како што реков подрачје за коешто не е водена сметка многу долго време, а мораме да водиме сметка покрај пожарот, куќа во којашто живее семејство никој не сака да живее со мислата дека може да се запали во секој момент заради некоја сума којашто во ред, не е само симболична сума за чистење на оџаците ама ајде да размислуваме малку понапред дека во еден пожар за 20 минути да се изгуби куќа, да се изгуби стан нешто кое сме го создавале цел живот тоа е материјалниот момент, другиот момент е фамилијата којашто живее, да речеме да тргнеме од она најнајбазичното ниво – фамилијата и личната сопственост.
Во Македонија не постои ни стручна литература за оџачари, оџаци и оџачарство
Оџаците се споменуваат само како конструкции на Градежен факултет, на Архитектонски факултет, но како што истакнува Јасмина треба многу повеќе затоа што треба да се води сметка за многу повеќе работи, а се е тоа само нафрлено.
Јасмина ја има напишано првата стручна книга за оџачари, оџаци и оџачарство во Македонија, но истата не е публикувана.
Во книгата се опфатени сите теми, закони, правила, прописи, од улогата на оџачарството во екологијата, улогата на оџачарството во сегментите на енергетска ефикасност, новите технологии на производство на ложишта, безбедност и заштита при работа, технологија на работење, опрема, алат, третирање на отпад, горива како посебна тема (дрво, нафта, гас, палети), односно како што вели таа буквар на оџачарството.
Истата е преведена на германски и се користи за потребите на Баварската оџачарска комора, односно е во користење во Германија ама не е во користење во Македонија.
Повеќе за Јасмина Атанасова Симјаноска – првата и единствена жена дипломиран оџачар во Македонија погледнете во видеото „Оџачарство – професија која не познава род“.
Институциите мора да работат на кревање свест кај граѓаните за превентивно чистење и одржување на оџаците кои доколку се оставаат неисчистени за време на грејната сезона можат да бидат причина за бројни штети. Добрите практики во оџачарството од Хрватска и другите Европски земји треба да се пресликаат и во нашето општество со цел намалување на бројот на пожари поради неисчистени оџаци, како и намалување на загаденоста на воздухот.
Со донесување на Закон за оџачарство и повеќе граѓани би се одлучувале за професијата оџачар/ка бидејќи ќе имаат поголема загарантираност за безбедноста при работа и нивните работнички права.