Криза за домување – со 2052 легла помалку, студентите изнајмуваат станови под кирија

Автор: Љубица Иванова
Продукција: Види Вака

На танталови маки се македонските студенти поради недостаток на легла во студентските домови и ред други предизвици со кои се соочуваат од година во година.

Тантал (митологија) – танталови маки претставуваат залуден копнеж по нешто што е сосем блиску, а сепак е недостижно.

Токму такви, блиски, а недостижни за студентите се студентските стандарди кои од година во година се ветуваат, а никако да се подобрат, напротив, оваа академска година им зададе нови главоболки.

Официјално изминатата недела започна академската 2024/25 година, а во Скопје не работат два од петте студентски домови. Па така за разлика од претходните години, годинава студентите на располагање имаат 2583 легла што е двојно помалку отколку ако сите државни домови во Скопје би работеле со полн капацитет односно 4635 легла.

Студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ се затворени и се во реконструкција поради несоодветните услови за живот. „Кузман Јосифовски – Питу“ е затворен од академската 2022 година, а реконструкцијата на терен за истиот започна годинава, додека пак од оваа академска година се затворија и трите згради заедно со новите бараки на „Стив Наумов“ кој исто така ќе биде надвор од функција поради нехуманите услови на кои континуирано се жалеа студентите.

Со ова, на студентите на располагање им остануваат 2052 легла или двојно помалку. А во последните пет години се забележува континуиран пад на бројот на сместувачки капацитети во државните студентски домови.

Поради драстично намалениот број на легла, иако во функција е ставен и дел од „Томе Серафимовиќ“, голем број на студенти се принудени да изнајмуваат станови под кирија. Цените на кириите годинава достигнуваат рекордни суми, па така за стан за двајца студенти се бара од 250 до 300 евра. Тоа е видливо и во групите за изнајмување станови на студенти и групите за барање на цимери, каде годинава повеќе од било кога се забележува дека голема бројка на студенти бараат станови за изнајмување.

Студентите се подготвени да дадат до околу 250 евра, ова се забележува според нивните објави за барање стан, а последната недела од септември зачистија објавите во Фејсбук групите со оглед што академската година почна од први октомври.

Годинава исто така се забележуваат и објави каде студентите во групите бараат доколку некој кој веќе добил соба во некои од студентските домови, ја издава, а и такви кои бараат замена од еден во друг студентски дом поради како што пишуваат локацијата на нивниот факултет која е далеку од студентскиот во кој добиле соба.

Цените на кириите пак се движат почнувајќи од околу 250 евра, а има и такви од над 350 евра сѐ до 500 евра во зависност од локација, квадратура и дали се работи за нова зграда. Има и сопственици на станови кои нудат само една соба по цена од околу 100 до 120 евра.

Удар врз студентскиот стандард и нетранспарентност од страна на МОН

Низа поплаки стигнале до Комисијата за студентски стандард при Универзитетско студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во врска со конкурост за сместување.
Претседателот на оваа Комисија, Слободан Панајотов вели дека дел од поплаките на студентите се поради одбиени апликации за сместување со образложение од страна на Министерството за образование и наука, дека имале “Некомплетна документација”.

„Моменталната ситуација со домувањето на студентите во Скопје, особено со реконструкцијата на домовите Стив и Кузман претставува значителен удар врз студентскиот стандард. Со затворањето на овие домови, капацитетот на легла е значително намален, што доведува до зголемена конкуренција за ограничените места во домовите. Ваквиот намален капацитет на легла ги става во неизвесност студентите за тоа дали ќе добијат легло или пак ќе бидат приморани да бараат станови под кирија.

Во врска со поплаките за сместување кои се пристигнати до нас, најчесто тие се однесуваат на студенти кои како прва опција ги имаат одбрано студентските домови Гоце или Пелагонија, а не биле сместени во истите. Наместо тоа, без образложение биле префрлени во студентскиот дом Томе Стефановски-Сениќ. Потоа имавме поплаки од студенти кои доаѓаат од социјално ранливите категории и на првичните резултати не биле ослободени од плаќање на партиципација иако истите тие ги исполнувале критериумите за да бидат ослободени од плаќање. Исто така добивме поплаки дека на студентите им се одбиени апликациите за сместување со образложение од страна на Министерството за образование и наука дека имале “Некомплетна документација”, без притоа директно да бидат наведени кои документи им фалат на студентите. Ваквото нетранспарентно постапување од страна на Министерството за образование и наука предизвика голем револт кај студентите, бидејќи тие наместо своето време да го насочат кон учење и безгрижно студирање, принудени се да го трошат низ административните лавиринти за да си обезбедат легло во некои од студентските домови“ – посочува Слободан Панајотов – претседател на Комисија за студентски стандард при УСС – УКИМ.

Согледувајќи ја ваквата ситуација, Универзитетско студентско собрание стапило во контакт со Секторот за ученички и студентски стандард при МОН, и на нивна иницијатива е направена електронска пријава каде што студентите можеа електронски да поднесат приговор на нивните првични резултати за сместување.
Позитивни одговори од МОН на околу 60 приговори по разни основи придонела оваа иницијатива, иако од УСС потенцираат дека за жал имало и случаи каде што студентите аплицирале за сместување во студентски дом иако не ги исполнувале условите кои се предвидени во конкурсот.

„Подобро ќе штедам и ќе дадам повеќе пари за стан под кирија, наместо да живеам во мизерни услови за живот во студентски дом“, вака размислуваат дел од студентите незадоволни од условите во студентските домови. Но, има и такви кои се приморани да се снаоѓаат и да изнајмуваат станови под кирија бидејќи не добиле легло во студентски дом.

Како се снаоѓаат студентите:

Доколку двајца студенти делат кирија, во најдобар случај од 250 евра, во приватен стан, на тоа додадено и сметки за струја, вода, Интернет, комуналии, парно од околу 100 евра тоа би значело дека од старт околу 175 евра му требаат на еден студент само за домување. Меѓутоа дополнително студентот треба да издвои пари за храна и за упис на академска година. За разлика од тоа, леглата во студентските домови чинат околу 3600 денари.

Јавниот превоз пак, кој иако е бесплатен за студенти со оглед на намалениот број на автобуси и нередовност, значи и плус пари одвоени за превоз.

Од годинава на некои факултети се зголемија и давачките за упис. Зголемувањето на давачките на некои факултети во рамките на УКИМ надминува и над 2000 денари, а за што студентите и студентските организации изразија незадоволство.

Така на пример, на Правниот факултет се усвоија три ставки за дополнителни трошоци кои студентот треба да ги уплати при запишување на зимски т.е. летен семестар.

-Трошоци за одржување/користење на центрите за правна клиничка едукација (2.500ден)
-Набавка на on-line ресурси за реализација на студиските програми (2.500 ден)
-Набавка на материјални ресурси за реализација на студиските програми (500 ден)

Овие трошоци не се новина само на Правниот факултет, а од Факултетското студентско собрание на овој факултет соопштија дека на оваа одлука за дополнителни трошоци влијаеле со намалување на на иницијално замислениот износ од 8.000 денари кој требаше да се уплати при запишување на зимскиот семестар, до семестрално уплатување од 2.750 денари.

„Не веруваме дека ова е идеалното решение и веруваме во бесплатно високо образование, но од дадените можности, веруваме дека најмалото зло го издвоивме“ – стои во реакцијата на ФФС во врска со новите давачки.

И Панајотов потенцира дека зголемените трошоци за студирање дополнително ја отежнуваат финансиската ситуација на студентите, стоејќи на ставот дека сите дополнителни трошоци за студирање е потребно да бидат финансирани од страна на Министерството за образование и наука, Министерството за финансии, како и останатите државни фондови

„Не е реално да се очекува дека секој студент ќе може да ги покрие сите овие зголемени трошоци. Многумина ќе се најдат во ситуација каде што ќе мора да бараат дополнителни извори на финансии, како што се работа на целосно или скратено работно време“ – истакна тој додавајќи дека на оваа одлука за дополнителни трошоци, Универзитетско студентско собрание излегло со „Реакција по повод зголемените трошоци за студирање на единиците на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје“ , а во комуникација со деканите од факултетите се трудат да ги намалат дополнителните трошоци на минимално ниво.

За зголемените трошоци и недостоинствени услови за студирање гласот го кренаа група студенти од УКИМ и пред почетокот на оваа академска година, преку уметничка инсталација.

„Работам за да студирам“, „Продавам за да студирам“ – гласеа дел од транспарентите кои ги изложија.

Видеото е оригинално објавено 20.09.2024 година

Во меѓувреме од МОН за Види Вака во кратки црти одговорија дека градежните активности во двата домови кои се реконструираат ќе бидат заокружени за 18 месеци од воведувањето во работа, согласно потпишаниот договор со изведувачот, а дека станува збор за темелна реконструкција на внатрешноста на објектите и поставување на енергетски ефикасна фасада, но без детален одговор на прашањето за нехуманите услови за кои се жалеа студентите од овие домови и како истите ќе бидат подобрени.

Видеото е оригинално објавено 18.03.2024

Видеото е оригинално објавено 15.05.2024

Кога станува збор за нехуманите услови и Државниот завод за ревизија, во извештајот од 2024 година, во врска со условите во кои функционираат државните студентски домови во Македонија утврди дека објектите кои ги користат државните студентски домови (ДСД) во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живеење, а намалените сместувачки капацитети и невоедначените услови кои ги нудат студентските домови се пресудни за степенот на искористеност и интересот на студентите за сместување во одредени ДСД, но и незадоволство на студентите во поглед на исхраната во студентските домови со што се наметнува потребата од преземање активности во насока на подобрување на условите во студентските домови и обезбедување на повисок стандард на живеење и студирање на студентите во државата.

Дополнително од МОН не одговорија конкретно како реконструкцијата на два студентски домови во истовреме влијае на сместувачките капацитети за студентите кој како број на легла значително се намалува. Ниту пак дадоа одговор колкав е бројот на студенти кои годинава беа одбиени за сместување поради недоволен капацитет на легла. Сепак, од таму на овие прашања велат: „Сите студенти кои ги исполнија условите во конкурсот, добија сместување“.

Претходно во соопштение за јавноста министерката за образование, Весна Јаневска нагласи дека секој кој ги исполнува условите од конкурсот, ќе му се понуди алтернативно сместување во домовите каде интересот е помал, но и во ученичките домови каде има пристојни услови за сместување и престој.

Инаку за реконструкцијата на овие два и останатите државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид обезбеден е буџет од 25 милиони евра, од Германската развојна банка и Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија.

Facebook
Twitter
LinkedIn