Како само за нас Македонците, да се создадени сите црнила на овој свет?

Автор: Љубица Иванова
Продукција: Види Вака

Македонија во својата историја и 33 години независност била сведок на бројни трагедии кои одзеле многу човечки животи.

Од авионски и сообраќајни несреќи, до природни катастрофи и пожари овие трагедии оставија длабока трага во колективната меморија на македонскиот народ, завивајќи ја во црно Македонија.

Додека некои од овие фатални трагедии се резултат на човечки фактор, а други на природните сили, тие остануваат како вечен потсетник на потребата од подобрување на безбедностите и превентивните мерки, подобрување на системот, почитување на правата и законитe.

За голем дел од овие трагедии не постојат судски разврски, неразјаснети се причините, недовршени се истрагите, неказнети се сторителите.

Последна во оваа хронологија на црна статистика беше несреќата во Кочани, каде токму поради недовербата во системот и поради корупцијата, 59 невини луѓе ги изгубија животите, граѓаните ширум Македонија го кренаа својот глас на протести барајќи правда и казни, за никогаш никоја трагедија да не остане неказнета и да не се повтори поради системска нефункционалност.

Македонија изминативе 33 години поминала многу денови на жалост, но кои несреќи и трагедии ја завија во државата во црно од 1991 година?

5 март 1993 се урна авионот на македонската авиокомпанија „Палер МК“ – 86 лица загинати

По осамостојувањето на Македонија, 18 месеци потоа, на 5 март 1993 се урна авионот на македонската авиокомпанија – Палер МК, од типот Фокер 100, веднаш по полетувањето од скопскиот аеродром. Се урна на 400 метри од пистата.

Вкупно 83 луѓе, од кои 79 патници и 4 членови на екипажот загинале, додека 14 луѓе преживеале. Во тоа време таа била најфаталната авионска несреќа во Македонија.
Во анализите за несреќата било запишано дека причина за падот на „Фокерот“ е тоа што крилјата на авионот не биле размрзнати, што довело до негов дефект и паѓање.

22 ноември 1993 се урна авион од типот Јак-42Д на „Авиоимпекс“ – 116 загинати

На 20 ноември 1993 година на Тројани се срушил авион од типот Јак-42Д на „Авиоимпекс“, кој се враќал за Скопје од Женева, но бил пренасочен кон Охрид поради лошите временски услови на скопскиот аеродром. Сите осум членови на екипажот и 115 од 116-те патници загинале. Единствениот преживеан патник им подлегнал на повредите неколку дена подоцна во охридската болница.

Официјалната верзија според истрагата е дека до незгодата дошло поради „грешка на пилотите“, кога во еден момент ја загубиле контролата над леталото и удриле во планината, при што загинаа 116 луѓе.

3 октомври 1995 година – атентат на тогашниот претседател на Македонија, Киро Глигоров

На 3 октомври 1995 година, во 9 часот и 50 минути бил извршен атентат врз претседателот на Република Македонија. Киро Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загинал неговиот возач Александар Спировски, а бил повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегнал и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувач покрај местото на настанот.
Иако по атентатот била отворена обемна истрага, а се вклучиле и безбедносните служби на САД, Германија и Британија, ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати.

Јануари – ноември 2001 – воен конфликт во Република Македонија – загинаа 75 припадници на безбедносните сили

Воениот конфликт во Македонија во 2001 година беше оружен судир помеѓу македонските безбедносни сили и припадниците на Ослободителната народна армија (ОНА), албанска паравоена група. Конфликтот траеше од јануари до ноември 2001 година и заврши со Охридскиот рамковен договор, кој донесе уставни измени околу прават за Албанците во Македонија.

На 22 јануари 2001 година, вооружена група на ОНА изврши напад врз македонски полициски пункт кај село Теарце, Тетовско. Во наредните месеци, борбите се проширија во регионот на Тетово, Куманово, Скопска Црна Гора и Арачиново. ОНА тврдеше дека се бори за поголеми права за Албанците во Македонија, додека тогашната македонска Влада конфликтот го нарече обид за територијална дестабилизација.

Во конфликтот загинаа 75 припадници на македонските безбедносни сили (полиција и армија) како и припадници на ОНА. Над 140 000 цивили беа раселени за време на борбите.

3 јануари 2001 – несреќа со воен хелихоптер Ми-17 на Попова Шапка – загинаа пилотот и инженерот, а 10-тици војници беа повредени

На 3 јануари 2001 година, воениот хеликоптер Ми-17 на Армијата на Република Македонија (АРМ) се урна на Попова Шапка, при што загинаа пилотот и инженерот, а десетици војници беа повредени.

Хеликоптерот извршувал воена мисија превезувајќи војници и опрема кон воениот објект на Попова Шапка. Според извештаите, несреќата се случила поради лоши временски услови, густа магла и силен ветер, што довело до губење на контрола. Хеликоптерот удрил во земја и се превртел, предизвикувајќи големи оштетувања и жртви.

После оваа несреќа беа заострени правилата за летови на АРМ во неповолни временски услови.

26 февруари 2004 – загина претседателот Борис Трајковски во авионска несреќа во Мостар

Борис Трајковски, тогашен претседател на Македонија, почина на 26 февруари 2004 година во авионска несреќа на патот кон економска конференција во Мостар, Босна и Херцеговина. Авионот се урна во густа магла и пороен дожд на планината во југоисточна Херцеговина. Осум други лица исто така беа во авионот, но никој не го преживеа ударот, што го сруши авионот на три парчиња. Авионот се урна во област која беше силно минирана за време на Босанската војна од 1990-тите, што значително ги попречи напорите за спасување и закрепнување.

Иако причината за несреќата не е позната, се чини веројатно дека тоа е резултат на контролиран лет на терен, евентуално влошен од наводни грешки направени од контролорите на воздушниот сообраќај на ССБХ на Меѓународниот аеродром Мостар Ортијеш. Пристапот кон пистата на аеродромот 34 беше критикуван од пилотите за тоа што е тешко да се справи и бидејќи пистата не е опремена со прецизни системи за слетување, што особено било предизвик во лоши временски услови. 
Постојат шпекулации дека претседателот Борис Трајковски бил жртва на атентат, но никогаш официјално не се разреши, ниту потврди тоа.

16 октомври 2007 година – во сообраќајна несреќа загина пејачот Тоше Проески

Утрото на 16-ти октомври 2007 година, во 6 часот и 20 минути престана да чука срцето на најголемата македонска и балканска ѕвезда Тоше Проески. Балканот се разбуди со вест дека на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска, на 26-годишна возраст загина македонскиот пејач Проески. Тоше за време на несреќата бил на совозачкото седиште во автомобилот со мака фолксваген туарег (Volkswagen Touareg) кој со голема брзина удрик во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната заштитна ограда. Во несреќата вон-животна опасност беа возачот Ѓорги Ѓоргиевски и менаџерката Лилјана Петровиќ.

Кривичниот суд во Скопје после две години од смртта на Тоше, му одреди казна затвор од две години на возачот Ѓорги Ѓоргиевски. Возачот на камионот со приколка, белграѓанецот Славиша Кузмановиќ, во кој се заби „туарегот“ во кој се возеше Тоше, помина само со парична казна за брзо возење. Предметот за несреќата пристигна 5 недели по трагедијата кај Нова Градишка на автопатот Загреб.

Две години подоцна, силниот удар во задниот дел од камионот и излетувањето во банкината крај патот, непрописна брзина од 152 километри на час, недоволна оддалеченост од камионот кој се движел – ова за судијката во процесот беа клучните елементи возачот и пријател на Тоше, Ѓорги Ѓоргиевски да го осуди на 2 години затворска казна. Кривично одговараше поради тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Ѓоргиевски не можеше да ги задржи солзите во завршните зборови искажани во судницата – „изгубив пријател и брат, Тоше засекогаш ќе живее во мене“, подоцна и обвинението го отфрли дека не е виновен и дека не заспал додека возел.
Пресудата подоцна се водеше и во Апелацискиот суд, каде само се потврди пресудата на Основниот суд 1, за затвор од 2 години за Ѓоргиевски.
18 години по смртта на Тоше, голем дел од неговите обожаватели се уште имаат низа прашања околу неговото загинување.

На 12 јануари 2008 – хелихоптерска несреќа на АРМ – загинаа 11 мировници на АРМ

На 12 јануари 2008 година, во една од најголемите воени трагедии во Македонија, загинаа 11 македонски мировници при пад на воен хеликоптер Ми-17 на Армијата на Република Македонија (АРМ) во близина на Катланово, додека се враќаа од мировната мисија АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Хеликоптерот полетал од Приштина, Косово кон воениот аеродром „Александар Велики“ во Скопје, при влегување во македонскиот воздушен простор, хеликоптерот изгубил контрола и се урнал во близина на селото Блаце, кај Катланово. Сите 11 војници загинаа на самото место, а остатоците од леталото беа запалени.

Официјалната истрага утврди дека хеликоптерот летал по визуелна рута, а не според инструментални летни параметри, ниските облаци и густа магла ја намалиле видливоста, што довело до тоа хеликоптерот да удри во висок далновод и потоа да се урне. Имаше шпекулации за евентуални технички проблеми, но истрагата заклучи дека временските услови и човечка грешка биле главните фактори.

5 септември 2009 бродот „Илинден“ потона во Охрид – загинаа 15 туристи од Бугарија

Потонувањето на „Илинден“ беше најголемата бродска несреќа во историјата на Република Македонија. На 5 септември 2009 година, 15 лица загинаа во бродска несреќа со бродот за разгледување „Илинден“ со група од 57 странски туристи којшто потона во Охридското Езеро.

Бродот носел туристи во манастирот Свети Наум, а имал максимален капацитет од 45 патници. Потонал за четири минути, на околу 200 метри од брегот, во плитка вода.
Повеќето од туристите на бродот биле постари граѓани, од кои многумина не можеле да пливаат. Жртвите беа од Пирдоп, Златица, Челопеч и Антон.

Капетанот на бродот „Илинден “, Сотир Филески и претставникот на германски „Лојд“ Бранко Баиќ во Охрид беа осудени на по една година затвор.

Основниот суд во Охрид каде од 28 февруари 2011 година се одвиваше судскиот процес за несреќата, во отсуство го осуди и овластениот претставник на германската осигурителна компанија „Лојд“ Бранко Баиќ, заради несовесно вршење на техничката исправност на бродот „Илинден“ изграден во 1924 година. Бугарските судски власти во посебна постапка со парична казна од 4.500 бугарски лева како и двегодишна забрана за туристичка дејност ја казнија Борјана Георгиева, организаторот на патувањето на бугарските туристи во Охрид, затоа што патувањето го организирала без да се придржува кон одредбите предвидени со закон.

12 април 2012 – извршено убиство на петмина лица со огнено оружје кај езерото во атарот на селото Смилковци, близу Скопје

На 12 април 2012 година е извршено убиство на петмина лица со огнено оружје кај езерото во атарот на селото Смилковци, близу Скопје. Четири момчиња на возраст од 18 до 21 година се убиени и тоа од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски, како и Борче Стевковски, 45 години, од селото Црешево.
Убиствата се случиле меѓу 19:30 и 22:30 часот кога биле најдени телата на убиените, а обдукцијата врз убиените покажала дека во нив е пукано од три типа огнено оружје. Пронајдени се чаури од три различни типа муниција, што сугерира дека имало повеќе од еден извршител на чинот.

Судскиот предмет е сè уште активен и после една деценија од петкратното убиство, со оглед на тоа што осудените на доживотен затвор поднесоа жалби. За двајца од осудените, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, сè уште има потерници и барање за екстрадиција од Косово. Тие двајца заедно со Агим Исмаиловиќ се осудени за тероризам на доживотен затвор, додека за помагање осудени се Хаки Азири на девет години затвор и Фејзи Азири на 15 години затвор. Осудените тврдат дека не се сторители и од Врховниот суд бараат поништување на пресудата.

9 и 10 мај 2015 – Вооружена престрелка во Куманово – Од страна на македонските безбедносни сили загинале осум припадници на специјалните единици на македонската полиција, а биле повредени дури 37 други полицајци

На 9-ти мај во 2015 година во кумановската населба „Диво Насеље“, дел од градската месна заедница „Тоде Мендол“, во близина на автопатот Е75 се случи полициска акција за разбивање на вооружена терористичка група.

Акцијата започнала рано утрината во 04:30 часот во саботата на 9 мај и траела речиси непрекинато 28 часа, сѐ до 10:00 часот во неделата на 10 мај.

Од страна на македонските безбедносни сили загинале осум припадници на специјалните единици на македонската полиција (Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ) а биле повредени дури 37 други полицајци.

Акцијата завршила со победа на македонските специјални сили и целосно неутрализирање и елиминирање на терористичката група, која дел ѝ се предале на македонските власти во текот на вечерта во саботата на 9 мај.

Во ноември 2017 година, Кривичниот суд во Скопје осуди 33 лица на вкупно 745 години затвор под обвинение за тероризам. Седуммина добија доживотен затвор, додека другите добија затворски казни во траење од 12 до 40 години. А четворица беа ослободени. На рочиштето се постави главното прашање од многумина, за кое не се доби одговор, кој им наредил на вооружените лица да одат во Куманово? 

4 август 2015 – наноси кај тетовското село Шипковица – загинаа 6 лица

На 4 август 2015 година, силно невреме со поројни дождови и бура предизвика разорни поплави и свлечишта во тетовскиот регион, најтешко погодено беше селото Шипковица. Во оваа природна катастрофа загинаа 6 лица, меѓу кои и деца, а неколку други беа повредени.

Големите количини дожд предизвикаа излевање на порои и формирање наноси од кал, камења и урнатини, кои со голема брзина се движеа низ селото Шипковица.

Неколку куќи беа целосно уништени, а автомобилите беа однесени од надојдената вода. Најстрашно беше во Шипковица, каде што свлечиштата буквално затрупаа куќи и дворови, при што загинаа 6 лица

По катастрофата, експертите предупредија дека неконтролираното сечење на шумите и слабата инфраструктура го зголемиле ризикот од свлечишта и поплави во овој регион.

А седум години по несреќата жителите сè уште не беа обесштетени за претрпените штети.

6 август 2016 – Поплави Стајковци – кај скопска обиколница загинаа 22 лица

На 06.08.2016 година временска непогода го зафати скопскиот регион кога наврнаа 93 литри на метар квадратен дожд, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето удриле над 800 молњи и громови.

22 лица загинаа, од кои најмладата жртва беше двегодишно дете во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново, најголемиот дел од загинатите граѓани се удавиле во сопствените домови или водата ги понела низ улиците на излегување од своите автомобили.
Над 1.000 граѓани биле евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Меѓутоа Стајковци не ја научи лекцијата по катастрофалните поплави во 2016 година кои однесоа 22 жртви. Жителите велат дека надлежните не ги чистат редовно каналите, по секој пообилен дожд сликата во македонските градови е речиси иста. Неисчистената атмосферска канализација, канали, шахти ги поплавува домовите и земјоделските посади на граѓаните. 

Попусто ни е ние ако имаме канал со мала пропусна моќ, ако покажуваат податоците дека тука можеби, 10-15 метри кубни вода може да протече во секунда, па дури повеќе. Нешто слично како што беше во Стајковци каде и дренажните канали, одводните канали, беа најчесто затрупани со отпаден градежен материјал, шут, пропусти под автопатот коишто не беа доволни да ја пропуштат целата вода, а во голем дел беа наполнети, зачепени, што беше една од можеби главните причини да се случи катастрофата – изјави претходно за Види Вака професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ.

13 февруари 2019 – автобуска несреќа кај Ласкарци, скопско – загинаа 16 лица, над 30 беа повредени

На 13 февруари 2019 година околу 17 часот во атарот на селото Ласкарци, скопско, во автобуска несреќа загинаа 16 лица. Автобусот на компанијата „Дурмо турс“ со 51 патник од Гостивар, сообраќаше на релација Скопје-Гостивар. Автобусот излета од автопатот Тетово-Скопје и падна во провалија пробивајќи ја заштитната ограда на автопатот. Над 30 луѓе беа повредени.

Возачот на автобусот беше осуден бидејќи возел со недозволена брзина од 99 километри на час што предизвикало да дојде до сообраќајната несреќа со смртни последици. Вкупно 39 години затвор добија шестмина осудените за несреќата, а првата пресуда беше донесена после пет години. Казна од 4 години доби газдата на фирмата „Дурмо Турс“, и покрај тоа што фирмата не се придржувала на прописите за безбедност во сообраќајот. Вработените пак во техничкиот центар кои иако утврдиле дека автобусот е неисправен, сепак потпишале записници со кои се тврди дека истиот е исправен за сообраќање. Потписниците на записникот добија по пет години затвор. После несреќата „Дурмо Турс“ продолжи да сообраќа на релација Скопје – Гостивар.

8 септември 2021 – пожар во модуларна болница Тетово – загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти, двајца роднини на пациентите

Вечерта на денот на независноста на Македонија, на 8 септември 2021 година избувна пожар во модуларната болница за Ковид пациенти во Тетово. Во пожарот загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти, а двајца роднини на пациентите.

Два дена по пожарот, оставка дадоа министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот Илир Хасани, директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.

Според истрагата пожарот бил предизвикан од продолжен кабел кој се запалил откако бил употребен дефибрилатор на еден од пациентите.

Условни казни добија тогашниот директор и економски директор на болницата, докторот Бобан Вучевски кој беше обвинет за „непостапување според здравствените прописи за време на пандемија“ е ослободен од обвинение.
Болницата немала противпожарна опрема, во образложението на пресудата стои дека не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар, со што предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и ковид пациентите. Иако должност било да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па сѐ до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар.

23 ноември 2021 – се запали автобус на „Беса транс“ во Бугарија – загинаа 45 лица

На 23.22.2021 година на автопатот „Струма“ во Бугарија загинаа 45 патници вклучувајќи и деца, а само седум патници преживеаја во автобуска несреќа со „Беса транс“. Автобусот се враќаше од екскурзија од Истанбул за Скопје, кога во раните утрински часови автобусот удрил во заштитна ограда по што се запалил.

Истрагата покажа дека автобусот немал валидна дозвола за меѓународен превоз, како и недостаток на соодветни безбедносни мерки во автобусот.

Во март 2024 година, Основниот кривичен суд Скопје го осуди сопственикот и управител на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, на една година и осум месеци затвор за фалсификување исправа поврзана со автобусот што учествуваше во несреќата.

Во декември 2024 година, Апелациониот суд ја укина оваа првостепена пресуда, наведувајќи фактички грешки во наводите на пресудата и обвинителството, и го врати предметот на повторно судење.

Во моментов, кривичниот процес против Беким Хаџиу е во фаза на повторно судење, а истрагите и правните постапки во Македонија и Бугарија продолжуваат.

16 март 2025 – пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани – загинати 59 лица

Македонија се зави во црно и се прогласи седумдневна жалост пора трагедијата што се случи во Кочани. На 16.03.2025 околу 02.35 часот во ОВР Кочани било пријавено дека во кочанската дискотека „Пулс“ избувнал пожар додека се одржувал концерт на групата „ДНК“. 59 лица од кои најголем број млади, меѓу кои и малолетни загинаа во пожарот, а 197 се повредени и сè уште се лекуваат на клиниките во Македонија и ширум регионот.

Низа пропуст во дискотеката довеле до големата трагедија – дискотеката „Пулс“ немала валидна лиценца. Како што известија надлежните, лиценцата на дискотеката била со важност до март 2024 година, меѓутоа истата била стекната нелегално, со мито и корупција. Објектот бил регистриран за лесна индустрија, а не како угостителски објект. „Пулс“ немала хидрантска мрежа, ниту во објектот имало хидратант во употребна функција, а во цел објект се наоѓале само два ПП апарати. Покрај тоа дискотеката немала две врати за евакуација на луѓе, туку само една која била импровизирана метална врата заклучена и без квака, обложена и наменета за звучна изолација, поради што кобната ноќ присутните можеле да излегуваат само од една врата. Трагедијата во Кочани ја извади на виделина информацијата дека само 12 дискотеки во Македонија работат со лиценци и легално, но ниту тие не ги исполнуваат во целост пропишаните услови, односно дека во целосна илегала се одвива ноќниот живот во Македонија.

Овие пропусти овозможиле користење на пиротехнички средства за време на настапот на групата „ДНК“ во „Пулс“, што довело до пожарот со катастрофални последици.

Корупцијата како корен на трагедијата во Кочани

Истрагата е во тек, осомничени се 34 физички лица, истражна постапка се води против 27 физички и три правни лица што укажува на обемноста на пропустите во системот.

Меѓу осомничените се наоѓаат седум полициски службеници, како и лица одговорни за издавање и контрола на дозволите за работа на дискотеката.

Она што се повторува како заедничко за повеќето од овие трагедии се пропустите на институциите, недоволна контрола, технички недостатоци, човечки грешки, секој од овие фактори довел до загуба на човечки животи кои можеле да се избегнат.

И покрај сериозноста на трагедиите, истрагите често се одолговлекуваат, а судските процеси завршуваат со благи или условни казни што создава чувство за неказнивост.

Наместо да се утврди целосна одговорност и да се преземат конкретни мерки за спречување на слични несреќи во иднина, многу случаи завршуваат со симболични санкции или без вистинска правна разврска. Овој недостаток на системска одговорност не само што ги разочарува семејствата на жртвите, туку и овозможува истите грешки да се повторуваат, со нови човечки загуби.

Најважната лекција од овие трагедии е дека мора да се извлечат конкретни поуки за иднината, од подобра координација на службите, строга имплементација на безбедносните мерки и одговорност од надлежните. Само со таков пристап може да се намали ризикот од повторување на слични катастрофи и да се заштитат животите на граѓаните.

Facebook
Twitter
LinkedIn