Дождовен страв

Речни корита преполни со дивоградби, нелегална сеча на дрвја, нередновно чистење на општински каналите, ниска свест за фрлање отпад, излевање на реки... Многубројни се причините што ги поплавуваат македонските градови.
Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов, Тања Рибарска
Продукција: Види Вака

Неисчистени канали со обрасната вегетација и ѓубришта – Стајковци не ја научи лекцијата по катастрофалните поплави во 2016 година кои однесоа 22 жртви. Жителите велат дека надлежните не ги чистат редовно каналите.

Состојба на каналите во Ченто, Стајковци, Црешево – 23.06.2023 година

„Да не се повтори“ ќе ви рече секој што ќе го сретнете во скопското село Стајковци ако го прашате за поплавите во 2016-та година.

22 жртви, дваесетина повредени и над 1.000 граѓани беа евакуирани на 6 август 2016 година по поплавите кои го зафатија Скопскиот регион. Трагедијата ги сплоти граѓаните кои се мобилизираа за помош на настраданите села Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.

Пред седум години, 8-ми август беше прогласен за ден на жалост во Македонија, но до ден-денес жителите на Стајковци со горчина зборуваат за невремето. Дел од нив изгубија блиски, им беа уништени домовите, земјоделските ниви. Не сакаат да се присетуваат на деталите, бидејќи како што велат, она што се случи им остави психички последици и ги исцрпе финансиски.

По секој пообилен дожд сликата во македонските градови е речиси иста. Неисчистената атмосферска канализација; канали, шахти ги поплавува домовите и земјоделските посади на граѓаните. Само годинава, поројните дождови направија штети во Делчево, Охрид, Тетово, Крива Паланка итн.

08.06.2023 година

Поплавени домови, подрумски простории, откорнат асфалт – Делчево е меѓу последните градови каде инфраструктурата и канализацијата не го поминаа тестот на поројните дождови. Овие поплави не земаа човечки жртви, но Делчевчани беа оставени сами деноноќно да се справуваат со штетите.

Вкупно 160 пријави за штети од физички и правни лица е резултатот од поплавите во Делчево.

12.06.2023 година

Набрзо по поплавите, Општина Делчево отвори донаторски сметки за физички и правни лица, за собирање средства во хуманитарни цели, како помош за штетите од полавите.

20.06.2023 година

На Владата и требаа скоро две недели за да прогласи кризна состојба на подрачјето на општините Делчево и Крива Паланка заради поплавите и справување со поплавите и последиците од нив.

27.06.2023 година

Една недела подоцна, Владата одлучи јавни државни претпријатија да ги санираат штетите на улиците и патиштата во општините Делчево и Крива Паланка. За нивно санирање, заштита и реконструкција, ќе бидат ангажирани Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и Јавното претпријатие за јавни државни патишта. Двете јавни претпријатија имаат рок од шест месеци да достават извештај за извршената работа. Додека пак, останатата оштетена инфраструктура ќе се санира со средства од буџетот на Општина Делчево.

При секое невреме, граѓаните на социјалните мрежи објавуваат фотографии и видеа од своите поплавени домови, но и улици, остануваат дежурни во текот на ноќта да си ги спасат живеалиштата, со единствен апел – надлежните да си ја вршат работата навремено.

Проблемот со канализација, шахти и немање одвод е голем предизвик и за главниот град Скопје.

Зголемен број на човечки жртви од поплавите во регионот и Европа

Ситуацијата не е ништо поразлична и во регионот. Изминативе години како последица на поплави починаа луѓе во Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Италија…

Поради обилните врнежи од дожд, надојдената река Трнавица во Србија и реката Миљацка во Сараево земаа човечки жртви.

Годинава, катастрофална беше состојбата во Италија. Поради излевање на 14 реки од коритата беа поплавени 23 градови каде загинаа 14 лица.

Над 10.000 луѓе беа евакуирани, а дел од граѓаните беа спасувани од покривите на куќите со хеликоптери. Над 36 илјади луѓеа беа принудени да ги напуштат домовите.

Европските држави ги забрзуваат плановите за заштита од поплави

За цели 15 години е забрзан работниот план за заштита на Лондон од поплави поради климатски промени. Промената е заснована на подобрени модели за климатски промени кои покажуваат „зголемен ризик од поплави поради затоплување на климата и зголемување на нивото на морето“.

Лондон, кој се наоѓа на плимниот дел на реката Темза, на околу 80 километри од морето, моментално е заштитен од бранови со подвижна бариера за поплави широка 520 метри, која се наоѓа на исток од градот и се подига неколкупати годишно.

Британската Влада сега ја забрзува постоечката програма за адаптација на климата со цел зголемување на заштитата на градот до 2050 година, наместо до 2065 година, како што првично беше наведено во документ од 2012 година.

„Нивото на морето се зголемува со забрзано темпо во целото устие на Темза и затоа е од суштинско значење да дејствуваме сега за да одговориме на климата која се менува“ – Џули Фоли, портпарол на државната Агенција за животна средина.

Одговорноста на човекот

Поплавите како појави во општествата не зависат само од еден фактор. Тука влијае и градежната експанзија на градби и дивоградби во близина на речните корита, нелегалната сеча на дрвја, ненавременото чистење на атмосферската канализација, ниската свест за фрлање отпад во каналите и речните корита. Но сѐ се сведува на единствениот причинител – човекот. Тој не смее да го занемарува потенцијалот на природата, важноста на шумите, реките, соодветното рециклирање на отпад и намалување на депонии, на извршување на должностите кога станува збор за чиста животна средина, која на крајот на денот е секоја општина, град, село со исчистена атмосферска канализација, квалитетна инфраструктура.

Потребно е да се создадат средини кои постојано ќе работат на подигнување на свеста за тоа каде ќе се фрла отпадот и зошто не смеат да се сечат шумите кои се првите апсорбирачи на дождот. Човекот треба да се радува на дождот кој порано бил воспеван за богатство кое помага за земјоделството и прехрана. А не, како денес, во 21-век, кога секој пороен дожд е страв за сопствениот живот и дом.

Facebook
Twitter
LinkedIn