Година на избори, но и на протести – правата на работникот оставени да се решаваат постизборно

Автор: Бјанка Станковиќ, Љубица Иванова, Ангела Петровска
Продукција: Види Вака

Бавен, хаотичен, со нерегуларности и застој, вака изгледа јавниот превоз во Македонија, но и напредокот на правата на работниците токму во оваа сфера. Годинава ја одбележија низа протести во Македонски железници, но и јавниот градски автобуски превоз.

Работниците во овие институции сè уште се соочуваат со експлоатација, вработување без здравствено и пензиско осигурување како и несоодветни и ненавремени плати за трудот. Работниците од различни сектори, како што се здравство, култура, животна средина и така натаму, неколкупати излегоа на протест да го искажат револтот за условите во коишто работат.

Прашањата за работникот ќе се решаваат постизборно

Ова е година на избори, но и на протести. Додека политичарите подготвуваа и презентираа кампањи за претседателските и парламентарните избори, прашањата што ги засегаат работниците оставија да ги решаваат постизборно.

Најголемите политички партии побараа глас од народот, а за возврат ветија дека ќе ги подобрат условите на работниците во Македонија. Па така, СДСМ во својата програма вети дека ќе го исполни ветувањето за просечна плата од 1.100 евра до крајот на следниот мандат. Социјалдемократите ветија дека ќе го продолжат патот на раст на просечната плата за влез во ЕУ со 1.300 евра просечна плата. Доколку освојат мандат, ветуваат дека до крајот на мандатот ќе се постигне до минимална плата од 600 евра.

ВМРО-ДПМНЕ се обврза дека ќе го подобри животниот стандард просветните, здравствените, културните и социјалните работници, на вработените во судството, полицијата и во војската и на сите вработени во јавната администрација, а платите ќе се зголемуваат со растот на економијата. ВМРО-ДПМНЕ исто така најави дека ќе креира нови високоплатени работни места, како и подобар стандард на работниците.

Левица со ветување за зголемување на минималната плата, на 2/3 од утврдената синдикална потрошувачка кошница и нејзино законско унифицирање на единствено ниво за сите стопански и нестопански дејности. Исто така, тие се залагаат и за воведување на шестчасовен работен ден (т.е. 30 часовна работна недела, наместо 40 часовна) – намалување на полното работно време од 8 на 6 часа дневно, без негативни импликации врз висината на примањата кои ги примаат работниците, а со цел зголемување на продуктивноста и личниот развој, како и намалување на невработеноста.

„Ние работниците“ ССМ и КСОМ – првомајски

Во оваа 2024 година која ќе остане одбележана по изборите, во првата половина од годината се зголеми и бројот на протести во кои работниците од различни сфери го искажаа незадоволството и ги алармираа политичарите со цел да не ги заборават и правата на македонскиот работник.

Сојузот на синдикати на Македонија заедно со Конфедерација на синдикалните организациите на Македонија на 1 мај бараат новоформираната Влада да ја зголеми минималната плата на најмалку 450 евра. Нивниот заеднички протест под мотото „Ние работниците“ ќе започне од работничкиот дом до Собрание, Стопанска комора и ќе заврши пред Владата. Синдикатите ги повикаа сите работници кои не ги добиваат навремено своите плати и оние на кои не им се покачија платите, да им се придружат на протестот.

„За жал, работниците во Македонија од јануари до април се посиромашни месечно за некаде околу 3.000 денари или за 50 евра. Ако тоа не е доволна причина да ни се придружат на Првомајскиот протест и ако тоа не е доволна причина да излезат и да кажат дека се премали платите, а преголеми се трошоците, треба да размислат добро. Тоа што можам да кажам е дека психолошката бариера од 60 илјади денари новата пресметка на синдикалната минимална кошничка сигурно ја преминува и тоа треба да биде црвен картон за сите оние кои се сомневаа и во пресметката на синдикалната минимална кошничка, меѓутоа се сомневаа и укажуваа дека работниците во Македонија можат да преживеат со далеку помалку. Лесно е да креирате политика со 2.500 евра, тешко е да преживеете со 22.500 денари,“ истакна Слободан Трендафилов, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.

Градскиот превоз и Јавното сообраќајно претпријатие во колапс

Вработените во Јавното сообраќајно претпријатие штрајкуваа во неколку наврати поради доцнењето на нивните плати. Нивните автобуси беа паркирани во гаражите на ЈСП, градскиот превоз во Скопје беше во застој, а работниците на улица.

Советот на Град Скопје во јануари на вонредна седница донесе одлука за обезбедување на средства за исплата на нивните плати и на работниците им вети дека имаат обезбедено пари за текот на целата година, но нивните плати уште следниот месец доцнеа повторно. Додека траеше расправата, десетици вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, на минусни температури ја чекаа одлуката на улица.

Видеото оригинално е објавено на 29.11.2022 година

„5 до 12“ за македонското здравство

Приватните специјализанти излегоа на протест и штрајк за да потсетат за вредноста на белиот мантил. Тие побараа покачување на платата, која моментално им изнесува 26.000 денари, работат без здравствено и пензиско осигурување, не им се исплаќаат навремено дежурствата и не се вработени. Специјализантите не можат да се лекуваат во институцијата во којашто даваат услуги и се приморани да одат на приватно лекување. По завршувањето на првиот протест, беа повикани од министерот за здравство Илир Демири кој им вети дека ќе добијат повисока плата и здравствено осигурување, но Владата одлучи за специјализантите да разговара по изборите. Здравствената алка во која клучна улога имаат и специјализантите е на раб да се соочи со егзодус, бидејќи како што порачаа и самите на протестите, подобри услови им нудат земјите во странство.

Видеото е оригинално објавено на 23.04.2024 година

Здравство на протест за плата

Вработените во здравство побараа соодветно зголемување на коефициентите на вработените согласно зголемените трошоци на живот. Сојузот на синдикатите на Македонија и Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија заедно со членовите – вработените во здравство излегоа на протест кој започна пред Работничкиот дом и заврши пред Министерството за здравство за да го изразат незадоволството од непотпишувањето на Анексот на Колективниот договор за здравствената дејност кој го подготви Самостојниот Синдикат за здравство, а со кој требаше да се зголемат платите на сите вработени во дејноста.

„Жолт картон за судиите од Врховен суд“

Синдикалците излегоа на протест со цел да го зачуваат синдикалниот дом, односно зградата на ССМ за која Врховниот суд одлучи дека треба да им се одземе. Работниците им дадоа жолт картон на судиите од Врховниот суд кои донесоа пресуда за одземање на работничкиот дом на ССМ, кој е во сопственост на Синдикатот повеќе од 65 години и е граден од синдикалната членарина на работничките плати. Основниот граѓански суд Скопје донесе Решение со кое Предлогот за повторување на постапката за конфискација на Работничкиот дом го праќа во Врховниот суд, со што Врховниот суд кој ќе има можност да ја исправи неправдата нанесена на работниците.

Видеото е оригинално објавено на 03.04.2024 година

Замрзнати работнички права во Македонски железници

Извршниот персонал на Железници и годинава протестираше за нехуманите работни услови во кои работат. Со штрајк го искажуваат своето незадоволство бидејќи Управниот одбор нема слух за нивните барања, а студот е еден од главните предизвици за нив. Но проблем е и тоа што најголемиот дел од извршниот персонал е пред пензија, па просекот на старосната возраст на вработените во Железници е 58-59 години, а во меѓувреме нема нови вработувања во Македонски железници.

Видеото е оригинално објавено на 23.01.2024 година

Во Македонија во просек умираат 20 работници годишно

Тешки телесни повреди, смрт, непријавена работа, недостаток на соодветна заштитна опрема, нерегистрирани прекувремени часови, работникот во Македонија се соочува со низа предизвици. Јавниот, но и приватниот сектор секој со своите недостатоци, но во истиот кош за злоупотреба на трудот на работникот. Од 2019 до 2023 година, поради повреда на работно место починале 86 работници во Македонија, покажуваат податоците од Државниот инспекторат за труд. Најчестите причини за смрт кај работниците при работа се: невнимание, несоодветна опрема, некористење на заштитна опрема. Што се однесува до повреди на работно место и жртви, тоа не е единствена болка на работниците. Голем дел од работниците доаѓаат во синдикатот и се жалат на многу други прекршувања од Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работ.

Видеото е оригинално објавено на 24.02.2024

3.000 вработени во култура протестираа за плати

Вработените во култура преку своите Синдикални организации известија за последиците од непочитување на правата на работниците предвидени со колективните договори. Наместо ветеното покачување за 12%, околу 3.000 вработени во повеќе установи од културата останаа без мартовската плата. Покрај незадоволството за задоцнетата плата, Синдикатот на културата побара и усогласување на платата која според колективните договори треба да е зголемена за 12%.

„Плата нема, поштари нема ама на секој работник има по еден шеф“

Вработените и синдикатите за реформирање и опстојување на Македонска пошта годинава протестираа и бараат изготвување нова систематизација, нов колективен договор, реонизација на поштенските реони, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.

„Исто така, покрај комплетно реформирање, бараме и да се реши статусот на договорните поштари кои со години работи без здравствено осигурување и за минимална плата. Се доведовме до ситуација да имаме еден шеф на еден работник. Да не споменувам дека се соочуваме со крајно лоши услови за работа кои се супстандардни и немање доволно средства за работа. Доволен е да кажеме фактот дека после 15 години сега добивме униформи, само за поштарите и тоа зимска униформа, за летна не знаеме, сè уште чекаме,“ рече Боро Велигденов, претседателот на Синдикатот на Македонска пошта.

Протест за плата во Водостопанство

Агро-Синдикат и Синдикалната организација на АД Водостопанство преку мирен протест побараа од Владата да им се префрлат средства за плати и трошоци за гориво, електрична енергија и резервни делови за да ги подготват и одржуваат каналите за наводнување и одводнување, цевководите за достава на сурова вода, се со цел да може да отпочне и да се заврши сезоната за 2024 година. Од основањето во 2016 година, во последните три години велат се соочуваат со финансиска криза, а најтешка им е актуелната 2024 година. Тие предупредија дека во прашање ќе биде доведен земјоделскиот род и загрозена егзистенцијата на 30 илјади земјоделски семејства.

„Ние работниците од Македонски шуми на протест за плата“

Протестираа и вработените во 30 подружници на ЈП „Национални шуми“ пред дирекцијата на претпријатието, бидејќи втор месец немаат плата, а со оглед на тоа што голем процент од нив се теренски работници, не им се исплатува ниту теренскиот додаток. Станува збор за околу 1.800 вработени. Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање сметаат дека во ЈП „Национални шуми“ не треба да има сезонски вработувања од 10 месеци годишно, туку вработените треба да работат 12 месеци, да земаат плата и да им бидат платени придонесите.

Прекини ја нишката за прекршување на работничките права!

Со цел подигнување на свеста за кршење на работничките права, Види Вака го изработи краткиот филм „Вера, Сања и Ева“ кој е составен од три посебни приказни поврзани со заедничка тема – кршење на работничките права прикажани преку бруталната реалност со која се соочуваат текстилните работнички. Приказните имаат за цел да испратат силна порака за прекршување на работничките права во текстилната индустрија, но и да се прекине нишката за прекувремена работа, пари во плик и неисплатена плата на работничките и работниците.

Видеото оригинално е објавено на 25.9.2023 година

Први мај, глобално познат како Меѓународен ден на работниците или Ден на трудот е симболичен потсетник на борбата за правата на работниците. Во светот, обележан е со протести, демонстрации и собири преку кои работниците се залагаат за достоинствени плати, подобри работни услови и севкупно подобрувања на животот на работниците. Борбата за правата на работниците е патување, а не дестинација. Иако напредокот може да биде бавен и нерамномерен, историјата покажа дека промените се можни кога луѓето ќе се здружат да бараат правда и еднаквост.

Facebook
Twitter
LinkedIn