„А, бре, Македонче“ – сигналот по кој светот разбра за скопскиот земјотрес

Автор: Љубица Анѓелкоска и Христина Ѓорѓиевска Илиевска
Продукција: Види Вака
Скопје
„Некој запиша: на дваесет и шести јули илјада деветстотини шеесет и трета, во пет и седумнаесет, загина градот на Вардар. Каква страотна пресуда на природата, каква катастрофална закана на вистината, содржана во еден единствен миг од времето – пет и седумнаесет.“

Вака својот текст во списанието за литература „Современост“ го започнува македонскиот поет Ацо Шопов.  

Кога стрелките на часовникот пред 63 години покажаа 5 часот и 17 минути, Скопје ја доживеа една од своите најголеми катастрофи, за само 20 секунди, главниот град се сруши. Постземјотресно животот во Скопје се одвивал низ голема болка, солидарност и обновување на градот.

Веста што го обиколи светот

Во 5 часот и 27 минути, само десетина минути по првиот потрес се пренесе првата информација во светот за катастрофалниот земјотрес. Оваа информација ја пренесе тетовскиот радиоаматер Симо Буневски – Мабус, со радиаматерски код YU5NCF.

Поради разурнувањата и немањето електрична струја, дури 5 часа по земјотресот, Радио Скопје започна да известува. Додека Скопје сè уште ги пребројувало последиците од земјотресот, предавателот добивал струја од блиската термоцентрала. Пред чуварската зграда, на импровизирана студиска миксета и магнетофон, била снимена првата информација. Во 10:30 часот, по сигналот „А, бре, Македонче“, светот дознал за трагедијата што го погоди градот.

Шпица „А, бре, Македонче“, Радио Скопје

Првиот филм почнал да се снима три дена по земјотресот

Режисерот Вељко Булајиќ по земјотресот пристигнува во Скопје и три дена по катастрофата започнува да го снима документарниот филм „Скопје 63“. Овој филм бил прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1964 година, а бил избран за југословенски кандидат за Оскар за најдобар странски филм на 37 издание на доделување на Оскарите, но не добил номинација.

Филм „Скопје 63“ на режисерот Вељко Булајиќ

По земјотресот, првата учебна година за скопските ученици се одвивала под шатори и во монтажни бараки

Земјотресот таа 1963 година целосно го парализира културниот и просветниот живот во Скопје. По речиси месец и половина од земјотресот, во септември учебната година за учениците започнува под шатори и во монтажни бараки.
Според записите за ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје – најстарото училиште во Македонија со непрекината воспитно-образовна дејност на мајчин македонски јазик, за еден од најтешките моменти во историјата на училиштето – земјотресот во Скопје во 1963 година, пишува дека по катастрофата наставата се одвивала во монтажна барака со три училници, организирана во три смени со скратени часови. И покрај тешките услови, наставниот процес продолжил без прекин. 
Многу жители го напуштиле градот и се населиле во новите градски населби, што резултирало со намалување на бројот на учениците во следната 1964 година на 541 во споредба со претходната кога имало 1300 ученици. На 28 декември 1964 година на местото на старата зграда урната во земјотресот почнува да работи новата со 24 училници во кои учеле само ученици од V до VIII одделение.

„Песталоци“ – училиштето што го напиша новото поглавје на сеизмичката градба

По скопскиот земјотрес од 1963 година, основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје, станува првиот објект во светот кај кој е применет методот на сеизмичка изолација со лежишта од природна гума – метод кој нуди висока безбедност од земјотреси.
Градбата со сеизмичка изолација била направена благодарение на донација од Швајцарската влада, а е дело на швајцарскиот архитект Алфред Рот.

Уметноста најде сцена и меѓу урнатините

Првите концерти и претстави се одржуваа под отворено небо или во импровизирани простории. Македонскиот народен театар продолжи со работа, иако ја изгуби својата зграда, поради големи оштетувања мораше да биде урната. Наместо да престане со работа, ансамблот многу брзо продолжил да настапува во монтажни и привремени објекти, како и во други сали низ градот. Ова било една од првите пораки дека културата нема да запре и покрај катастрофата.

Еден од раните документирани музички моменти поврзани со периодот по земјотресот е настапот на Есма Реџепова во документарниот филм „Скопје 63“, каде се гледа врз рушевините како таа настапува со својот бенд.

Есма Рецепова во филмот „Скопје 63“ на режисерот Вељко Булајиќ

Уметничка солидарност

По земјотресот Скопје не доби само помош за обнова, туку доби и светска уметничка солидарност. Уметници од целиот свет донираа слики, скулптури и други вредни уметнички дела.

Францускиот писател и филозоф, Жал Пол Сартр изјавил:

„Скопје не е филм, тоа не е трилер во кој го насетуваме главниот настан. Тоа е концентрат на човековата борба со природата, но и резултат што вдахнува за нова борба, а не за прифаќање порази.“

Први кои донираат се италијанскиот сликар Џузепе Сантомазо, германскиот графичар Хап Грисхабер, како и хрватскиот колекционер Герхард Ледиќ. Додека црногорскиот и српски уметник Петар Лубарда, ги подари сите дела од неговата самостојна изложба во таа 1963 година.

Видеото оригинално е објавено 11.3.2023 година

Само неколку месеци по земјотресот, уметничката солидарност достигна збирка од нас сто уметнички дела. Така и се роди идејата да се формира Музејот на современата уметност.

Есента 1963 година, полскиот архитект Адолф Циборовски го избира Калето како место од каде МСУ ќе ја шири уметноста на градот.

Во 1963 година Пабло Пикасо ја подарува сликата „Глава на жена“ за градот Скопје по катастрофалниот земјотрес, која станува дел од идниот Музеј на современата уметност – еден од најсилните симболи на светската солидарност кон Скопје. Но истата беше украдена во 1971 година и вратена во Скопје.

Од железничко депо до дом на уметноста

Оштетената Железничка станица не била урната, таа е претворена во Музеј на град Скопје каде стрелките на часовникот засекогаш останаа на 5:17 часот – времето кога почнал земјотресот и застанал животот за Скопје.
Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз-Тито, изјавил:

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“

Пораката и денес стои на Старата железничка станица како потсетник за солидарноста за изградбата на пост-земјотресно Скопје.

35 држави од светот ја изградија Универзална сала

Цел свет донирал станови, куќи, објекти за Скопје, а една од првите одлуки по земјотресот била изградбата на културен дом.

Како подарок на меѓународна солидарност од 35 држави почнала да се гради Универзална сала во Скопје, а официјално била отворена на први јануари 1966 година. Концертната сала е симбол за солидарноста по скопскиот земјотрес, но за жал веќе повеќе од десетина години е надвор од функција. Реконструкцијата на Универзалната сала најавија дека ќе заврши до декември 2027 година

Видеото оригинално е објавено на 21.4.2026 година

Проектирање на новото Скопје – симбол за меѓународна обнова или Кензо Танге – визионер за новото Скопје

По земјотресот Скопје било 65% разрушено. Набргу потоа започнала обновата на градот каде на конкурс на Обедниетите нации за план за Скопје, победил јапонскиот архитект Кензо Танге. Во 1965 година, Кензо Танге го проектира новото Скопје. Планот за Скопје кој го изработил Танге бил налик на Токио во шеесетите години, но само делумно бил исполнет тој урбанистички план.

Кензо Танге, фото: Државен архив на РМ

Според проекциите на Кензо Танге за Скопје, биле изградени новата Железничка станица и линија на станбени згради во центарот на Скопје познати како градски ѕид.

Видеото оригинално е објавено на 25.7.2026 година

Денот 26 јули 1963 година кога Скопје беше разурнато, не е само приказна за големата катастрофа што му се случи на главниот град, туку е приказна за солидарноста, храброста и новиот почеток. Од урнатините и пепелта се роди град кој целиот свет го обновуваше со архитектура, институции и порака дека по секоја катастрофа најважна е способноста да се создаде повторно. Скопје денес го живее духот на носталгијата за минатото, од смелиот план на Кензо Танге за ново Скопје, се реализирани мали делови, не се изгради целосно сонот на Танге. Но, Скопје и денес сонува за да биде град што ќе учи од своите грешки, ќе ја спои историјата со иднината и ќе расте со визија за почист,поздрав и побезбеден живот.

Драган Мијалковски, „Скопје младост моја“

Facebook
Twitter
LinkedIn