Скопје пред 60 години прв град во светот со иновативна асеизмичка градба

Скопското училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ претставува пример за градба со сеизмичка изолација која за жал остана прва и единствена од таков вид во Македонија.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Тања Рибарска и Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

По скопскиот земјотрес од 1963 година, основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје, станува првиот објект во светот кај кој е применет методот на сеизмичка изолација со лежишта од природна гума – метод кој нуди висока безбедност од земјотреси.

Градбата со сеизмичка изолација била направена благодарение на донација од Швајцарската влада, а е дело на швајцарскиот архитект Алфред Рот.

Скопското училиште, кое го носи името на големиот швајцарски педагог Јохан Хајнрих Песталоци, претставува пример за иновативна асеизмичка градба која за жал остана прва и единствена од таков вид во Македонија.

проф. д-р Зоран Ракиќевиќ

Сеизмичка изолација со лежишта од природна гума – технолошко достигнување кое во светот и Европа за првпат било имплементирано во Македонија, по катастрофалниот скопски земјотрес, и денес сè уште важи за една од најбезбедните методи за заштита од земјотреси.

Сеизмичката изолација работи на принцип да нема триење помеѓу темелите и самата конструкција при земјотрес, односно, задача на изолаторите е да ги намалат вибрациите кои би се пренеле на градбата при земјотрес и ефектот е како да лебди објектот над земјата.

Изолацијата се прави на горната конструкција на темелите со поставување на сеизмички лежишта кои можат да бидат гумени, на принцип на триење и слично.

И покрај големата сигурност и безбедност од земјотреси која ја нуди, методот на сеизмичка изолација не се применил на ниту една друга градба во Македонија освен во училиштето „Ј.Х Песталоци“, бидејќи за негова имплементација неопходни се повеќе фактори.

Од напредни технологии, одржување на лежиштата и обуки на градежниците за надградување на знаењата, професорот Ракиќевиќ потенцира дека иако концептот на сеизмичка изолација е прилично едноставен, проблем се јавува кај неговото проектирање.

„Ние немаме овде индустрија која ќе поддржи производство, значи сите овие лежишта кои ќе треба да се вградат во објектите треба да се произведат надвор, значи ние немаме индустрија, најголем производител на такви лежишта, фирмата е „Bridgestone“, не произведуваат само гуми за автомобили, во Малезија тие се најголеми производители на гуми и на вакви лежишта за сеизмичка изолација. Има и други и во Италија, таму пак има и што работат на триење.“ – проф. д-р Зоран Ракиќевиќ – заменик директор за меѓународна соработка и развој при Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

Клучно кај сеизмичката изолација е константното и прописно оддржување, а по секој поголем земјотрес потребно е заменување на старите со нови сеизмички лежишта – ова пак, доведува до финансиски терет кој доколку државата не го обезбеди, би паднал на товар на граѓаните. А оттука се доведува во прашање и свеста на граѓаните за одржувањето на објектите и, можат ли да го издржат тој финансиски терет.

слушнете ја овде изјавата на професор Ракиќевиќ:

„Не е само да го инсталираме овој систем, овој систем треба да го одржуваме, не се тие ставени еднаш и да траат бесконечно, ситемите подлежат и на контроли, на инспекции, на одржување, на прописи како треба да се постапува со нив, е тоа во оваа држава ние моментално го немаме. Може и затоа најголемиот дел никој не се осмелил да проектира, да изведе ваков објект затоа што ние го имаме искуствотго сите живееме, зборувам за себе, живеам во кула, значи колективно делување, станови, каде што во одредени згради имаат проблем да соберат средства за одржување на хигиената во станот а камоли вие да му кажете дека треба на секои 5, 10 години или еднаш годишно да доаѓа тим од експерти тоа да го провери и како е, да кажеме и таа проверка да е гратис од општината, да е бесплатно, но после одреден период треба да се замени, после одредени земјотреси, зависно од системите тие треба да се сменат, ако се некои кои со намера се ставени да се деформираат, да се оштетат, пластично да се деформираат и на тој начин да десипираат енергија. После секој случен земјотрес со средна и со голема јачина тие треба да се заменат со нови. Значи тоа треба да го плати, ако тоа падне на терет на колективното, секој тоа да треба да го плати, доволно е двајца тројца, 20% да кажат не ние не сакаме, нас не не интересира тоа е долу, јас живеам на петти спрат не, малце треба да ја подигнеме свеста и како треба да се однесуваме на одржувањето на самите објекти.“

Во јули годинава се навршуваат 60 години од траорниот скопски земјотрес, а експертите велат дека единствено со прописно градење градби кои се издржливи на земјотреси може да се превенираат такви страшни трагедии во иднина, но иднината е во проектирање нови технологии, нови материјали.

За сеизмичката изолација треба да се каже дека пресвртница биле земјотресот во Кобе, 1995 година и во 1994 година, земјотресот во Нортрич, Калифорнија. Тоа се два земјотреси кои на некој начин го смениле начинот на гледање и филозофија на проектирање на сеизимички отпорни конструкции.
Така, барањата за сеизмичка изолација кои до 1995 година се сведувале на неколку десетици годишно, од 1995 година натаму, како што посочува професорот Зоран Ракиќевиќ, има експоненцијален, во нагорна линија раст, па денес, после 20 години, стигнуваат до неколку илијади барања за сеизмичка изолација годишно.

Сеизмичката изолација е концепт кој е докажан, проверен и како што потенцира професорот Ракиќевиќ, не значи дека е поскап од конвенционална градба, напротив им овозможува на архитектите да си го искажат она што со класичните прописи за жал не можат да го остварат, затоа што на овој начин во конструкцијата се внесуваат минимални сили, не се деформира, или минимално се деформира.

проф. д-р Зоран Ракиќевиќ

Како се гради во Македонија?

Целта е во превенцијата – да се градат градби кои ќе бидат отпорни на земјотрес.
Во Македонија градбите подлежат на контрола, односно Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија за секоја градба мора да издаде мислење за проектиран степен за механичка отпорност стабилност и сеизмичка заштита.

Согласно Законот за градење, изведувачите имаат обврска да ги повикаат, а Институтот два пати во текот на градењето на конструктивниот систем да излезе да контролира дали објектот односно носечката конструкција се гради согласно проектот за кој ИЗИИС има издадено мислење еднаш во текот на градбата и вториот пат кога ќе се заврши целиот конструктивен систем.

Без овие две мислења објектот односно градбата не може односно не би требало да добие употребна дозвола.

Затоа бесправно изградени објекти се јавуваат како најголеми загрозувачи на безбедноста на градбите во Скопје и Македонија воопшто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2021 година, на територијата на Македонија се регистрирани 739 бесправно изградени објекти.

Така, покрај дивоградбите, како небезбедно при земјотрес е и сè она што се додава и надградува без да се испита, потоа зградите кои се градат една до друга каде ако само една е непрописно изградена, може да предизвика домино ефект на рушење при земјотрес, реновирањето дома самоиницијативно исто така може да ја загрози безбедноста на градбата.

Сеизмичка изолација – секојдневие за градбите во Јапонија

Јапонија е една од земјите која успешно се справува со честите појави на земјотреси токму благодарение на сеизмичката изолација.

За споредба, во Јапонија сопствениците имаат обврска во асоција на сеизмичка изолација да побараат да дојде независен експерт и да изврши проверка на инсталациите за сеизмичка изолација кој тоа го прави бесплатно. Како што Ракиќевиќ објаснува, таму станува збор за проактивни ситеми кои работат и кои можат да ги менуваат своите карактеристики и начини како да се справат со сеизмички сили против дејство на земјотрес, така наречени полуактивни системи, па системи кои ја менуваат својата форма од течна во тврда, а тоа се случува во милисекунда.

Во поново време во Јапонија има и сеизмички лежишта кои што работат пнеуматски, односно во текот на земјотресот се активира пнеуматски систем и практично под дејство на притисок на воздух, конструкцијата лебди. Оваа технологија и примената во прописите на поразвиените земји и земји каде што сеизмичкиот ризик е далеку поголем од нашиот, како САД, Јапонија.

И во Кина, но и во другите развиени земји во Европа и светот, се развиваат уреди и системи за пасивна десипација на енергијата која влегува во самиот објект, затоа што енергијата од земјотресот не може да исчезне, па се претвара од еден облик во друг, конструкциите ја примаат енергијата преку нивно деформирање, пукање, кршење, увртување и формираат т.н. пластични зглобови, се дисипираат дел и во наредните осцилации при дејството на земјотрес имаме помало количество енергија во конструкцијата и така останува да не падне.

проф. д-р Зоран Ракиќевиќ

Со примена на Еврокодовите во Македонија, се отвора пат за имплементација на сеизмичка изолација

Се работи на постепено применување во Македонија на Еврокодови за градење кои овозможуваат токму примена на оваа старо-нова технологија – сеизмичката изолација која всушност како концепт е многу стара и потекнува од времето на античките периоди.

Во Македонија со независноста се прифатени југословенските прописи и стандарди за градење, односно таканаречените ЈУС кодови, денес се само преименувани во македонски кодови со ознака МКЦ.

Изминативе три години, паралелно се воведе и примена на ЕУ кодовите, а тој пробен период завршува на втори септември годинава, кога државата ќе треба да донесе одлука дали ќе станат задолжителни за употреба или ќе продолжи пробниот период.

Дали овој период на паралелна примена во кој проектантите можат, а не мораат да ги користат ќе продолжи понатаму, државата ќе каже, зошто државата е таа што одлучува за кои прописи ќе ги донесе, зошто прописот е подзаконски акт, политички документ. Ние како експерти може да дадеме свое мислење, што треба, како треба, до кое ниво и какви сили очекуваме согласно сеизмичката опасност што се очекува или е утврдено дека ја има на територијата на Македонија, но и кој е ризикот – вели проф. Ракиќевиќ од ИЗИИС и додава дека доколку целосно преминеме на ЕУ кодови односно европски прописи за проектирање и градење на конструкции, ќе треба да се отпочне со вршење на обуки за како да се применуваат овие прописи, за конструкциите кои најчесто се градат во Македонија.

проф. д-р Зоран Ракиќевиќ

Само во првото тримесечие од 2023, во скопските општини се издале вкупно 248 одобренија за градење, кои во најголем дел се издадени на деловни субјекти – покажуваат податоците на Државен завод за статистика.

Со оглед што Скопје забрзано и постојано се гради, каква е ситуацијата со градбите и колку се безбедни, погледнете во видеото „Безбедни градби од земјотреси“.

Facebook
Twitter
LinkedIn