Пред 190 години, во далечната 1836 година, во време кога училиштата биле ретки, а можноста децата да учат на својот мајчин јазик претставувала значаен чекор во развојот на просветата и културата, во дворот на црквата „Света Богородица“ во Скопје било отворено првото словенско ќелијно училиште во градот, „Свети Кирил и Методиј”.

Основното училиште „Свети Кирил и Методиј” во Скопје е најстаро училиште во Македонија со непрекината воспитно образовна дејност на мајчин македонски јазик во текот на 190 години. Формирањето на основното училиште „Свети Кирил и Методиј” претставува значаен настан во културната историја на македонскиот народ. Неговото основање го означува макотрпното опстојување на македонскиот народ во борбата за одгледување и зачувување на својата самостојност и за развојот на сопствена македонска писменост и култура.
Денес, кога го одбележуваме 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Свети Методиј, даваме посебен осврт на јубилејот – 190 години од постоењето на ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарото училиште во Македонија со непрекината воспитно-образовна дејност на мајчин македонски јазик.
Со основањето на училиштето започнува една нова епоха на просветување, на борба за сопствена писменост. Токму затоа, името на светите браќа не е случајно впишано во темелите на ова училиште. Делото на Кирил и Методиј, нивната Моравска мисија и создавањето на словенската писменост претставуваат светлина што со векови го осветлува патот на словенските народи кон знаењето и духовноста.
Песна за солунските браќа – Видое Подгорец
Во мрачна манастирска ќелија,
капка по капка, се цеди од свеќата бледа светлина мека,
Камен ѕидишта, Тишина, самотна стапка…
Во очи несон, а во душа морна зрел копнеж штрека.
А над дрвената маса згрбавен
Кирил реди знакови чудни со ветво петлово перо;
усните шепотат тихо: Аз, буки, веди…
Душата пламти во силна огнена вера.
Кој уште светец меѓу живите станал?
Златното цвеќе в словенска градина цути…
О, браќа, по пат сегде ве чекаше кама
на кривоклетна ерес и на неправди лути…
Впрегнати во една бразда без ропот
оравте нива страдна и жедна за ново недоцвет семе…
во сите векови зрачи вашата светлина жива.
Далечна светлина – мугра на едно големо племе.
И кога душманска злоба едниот в мрака го прати,
Пред смрта гордо ја крена морната глава и рече:
Брате, јас паднав… Доорај ја браздата наша,
делото нека ги пламти со пламен вечен!
Во духот на нивната мисија, училиштето низ децениите опстојувало и растело. Низ неговите училници минувале и минуваат генерации ученици и наставници, оставајќи дел од својата приказна во неговите ходници.

Архивските фотографии, сведоштвата на поранешни ученици и наставници и приказните зачувани низ генерациите денес раскажуваат за едно училиште кое речиси два века е дел од срцето на градот.
Историјата започнува во 1836 година, а архивските записи сведочат дека голема пресвртница во развојот на училиштето претставувало доаѓањето на преродбеникот Јордан Хаџи Константинов – Џинот во 1848 година. Тој вовел современи методи на настава, ги поделил учениците по одделенија, донел географски карти, глобус и училишни клупи, а ја укинал практиката на физичко казнување.
„Во Скопје доаѓа познатиот преродбеник и просветител Јордан Хаџи Константинов – Џинот и го отвора првото световно училиште со настава на македонски јазик. Неговото доаѓање означува пресвртница за просветно-културниот и националниот живот во Скопје“ – стои во архивските документи за историјатот на училиштето.

Училиштето ги преживеало сите историски премрежија – времето на Отоманската империја, војните, промените на држави и системи, катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, но никогаш не престанало да биде дом на знаењето. Дури и во најтешките мигови, наставата продолжила, затоа што постоела вербата дека образованието е најсилната основа на иднината.
Еден од најтешките моменти во историјата на училиштето бил земјотресот во Скопје во 1963 година. По катастрофата наставата се одвивала во монтажна барака со три училници, организирана во три смени со скратени часови. И покрај тешките услови, наставниот процес продолжил без прекин.
„Многу жители го напуштиле градот и се населиле во новите градски населби, што резултирало со намалување на бројот на учениците во следната 1964 година на 541 во споредба со претходната кога имало 1300 ученици. На 28 декември 1964 година на местото на старата зграда урната во земјотресот почнува да работи новата со 24 училници во кои учеле само ученици од V до VIII одделение“ – стои во историјатот на училиштето.








фото: архива на училиштето ООУ „Свети Кирил и Методиј“
Нова училишна зграда била изградена и пуштена во употреба на 28 декември 1964 година. Во неа, покрај основното училиште, привремено биле сместени и економското училиште „Моша Пијаде“ и гимназијата „Орце Николов“. Во 1978 година на училишниот колектив му била доделена наградата „13 Ноември“ за значаен придонес во развојот на образованието и културата кај младите.

За 190 години постоење, над 20 000 ученици го започнале и завршиле своето образование во оваа училиште, меѓу кои и Војислав Гушевски – некогашен ученик, а подоцна и наставник во училиштето.
„Првите сеќавања од училиштето ми датираат од летото 1992 година кога моите родители ме запишаа во училиштето и особено моментот кога мајка ми ми нагласи дека одам во најстарото училиште во Скопје и дека одам во едно од најдобрите училишта во Македонија и дека треба да се чувствувам многу горд што ќе учам токму во „Свети Кирил и Методиј““ – вели Војислав.

Војислав Гушевски со поранешната класна и директортката на училиштето
Тој се присетува дека уште во 1992 година училиштето поседувало компјутерска училница, нешто што тогаш било вистинска реткост.
„Едно од првите сеќавања ми е кога тогашниот педагог во училиштето Милутин Божовиќ, господин вистински, се сеќавам имаше и одело и кравата, ме внесе во неколку училници во училиштето и ме праша: „Војиславе дали сакаш да видиш компјутери?“ И отвори една просторија, за прв пат навистина видов компјутери со тастатури коишто стоеа поредени на маси кадешто учениците уште таа 1992 година имаа можност да учат на компјутер“ – раскажува тој додавајќи колку восхитувачки изгледала зградата на училиштето во срцето на Скопје, каде во текот на неговото образование постојано ги носеле на изложби, излети, библиотеки, а училиштето било место каде различностите се претворале во пријателства.
Децата доаѓале од сите делови на Скопје, различни јазици, различни култури. Токму тоа ги научило да живеат заедно, да се почитуваат и да учат едни од други.
По годините поминати како ученик, во 2014 година, Војислав повторно се вратил во училиштето – овојпат како наставник по германски јазик.
„Највпечатливиот момент беше кога моите наставници станаа мои колеги. Се чувствував како дел од едно големо семејство во кое минатото и сегашноста живеат заедно“, вели Гушевски.

Годинава кога навршуваат 190 години од постоењето на училиштето е година кога за Војислав навршуваат 34 години како е дел од „Свети Кирил и Методиј“. Тој во чест на училиштето работи на документарен филм кој ќе сведочи за 190 години од училиштето кое се менувало во текот на декадите, вековите.
„Најстарата гостинка која дојде да учестува на снимање на документарецот е родена 1939 година и најмногу зборуваше за дисциплината, за односот кон наставниците, кон предметите, наставниот материјал, домашните задачи“ – раскажува Војислав додавајќи дека е среќен што е дел од училиштето кое преживеало еден тежок период, но истовремено во истото тоа училиште сѐ уште се чувствува присуството на минатото како што вели тој, односно на минатите генерации ученици.
„Се осеќа присуството на минатотоо, на минатите генерации ученици, наставници низ школото, преку нивниот дух преку карактерот што го носи самото школо, преку карактерот што е наследен на сегашните наставници од страна на нивните претходници.“
Низ очите на Гушевски и бројни генерации кои поминале низ училиштето, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ е симбол на Скопје и е културно и историско богатство на Скопје и Македонија.
И денеска, после 190 години, во книгата на спомени на училиштето, бројни поранешни ученици и наставници се потпишуваат и раскажуваат за годините поминати таму.



-Кога ќе се сетам дека на 160 години на прославата од тој јубилеј бев како ученик таму се сеќавам дека се издаваа некои брошури, „Искра“ се викаше училишниот весник којшто беше многу битен за секој патронат кадешто се објавуваа различни текстови песни, слики од тогашните ученици“ – се сеќава Војислав.
Денес, ООУ „Свети Кирил и Методиј“ претставува современо училиште кое успешно ги спојува традицијата и модерното образование. Дигиталната библиотека, STEM активностите, Лего клубот и меѓународните образовни програми се само дел од современиот лик на институцијата која во изминатите децении доби и светски признанија за своите иновативни проекти.

Но, и покрај современите технологии и новите генерации, духот на училиштето останува ист – место каде што знаењето, културата и човечноста се пренесуваат од генерација на генерација.
190-годишниот јубилеј ја раскажува долгата приказна на училиштето – од првото ќелијно училиште во дворот на „Света Богородица“ до современ образовен центар во срцето на Скопје.
Токму затоа, 24 Мај годинава не е само празник на писменоста и делото на светите браќа, туку и потсетник дека образованието е најголемата сила што ги поврзува минатото, сегашноста и иднината.

Во стиховите на Славко Јаневски и Видое Подгорец, светите браќа се носители на светлина во времиња на темнина. Нивната мисија била повеќе од создавање букви – тоа била борба народот да проговори со свој глас, да пишува, да учи и да создава. Таа светлина и денес живее во секоја училница, во секоја книга и во секое дете што чекори низ ходниците на ова и училиштата ширум Македонија.

„Браќата солунски“ – Славко Јаневски
Ноќ. Скорпион влакнест.
Црн леплив и згмечен.
Ќелава мачка со влакнести шепи
земјата за опаш диво ја влече.
Ѕвезда за ѕвезда под уплав се лепи
близначки да се па јантари густи
паѓаат в стозаби кучешки усти
в утроби несити не ќе се светлост.
Јава на метлиште прчорог палав.
Молк. Не кикирига предзорник петел.
Сонцето гасне. Додека го жалат
киклопи-гуштери уши му лижат.
Трирога жаба се прпелка в пепел.
Илјади очи по магла се движат
слепи.
Невиделица. До Кирила и Методија.
Ќе биде што не било. За да биде биднината.
Било што не ќе биде. До нив.
Господи ќе има ли и по нив
слепи во иднината.
Браќата бради си палеле
бел оган да ги згрее
а вие не обвинувајте ги низ заби ѕвечави
што Некој-Си-Секој неплодно ги сеел
нивните букви во редови пелтечави.