
Основниот кривичен суд повторно ќе одлучува дали е виновен полицаецот Игор Марков кој испука со својот пиштол и ја застрела Фатмата Камара при разбивање на група мигранти во 2023 година, откако второстепениот Апелационен суд го врати случајот на повторно судење по жалба на Обвинителството.
„Жалбата на обвинителството беше уважена од страна на Апелациониот суд во Скопје. Сега сме во фаза на повторно одлучување пред Основниот кривичен суд во Скопје. Треба да се утврди дали од страна на обвинетиот делото кое му се става на товар е направено со умисла или од небрежност. Небрежноста за кривичното дело кое му се става на товар се казнува и значи помала санкција,“ изјави за Види Вака, адвокатот Глигорие Ќатоски, кој го застапува оштетениот Абу Бакар, сопруг на Фатмата Камара.
Доколку правдата не биде задоволена, односно обвинетиот биде ослободен со одлуки на првостепениот и второстепениот суд, тогаш има опција за поднесување апликација до Европскиот суд за човекови права, ова го потврдува адвокатот Ќатоски. За ова се одлучни и од организацијата „Second Tree“ којашто прва алармираше за случајот. Велат дека правдата мора да биде донесена пред судовите, а доколку тоа не се случи, правдата ќе ја бараат пред судот во Стразург.
„Од перспектива на судовите, тие веројатно ќе кажат дека направиле сè што можеле. Но, ние се надеваме дека ќе одат чекор понатаму, дека навистина ќе се обидат да ја спроведат правдата и да ја откријат вистината во овој случај,“ изјави за Види Вака Керолин Нортон, од граѓанската организација „Second Tree“.
На 19 април 2023 година, дваесет и три годишната Фатмата Камара беше убиена од полицаецот Игор Марков во близина на Гевгелија при илегално превезување мигранти во две возила.
Од јавното обвинителство, ден по убиството излегоа со соопштение дека: „Полициските службеници од ПС за ГП и ГН „Богородица” вчера, во раните утрински часови, при вршење на работи од нивна надлежност, на паркинг просторот на местото викано „Стара касарна” во Гевгелија, ги затекнале осомничените во вршење на наведеното кривично дело. Имено, второосомничениот во улога на чистач, со ПМВ марка „Ford Focus” што го управувал, на илегалните мигранти кои чекале во близина им дал звучен сигнал за да излезат. Првоосомничениот пак, во ПМВ марка „Mercedes” со бугарски регистерски ознаки, кои ознаки минатиот месец биле пријавени за украдени од подрачјето на Гевгелија, ги прифатил со намера да ги превезе и започнал да ги сместува во задниот дел од возилото. Додека траело сместувањето на мигрантите, со цел да бидат обезбедени затекнатите лица, полициски службеник презел дејствие и ги предупредил со „Стој полиција”. Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка која веќе била сместена на задното седиште во возилото.“
Обвинителството за организиран криминал го обвини полицаецот за „Тешки дела против општата сигурност“, за што е предвидена минимална казна од една до 10 години затвор. Според Обвинителството, полицаецот не требало да се впушти во борба со криумчарот при рацијата бидејќи постои посебен протокол како се постапува во такви ситуации. Полицаецот Игор Марков беше ослободен од обвинение бидејќи Кривичниот суд од Скопје кај него не најде кривично дело.
Криумчарите пак, кои се обидоа илегално да пренесат мигранти, по признание на вина за дело „Криумчарење на мигранти“, беа осудени на по една година затвор.
Види Вака уште од почетокот на случајот, стапи во контакт со членови од здружението „Second tree“ и разговараше за настаните. Оттаму лани раскажуваа дека по пукањето, на сопругот на Фатмата, Абу Бакар му е кажано дека не постои опција и тој да е во амбулантното возило заедно со неговата застрелана сопруга, туку дека тој ќе биде превезен со друго возило кое ќе го следи амбулантното. Меѓутоа, такво нешто не се случува. Наместо да биде однесен во болницата, Абу Бакар е однесен во полиција за да даде изјава. Поради сомнителните дејствија во овие моменти, Бакар за да обезбеди докази ги фотографира крвавите алишта на Фатмата поради што на рацете му се ставени лисици. Според зборовите на Бакар, по земањето изјави на сите мигранти кои биле присутни на местото на настанот, вклучувајќи го и Бакар, дозволен им е излез од земјата преку границата со Србија. Но, Бакар одлучува да остане и да се бори за правда за својата убиена сопруга.
Смртта на мигрантите не добива грижа и внимание како смртта на останатите луѓе во општествата
Керолин Нортон од граѓанската организација „Second Tree“ вели дека смртта на границите не е специфична само за Македонија, се случува често во Грција и низ цела Европа.
„Искуствата покажуваат дека овие смртни случаи остануваат неразјаснети, а семејствата и пријателите не добиваат објаснување за исчезнувањето на луѓето кои патуваат, се движат и бараат безбедност. Нашето искуство, како и тоа на многу организации, покажува дека недостасува правда и препознавање. Мислам дека, како што е јасно и од аспект на Владата, системите не ги задоволуваат потребите на нас но и на луѓето кои умираат обидувајќи се да најдат азил“ додава Нортон.
Според неа, потребно е луѓето да посветат внимание на оваа тема и да ги држат своите влади одговорни.
„Секако, тоа е многу тежок процес, кој може да биде долготраен, но бара учество на сите и вистинска грижа, а ние веќе сме виделе дека луѓето се вклучуваат во вакви процеси“ децидна е Нортон.
Абу Бакар и семејството на Фатмата, се надеваат дека наскоро ќе има правда во Македонија за овој случај.
„Борбата за споменот на мојата сопруга е борба за сите луѓе кои се принудени да патуваат и немаат глас. Ако сите ние сакаме мир, тогаш да работиме за правда. Кога ќе ја видиме правдата, тогаш ќе го видиме и мирот. Мирот и правдата се на истата страна. Без правда, не може да има мир. Правда за мојата жена,“ порача Абу Бакар.