Немилосрден и неизвесен живот на граница

Сè уште не е разрешен случајот за убиството на мигрантката Фатмата Камара откако пред пет месеци ја застрела полицаец во близина на Гевгелија.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Македонија ја одбележа првата црна дамка со убиство на мигрант. Годинава на 19 април беше застрелана младата Фатмата Камара, која беше убиена од македонски полицаец во близина на Гевгелија. Случајот за убиството сè уште не е решен. Од Основното јавно обвинителство и од Основното јавно обвинителство Гевгелија не дадоа одговор на прашањата што ги упати Види Вака до каде е постапката за решавање на случајот со Камара.

Овој случај потврдува колку е неизвесен, немилосрден и непредвидлив животот на лицата кои поради војна, немири, желба за подобар живот го напуштаат своето живеалиште и заминуваат на пат кон подобар свет. Најчесто, овие лица остануваат заглавени на границите помеѓу државите. Тука, неизвесноста за што следно ќе се случува е голема, а шансите за побрзо пристигнување до посакуваната дестинација стануваат сè  помали. Пречките за премин на границите се проблем за мигрантите, особено кога нивниот живот е оставен во рацете на другиот од спротивната страна на границата.

Таков е и случајот со младата Фатмата Камара од Сиера Леоне чиј живот трагично заврши, откако во неа е испукан куршум. Известувањето од полицискиот билтен за убиството на Фатмата Камара ќе останеше уште едно писание доколку не реагираше невладината организација „Second tree“ која се занимава и ги следи остварувањата и прекршувањата на правата на мигрантите. Тие ја објавија веста дека мигрантот за кој се зборува во билтенот е всушност мигрантката Фатмата Камара.

Официјалниот извештај на полицијата вели дека околу 6.20 часот кај Касарната Гевгелија забележани се две возила во кои илегално се превезувале мигранти.

Види Вака стапи во контакт со членови од здружението „Second tree“ и разговараше за случајот. Оттаму раскажуваат дека по пукањето, на сопругот на Фатмата, Абу Бакар му е кажано дека не постои опција и тој да е во амбулантното возило заедно со неговата застрелана сопруга, туку дека тој ќе биде превезен со друго возило кое ќе го следи амбулантното. Меѓутоа, такво нешто не се случува. Наместо да биде однесен во болницата, Абу Бакар е однесен во полиција за да даде изјава. Поради сомнителните дејствија во овие моменти, Бакар за да обезбеди докази ги фотографира крвавите алишта на Фатмата поради што на рацете му се ставени лисици. Според зборовите на Бакар, по земањето изјави на сите мигранти кои биле присутни на местото на настанот, вклучувајќи го и Бакар, дозволен им е излез од земјата преку границата со Србија. Но, Бакар одлучува да остане и да се бори за правда за својата убиена сопруга.

Три месеци од случајот, обвинителствата и погребалните служби си ја префрлаа одговорноста за предавање на телото на Фатмата за погребување. Беа потребни јавни апели во медиумите од сопругот на Фатмата, Абу Бакар но и напори на медиумите и организацијата „Second tree“ за конечно, телото на Фатмата да биде предадено на семејството кон крајот на јули годинава.

„Правдата е единствената можна разрешница за смртта на Фатмата. Никогаш повеќе да нема друга Фатмата. Ова е пораката што нејзиното семејство ја испраќа до цела Европа. Време е да се заземе став против граничното насилство и време е да се бара граничните режими на државите да го следат законот“, изјави за Види Вака Џулиет Капулад-Марфи од невладината организација „Second Tree“ која се занимава со мигрантски прашања и права.

Од јавното обвинителство пак, ден по убиството излегоа со соопштение дека „Полициските службеници од ПС за ГП и ГН “Богородица” вчера, во раните утрински часови, при вршење на работи од нивна надлежност, на паркинг просторот на м.в. “Стара касарна” во Гевгелија ги затекнале осомничените во вршење на наведеното кривично дело. Имено, второосомничениот во улога на чистач, со ПМВ марка „Ford Focus” што го управувал, на илегалните мигранти кои чекале во близина им дал звучен сигнал за да излезат. Првоосомничениот пак, во ПМВ марка „Mercedes” со бугарски регистерски ознаки, кои ознаки минатиот месец биле пријавени за украдени од подрачјето на Гевгелија, ги прифатил со намера да ги превезе и започнал да ги сместува во задниот дел од возилото. Додека траело сместувањето на мигрантите, со цел да бидат обезбедени затекнатите лица, полициски службеник презел дејствие и ги предупредил со „Стој полиција”. Додека преземал дејствија за лишување од слобода на првоосомничениот, осомничениот физички го нападнал полицискиот службеник и во текот на нападот бил испукан куршум од службениот пиштол, кој предизвикал фатални последици завршувајќи во тело на мигрантка која веќе била сместена на задното седиште во возилото.“

Во април, судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на двајцата осомничени кои се гонат по скратена постапка им определи мерка притвор. Воедно, надлежен обвинител од Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, со цел да се испита одговорноста на полицискиот службеник формираше предмет и донесе Наредба за вештачење на папиларните линии на службениот пиштол, како и на други траги врз основа на кои ќе се утврди кој го испукал куршумот со кој е предизвикана смртта кај мигрантката.

Од Министерството за внатрешни работи пак, не дадоа одговор на прашањето какви мерки се преземени во врска со полицискиот службеник, односно, дали се точни информациите дека полицискиот службеник е суспендиран од своето работно место.

Оттаму само накусо и формално одговорија:

„Ве информираме дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди доставено е известување до Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, а од страна на ОЈО Гевгелија извршен и увид и случајот е документиран. По насоки на ОЈО се преземаат понатамошни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.“

Организацијата „Second tree“ уште од првиот ден на убиството е во контакт со Абу Бакар, сопругот на Фатмата кој во моментот на пукањето бил заедно со Фатмата.

„Кога првпат слушнав дека Фатмата е мртва, не знаев каде и не знаев како. Слушнав за тоа од еден мој пријател во кампот. А кога слушнавме дека е убиена од македонските власти на граница и дека нејзиниот сопруг Абу Бакар е приведен, следните 24 часа ги поминавме обидувајќи се да стапиме во контакт со него и со другите кои беа во групата. Се јавувавме на телефонот на Абу Бакар, се јавувавме на телефонот на Фатмата, им се јавувавме на разни нивни пријатели во кампот да се обидеме да стапиме во контакт со нив и конечно успеавме да дојдеме до нив и се сеќавам на тој телефонски повик, тоа беше видео телефон. повик што го имавме со него додека се уште беше приведен во полициска станица и беше очигледно многу очигледно уништен. Во текот на следните 48 часа останавме во постојан контакт со него. Не јадеше, не спиеше, всушност се онесвести додека телефониравме еднаш. И кога конечно ни рече дека останува во Македонија и дека ќе се бори за правда за Фатмата, не замоли да дојдеме да му помогнеме.“ објаснува Џулиет Капулад-Марфи.

За да го сврти вниманието на европските институции за убиството на младата Фатмата, гласот го крена и европратеничката Алесандра Морети, нагласувајќи ја важноста на почитување на човековите права.

Правници од „Македонското здружение на млади правници“ исто така работат на случајот со Фатмата. Дел од тимот на здружението е вклучени во правната постапка. Според нив, неопходно е да се испита случајот и да се утврдат фактите без разлика што девојката којашто е убиена е странски државјанин, бидејќи сепак се работи за човечки живот.

„Убиство на жена која престојувала во Македонија, транзитирала или остварила влез во државата не е секојдневен случај и е сериозен случај и за нас и за државата секако. Немаме во Македонија ваков случај, инцидент каде што се случило употреба на огнено оружје во одредена ситуација каде што имало мигранти.“ – вели Зоран Дранговски, од „Македонското здружение на млади правници“

Ден по убиството, на 20 април 2023 година, во полицискиот тренинг центар во Ѓорче Петров, започна заедничката операција на Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (ФРОНТЕКС) во Македонија. Операцијата има за цел поддршка на националните служби во граничната контрола и управувањето со миграциите, вклучувајќи ги и превенцијата, откривањето и спречувањето на прекуграничниот криминал, прибирањето и размената на оперативни информации и идентификувањето на можни ризици и закани, јакнење на оперативната соработка и поддршка на оперативните капацитети. Оваа операција ќе трае до 24 јануари 2024 година со можност за нејзино продолжување.

Близу декада од почетокот на бегалската криза

Најголемите илегални миграциски движења кои ја одбележаа 2015-та година беа глобален предзвик. Оваа криза, на границата на Македонија донесе повеќе од 800.000 мигранти и бегалци.

„Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека во најскоро време ќе биде утврден единствен хуман одговор од страна на Европската Унија кој ќе ги опфати сите земји што се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот.“ – Иво Котевски, тогашен министер за внатрешни работи (20.08.2015 година).

„Ако имаме ние ситуација каде што 20 до 40 илјади луѓе годишно влегуваат со обид да транзитираат низ Македонија тоа веќе не се работи за кризна состојба. Тоа е веќе новата реалност затоа што никој од државата нема изгледи кога ова ќе заврши и дали воопшто ќе заврши оваа миграција којашто се случува во моментот,“ вели Зоран Дранговски од „Македонското здружение на млади правници“.

Македонија е дел од западнобалканскиот коридор, односно е земја на транзит. За овој коридор карактеристични се мешаните миграциски движења, вклучувајќи и бегалци, помеѓу земјите на потекло (земјите на Блискиот Исток, Африка и Азија) и земјите на дестинација (земјите-членки на Европска Унија). Тие се составени од ранливи категории лица, меѓу кои се непридружувани деца, жртви на трговија со луѓе, бегалци и лица на кои им беше потребна меѓународна заштита.

Најголем број илегални мигранти во Македонија се од Авганистан, Пакистан и Сирија. Со заострувањето на мерките за спречување на илегалната миграција, се зголемуваат случаите на криумчарење мигранти.

„Од 2016 година март се затвори таканаречената Балканска рута. Меѓутоа работите не се многу променети. Променет е само начинот на којшто влегуваат и транзитираат лицата, меѓутоа ниту е сопрен бранот на луѓе коишто поминува, ниту пак има изгледи дека набрзо ќе застане. Оваа Балканска рута којашто поминува од Грција, Македонија, Србија па нагоре Хрватска, Словенија па и Унгарија е се уште најактуелната рута за влез во Европска Унија во земјите од Централна и Западна Европа, затоа што таа рута е отворена од самите луѓе коишто мигрираат како најбезбедна и според некои, најевтина рута за да се помине и да се стигне до тие земји.“ појаснува Дранговски.

Copy of Fatmata by Bjanka Stankovic

Северната граница со Србија се користи за илегален излез од земјава и упатување кон европските земји. Во овој дел бројот на обидите во 2020 година е зголемен за 42% во однос на 2019 година. Источната граница со Бугарија која ја покрива Министерството за Внатрешни работи (Регионалниот центар Исток) бележи пораст на откриени случаи на криумчарење мигранти. На ова подрачје криумчарите ги користат правците преку Валандово, Струмица, Радовиш, Штип, додека најголем дел од обидите за илегален премин на границата во 2020 година и натаму се регистрирани на границата со Република Грција – 27.971, каде што е забележан пораст за 27,4% во однос на 2019 година.

Во 2020 година обидите за илегални преминувања во Македонија се во пораст споредено со последните три години. Спречени се 32.100 обиди, а според местото, над 85% се спречени на влез во државата, во најголем дел на границата со Република Грција. Бројот на откриените мигранти значително е зголемен во текот на зимскиот период (јануари и февруари 2020 година), кога Турција ги отвори границите за мигрантите кон Грција. Со донесувањето на одлуката да се затворат границите поради состојбата со пандемијата на ковид-19, во следните три месеци бројот на спречените обиди почнува да се намалува, особено во текот на април, кога се регистрирани и најмал број обиди – 516.

Во 2020 година првите пет земји на потекло на илегалните мигранти се: Авганистан – 12.244 и тие се речиси за 100% зголемени во однос на 2019 година. Потоа најзастапени се мигрантите од Пакистан – 7.349, Бангладеш 3.746, Сирија 2.683 и лицата без државјанство 1.409. Карактеристичен за 2020 година е зголемениот број на мигранти, особено на лицата што доаѓаат од Либија, Сомалија, Турција и Палестински територии, чиј број е зголемен за повеќе од три пати во однос на 2019 година, како и на лицата од Египет, Мароко и Еритреја, што не беше карактеристично за претходниот период.

Несоодветна статистика – недостаток за решавање на ситуацијата со мигрантите

Недостатокот на сеопфатни и релевантни податоци за многу аспекти на миграциите бележи и Анализата во миграцискиот профил на земјава. Во однос на оваа проблематика тешко е следењето и документирањето на податоци од домашни извори.

Без податоци не може да се направи сеопфатна анализа и да се конципираат соодветни политики и мерки. Недостигот од целосни податоци за трајната и привремената емиграција од Македонија во странство од домашни извори останува најголем проблем при осознавањето на особеностите на овие преселенички движења. Иако статистиките од странски извори даваат пореални сознанија за манифестираните промени, сепак поради нивната неконзистентност и различна методолошка основа, тие не може да се прифатат како трајна алтернатива на статистиките од домашни извори, се вели во анализата.

Државата треба да има поактивна кампања за тоа луѓето да дознаат и да знаат дека криумчарењето на мигранти е тешко кривично дело каде што луѓе завршуваат во затвор по осум и повеќе години во затвор. Нас затворите за жал ни се наполнија со луѓе коишто биле вклучени во криумчарењето на мигранти и тука често страдаат и самите мигранти затоа што се предмет на злоупотреба на најчести злоупотреби.“ додава Дранговски.

Највисоката изречена казна за криумчарење мигранти е 12 години и 4 месеци.

*Oсудени за сторено кривично дело криумчарење мигранти по член 418 б и организирање на група и потикнување на извршување на дела трговија со луѓе и криумчарење на мигранти.

„Мигрантите ќе ги ни земат работните места!“

Најголемата стигма со која се соочуваат мигрантите е дека „ќе ги преземат работните места на жителите во земјава“. Но факт е дека овие луѓе, спасот за подобар живот во гледаат во земјите од Централна и Западна Европа. Помала е веројатноста дека тие ќе останат во држави со повисоки стапки на невработеност. Ова го потврдува и анализата за миграциите во Македонија, за профил на земјата во 2021 година која покажува дека „не се остварија очекувањата дека со емиграцијата ќе се ублажи долгорочниот проблем на невработеноста. И покрај големиот одлив на работна сила, невработеноста останува еден од најголемите проблеми на земјата“.

Но покрај стигмата, на која општеството има уште многу да работи, правниците сметаат дека неопходен е посеопфатен пристап од повеќе засегнати страни, а не само како што е сега во моментот, каде целиот товар оставен на полицијата и обвинителството.

Facebook
Twitter
LinkedIn