Скопје – синоним за нефункционален град

Автор: Види Вака
Продукција: Види Вака

Скопје се соочува со сериозни предизвици и проблеми кои ја нарушуваат секојдневната удобност и животот на неговите жители. Од лоша јавна хигиена и нефункционален јавен превоз до катастрофални услови во јавните претпријатија проблемите се видливи низ целиот град. Јавната хигиена е на драстично ниско ниво, со непостоење на функционални јавни тоалети, што е особено алармантно за граѓаните, но и за посетителите на градот. Скопје има само неколку јавни тоалети, а оние кои постојат често се затворени или не функционираат, што доведува до значителен здравствени ризици. Проблемите се таложат од ден во ден, а очигледно е дека градот е заборавен од надлежните кои пак се изгубени во своите внатрепартиски и политички кавги за одговорност.

Вака нѐ воведува во програмата тогашната кандидатка за градоначалник и сегашна градоначалничка Данела Арсовска.

Но ако се погледне состојбата во градот, се чини дека токму овие зборови се фактичката ситуација денес. Иако напишана во 2021 година, овој вовед е целосно апликабилен и во 2024 година. Уште на шестата страна, градоначалничката ветува брзи решенија и брзо справување со проблемите.

„На Скопје му е потребен брз развој во модерна европска метропола. Ќе ми биде исклучителна чест да се грижам за сите потреби за достоинствен живот каков заслужува секој еден граѓанин на Скопје.“

Но денес, град Скопје не ги почитува ниту основните човекови права како чист воздух, пристап до јавни чешми и тоалети. Во февруари годинава, Скопје повторно се најде меѓу топ 10 најзагадени градови во светот. Кога станува збор пак за јавните чешми, тие се нефункционални или служат како канти за отпадок, со што жителите нема каде да се напијат вода на високите температури. Редовното собирање на отпадот, особено во летните месеци, не постои. Овој проблем доведува до создавање на депонии насекаде, што е сериозен здравствен и еколошки проблем. Па така на +40 степени градот се гуши во неподнослива миризба.

Градскиот трговски центар пак, поранешен симбол на модерноста, се распаѓа. Десетина дуќани се издаваат или продаваат, а празните простории зјаат во прашина. Не се одржува ниту зелениот покрив кој требаше да ги привлече луѓето да го користат трговскиот центар. ГТЦ полека, но сигурно паѓа во сенката на модерните молови од затворен карактер.

Проблемите не завршуваат тука. Јавниот превоз, кој би требало да биде столб на градската инфраструктура е дотраен и неефикасен. Арсовска вети бесплатен јавен автобуски превоз и рече дека сообраќајниот хаос во Скопје ќе биде минато.

„Предвидуваме целосно бесплатен квалитетен јавен градски автобуски превоз што ќе се реализира етапно во период на прилагодување. Скопјани тогаш ќе имаат еколошка алтернатива на автомобилите и ќе знаат да го направат вистинскиот избор.“ стои во програмата за нејзиниот мандат.

Граѓаните секојдневно сведочат на расипување на автобусите на ЈСП, а често дефектите се случуваат и при возење. Недостатокот на автобуси и лошото управување со возниот ред го прават превозот нефункиоцнален и граѓаните не можат да се потпрат на оваа опција.

Најавени беа и 250 нови еколошки автобуси со цел намалување на загадувањето во главниот град, и тоа обврзување на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси. Такво нешто не се случи.

Нехумани услови во Зоолошката градина

Зоолошката градина, која треба да биде место за едукација на младите за животните, исто така се соочува со проблеми. Зоолошката го изгуби кандидатскиот статус поради неисполнување на обврските зададени од Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА) изминативе две години. Во мандатот на градоначалничката Арсовска од 2021 година се сменија тројца директори, а оттогаш наваму угинаа две жирафи, слоницата Дуња, тигрица, три пржевалски коњи, пингвин. Дел од граѓаните, гневни на овие настани бараат да се затвори Зоолошката градина.

Скопје 2014 ќе го добие својот финален изглед

Контроверзниот проект „Скопје 2014“ ќе се доврши во 2025 година. Недовршените објекти кои со материјали беа покриени својот завршен изглед ќе го добијат идната година и тоа од буџетски пари на државата. Галии пак стојат во место и го нагрдуваат кејот. Од трите галии, само една е во функција на ресторан и нуди соби за преноќување.

Ветено – неисполнето

Во предизборие на ветувањата им нема крај. Па така, во име на спомените, се вети и најдобар Луна парк на Балканот кој требаше да биде отворен во првата половина на мандатот.,

„За проектот Луна Парк Град Скопје заврши со изработка на проектната документација во 2022 година, за изградба на Забавен Парк и монтажа на реквизити. Се завршија и административните постапки и издадено е одобрение за градба на Забавен Парк од страна на Општина Карпош. Во Буџетот на Град Скопје за 2023 година предвидени се средства за отпочнување на постапката за градба.“ – изјавија за Види Вака од градот во март 2023 година.

Се ветија и два забавни парка во во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром.

„Програма за модерно Скопје, брзо и сигурно“ – вака звучеше слоганот на кампањата на тогашната кандидатка за градоначалник и сегашна градоначалничка Арсовска. Но колку брзо и сигурно Скопје навистина стана модерно?

Едно е сигурно, достоинствен живот со јавни функционални услуги во Скопје засега е далеку од реалноста. Иако беа ветувани брзи, ефикасни решенија, сепак реалноста ја отсликува спротивната слика. Ветувањата остануваат неисполнети, додека промената на директори во јавни претпријатија само ја влошуваат ситуацијата и влеваат недоверба кај граѓаните.

Скопје е на крстопат со состојба која бара итно решавање. Граѓанските организации, активисти, уметниците и јавноста апелираат за подобрување на условите и враќање на достоинството на главниот град. Оваа криза на градската инфраструктура и јавните услуги бара стратегија со сериозни реформи за да се обезбеди подобар животен стандард за сите. Неопходни се конкретни и одржливи мерки со кои градот ќе ги надмине тековните предизвици и ќе го оствари својот потенцијал како модерна и функционална метропола.

Facebook
Twitter
LinkedIn