Македонија слави 33 години независност. Низ овие 33 години државата помина низ значајни демографски промени, а една од најзабележителните е намалувањето на населението, што е резултат на иселувањето и намалениот природен прираст. Од осамостојувањето во 1991 година, спроведени се четири пописи кои ги откриваат тековните трендови на миграција и наталитет.
Во овие години се бележи опаѓање на бројот на склучени бракови, но во исто време има зголемување на бројот на разводи.
Стапката на вработеност и стапката на невработеност во овие години белeжат промени од година во година во насока на пораст или опаѓање до околу 2006-та година, по што од 2006 година натака стапката на вработеност е во постојан пораст, а во постојан пад е стапката на невработеност, со најниска стапка на невработеност забележана 2023 година.
Најчестите кривични дела поради кои се осудувани полнолетни и малолетни лица во Македонија во овие 33 години се поради кражби и тешки кражби. За разлика од раните 1990-ти години, бројот на осудени малолетни лица во последниве години е драстично намален.
Туризмот во Македонија забележува значителен раст по 2010 година, поттикнат од природните убавини и културното наследство на земјата. По периодот на застој предизвикан од пандемијата, се зголеми бројот на домашни и странски туристи кои ја посетуваат Македонија, особено нејзините планини, езера и историски градови. Земјава била најпосетувана од странски туристи во 2019 година.
По 33 години од прогласувањето на независноста на Република Македонија, јасно преку бројки се гледа дека земјата се соочи со бројни предизвици. Од моментот на независноста во 1991 година, Македонија се најде во ситуација на економски, политички и социјални турбуленции. Политичките кризи и етничките напнатости ја тестираа стабилноста на државата. Економските предизвици, вклучувајќи висока невработеност и ограничени ресурси, доведоа до значајни социо-економски последици. Земјата се бореше и сè уште се бори со корупција и институционални слабости кои го ограничуваат напредокот. Најголемите предизвици се справувањето со миграцијата, како и потребата за модернизација на инфраструктурата. На овој значаен јубилеј, важно е да се признаат и размислат сите предизвици со кои се соочуваше земјата, да се учи од грешките и во иднина само да се гледа за напредок на слободната, суверената и самостојната Македонија.