Младината во Македонија – тажна, анксиозна и депресивна

Менталното здравје на младите во Македонија е нарушено од сите аспекти, а државата не им нуди системско решение за помош.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Горан Бошковски, Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Младите во Македонија се тажни, анксиозни, депресивни и стравуваат за својата иднина, а државата нема системско решение на долг рок како да им помогне.

Токму затоа е потребно навремено да се спречи дополнително влошување на нивното ментално здравје. Рано да се препознае и превенира потенцијалот за анксиозност, депресија, суицидални мисли, стрес, други нарушувања коишто можат да произлезат од овие состојби, потенцираат од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Неопходна е и превенција и третман на злоупотреба на супстанции коишто се поврзани со социјалната средина во којашто тие живеат, но и делување во дигиталното насилство кое младите се почесто го трпат во Интернет сферата, како и насилството општо. Ова се четирите фокус точки од стратегијата која НМСМ ја подготви и е усвоена на владина седница, но државата треба итно да ја имплементира со цел подобрување на менталното здравје кај младите. Стратегијата содржи aкциски план кој предвидува мерки и активности кои одговорните институции во одредена динамика и рок треба ги реализираат.

„Преку овие 4 компоненти гледавме да видиме она што во моментов кај младите е популарно и како може да им помогнеме во тоа. Тоа не значи дека нема други области за работење, меѓутоа сепак треба да ги приоритизираме и истражувањата нас ни покажаа дека ова треба да бидат приоритетите во наредните 2-3 години,“ вели Александра Филипова, проектен менаџер во НМСМ.

Загрижувачки податоци за менталното здравје на младите во Македонија

Младите се соочуваат со предизвици дома, во училиште но и во социјалната средина. Кога станува збор за поддршка за нивното ментално здравје или кога имаат проблем за којшто сакаат да зборуваат, 36% од младите се изјасниле дека најчесто немаат со кого да разговараат, да се посоветуваат, да си ги раскажат маките, а 17% отприлика ни финансиски не може да си дозволат советување или посета кај психолог, посета на психотерапевт.

Според младинските организации најважни се односите во семејството, односно од најблиските кои треба да се потпора и поддршка во градењето на една млада индивидуа. Но важни се и пристапот на вработените во училиштата, како и социјалните кругови во коишто се движат и дружат младите.

„Не може да ги изоставиме и факторите коишто се на ниво на држава, финансиската независност на младите којашто е на многу ниско ниво, младинскиот стандард којшто не ни постои во земјава како младински стандард, вработувањето кај младите коешто секогаш е на многу ниско ниво, квалитетот на образование, квалитетот на живот, квалитетот на воздух,“ посочи Александра Филипова.

Неизбежно е и влијанието на социјалните мрежи; булингот, споредувањето и „натпреварувањето“ во онлајн сферата.

Истражувањето на НМСМ потврдува дека младите се многу загрижени за тоа дали ќе може да си обезбедат здравствени услуги кога ќе пораснат и загрижени се за безбедноста на своеото семејство. Кога овие грижи стануваат секојдневие создаваат стрес, анксиозност, а понатаму тоа прераснува и во други проблеми и предизвици поврзани со менталното здравје.

Младите секојдневно се соочуваат со предизвици во околината, како што се проблеми во училиште, предизвици во студирањето, административните лавиринти и социјалниот притисок.

„Ние го немаме тој луксуз да си бегаме од државата,“ за редакцијата на Види Вака изјави студентот Горјан Атанасов кој протестираше за подобри услови во образованието.

Најзасегнати се младите од социјално загрозени семејства, младите со попреченост, младите од руралните средини, младите од еднородителските семејства, младите без родители, и уште многу други кои се на маргините на општеството, а државата како и воопшто да не допира до нив.

Бавно, но сигурно се подигнува свеста кај младите за нивното ментално здравје

Младите се охрабруваат да зборуваат за своето ментално здравје, но и натаму наидуваат на предизвици кога им е потребна психолошка поддршка – или ја нема или е прескапа услуга. Ова го потврдуваат и податоците на НМСМ. Тие изминативе години обезбедија бесплатна психолошка поддршка за младите во Македонија.

„Ние се изненадивме од самиот број на пријавени млади за бесплатните сесии бидејќи навистина не очекувавме дека 250 млади ќе се охрабрат да аплицираат. Аплицирањето не беше само со име и презиме, требаше да го наведат проблемот со којшто се соочуваат, немаа страв да наведат. Нормално, ние наведоваме дека тоа ќе е анонимно и дека никој нема да ги злоупотреби нивните податоци. Иако беше онлајн форма каде што незнаеја кој ќе чита, сепак тие одговараа на овие прашања.  Се’ повеќе и повеќе се охрабруваат и се’ повеќе и повеќе бараат поддршка,“ вели Филипова.

НМСМ изработи и интерактивна мапа на бесплатни услуги за ментално здравје и прирачници на темите: анксиозност, панични напади, стрес и депресија.

Сепак бесплатната психолошка поддршка којашто ја обезбедуваат граѓанските организации во соработка со психолозите не го решава суштинскиот проблем.

Неопходно е долгорочно системско решение за обезбедување услуги кои ќе им помогнат на младите да се справат со потешкотиите, а тоа го можат државните институциите, локалните самоуправи потпомогнати од младинските организации. Едно од решенијата е самата стратегија која дава увид во актуелната состојба, нуди решенија преку акцискиот план, а институциите се оние кои треба да итно и ефективно да ги реализираат активностите кои се во корист на младината.

Facebook
Twitter
LinkedIn