Да се добие нов орган кога е животозагрижувачка состојбата е шанса за нов живот. Пациентите во Македонија на коишто им се потребни органи оваа борба ја водат секојдневно. Исчекувањето и стравот се присутни од утро до мрак, сѐ додека не се добие посакуваниот повик од медицинската установа.
Но добивањето на нов орган, не значи дека борбата на овие пациенти престанува. Напротив, тие се во постојани институционални лавиринти на одржување на сопственото здравје.
„Одам да ми земаат крв, не сме ослободени од партиципација. Трансплатираните не сме ослободени. Таблетите што ги користам како терапија месечно под фонд ме чинат 5.000 денари. Тоа ми е терапија месечна којашто мора да ја примам,“ вели Емилија Христовска Костовска (41).
Таа е првата жена во Македонија со трансплатирано срце од починат донор. Пред да и биде пресадено срцето, за овој зафат чекала повеќе од две години. Нејзиното срце дотогаш работело со 15% капацитет. Родена со срцева маана, во животот поминува низ неколку операции во здравствените лавиринти. Веќе две години живее херојски живот и укажува за проблемите со коишто се соочуваат трансплантираните пациенти.
„Има таблети коишто ги пијат болните со срцеви заболувања, особено оние што се на листа на трансплантација. Почнаа да ги препишуваат кај нас, но кај нас ги нема. Односно ги има во аптеката во Жан Митрев, меѓутоа во нашите аптеки ги нема. Ги нема ни приватно, ни под фонд. Луѓето се снаоѓаат, ги купуваат од Србија, Хрватска, Бугарија, Косово, ги има во сите околни земји, Грција, ги нема само кај нас. И мислам дека треба навистина да се потрудат да ги донесат кај нас,“ појаснува Емилија.
Меѓу другото, таа потенцира дека и за трансплатираните пациенти не се обезбедени таканаречени пакети, односно ленти и апаратчиња за мерење густина на крв.
„Пациентите што имаат вештачка пумпа густината ја крв ја прегледуваат многу почесто, еднаш во неделата, некогаш и повеќе пати во неделата. Некои проверуваат секој ден, зависи од состојбата. Лентите и апаратчињата се многу скапи, им направија пакети по некои попристапни цени и тоа е сосема во ред што го направија. Но што е со нас трансплантираните? Јас сум една од нив и јас приватно си ги купувам лентите“ прашува Емилија.
„Во Националниот регистар, во моментот се запишани 26 пациенти кои чекаат нов орган, но оваа листа е динамична и се менува. Веќе следната недела може да имаме нови пациенти кои би се додале. Најмладиот пациент кој чека срце има 25 години, а најстариот има 60 години.“ – Министерство за здравство (16.6.2023 година).
*Бројот е намален на 25 пациенти, откако на 20 јули 2023 година, еден пациент доби срце од починат донор.
Поради недостигот на органи, секоја држава органите ги дава на свои граѓани. Но постои размена во рамки на организации, како што е „Еуротрансплант“ со стриктно одредени правила.
„Токму поради ова наша цел е да бидеме дел од ваква организација, но претходно мора да работиме на исполнување на условите за членство кои се бараат.“ – Министерство за здравство (16.6.2023 година).Македонскиот законик за донирање на органи вели дека секој граѓанин може да донира, освен доколку за време на животот го нема кажано спротивното и тоа не е заверено на нотар.
Член 28 (1)
Делови од телото од умрено лице заради пресадување може да се земат доколку умреното лице за време на живот изречно писмено со изјава заверена на нотар не се спротивставило на тоа.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, нема да се земат делови од телото на умрено лице заради пресадување доколку двајцата живи родители, односно посвоители, брачниот другар, старателот или мнозинството од живите полнолетни деца најдоцна шест часа од констатирањето на мозочната смрт дадат писмена изјава дека не се согласуваат делови од телото од умреното лице да бидат земени заради пресадување, при што како мнозинство од полнолетни деца ќе се сметаат изјавите на сите деца, доколку умреното лице има едно или две живи деца, односно мнозинство од живите децата доколку има повеќе од две живи деца.
Извор: Закон за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување
Развивање на свест за хуманоста на дарувањето органи
Во Македонија во последните неколку години се зголемува свеста за донирање органи. Семејствата се охрабруваат за овој хуман гест и со тоа спасуваат човечки животи. Месецов, еден донор спаси четири животи откако неговото срце, црн дроб и бубрези беа донири на пациентите на коишто им беше потребно. Ова е првпат во историјата на македонско здравство, од еден дарител да бидат експлантирани четири органи во еден акт.
За органодарителство почна да се зборува и се подигнува свеста, меѓутоа треба многу почесто и посилно, смета Христовска Костовска. Таа сѐ уште се соочува со непријатни ситуации кога оди на контролни испитувања во здравствени установи.
„Имаше една госпоѓа застаната до врата и чека нели да излезе пациентот и една медицинска сестра вели: „Пуштете го девојчето со трансплантирано срце“. Госпоѓата вика: „И јас имам операција на нога, па што сега?!“ како тоа да е исто. Ја нема онаа перцепција нели, што е, што е направено, како е направено и што тоа значи,“ појаснува Емилија.
Срцевите заболувања болест на 21 век
Во Македонија на прво место најчести причини за смрт се болестите на циркулаторниот систем и се во постојан пораст кај населението. Во 2020 година, највисоки стапки на морталитетот од болести на циркулаторниот систем на 100.000 жители утврдени се во Југоисточниот регион, Вардарскиот регион, Источен регион, Пелагониски регион и Југозападен регион.
Тоа го потврдуваат и извештаите од Фондот за здравство, кои покажуваат дека од година в година лековите за срцеви заболувања се едни од најчесто потрошуваните. Годинава, лекот „Bisoprolol“ за срцеви заболувања е четвртиот најпотрошуван лек на товар на Фондот на здравство.
Најчести ризик фактори за настанување на кардиоваскуларните заболувања се употреба на тутун, алкохол, прекумерна телесна тежина, физичка неактивност, намален внес на зеленчук и овошје, прекумерен внес на шеќер, стрес, психосоцијални фактори, аерозагадување и т.н.
Болестите на циркулаторниот систем биле главната причина за смртност во најголем дел и во земјите на Европската Унија. Според Светската здравствена организација (СЗО) секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23.6 милиони луѓе да умрат од овие заболувања.
Повеќе за животната приказна на Емилија Христовска Костовска погледнете го видеото: