Жените во Македонија игнорирани до смрт од институциите

Рамајана беше убиена на 3 мај од нејзиниот партнер, пред очите на едно од нивните две малолетни деца, и покрај тоа што неколку пати го пријавувала семејното насилство кај надлежните институции.
Автор: Љубица Иванова
Продукција: Види Вака

Последниот фемицид во Шуто Оризари е уште едно болно потсетување дека системот не ги заштитува жените жртви на насилство и нивните животи завршуваат во рацете на насилниците.
Иако институциите постојано зборуваат за заштита и превенција, вистината изгледа поинаку – жените остануваат незаштитени, а нивните повици за помош премногу често остануваат игнорирани.

Фемицидите се резултат на институционални пропусти во едно општество што сè уште не научило како да ја заштити жената.

Случајот на Рамајана од Шуто Оризари, жената која не успеа да добие институционална заштита и животот ѝ беше одземен од партнерот, пред очите на малолетното дете, не е исклучок, туку е случај кој е повторлив. Додека позади секој сензационалистички наслов во медиумите се крие живот со насилство, убиена жена и семејство што останало без мајка, сестра, ќерка. Додека невладините организации апелираат, а активистите зборуваат за итна реакција, институциите продолжуваат да молчат или да реагираат предоцна. Пропуштените пријави и игнорантскиот однос на полицијата покажуваат дека системот не е само нефункционален, туку и селективен.

Рамајана беше убиена на 3 мај од нејзиниот партнер, пред очите на едно од нивните две малолетни деца, и покрај тоа што неколку пати го пријавувала семејното насилство кај надлежните институции.

Сторителот пак, не е непознат за институциите, напротив, во неговата историја на насилство, жртва на семејно насилство била и неговата поранешна сопруга.

Изминатиот викенд просведочивме на уште еден случај на фемицид, во кој жртва е наша сограѓанка од општина Шуто Оризари. Сопругот на 36-годишната Р.А. ја усмрти во нивниот дом, пред очите на едно од нивните две малолетни деца. Сторителот не е непознат за институциите, ниту пак за сограѓаните во нашата општина – тој има историја на насилство, бидејќи и неговата претходна сопруга била жртва на семејно насилство токму сторено од негова страна. Овој случај на семејно насилство ни е познат и нам, како Здружение кое нуди бесплатни и доверливи психо-социјални и правни услуги за помош и поддршка на жените кои се жртви на семејно и родово-базирано насилство – изјавија од Здружение Иницијатива на правата на жените од Шуто Оризари – Скопје за Види Вака.

Случај на фемицид во Шуто Оризари

Од Здружението велат дека жртвата Р.А. во неколку наврати, веднаш по неуспешните обиди за пријавување на случајот во полициската станица, ги посетувала просториите на Центарот за помош и поддршка на жени жртви на семејно и родово-базирано насилство „ISI ARKA“.

Секогаш кога таа ќе се обратеше до нас, во детали ни објаснуваше со што се соочува во нејзиниот дом, а видливи беа и трагите од стореното насилство кон неа,“ велат од Здружението додавајќи дека нивниот тим детално ги разговарал со жртвата механизмите за заштита кои стојат на располагање согласно нашето национално законодавство. На жртвата секојпат ѝ била понудена придружба до соодветните институции за пријавување на случајот, но, таа била целосно обесхрабрена и ја имала изгубено довербата во институциите по бројните обиди да го пријави случајот на семејно насилство, бидејќи, секојпат надлежните полициски службеници ја дочекувале со зборовите: „Повторно ли ти тука? Ние неколкупати зборувавме со него, не можеме ништо друго да направиме. И онака ќе се смирите.“

Според информацијата која Здружението ја добило преку разговори со жртвата, полициските службеници единствено го повикувале сторителот на информативен разговор, а за пријавите од страна на истата, не бил изготвен ниту записник.

Нашето Здружение може да понуди помош и поддршка на жртвите, но придружбата до институциите може да оствариме само во случај кога жртвата е согласна да го пријави насилството и да ја придружуваме во процесот. Ова уште еднаш ни покажува колку е од клучно значење да се усвојат предлог-измените во Кривичниот законик, за надлежните институции да постапуваат по службена должност во случаите на семејно и родово-базирано насилство согласно Инстанбулската конвенција, а не само по пријава од страна на жртвата.

Адвокатот Срџан Амет како лице вклучено во процесот, имал сознанија за дел од насилството кое го трпела жртвата, но како што вели тој во изјава за Види Вака, степенот и обемот на насилството често остануваат тешко детектибилни поради комплексноста на ваквите случаи и ограничените информации што му биле достапни во тој момент. Освен видливите последици во одредени моменти.

Амет вели дека според достапните информации, се укажува дека жртвата и претходно пријавувала насилство во семејството, што дополнително ја нагласува важноста на навремено и ефективно постапување од страна на надлежните институции, упатувајќи дека секој случај на семејно насилство бара сериозен и одговорен пристап од сите релевантни институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудните органи.

Адвокатот Амет упатува и дека во правно-институционален контекст, задолжително е постапување согласно Законот за спречување и заштита од семејно насилство, кој предвидува конкретни мерки за заштита на жртвите, како што се итни мерки, привремени налози за заштита, и обезбедување соодветна поддршка.

Доколку во конкретниот случај не било постапено со должната итност или ажурност, тоа укажува на потребата од зајакнување на институционалната одговорност, подобрување на интер-институционалната соработка и обезбедување системска заштита за сите жртви на насилство.

До објавувањето на овој текст, од МВР не одговорија на прашањата во врска со досието на сторителот Н.А. односно колкупати бил пријавуван за семејно насилство и како е постапувано по пријавите, а сепак оттаму беше јавно соопштено до медиумите дека Р.А. немала поднесено пријава за семејно насилство, што го отвора прашањето дали полициските службеници воопшто постапиле соодветно според нивните надлежности во врска со пријава за насилство?

Европскиот центар за права на Ромите (ERRC) истакна дека убиството на Рамајана е само уште еден пример за игнорирањето на институциите на очигледни знаци на насилство, што укажува на системска дискриминација и занемарување на Ромките. Организацијата повика на итна потреба од одговорност од надлежните институции како и целосна примена на Инстанбулската конвенција.

На 5 мај, Европскиот центар за права на Ромите (ERRC) испрати писмо до Министерството за внатрешни работи на Македонија во врска со убиството на Рамајана Асан, млада Ромка од Шуто Оризари, која била убиена од својот партнер на 3 мај, иако претходно повеќепати пријавувала семејно насилство. Институциите ги игнорирале очигледните знаци на насилство, што укажува на системска дискриминација и занемарување на ромските жени. ERRC претходно ангажирало здружение од Шуто Оризари за истражување за насилство врз Ромки по усвојувањето на Истанбулската конвенција, при што било утврдено дека тие и понатаму се непропорционално погодени и се соочуваат со повеќекратни пречки при барање заштита. Случајот на Рамајана ја потенцира итната потреба од одговорност на институциите и целосна примена на Истанбулската конвенција. ERRC бара правда и поддршка за безбедноста и достоинството на Ромките,“ стои во соопштението.

Институциите потфрлаат во заштита на жените

Од Платформата за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побараа надлежните институции да спроведат темелна и целосна истрага и да утврдат кој и зошто и во овој случај не постапил со должно внимание? Кој и зошто не ја заштитил жртвата кога го пријавувала семејното насилство? А потоа да преземат истрага и против оние кои во име на државата биле должни да постапат, а не постапиле.

Тие апелираат до надлежните институции итно да го преиспитаат своето постапување во овој случај, да преземат одговорност и конечно да ја исполнат својата обврска, да заштитат, да постапат навремено и да спречат нови случаи на фемицид.

Оттаму потенцираат дека фемицидите не се изолирани инциденти кои се случуваат ненадејно и неочекувано, туку претставуваат најтешка форма на насилство врз жените, на која и претходи континуирано долгогодишно насилство.

Колку чини еден живот во Македонија според правосудниот систем?

Во периодот од 2018 – 2022 година, на територијата на Македонија биле водени и правосилно завршени 17 постапки за фемицид во кои се убиени 19 жени.

Во сите 17 кривични постапки спрема сторителот била определена мерка притвор. Во 14 постапки судот донел пресуда со која сторителот бил огласен за виновен и осуден според законот, а во 3 постапки спрема сторителот била изречена мерка безбедност „Задолжително лекување во здравствена установа“ од причина што сторителот за време на кривичното дело бил непресметлив, а согласно Кривичниот законик и Законот за кривична постапка спрема сторители кои за време на извршување на кривичното дело биле непресметливи не се изрекува кривична санкција, туку се води посебна постапка во која се изрекува мерка на безбедност „Задолжително лекување во установа“ или „Задолжително лекување од слобода“, стои во анализата Фемицидот во Република Северна Македонија: Состојба, правна рамка и судска пракса 2018 – 2022.

Биле изречените 14 осуди од 2018 до 2022 години, 8 биле казни затвор до 10 години, 5 биле казни затвор над 10 години и една казна била доживотен затвор.

Фемицид беше воведено како посебно кривично дело во Македонија во 2023 година, а оттогаш до ден-денес се изречени само две доживотни казни затвор.

Доживотна казна затвор на Фадил Зејнелов (34) за убиство на 29-годишната Емилија Пешева, кое се случи на 1 ноември 2024 година кога Зејнелов прво ја удрил Емилија со тупаница, а потоа ја давел со двете раце додека не престанала да дише, му изрече Основниот суд во Штип во февруари годинава. Убиството се случило во напуштен објект во Штип, каде што двајцата живееле заедно. Сторителот и претходно бил осудуван за кривични дела.

Доживотен затвор му беше досуден и на Усеин Рашидов кој во 2023 година со 40 убоди ја уби Танкица Маладеновска од Кочани, а со години изнудувал пари и ја уценувал Танкица со компромитирачки фотографии. Рашидов во 2024 година беше пронајден мртов во притворската ќелија.

Кога фемицидот ќе се окарактеризира како „крвава драма“

Дел од медиумите фемицидот го насловија како „крвава драма“, токму и анализата „Фемицидот во македонските медиуми“ покажува дека медиумите не го користат терминот фемицид. Од друга страна пак јазикот што се употребува во новинарските извештаи е родово-несензитивен, односно ја намалува тежината на насилството бидејќи не ја препознава смртта на жените како директна последица на нивниот родов идентитет. А несоодветно известување може да нанесе штета врз жртвите на родово базирано насилство (секундарна виктимизација) и жените генерално.

Види Вака и порано пишуваше дека Македонија правно не препознава фемицид затоа не постојат официјални статистички податоци за нивниот број. Фемицидот се третира како секое друго убиство. Единствен извор на неофицијални податоци се граѓанските организации што работат во оваа област и известувањата од страна на медиумите во врска со случаите.

Во Македонија, фемицидот, убиство на жена поради нејзиниот пол претставува сериозен општествен и правен предизвик, вели адвокатот Срџан Амет.

Според статистиката со која располага Амет, во периодот 2008-2020 година убиени се вкупно 96 жени, од кои најмалку 50 случаи се идентификувани како фемициди. Од 2017–2020, Анализата на случаи на фемицид идентификува 22 убиства на жени во овој период. Во 2021 регистрирани се шест случаи на фемицид, при што во повеќето случаи убиствата се случиле во домовите на жртвите.

Оттука тој повикува на континуирано работење на унапредување на механизмите за заштита, зголемување на капацитетите на службите и подигнување на свеста за сериозноста на родово базираното насилство.
Според адвокатот иако институциите вложуваат напори за заштита на жртвите преку законски механизми и програми за поддршка, сепак има простор за подобрување. „Проценката на ризикот, навременото постапување и координираната интервенција се клучни за спречување на вакви трагедии,“ вели Срџан Амет.

Насилството не е карактеристика на етнички заедници, ранливи категории
Истражувањето за „Соодветна заштита, помош и поддршка на жртвите на родово-базирано и семејно насилство во општина Шуто Оризари“ покажува дека во периодот од 2020 до 2024 година, најголемиот број на жртви (околу 70 % во текот на годините) се од македонска етничка припадност. Додека пак, бројот на жртви на семејно насилство од ромска етничка припадност во 2023 година изнесувал 6,79 %.

„Жените Ромки се целосно изложени на дискриминација секогаш кога се обраќаат во институциите, без разлика која и да е нивната причина и потреба,“ велат од Здружение Иницијатива на правата на жените од Шуто Оризари – Скопје, додавајќи дека стереотипите и апатичноста од вработените во институциите се нивно секојдневие, особено кога станува збор за случаи на семејно и родово базирано насилство.

„Мораме да сфатиме дека семејното насилство не е карактеристика само на одредена етничка заедница, затоа, време е да ставиме крај на нереспонзивноста од страна на институциите и се надеваме дека ова ќе биде последниот аларм кој ќе ги свести истите дека е неопходно да се преземат чекори за унапредување на системскиот одговор во случаите на семејно и родово базирано насилство,“ велат од Здружението.

На жените жртви на семејно и/или родово базирано насилство сакаме да им пренесеме порака дека не се сами и имаат право на живот без страв. Разбираме дека стравот од пријавување на случајот постои, поради било какви причини: срам, закани, економска зависност или недоверба во институциите. Но, кога насилството се премолчува, многу е тешко да се излезе од кругот на истото. Кога за истото се зборува и се преземаат соодветни чекори за заштита, се прекинува неговата моќ,“ истакнуваат од Здружението Иницијатива на правата на жените од Шуто Оризари – Скопје.

Непостапувањето и неказнивоста го поткопуваат системот и ја обесхрабруваат жртвата

Жртвите на насилство ретко се охрабруваат да пријавуваат поради недоверба во системот.

Судството со изречени благи казни им дава зелено светло на насилниците

Неказнивост, изречени казни под законскиот минимум, тешко докажување на форми на насилство, како и трнлив институционален пат се дел од причините поради кои жените ретко се охрабруваат да пријават насилство.

Фемицидите не се трагедии што „се случуваат“, тие се последици на игнорирање, молчење и институционална незаинтересираност. Секоја жртва е знак за пропуштена заштита, секоја приказна – повик за будност. Додека државата се колеба, жените плаќаат со живот. Прашањето на секој од нас е: до кога ќе чекаме да реагираме – дали откако ќе биде предоцна?

„Види Вака Раскажувачкото Студио“ во самостојна продукција го изработи видеото „Сам си го барал“ во кое испрати силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.
Затоа што ниту една жртва, сама не си го бара!

Facebook
Twitter
LinkedIn