Жената во Македонија силувана зошто „така треба“ и линчувана зошто секогаш „сама си го бара“

За девет месеци годинава пријавени повеќе силувања за разлика од цела ланска година.
Автор: Љубица Иванова, Ангела Петровска, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

Жените во Македонија и понатаму се најчести жртви на семејно и родово базирано насилство, како и фемициди. Зголемен е бројот на силувања годинава во земјава за разлика од цела мината година. Од јануари до септември 2023 година пријавени се 26 случаи, додека за минатата година биле пријавени 18 случаи на силување.

Глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ и годинава, како и секоја претходна потсетува на нулта толеранција кон насилството. Целта е жртвите да се охрабрат и да го пријават насилството, а институциите да постапуваат по нивните пријави. Меѓутоа состојбата во Македонија и понатаму останува со ниска свест кон родово базираното насилство, стигмата и стравот ги спречуваат жртвите во потрагата по институционална заштита, а судските практики пак ги охрабруваат неказнетите сторители да продолжат со своите дејствија.

Иако македонските институции ставиле потпис на многу меѓународни документи кои треба да ја заштитат жената, тие не ја работат својата работа во целост.

Освен полициските билтени и медиумите се полни со вести за сторени кривични дела поврзани со родово базирано насилство. За извршени кривични дела на семејно насилство жените се жртви три пати повеќе од мажи и во најголем број случаи жртвата жена е сопруга 326.

За поплаки во врска со семејно насилство во најголем број случаи жената жртва е сопруга, односно во 1.149 случаи од вкупно 3.776 поплаки.

Во делот на поплаки најголем дел се однесуваат на психичко малтретирање со загрижувачка бројка од 3.384 поплаки за психичко малтретирање и 330 поплаки за физичко малтретирање.

Бавен напредок во заштитата на жената во Македонија

И последниот извештај на Европската комисија 2023, во делот на фундаментални права укажува на предизвици, недостатоци како и неопходноста од имплементирање и усогласување на закони и практитки.

Иако во февруари годинава беа усвоени значајни измени во Кривичниот законик во насока на регулирање на кривични дела на родово базирано насилство, сепак спроведувањето на Истанбулската конвенција во целост останува неисполнето. А дел од позаконските акти за заштита од насилство врз жени и семејно насилство се уште не се донесени.

Медиуми полни со родови стереотипи

Во медиумите се забележува употреба на сензационалистички јазик, особено во насловите на новинарските извештаи што може да влијае на површно донесување заклучоци од страна на читателите. Според заклучоците од истражувањето за родови прашања „Родовата еднаквост во време на родови дезинформации“, на овој начин, медиумите директно придонесуваат за зајакнување на наративи што се базираат на регресивни патријархални сфаќања и родови стереотипи, а преку зајакнување на родовите стереотипи во онлајн-просторот директно се влијае на зајакнување на мизогините ставови за улогата на жената во јавната сфера, со што се придонесува за родова нееднаквост во општеството.

„Силувана зошто така треба“, „сама си го барала“, „чуј силувана, тоа ѝ е обврска“ – на социјалните мрежи секојдневно сме сведоци на коментари во насока на поттикнување и оправдување на насилството кон жената, па оттука се гледа дека и дел од македонската јавност не ги препознава видовите родовобазирано насилство.

Македонија правно не препознава фемицид, па токму затоа не постојат официјални статистички податоци за нивниот број. Фемицидот се третира како секое друго убиство. Единствен извор на неофицијални податоци се граѓанските организации што работат во оваа област и известувањата од страна на медиумите во врска со случаите. Но, анализата „Фемицидот во македонските медиуми“ покажува дека медиумите не го користат терминот фемицид. Од друга страна пак јазикот што се употребува во новинарските извештаи е родово-несензитивен, односно ја намалува тежината на насилството бидејќи не ја препознава смртта на жените како директна последица на нивниот родов идентитет. А несоодветно известување може да нанесе штета врз жртвите на родовобазирано насилство (секундарна виктимизација) и жените генерално.

Родовите стереотипи играат важна улога кога станува збор за креирање на стереотипи, нееднаков однос и насилство врз жените покажуваат истражувањата.

Според анализата на родовите (не)еднаквости 59,3% од младите испитаници, мажите и жените немаат еднаков третман во Македонија.

Mакедонија има уште многу да работи во заштитата на жената од семејно и родово базирано насилство

Македонија се уште заостанува во усогласување на законската рамка со одредбите на Истанбулската конвенцијата. Според целите на Националниот акциски план потребно е да се преземат мерки и активности за превенција на родовобазирано насилство, но и за кревање на свеста за сите форми на родовобазирано насилство и елиминирање на родовите стреотипи како и воспоставување на сервиси за унапредување на заштита на жртвите. Државата има обврска да ги казнува сторителите со цел нивно обесхрабрување за повторување на делото и охрабрување на жртвите да пријавуваат.

Националниот акциски план има три основи цели:

1. Усогласување на законската рамка со одредбите на Конвенцијата.

2. Воспоставување сервиси за унапредување на заштитата на жртвите на родовобазирано насилство и на жртвите на семејно насилство.

3. Спроведување активности за превенција од родово-базирано насилство и семејно насилство.

Ова подразбира преточување на обврска државата да ги преземе сите соодветни мерки да превенира, но исто така да истражува случаи на родово-базирано насилство, да го гони и да го казни сторителот и да обезбеди обесштетување на жртвата за пропустот на државата да го спречи насилство, во законите со кои се регулира родово-базираното насилство.

Дел од архивата на Види Вака:

Политичарките – мета на родово базирано насилство


Насилството врз жените оставено надвор од законот



Жртвите на семејно и родово базирано насилство чекаат институционална заштита



„Зрак по мракот“

Родово базирано насилство – Секојдневие во македонското општество
(https://vidivaka.mk/rodovo-bazirano-nasilstvo/)

Живот без страв од насилство
(https://vidivaka.mk/vidi-vaka-istrazhuva-e-2/)

„Види Вака Раскажувачкото Студио“ во самостојна продукција го изработи видеото „Сам си го барал“ во кое испрати силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.
Затоа што ниту една жртва, сама не си го бара!

Facebook
Twitter
LinkedIn