Земја на руинирани и пропуштени можности

Напуштени и разрушени детски одморалишта, кампови, културни домови, фабрики и хотели... Повеќе од 20 години никој не презема одговорност за пропаѓањето на овие објекти.
Автор: Ангела Петровска
Камера и фотографии: Горан Бошковски, Лоран Бајрами
Монтажа: Тања Рибарска, Никола Јакимов, Горан Бошковски
Продукција: Види Вака
извор youtube: СДСМ Битола Медиуми

Здраво друштво, детското одморалиште „Пелистер“ и по шест години од предизборните политички ветувања, сè уште не работи.

Спомените на ова одморалиште одат во заборав, но ветувањата дека нештото ќе се промени и ќе дојде повторно живот во овие згради, за жал остануваат само во предизборните политички кампањи, каде секогаш се ветува многу. Детското одморалиште „Пелистер“ е една од зградите кои во минатото биле полни со спомени, детски џагор, а денес ги гледаме со влага, мувла, пајажина, скршени прозорци, мирис на измет, шприцеви… Ова одморалиште сместено во срцето на Националниот парк „Пелистер“ на Баба планина, повеќе не е во функција, објектите само се обезбедуваат со чуварска служба. Пуштено било во употреба во 1985 година, на неколку катови со капацитет од стотици легла, со игралиште, сала за игранки, менза…

„Пелистер“ заедно со „Малешево“, „Титови Пионери“, „Суви Лаки“, „Горно Водно“, „Бунец“, „Страхил Андасаров“… се имиња на некогашните детски одморалишта, сместени на најатрактивни туристички локации низ земјава, кои своевремено имаа дејност за зимски и летен одмор на децата. Детските одморалиште кои се во сопственост на државата, имале иста судбина, тие се заборавени, напуштени и целосно руинирани. Цврстите градби на објектите сè уште стојат, но интериерот зборува за годините низ кои поминале – сведоци на тешки кражби и уништувања. Сите се комплекси од повеќе одделни објекти, кои денес наликуваат само на сцена од хорор филм. Ветувањата од политичките партии, дека овие одморалишта ќе се реновираат и ќе заживеат повторно, останаа празни како и самите објекти.

Одморалиштето „Малешево“ се наоѓа веднаш до Беровското езеро, опколено со зеленило и чист воздух. Повеќе од 15 години ова одморалиште не работи, ставен е клуч на врата, а некогашното атрактивно одморалиште сместено на 4.000 метри квадратни, располагало со бунгалови, ресторан, кујни… Низ текот на годините неколкупати имало неуспешни аукции за продажба. По затворањето станува мета на тешки кражби, од внатрешноста на сите објекти речиси сè е украдено и искршено, има остатоци само од душеци, перници или тешко железо.

оригинално објавено на: 26.01.2023 г.

Истата судбина ја делат и останатите детски одморалишта „Суви Лаки“, „Титови Пионери“, „Пелистер“, „Горно Водно“, „Бунец“, „Страхил Андасаров“. Секое од нив е напуштено и руинирано по повеќе од 20 години. Во Дојран, село Николиќ, се наоѓа детското одморалиште „Титови Пионери“, кое е затворено уште во 90тите години и истото не се користи за намената за кое е изградено. Од Општина Дојран велат дека одморалиштето денес се наоѓа во лоша состојба и останати се само ѕидовите од некогашната градба, сè друго е руинирано.

Пред некоја година имаше заинтересираност од странски инвеститори, но за истото да биде продадено треба одлука од Влада и проценка за објектот, меѓутоа ова прашање останува да се решава на централно ниво бидејќи не е во наша надлежност. Општина Дојран

На падините на планината Скопска Црна Гора, во скопското село Љубанци, се наоѓа одморалиштето „Страхил Андасаров“, кое е заборавено и уништено, а дворот на одморалиштето целосно запуштено.

оригинално објавено на: 5.8.2023 г.

Сопственик на повеќето од овие детски одморалишта е Владата на Македонија, а корисник на истите е Министерството за труд и социјална политика и министерството е одговорно за нивно одржување. Од министерството велат дека детските одморалишта на кои корисничко право има МТСП не се во употреба. За „Пелистер“, „Малешево“, „Титови Пионери“, „Суви Лаки“, „Илинден“ од министерството велат дека е потребна реконструкција на дотраените капацитети во одморалиштата.

До почетокот на пандемијата со Ковид-19, само детското одморалиште„Мајски цвет“ во Струга се  користеше како летувалиште за деца од социјален ризик, но од 2022 година и ова одморалиште не е повеќе во функција. Од МТСП велат дека е потребна реконструкција и дека во моментов се прават напори ова одморалиште да се стави повторно во функција.

Во 2014 година, дел од овие детски одморалишта беа ставени за продажба. Визијата на тогашната Влада беше растот на туризмот во земјава, преку усвоената „Програма и акциски план за овозможување на влез на приватен капитал и приватна иницијатива“ во дел од овие поранешни детски одморалишта. Ниту една Влада не најде решение и не изготви план што ќе прави со овие празни и руинирани одморалишта, а од Министерството за труд и социјална политика денес велат дека сè уште се прават анализи и проценки за најсоодветно решение и по речиси десет години откако започна продажбата.

Имињата „Малешево“, „Пелистер“, „Николиќ“, „Ѓуриште“, „Суви Лаки“ и „Горно Водно“ се најдоа на листата за продажба, но и по речиси десет години, сè уште не се најде инвеститор кој ќе купи барем едно од овие одморалишта и ќе го развие туризмот во земјава.

Детските одморалишта не се единствените кои се заборавени од државата. Кампот „Треска“, кој се наоѓа во Радожда, исто така повеќе од 20 години е целосно напуштен и се распаѓа. Овој камп се наоѓа на Охридското езеро, изграден бил во 1976 година и некогаш бил меѓу најпрепознатливите туристички одморалишта за туристи од цела поранешна Југославија. Со вкупно шест апартмани, 24 хотелски соби, 15 бунгалови и 52 камп приколки „Треска“ нудела капацитет од околу 400 легла. Во склоп на кампот имало ресторан, бифе, управен објект и спортско игралиште. Во 1994 година „Треска“ била приватизирана и оттогаш започнуваат проблемите. Земјиштето каде се наоѓа кампот е на државата, а објектите се на „Треска-мебел АД Скопје“, фирма која е во стечај.

оригинално објавено на 17.04.2023 г.

За тоа како можел да се развива повеќе туризмот во Македонија сведочи и напуштениот објект на Хотел „Палас“ во град Охрид, најтуристичкиот град во летните сезони. Сместен е на самиот езерски брег, на една од најфреквентните шеталишта во центарот на градот, а објектот зјае празен. Овој објект е граден во периодот од 1952 до 1957 година, на шест катови, а повеќе од 20 години пропаѓа. Зградата на хотелот од 2016 годинае прогласена за значајно културно наследство на Македонија. На имотен лист хотел „Палас“ е во сопственост на АД Охрид Турист.

оригинално објавено на 22.07.2023 г.

Алтернатива за користење на руинираните објекти низ земјава пред неколку години даде и Здружението „Културно ехо“ со иницијативата „Напуштени можности“, кое мапираше објекти кои се напуштени во земјава и кои се наоѓаат во лоша и многу лоша состојба. Здружението за дел од овие имаше иницијативи да се обноват и да се претворат во културни објекти кои ќе им служат на граѓаните кои живеат непосредно во близина на овие објекти. Дел од нив порано биле спортски сали, културни домови или фабрики, а денес се сосема уништени и некорисни. Иако постоеја иницијативи и се ветуваше дека на овие места може да се инвестира и да се обнови – ветувањата не се остварија.

Facebook
Twitter
LinkedIn