Зелена иднина без „зелен“ кадар

Додека светот и Европа зборуваат за спроведување на амбициозни зелени агенди со кои ќе се намалат ефектите од климатските промени и ќе се зачува биодиверзитетот, во Македонија се помалку студенти се запишуваат на насоката екологија - гранка со светла иднина, но без доволно интерес и познавање за истата.
Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Борис Каески
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
Продукција: Види Вака

„Јас сум од Скопје, но поголем дел од времето го поминувам на Галичник, во природа. Таа поврзаност со природата ми беше првата асоцијација зошто се запишав на студиите по екологија. Втората беше затоа што се малку студенти и професорите ќе можат да се посветат на студентите коишто ќе сакаат навистина да научат и да продолжат во оваа гранка“.

Вака бруцошка, студентка на насоката екологија на Природно математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје, на првиот академски час во неформален разговор со нејзините колеги од генерација и постари студенти еколози појаснува што ја привлекло да се запише на оваа насока.  

Таа е една од осумтемина студенти кои академската 2021/2022 година се запишани на оваа насока. Оваа бројка на запишани студенти е мала, но е најголема во последните неколку години. Интересот за оваа насока е многу мал, што претставува загриженост и кај професорите, но и кај идните еколози.  

„Проблемите што нè гушат ќе нè натераат да сфатиме дека за одредена акција да биде преземена за нивно решавање потребни се професионалци во таа област“, вели раководителката на Институтот за биологија на Природно математичкиот факултет, Рената Ќуштеревска, во чии рамки е и насоката по екологија, пластично објаснувајќи зошто за справување со проблемите во животната средина се потребни експерти во областа. 

Но наместо продукција на квалитетен кадар, Институтот се соочува со недостаток и во студенти, а наскоро и во кадар којшто ќе може да едуцира идни еколози. 

„Бројот на студенти коишто се запишуваат на прв циклус на студии е помал од оние коишто продолжуваат на постдипломски бидејќи студенти коишто се од други насоки, како што е наставна насока, како што е биохемија и физилогија, во текот на студиите од четири години имаат можност да се запознаат со професорите од еколошката насока, да се запознаат со активностите коишто ги имаат студентите и да одлучат доедукацијата да ја направат токму на еколошката насока“, вели Ќуштеревска.

Проблемот таа го гледа во недоволната информираност и промоција на оваа насока со многу светла иднина, како што вели. 

Потребата за поголема промоција и популаризација на оваа насока ја согледала и Марија Тренчева, магистер по екологија, којашто е демонстратор на факултетот. 

„Имајќи предвид дека во моментов имаме поразително мала бројка на студенти по екологија, не можеме врз основа само на тоа да донесеме заклучок дека нема интерес на насоката. Причината за тоа е доколку видиме дека имаме повеќе студенти на постдипломски студии по екологија отколку на додипломски можеме да кажеме дека едноставно постои фундаментално незнаење и погрешно насочување на студентите почнувајќи уште од основното, па понатаму и во средното образование“, вели Тренчева.

Насоката екологија на ПМФ е формирана во 2003 година. Еден од најголемите нејзини промотори е сега покојниот професор Љупчо Меловски, кој воедно е и еден од најголемите познавачи на природата и поборник за нејзина заштита. 

Иако оваа насока постои 18 години, сепак според податоците добиени од факултетот, интересот за оваа наука е мал. За 15 години на еколошката насока дипломирале вкупно 50 студенти, или во просек по 3 еколози годишно.

Покрај на ПМФ, екологија се изучува и на државниот универзитет во Тетово на Институт за екологија и технологија и како комбинирана насока на уште неколку факултети. 

Колку за споредба, во соседна Србија на 17 факултети во рамки на 7 универзитети постојат насоки за екологија и заштита на животната средина.

Но податоците кај нас покажуваат дека интересот на студентите и во овие насоки не е голем. 

Според статистиката од УКИМ, во учебната 2020/2021 (pdf) година на Институтот за биологија се запишале вкупно 86 студенти од кои само двајца на насоката екологија. Ниту еден студент на екоземјоделство на Земјоделскиот факултет, 19 студенти се запишале на Машинскиот факултет на насоката енергетика и екологија, петмина студенти се запишале на Шумарскиот факултет на насоката екоинженеринг и екоменаџмент. Претходната академска година, пак, 2019/2020 (pdf) бројките се следни: енергетика и екологија 29, повторно само двајца студенти на насоката екологија на ПМФ, еден студент на екоземјоделие, 7 студенти на екоинженеринг и екоменаџмент.

Недостатокот на кадар ги намалува шансите за вистинска заштита на природата

Според Даниела Јовановска, асистент по неколку предмети на еколошката насока на Иститутот за биологија, интересот за студирање на оваа насока е низок поради слабото разбирање на јавноста за тоа што претставува екологијата, но можеби и поради стравот дека овој кадар понатаму нема да може да се вработи. Тоа не е точно, додава таа. 

„Тоа е пред се затоа што кај нас луѓето екологијата сè уште ја асоцираат со собирање или чистење на ѓубре. И да, не треба да фрламе ѓубре, меѓутоа екологијата е многу повеќе од чиста животна средина. Од друга страна многу луѓе не се запознаени со проспектите за вработување коишто ги имаат младите еколози кај нас. Од еколошки консалтинг, спроведување на студии за влијание врз животната средина, еколошки организации, понатаму министерства, заштитени подрачја, истражување, образование итн… има огромен број на опции за вработување, меѓутоа во моментов се соочуваме во сериозен недостиг на кадар на еколози во Македонија“, вели Јовановска.

Понатаму, последиците од немањето на доволно кадар е недостиг на капацитет да се справиме со проблемите и предизвиците за зачувување на животната средина со коишто се соочува Македонија како земја во развој, вели Јовановска. Покрај тоа, поради таквата состојба земјава од друга страна испушта шанси за апликации и спроведување на проекти од областа на животната средина преку фондови коишто Европската Унија ги нуди на Македонија како на земја аспирант за членство во Унијата.

Македонија е обврзана преку домашното законодавство, ратификуваните меѓународни конвенции, но и како земја кандидат за членство во ЕУ да ги следи и да ги исполнува стандардите во заштитата на животната средина. За тоа се потребни средства коишто треба да дојдат и од дома, но и капацитет за да се искористат тие што и се на располагање од ЕУ, вели раководителката на Институтот за биологија на ПМФ.

„Ние како професионалци многу почесто работиме на фондови коишто се од надвор, што не е лошо, меѓутоа државата мора да најде начин како да ги постави овие проблеми како приоритетни.“

Рената Ќуштеревска, раководителка на Институтот по биологија на ПМФ

Професорката вели дека кадарот е мал и на повеќе проекти работат едни исти луѓе. 

Доколку се работи подолго време на едуцирање на вакви луѓе ќе може да се вклучат во различни инстанци и тогаш ќе бидеме попродуктивни, додава таа.   

Ќуштеревска појаснува дека голем број од резултатите коишто ги имаме, зголемувањето на заштитените подрачја, валоризацијата на Шар Планина, Јабланица, Осоговски Планини и други подрачја е направено токму со искористување на странски фондови. 

Во Министерството за образование и наука прашавме дали постојат програми за популаризација на оваа студиска насока и стипендии коишто би ги привлекле студентите. 

Не добивме конкретен одговор туку појаснување дека во моментов се доделуваат стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми по математика, хемија и физика кои ги има на ПМФ и истите се во износ од 18.000 денари на месечно ниво.

Праксата, но и финансиите клучни за квалитетен кадар

Клучно во образованието на идните еколози е теренската работа преку којашто може да се аплицира стекнатото знаење, но и одблизу да се следат проблемите. 

„Можностите за вистинска пракса на сите студенти по биологија на Институтот за биологија се најчесто лимитирани. Сепак, токму студентите еколози се постојано вклучени во активностите и на други институции и организации, со што успешно го добиваат потребното практично искуство и се подготвени за пазарот на труд“, вели Тренчева.

Теренската работа и можноста за директно аплицирање на стекнатото знаење уште за време на студиите се клучни и за апсолвентката Ана Варелова којашто се занимава со изучување на папратите во Македонија, кои за жал како што вели Ана, не се потемелно истражени од 1985 година па навака. 

Ние имаме професори кои се трудат навистина многу за да создадат нови капацитети за да се стекнеме ние со сето знаење и искуство што ни е потребно во текот на студиите, не се чека додека да завршиме туку нè вклучуваат во проекти и во ангажмани како млади истражувачи и на програми за млади еколози преку кои добиваме проекти со други ментори, појаснува Варелова.

„Најважна ни е практичната работа како еколози бидејќи фактите, информациите и теоријата се само тоа сè додека не ги поврземе и ставиме во контекст за тоа што е најважно, нивната примена.“

Ана Варелова, апсолвентка

Ана додава дека дадени им се навистина многу можности од професорите и дека самите професори се секогаш достапни дали за совет, дали за консултација, дури и дополнителни предавања.

Таа својата иднина ја гледа во истражувачки проекти каде што најдобро може да го примени и да го надогради своето знаење. Затоа и смета дека е важно вистинските луѓе да бидат на вистинските позиции. 

„Како што во екосистемот секој еден член си има свој придонес за стабилно функционирање, така и во работењето на истиот, секој мора да си има своја улога и никој не е помалку важен од другиот“, вели Варелова.

Затоа е потребно кадар што работи во рамките на својата експертиза, додава таа, за да имаме валидни и релевантни резултати и да знаеме како функционира даден екосистем за да може правилно да се управува со него и да се искористи максимално односот човек-природа.

Кои се можностите за вработување како еколог

И покрај различните ставови дека можноста за вработување на дипломираните еколози е мала, од факултетот сметаат поинаку. Еколошката насока продуцира кадар со широк диверзитет на потенцијални работни места. Речиси и да нема дипломиран еколог кој е невработен или кој работи друга професија. И покрај генерациските разлики, сите еколози се на некаков начин поврзани и активно соработуваат, вели Тренчева.

Прашавме во Министерството за животна средина и просторно планирање колку дипломирани еколози работат во Министерството како и во институциите под ова министерство и дирекно во креирањето на политиките поврзани со истражувањата на животната средина.

Од таму добивме одговор само дека нивната бројка е осум. И покрај нашето инсистирање на детален одговор како се ангажирани овие дипломирани еколози на кои позиции и во кои институции и инспекторати, одговор не добивме. 

Од животна средина не одговорија ниту на прашањата дали Министерството има потреба од повеќе ваков стручен кадар и дали постои начин Министерството да стипендира или поддржува едукација на стручен кадар во областа на екологијата со цел креирање на стручни и соодветни политики за справување со проблемите со животната средина. 

Дел од еколозите коишто студирале на насоката екологија на ПМФ, имаат магистрирано и докторирано на некои од странските универзитети. Дел од нив се вратиле и ги продолжиле своите истражувања тука, во Македонија. Дел од нив останале во странство.

Еден од нив е Драган Арсовски кој е доктор на науки по популациона екологија и е вработен во Македонското еколошко друштво. Арсовски смета дека дел од професијата е и несебичното споделување на своето знаење со помладите колеги еколози.

Од еколозите коишто се директно вклучени во носењето на политиките во институциите е Едита Зеќировиќ, дипломиран еколог кој работи во Министерството за животна средина и просторно планирање. 

„Од есенцијално значење е дипломирани еколози да бидат дел од повеќе државни институции бидејќи на овој начин ќе бидат директни учесници во процесите на носење на одлуки“, вели Зеќировиќ.

Но има и еколози коишто по дипломирањето заминуваат на доусовршување во странство, но и таму остануваат. Таков е случајот на Ивона Трајческа, дипломиран еколог. По дипломирањето своето студирање го продолжува на Универзитетот „Koblenz-Landau“ во Германија. Денес работи во „tier3 solutions GmbH“ , Германија како екотоксиколог.

Светот и Европа вложуваат огромни средства во истражувања за ублажување на ефектите од климатските промени. Зелената агенда за Западен Балкан е нова стратегија за раст на овој регион којшто преоѓа од традиционалниот модел на одржлива економија во согласност со Европскиот зелен план.

Покрај трансформација на снабдувањето на енергија од обновливи извори, премин кон циркуларна економија, намалување на загадувањето голем дел од спроведувањето на Зелената агенда ќе значи и зачувување на биодиверзитетот. 

Подрачјето на Западен Балкан, вклучително и на Македонија, изобилува со богатство од живеалишта и врсти коишто треба да се заштитат и зачуваат за следните генерации. Предвидено е ЕУ да пружи поддршка за регионот во развој и имплементација на Акциониот план за биодиверзитет на Западниот Балкан, како и на Планот за реставрација на шумскиот потенцијал. За спроведувањето на оваа амбициозна агенда потребни ќе бидат професионалци во областа токму на екологијата.   

Facebook
Twitter
LinkedIn