Засилените полициски контроли ги извадија на виделина сообраќајните прекршоци

По смртта на Фросина Кулакова уште двајца пешаци го загубија животот по македонските патишта. Засилените полициски контроли покажуваат дека бројни прекршоци се секојдневие во сообраќајот.
Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Во првата половина од месец февруари, регистрирани се 1 440 лица коишто возеле над дозволената брзина во Скопје, што е петпати повеќе од претходниот цел месец јануари кога биле евидентирани 276 вакви прекршоци.

На улиците во Скопје, по смртта на Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин на улица „Партизанска“, се забележуваат зголемени полициски контроли. Граѓани револтирани од сообраќајното дивеење и неправдата за жртвите во сообраќајот одржаа низа протести за безбедноста во сообраќајот и побараа правда.

Сепак, јавноста цени дека овој намален тренд на прекршоци се должи на најавените засилени контроли од МВР откако граѓаните побараа почести контроли на македонските патишта и казнување на несовесните возачи и сите оние кои ги прекршуваат сообраќајните правила.

142 лица го загубиле животот во сообраќајќи во 2024 година

Во текот на 2024 година, на патиштата низ Македонија се случиле вкупно 8.457 сообраќајни несреќи. Од нив 124 се со смртни последици, во кои животот го загубиле 142 лица.

Вкупниот број на настрадани учесници во сообраќајќи за 2024 година е 7.298 лица.

Најмногу сообраќајќи изминатата година се случиле во Скопје – 3261, по што следуваат Тетово со 1.306 сообраќајќи, Охрид 842 сообраќајќи. Овие се градовите и со најмногу настрадани учесници во сообраќајќи.

Најмногу сообраќајќи со смртни последици имало на територијата на Скопје, па во Битола, каде воедно и најмногу лица загинале во сообраќајни несреќи, Скопје (30) и Битола (25).

МВР билтенот секојдневно се полни со црна статистика

Фросина Кулакова почина на 29 јануари годинава, откако во неа удри возачот Васил Јованов кој под дејство на алкохол возел со брзина над дозволената. Оттогаш наваму, во МВР билтенот секојдневно се бележат сообраќајни прекршоци и сообраќајќи на територија на цела држава. До 15 февруари, во сообраќајни незгоди починале 6 лица од кои двајца биле пешаци, четворица возачи.

На 05.02.2025 во 15.35 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на бул. „Гоце Делчев“ во Струмица, товарно возило – влекач „ман“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.С. (56) од Богданци, удрило во пешакот Д.Т.(46) од село Ангелци, струмичко. Во несреќата пешакот се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Медицински центар Струмица за укажување на лекарска помош, каде подоцна починал. За настанот бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, по чии насоки телото на починатиот било дадено на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Струмица.

На 11.02.2025 во 23.15 часот во Полициската станица Кичево било пријавено дека на магистралниот пат Гостивар – Кичево, на крстосница за с.Колибари, кичевско, патничко возило „рено меган“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од Р.И.(66) од село Горно Строгомиште, кичевско, удрило во пешакот И.А.(66) од с.Колибари. Од здобиените повреди, пешакот И.А. починал на местото, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Увид извршила екипа од ОВР Кичево и по наредба на јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

Од 29 јануари до 15 февруари се евидентирани 27 сообраќајќи по македонските патишта каде во 22 од нив учесниците се здобиле со тешки телесни повреди.

Законски измени се потребни за поголема безбедност во сообраќајот

Собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците едногласно усвои десет заклучоци на јавна расправа за утврдување на потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот.

1. Намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај преку подигнување на одговорноста и свеста на сите учесници во сообраќајот и преку елиминирање на неказнивоста на сторителите;

2. Потреба од заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за безбедност во сообраќајот Законот за јавните патишта, Законот за извршување на санкциите и нивно меѓусебно усогласување најдоцна до крајот на 2025 година;

3. МВР да ги забрза активностите околу целосно и ефикасно имплементирање на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци преку целосно дигитализирање на процесот;

4. Меѓуресорски стратешки акциски план со цел да се за забрзаат активностите за вмрежување меѓу МВР со судовите и обвинителствата со што ќе се овозможи побрза комуникација и намалување на можностите од злоупотреба на системот;

5. Судовите својата работа да ја темелат на почитување на законските начела со посебен акцент на непристрасноста при донесување на одлуки, да ги применуваат законските одредби во целост и изречените казни да се во согласност со тежината на прекршокот и да се имаат предвид мерките кои може да се применат за да ја спречат можноста од повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот;

6. Надлежните институции да обезбедат поголема контрола на автошколите и постојана едукација на инструкторите;

7. Надлежните институции да обезбедат поголема контрола во Центрите за техничка контрола на исправноста на возилата во сообраќајот;

8. Превентивни мерки со предлог Акциски план за нивно реализирање, се препорачува РСБСП да ги засили своите активности во насока на подигање на јавната свест, притоа истакнувајќи ја личната одговорност на секој поединец кој на било кој начин учествува во сообраќајот;

9. Поттикнување од едукативно-превентивни мерки во градинките и училиштата во однос на сообраќајната култура и спречување на насилството;

10. Медиумите да ја имаат предвид важноста на едукативните програми и содржини како превентивни мерки за спречување насилно однесување во сообраќајот и во сите области од секојдневното живеење;

Овие десет заклучоци имаат за цел намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривичните дела во сообраќајот преку подигнување на свеста од најмала возраст, заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик и сите други закони. Заклучоците ќе бидат доставени до сите надлежни и се очекува по нив да се постапува до крајот на 2025 година.

Сметам дека мора да го ревидираме членот 297а од Кривичниот законик кој се однесува на безобѕирно возење, односно јасно да се разграничи од постоечките одредби кои регулираат сообраќајни прекршоци во ЗБСП во делот на брзото возење и наместо алтернативно да се изрекува парична казна, истата кумулативно да се изрекува со казна затвор. Мора да се предвиди и инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, затоа што бројките се страшни – во 2022 година биле констатирани 16.359 прекршоци за управување на моторно возило без возачка дозвола, во 2023 година 19.885, а во 2024 година 19.000 прекршоци. Исто така размислуваме и за воведување на задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење, изјави претходно министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Фросина Кулакова стана симбол за неправдата на македонските патишта кои одземаат невини животи и поттик дека е крајно време да се зајакне безбедноста во сообраќајот.

Види Вака и претходно пишуваше за сообраќајната неправда каде пијани, брзи и недопирливи пред законот се предизвикувачите на сообраќајни несреќи додека правда за загинатите нема.

Facebook
Twitter
LinkedIn