Заробените бели дробови на градот

Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Иван Алушевски, Драган Котовски
Монтажа: Синиша Илијески, Николај Митрески
Продукција: Види Вака

Булевар „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Мирис на асфалт и чад, се издигнува од илјадниците возила кои поминуваат секој час на ова прометно место. Во близина има осамено дрво, смрека, која навидум го нарушува урбанистичкото сивило. Дрвото е осудено на смрт, како и други 840 дрвја во Скопје, кои се заробени од бетон, асфалт, плочки или други цврсти материјали. Можеби оваа бројка на „заробени дрвја“ изгледа мала, но најголем дел од нив се големи стебла кои растеле со децении и чиј удел е значаен, во прочистувањето на загадениот воздух.

Според пописот од минатата година со проектот „Зелен катастар на град Скопје“, попишани во градското зеленило беа 28.395 грмушки и 65.844 дрвја. Од нив 71,3% се листопадни, а 28,65% се зимзелени дрвја. Според Зелениот катастар, најмногу оштетени видови на дрвја во Скопје се индиски јоргован, дива маслинка, врба, топола и каталпа.

Овие дрвја најчесто се оштетени од човечки фактор. Изминатите години бевме сведоци на неконтролирано сечење на дрвја, но, освен сечењето, друг проблем е и просторот, односно, каде и како се садат белите дробови на градот.

Законот за урбано зеленило (член 31), вели: „Заштитени се сите дрвја, како од јавните така и од приватните површини, со обем на стебло над 40 центиметри, мерено во висина од 1,3 метри, освен овошките, дрвјата во малите градини и дрвјата во шумите.“

Според професорот Кирил Сотировски од Шумарскиот факултет, сè помалку има јавни површини и зеленило во Скопје.

„За жал, постои сериозен проблем со урбаниот простор, а со тоа и во урбаното планирање, во градот Скопје, па и во сите градови низ државата. Јавни површини има сė помалку, а за сметка на нив се издигнуваат објекти/зданија од најразличен габарит, најчесто предимензионирани, кои практично сосема го голтаат просторот кој треба и можел да биде, позелен и похуман. Оттаму, просторот кој преостанал да се озелени, по дефиниција станува задавен, иако, не се работи за задавени стебла во буквална смисла, туку за задавено зеленило генерално. Кога на тоа ќе се додаде дека извесен процент и од јавните површини не се зеленило (потсетете се на повеќето плоштади од „проектот“ Скопје 2014, сите главно се поплочени, со многу малку зелена површини), состојбата е катастрофална“, вели проф. д-р Кирил Сотировски.

Но, што се случува со едно дрво кое е заробено?

Мапа на задавени дрвја во Скопје

Во 2018 година, во Види Вака направивме прилог за заробените дрвја, тогаш нивната бројка изнесуваше 400 стебла. Ја отвориме повторно мапата, сега бројката на задавени дрвја во Скопје беше дуплирана, па решивме да направиме една обиколка низ градот. Видовме врби, тополи, смреки, каталпи, костени и уште многу други видови дрвја кои се заробени од цврстиот материјал во урбанистичката средина. Од Влае, Карпош, па сè до другиот крај од градот, сите овие дрвја го имаат истиот проблем, некои од нив, веќе ја изгубиле битката и се целосно исушени.

Прилогот е оригинално објавен на: 13.12.2018 година

Во јануари 2019 година, Шумарскиот факултет и град Скопје, потпишаа Меморандум за мапирање и ослободување на заробени стебла и корења на дрвјата со градежен материјал, кој бил поставен при нестручно изведени градежни активности. Подоцна, на акцијата „Дрво за секое дете“, градоначалникот Петре Шилегов изјави дека Град Скопје не е надлежен за сите заробени дрвја.

„Во моментот на потпишување, чинам дека ние веќе имавме евидентирано над 700 стебла, од кои веројатно во тој момент околу 500 ги сметавме за најзагрозени. Онаа бројка од 187 стебла по улиците, воопшто не фигурураше во меморандумот, туку подоцна беше лиферувана од градоначалникот, како бројка за која Градот се смета за надлежен. Избегнувањето надлежност, според мене е сериозен општествен проблем кој станува вообичаен за надлежните институции кај нас, тука не зборувам само за зеленило, туку и генерално. Моето прашање до Градот е да одговорат, кој е надлежен за останатите стебла?“, посочи и постави прашање проф. д-р Кирил Сотировски.

Од Град Скопје ни одговорија дека во соработка со општините Центар, Карпош, Чаир и Аеродром, на терен ја реализираат акцијата за ослободување поголем број заробени дрвја.

„Оваа активност се базира на меморандумот за соработка, кој Градот Скопје го потпиша со Шумарскиот факултет. Со истиот се опфатени 841 дрво, дрвја кои се заробени со градежен материјал, а од кои околу 200 се во надлежност на Град Скопје и најголемиот број од нив се целосно ослободени. Паралелно со овие активности, Градот Скопје и градските претпријатија, им помагаме и на општините да влезат во засилен процес на ослободување на дрвјата кои се на површини во општинска надлежност“, соопштија од град Скопје.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ ни одговорија дека тие помагале советодавно околу процедурата за ослободување на дрвјата.

„Ослободувањето на дрвјата беше дадено како задача на ЈП „Улици и патишта“, а ние помагавме советодавно околу големината на отворот и дотуравме земја, таму каде што имаше потреба кај ослободените дрвја“, кажаа од ЈП „Паркови и зеленило“.

Според Законот за Град Скопје, надлежности на општините на Град Скопје, се одржување и користење на зеленилото на сервисните и станбените улици (член 15, точка 4).

„Од општина Центар, досега имаат ослободено околу 70 стебла, според тоа се најревносни, но и таа бројка ја сметам за многу мала за повеќе од година и половина колку што е изминато, откако упативме на  проблемот. Одвреме-навреме, добиваме известување за ослободени стебла и од ЈП „Паркови и зеленило“, но сето тоа се минорни бројки, досега, вкупно се ослободени под 100 стебла. Во тој број спаѓаат и стебла ослободени од граѓани или од групи. За жал, трагично е што истовремено на тоа, со колегата Цветковски евидентираме и нови случаи на задавување, неретко заради узурпација на просторот од страна на летните тераси на кафулињата, или пак, заради некакви инфрастурктурни работи кои се сосема нелогични и дури и апсурдни,“ посочи професорот Кирил Сотировски.

Надлежности на градот, според Законот за Град Скопје, член 10, точка 4 се одржување на зеленилото на магистралните и собирните улици.

Од Град Скопје ни кажаа дека најголем дел од заробените дрвја се ослободени, но, бидејќи станува збор за голем број такви стебла, одлучивме да се вратиме на „тажното“ дрво, спроти Театар Комедија. Во мапата на задавени дрвја е потпишано како  „809. Juniperus sp. (смрека)“, ова е големо здраво дрво и е од важно значење за целиот потег на улицата. Тоа е единствено дрво во двесте метри на булеварот од таа страна, сите останати се ново засадени. Смреката се наоѓа на магистрална улица, бул. „Свети Климент Охридски“ (поранешно име бул. ЈНА) и е во надлежност на Град Скопје, а не на општина Центар, ова дрво сè уште чека да биде ослободено од Градот.

Заробено дрво смрека (фото: Мапа на задавени дрвја – Скопје)

Помалку зеленило, повеќе бетон 

Во другите градови во Македонија, состојбата не е поразлична од Скопје. Урбанизмот без зеленило е распространет низ цела држава. Разликата од Скопје е во тоа што, другите градови немаат конкретни податоци за заробените дрвја.

Професорот Кирил Сотировски од Шумарскиот факултет во Скопје, вели дека имаат регистрирано задавени стебла и во други градови.

„Имаме регистрирано дури и бизарни ситуации на задавени стебла во Велес, Охрид и Тетово, од оние за кои се сеќавам, но веројатно во сите градови има многу вакви случаи“, кажа професорот Сотировски.

Еден од најпосетените туристички градови во држава, Охрид, градското урбано зеленило ги опфаќа парковите, скверовите, зеленило на сообраќајниците, дрвореди и друго. Неговата вкупна површина изнесува 80.226 m². Додека, вонградското зеленило го опфаќа локалитетот Кале, односно, стариот дел од градот со површина од 340.000 m². Во сите дрвореди на улиците, има околу 1600 дрвја.

Екологистот од Охрид, Ѓоко Зороски, вели дека нема информација, бидејќи, веројатно никој нема направено досега теренско истражување за заробени дрвја во балканскиот Ерусалим. Според Зороски, општината треба да вложи повеќе финансиски средства за одржување на дрвата.

„Во градот има десетина чинари, од кои најпознат и најстар е тој на истоимениот плоштад, стар над 1000 години, кој веќе е прогласен за споменик на природата. За другите дрва процедурата е во тек. Во овие стари дрва спаѓа и кочеџикот – еден вид старо дрво во дворот од црквата Св. Богородица Перивлепта. Потребно е општината да обезбедува поголеми финансиски средства за одделението за заштита на животна средина за да се оствари програмата за заштита и одржување на овие дрва на подолг времески период“, истакна екологистот Ѓоко Зороски.

Чинарот кој се наоѓа на плоштадот „Чинар“ е едно од препознатливите обележја на градот Охрид (фото: Општина Охрид)

Друг проблем кој го посочи екологистот Зороски е дрвните видови кои се садат во овој град.

„Наместо автохтони, садени се неавтохтони видови, кои тешко се приспособуваат на локалната клима. Секако, според сите досегашни локални еколошки акциони планови се предвидува засадување само на автохтони видови растенија“, посочи Ѓоко Зороски, екологист во градот Охрид.

Придобивки со ослободување на заробените дрвја

Дрвјата за да се ослободат не е потребно да се чека некое годишно време, потребна е само волја од надлежните, а придобивките од ослободувањето се големи.

„За разлика од сите останати работи кои се поврзани со хортикултирата и зеленилото, за ослободување на стеблата не пречи да се изведува во било кој дел од годината. При постапката за ослободување, единствен контакт со стеблата има во најкритичните случаи, кога треба да се одвојува материјалот кој е веќе сраснат во кората, но и за тоа има решенија и може лесно да се изведе во било која сезона“, кажа професорот од Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски.

Почист воздух, повеќе зеленило, подобрување на здравјето на граѓаните, подобрување на микроклимата, зачувување на биолошката разновидност и уште многу други придобивки се впишуваат на листата позитивни работи коишто би се случиле во животната средина со ослободување на дрвјата.

„Не е исто низ градот да имате само мали или стебла од средна големина и нонстоп да треба да се менуваат, затоа што изумираат додека се релативно мали, споредено со  децениски, големи стебла. Едно големо стебло, од еколошки аспект вреди и до над стотина новозасадени стебла, најмногу заради волуменот на зелената, односно, лисната маса“, изјави професорот Сотировски.

Досега не е изработен некој правилник или уредба за начинот на садење на дрва. Неодамна, таткото на градот Скопје, Петре Шилегов, објави фотографии од новиот изглед на централниот плоштад, зеленило и засадени нови дрвја. Прашање е дали се зема предвид начинот на садење на новите дрвја, за во иднина да не им се случи истата судбина како овие 840, кои се на мапата на „задавени“?

Од Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје, ни кажаа дека дрвјата се садат стручно.

„Дрвјата ние ги засадуваме стручно, како што бараат професионалните стандарди. Но, нивното заробување е настанато отпосле, после засадувањето со извршување на градежни зафати: асфалтирање, бетонирање, поплочување. Затоа, ЈП „Улици и патишта“  го извршува ослободувањетo“, посочија од ЈП „Паркови и зеленило“.

Но, што се случува кога заробеното дрво ќе се ослободи од стегите на цврстиот материјал?

Пред неколку години беше објавена студија во која се мапираа околу три трилиони дрвја во цел свет. Студијата покажа дека со зголемување на човечката популација, се намалува и бројот на дрвја. Поради човечкиот фактор и урбанистичкото планирање, имаме помалку зеленило и дрвја во цел свет.

Нашата држава изминативе години постојано се наоѓа на врвот, меѓу најзагадените земји. Секое дрво, значи и почист воздух за граѓаните и животната средина. Пред да надоместуваме со нови, да ги зачуваме израснатите децениски дрвја со големи крошни. Бидејќи, тие се заробените бели дробови во градовите, кои чекаат да бидат ослободени од надлежните, а дотогаш, бесцелно ќе се борат со цврстиот материјал што ги опкружува.

Фотографии: Иван Алушевски и Кирил Сотировски

Facebook
Twitter
LinkedIn