Забетонирано зеленило во Македонија

Во Македонија 22 од 34 општини не го исполнуваат пропишаниот стандард за зеленило од 25 м2 зелена површина по жител за хумано и здраво живеење.
Автор: Љубица Иванова
Продукција: Види Вака

„Тој што сади дрвја, сади надеж“ – рекла поетесата Луси Ларком, но македонските градови садат сѐ помалку надеж за идните генерации, не исполнувајќи го ни минимум зеленилото пропишано во стандардите за хумано живеење.

Низ македонските градови, сè почесто наместо нови дрвја и паркови, никнуваат бетонски згради и паркинзи. Зелените површини, кои некогаш беа природен штит од загадување, топлински бранови и градска бучава, полека исчезнуваат под притисокот на урбанизацијата и нестручното планирање. Иако постојат закони што го обврзуваат секој инвеститор да остави простор за зеленило, праксата покажува поинаква слика – онаму каде што требаше да растат дрвја, сега има бетонски плочи.

Феноменот познат како „забетонирано зеленило“, не е само архитектонски проблем, тој е аларм за јавноста, за институциите и за иднината на урбаното живеење. Во време кога климатските промени стануваат сè поекстремни, секое отсечено дрво и секој уништен парк значат изгубена шанса за поодржлив и похуман град. Македонија не е исклучок – напротив, таа станува пример како закони без надзор и урбан развој без визија можат да остават трајни последици врз животната средина.

Мерките и политиките на централната и локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите – според извештајот „Урбанистичко планирање на зелена инфраструктура во градовите“ од Државниот завод за ревизија (2024) кој ги анализира состојбите со зелената инфраструктура во македонските градови, со посебен фокус на урбаното зеленило, неговото планирање и заштита.

Недоволна примена на Законот за урбано зеленило

Иако Законот за урбано зеленило предвидува обврска за секој инвеститор да обезбеди најмалку 20% од парцелата за ново зеленило, во пракса оваа одредба често се заобиколува. Општините ретко вршат теренски проверки пред издавање на градежни дозволи, што резултира и со уништување на постојното зеленило.

Со законот е пропишан стандард од 25 квадратни метри зелена површина по жител за хумано и здраво живеење, додека препорачана вкупна застапеност на површини со зелени урбани инфраструктури во однос на вкупната територија на градот, во генералниот урбанистички план е:

12 – 14 % за мали градови (3.000 – 25.000 жители),

14 – 20 % за средно големи градови (25.000 – 100.000 жители)

20 – 25 % за големи градови (повеќе од 100.000).

Во Македонија 22 од 34 општини не го исполнуваат пропишаниот стандард за зеленило

Од вкупно 34 општини со седиште во град, 22 општини не го исполнуваат пропишаниот оптимален стандард од 25 м2 зеленило по глава на жител, а зелените површини кои се одржуваат и ново подигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители согласно пописот од 2021 година укажува дека ниту една општина не го исполнува стандардот.

Во планските опфати на ГУП-овите не е достигнат оптималниот стандард на застапеност на зелена урбана инфраструктура од 25 м2 по глава на жител. Македонска Каменица има 15м2 по глава на жител, а по неа следат Град Скопје и Демир Капија со 10м2, Велес и Неготино со 9м2, додека останатите имаат помалку од 6м2 по глава на жител.

Најмалку м2 зеленило по глава на жител има Струга, 0.6м2 по глава на жител.

Со непостигнувањето на препорачаниот стандард на озеленетост не може да се обезбеди еколошка и економска стабилност на градовите, односно урбаните зелени простори може да се занемарат и деградираат, што ќе има негативни последици за животната средина и квалитетот на животот на граѓаните – стои во извештајот на ДЗР.

Општините немаат зелени катастри

Законот исто така предвидува изработка на „зелен катастар“ со што секој ќе може да има увид и детална евиденција на сите дрвја и зелени површини. Сепак, пет години по донесувањето на законот, само три општини имаат изработено вакви катастри, но истите не се ажурираат или не се јавно достапни, што го отежнува планирањето и заштитата на зеленилото.

Во Македонија од 34 општини со седиште во град само 3 општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид) имаат воспоставено Зелен катастар во форма на ГИС портал. Општина Охрид изготвила Зелен катастар во форма на ГИС портал, но истиот не е јавно достапен, а Градот Скопје иако има воспоставено Зелен катастар податоците последен пат се ажурирани во 2021 година со што овој ГИС портал не е во целост воспоставен, од причини што не го опфаќа општинското зеленило, односно недостасува поврзување со општините во градот кои исто така имаат јавни зелени површини кои ги одржуваат.

Иако, законската обврска за воведување на зелен катастар е од 2018 година, сѐ уште кај општините не постои интерес за создавање зелен катастар, односно 29 општини не преземале активности за негово воведување, со што не ги обезбедиле предусловите за правилно планирање и одржување на зелените површини.

Едноставно зелениот катастар на град Скопје мора да почне да функционира. Ние со години баравме и од самиот Град да се одвојат буџетски средства за да може тоа да ја има улогата која треба да има. Тоа значи дека дигитално веднаш ќе гледате дали едно дрво е навистина за сечење, ќе му се следи животниот век, ќе му се следи зравствениот статус и може многу лесно да се види дека ако тоа пред два месеца, на пример не било дрво кое било опасно, пред паѓање или болно и така натаму. Така што тие сите сегменти од вклученоста на јавноста во давањето информации на јавноста во реално време, што за нас е многу битно, сметаме дека тоа едноставно мора да продолжи да функционира – вели Драгана Велковска од „Зелен хуман град“

Со ревизијата утврдено е дека од 34 општини со седиште во град, 16 од нив имаат донесени годишни оперативни програми за подигање и одржување на зеленилото, 13 немаат донесено посебни годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, туку дел од активностите за подигање и одржување на јавните зелени површини се утврдени во рамки на програмите за уредување на градежно земјиште или во годишните програми на јавните комунални претпријатија.

Општините Демир Хисар, Македонски Брод, Валандово, Кратово и Неготино немаат воопшто предвидено активности за подигање и одржување на зеленилото во годишните програми на општината или на ЈП.

Стратегија за развој на зеленилото имаат донесено само Град Скопје и Општина Охрид, додека останатите 32 општини немаат донесено стратешки документ за развој на зеленилото.

Непочитувањето на законската обврска од страна на општините за донесување на оперативни програми за подигање и одржување на зеленилото на годишно ниво има влијание врз утврдувањето на конкретни цели, динамиката на реализација на истите во насока на зголемување на процентот на озеленетост.

Намалување на зелените површини во урбаните средини

Централните делови на градовите особено се соочуваат со намалување на зеленилото поради урбанизација и изградбата на нови објекти. Ова доведува до зголемени температури, загадување и намалување на квалитетот на животот.

Негрижата пак од друга страна води до уништување и на онаа зеленило кое го имаме – пример за тоа е Градскиот парк во Скопје, каде поради ненавремено одржување се сушат дрвјата во паркот.

Граѓани, активисти и советници од „Зелен хуман град“ периодов издејствуваа да се спасат од сеча дел од најавените 113 дрва според решение од Град Скопје за сеча на 113 дрва и кастрење на уште 303 дрва во Градскиот парк во Скопје.
На обиколка со стручни лица експерити заклучија дека негрижата и лошо одржување низ годините најмногу придонело за дел од дрвјата да треба да се сечат.

Зелената инфраструктура во македонските градови се соочува со сериозни предизвици, особено во урбаните средини каде што урбанизацијата често се спроведува на сметка на зелените површини. Иако постојат законски рамки за заштита и унапредување на зеленилото, нивната имплементација се заобиколува. Потребни се поинтензивни напори од страна на општините и граѓаните за зачувување и проширување на зелените површини, што ќе придонесе за подобар квалитет на живот и одржлив урбан развој.

Facebook
Twitter
LinkedIn