Излегувате навреме од дома и се упатувате кон автобуската постојка. Нема сенка, ниту соодветна заштита од сонце, па се обидувате да најдете место каде ќе го почекате автобусот кој треба да ве однесе на работа, до болница, до институција… Пет, десет, петнаесетина минути, половина час, автобусот не пристигнува.
„Да тргнев пешки, побрзо ќе стигнев“ е најчеста реакција на граѓаните коишто некогаш и по еден час чекаат автобус.
Но ситуацијата не е ништо подобра и кога ќе дојде автобусот. Уште од првата почетна станица автобусите се полнат со нервозни граѓани кои на 35+ степени чекале автобус. Во превозот најчесто нема клима, седиштата и рачките се скршени, а на оние маргинализирани групи на коишто најмногу им се потребни звучните пораки за станици, не функционираат. Не функционираат ниту електронските табли кои исто така информираат за локацијата на автобусот и која станица е следна при патувањето.
Немањето клима во летен и зимен период, вентилација, нехигиена, гужвата која се создава поради ретките автобуси, неточноста, неисправноста на автобусите поради кои доаѓа до дефекти се некои од условите кои најмногу им сметаат на граѓаните кои одговорија во Инстаграм анкетата на Види Вака.
Додека граѓаните чекаат јавниот превоз да се регулира и да се подобрат условите, од својот џеб даваат пари за такси за да пристигнат до дестинацијата на која се упатени.
Нови автобуси нема да има во блиска иднина
ЈСП е во дефицит со околу 100 автобуси за да се реализира возниот ред. А токму поради тоа и во зима и во лето, граѓаните се соочуваат со истите предизвици во јавниот превоз.
„ЈСП располага со околу 200 автобуси коишто се во функција, со тоа што за да се реализира возниот ред, летниот, говориме, недостигаат околу 30 до 40 автобуси. Да биде редовно реализиран како што е возниот ред, со таа динамика. За зимскиот таму е поголема разликата, некаде около 90 автобуси, до 100,“ изјави за Види Вака, Драги Кушовски, директор на ЈСП.
Нови автобуси нема да има во блиска иднина.
„Па ние на Седмица на Советот имаме предлог за донесување одлука за набавка на автобуси, но Советот не ја изгласа таа одлука,“ вели директорот на ЈСП.
Удирање во жардиниера и повредени патници, пожар во задниот дел од моторот, дефекти кои го оставаат автобусот на сред пат, нефукционални клими, искршени столчиња, нефункционални прозори и уште многу други предизвици ги снаоѓаат патниците и автобусите на ЈСП.
Сервис на автобусите се прави секојдневно, тврди Кушовски. Додека пак редовниот сервис е на шест месеци.
Градскиот превоз и Јавното сообраќајно претпријатие во колапс
Вработените во Јавното сообраќајно претпријатие и оваа година ја одбележаа со штрајкови во неколку наврати поради доцнењето на нивните плати. Нивните автобуси беа паркирани во гаражите на ЈСП, градскиот превоз во Скопје беше во застој, а работниците на улица.
Советот на Град Скопје во јануари годинава на вонредна седница донесе Одлука за обезбедување на средства за исплата на нивните плати и на работниците им вети дека имаат обезбедено пари за текот на целата година, но нивните плати уште следниот месец доцнеа повторно. Додека траеше расправата, десетици вработени во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, на минусни температури ја чекаа одлуката на улица.
Поради условите, работата ја напуштаат и возачите
Ситуацијата со јавниот превоз не е ништо подобра и за самите вработени. Возачи често се одлучуваат да заминат на печалба во Германија и западните Европски земји поради ниските и ненавремени плати.
Трендот на заминување на возачи од ЈСП трае веќе неколку години, а покрај возачи заминуваат и сервисери, економисти и инженери.
Маргинализираните групи оставени да се снаоѓаат сами
Слепите лица и лицата со оштетен слух се оставени да се снаоѓаат сами или пак да се потпрат на емпатијата на своите сограѓани возејќи се во јавниот превоз. Не работат звучните пораки, ниту пак информативните електронски табли кои во текот на возењето ве известуваат до која постојка е автобусот.
Низа ветувања за градскиот превоз, но ниту едно не доби реализација
Граѓаните во Скопје низ годините слушнаа низа ветувања од различни политички партии и власти, но ниту едно од нив не доби светло на крајот на денот. Пред шест години, се најави еколошки електричен автобус.
Изминавата недела, на седницата не помина предлогот за набавка на нови еколошки автобуси. Мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за оваа предлог одлука. Предлогот за набавка на нови еколошки автобуси досега неколкупати се најде на дневен ред на седниците на Советот на Град Скопје, но не ја доби потребната поддршка од советниците.
Поминаа 13 години откако беа купени 202 кинески двокатни и 80 украински нископодни автобуси кои чинеа 57 милиони евра. Скопје не успеа добро да ги зачува овие автобуси, но не ни успеа да купи нови еколошки автобуси кои ќе бидат од голема корист за граѓаните, но и за животната средина.
Само едно ветување од изминативе години се исполни за градскиот превоз, Скопјани добија бесплатен превоз, ама без автобуси.