ВОДНИ ДЕПОНИИ

Пеколен ден во Скопје. Асфалтот чиниш се топи од температурите кои достигнуваат над 40 степени целзиусови. Две момчиња се капат на местото каде реката Лепенец се влева во реката Вардар во општина Карпош
Автор: АЛЕКСАНДАР МАНАСИЕВ
Камера и фотографии: ИВАН АЛУШЕВСКИ
Монтажа: ГОРЈАН АТАНАСОВ
Продукција: ВИДИ ВАКА


Пеколен ден во Скопје. Асфалтот чиниш се топи од температурите кои достигнуваат над 40 степени целзиусови. Две момчиња се капат на местото каде реката Лепенец се влева во реката Вардар во општина Карпош. Занесени се во забавата на вода. Се фрлаат на глава и повторно излегуваат надвор за да го повторат истото по којзнае кој пат. Светот околу нив како да не постои. Се чини дека не забележуваат дека на само дваесетина метри подалеку има голема канализациска цевка од која истекува валкана вода, многу веројатно фекална. Изненадени дознаваме дека ја забележале и тие.

„Загадена е водата, ама барем  е поладно во водата отколку надвор. Немојте и вие да влегувате забрането е!“, на шега вели едно од момчињата продолжувајќи со скоковите во вода.

Знакот забрането за капење кој можевме да го видиме не стои овде без причина. Водата, според низа анализи за квалитетот на водите, е со трет и со четврт степен на загаденост и не смее да се користи за никаква намена.

Момчињата знаат дека водата во која се капат е загадена, но, веројатнo не знаат колку навистина е загадена и дека тоа загадување може сериозно да им го загрози здравјето.


Реката Вардар не е единствената загадена река во Македонија, но најверојатно е најголемиот проблем бидејќи поминува низ цела држава контаминирајќи големи водни површини, но и почви.

Огромен дел од останатите реки и езера исто така наликуваат на водни депонии. Овие реки и езера се загадени од отпадните води кои истекуваат од цевките долж нивното корито.

Само за илустрација. Секогаш кога некој од жителите во Скопје ќе пушти вода во својот тоалет, истата таа вода , без да биде пречистена, се влева во реката Вардар понатаму загадувајќи ги другите водни површини, но и почвите од кои се наводенуваат огромен дел од земјоделските површини во земјава.  Во водата од тоалетите нема само фекалии, туку и хемиски средства и други опасни загадувачи кои исто така без да бидат пречистени се исфрлаат во реките и езерата.

Во 2018 година, според податоците од Државниот завод за статистика,  испуштени биле 110 милиони кубни метри отпадни води. Сликата да биде појасна тое е двојно повеќе од вкупното количество на вода што ја имаат дел од вештачките езера во земјава

Поради недостиг на пречистителни станици овие отпадни води се влеваат директно во реките и во езерата претворајќи ги во водни депонии. Оваа состојба ја влошуваат домаќинствата, но и индустријата, но секако за надминување на проблемот одговорна е локалната и централната власт.

За тоа колку е сериозен проблемот покажува неколкумесечното истражување на ВидиВака. Податоците до кои дојдовме говорат дека во земјава годишно се испуштаат непречистени отпадни води со кои целосно би можеле да се наполнат две вештачки езера. Најголем дел од водата што ја користат домаќинствата, но и индустријата не се прочистува и така загадена се испушта во природата.

Покрај биолошките загадувачи отпадните води содржат и опасни хемикалии како пестициди, но и тешки метали, кадмиум, олово, хром..

Во 2018 година, според податоците од Државниот завод за статистика,  испуштени биле 110 милиони кубни метри отпадни води. Сликата да биде појасна тое е двојно повеќе од вкупното количество на вода што ја има во дел од нашите вештачки езера.

Од вкупните испуштени отпадни води непречистени биле над 80 милиони кубни метри, а пречистени околу 30 милиони. Ова буквално е рекорд на пречистени води во земјава досега. Во минатите години се пречистувале само од 3% до 5% од водите.

Ако се прашувате каде завршуваат отпадните води одговорот е едноставен. Најголем дел од отпадните води кои ги произведуваат домаќинствата и индустријата се испуштаат во реките и во подземните води. Тие понатаму го продолжуваат својот пат загадувајќи ги останатите водотеци, езера и мориња во кои се влеваат.

„Загадени води низ Македонија има многу, конкретни информации се добиваат тешко бидејќи тоа не сака никој да го каже во јавноста“, вели Александар Димитров, професор на Тешнолошко-металуршкиот факултет во Скопје.

Според него, водите се загадени се бидејќи нема доволно пречистителни станици.

„Тие треба да ги задржат таквите материи кои нема да ги загадуваат реките. Не смее да се дозволи таквите води да влезат во реките бидејќи потоа навлегуваат и во подземните води, а ако влезат во нив потоа не може да им се следи трагата. Можат да загадат бунари и земјоделски производи кои потоа ние ги консумираме“, вели професорот.

Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупното количество отпадни води во 2018 година било за 2.6 % помало во однос на 2017 година.

Иако Државниот завод за статистика поседува бројки за количината на испуштени отпадни води сепак од Министерството за животна средина и просторно планирање за Види Вака објаснуваат дека недостига редовен попис на населението и редовен мониторинг на количините на испуштање на отпадни води. Во превод, без овие податоци точната бројка никој не ја знае.

„Не смее да се дозволи отпадните води да влезат во реките бидејќи потоа навлегуваат и во подземните води, а ако влезат во нив потоа не може да им се следи трагата“, вели професорот Димитров.

„Проценетата популација на земјата во 2016 година е 2.073.843 жители од кои околу 1.37 милиони се приклучени на канализација. Ова претставува околу 66% од вкупното население. Количината на испуштени отпадни води ќе може да се пресмета согласно бројот на население кое не е приклучено со ситем за третирање и годишниот просек на зафатено количество на вода за водоснабдување за тоа население помножено со 0,8.“, велат од Министерството.

Формулата на Министерството изгледа како научна фантастика за „обичниот“ граѓанин кому му се потребни точни и навремени информации за тоа каков е квалитетот на водата во неговото опкружување.

Вардар во целото течение со години е река со висока загаденост од трет и четврт степен. Не успеавме во судските архиви да пронајдеме пресуда за евентуално санкционирање на некои од загадувачите. Иако во Кривичниот закон се предвидени строги парични, но и затворски казни тие во пракса не се применуваат.

Од оваа институција објаснуваат дека во моментов во Македонија има 24 пречистителни станици кои се во функција. Овие станици се за третман на отпадни води и имаат капацитет да пречистат вода што ја користат 525.000 жители.  Добивме податок дека вкупно 18 пречистителни станици не се во функција, а две се планирани да се изградат.

Владата неодамна објави дека завршени се пречистителните станици во Кичево, Прилеп, Струмица, Радовиш, Карбинци и Кучичино. Во изградба се вакви станици во Вевчани, Гевгелија, Кочани и во Магарево. За периодот од 2020 до 2022 пречистителни станици треба да добијат и Битола, Скопје и Тетово или градовите каде живее повеќе од половина од популацијата во земјава.

Во Центарот за санитарна контрола на ЈП „Водовод и канализација“ велат дека се работи на проектот за изградба на пречистителна станица во главниот град на земјава која ќе ги чисти главно водите од домаќинствата.

„Се работи за комунални отпадни води кои нормално имаат негативно еколошко влијание, но во одредена мерка спрема законската рамка. Нетретирани во моментов завршуваат во Вардар. Во моментов работиме на собирање податоци за пречистителна станица кој е голем проект и ќе биде за точно онолку жители колку што броиме или ќе се развиваме во иднина како урбана средина“, вели Биљана Петровска, раководител на хемиска лабораторија во Центарот за санитарна контрола.

За пречистителната станица во Скопје веќе има утврдено и локација. Изградбата на оваа пречистителна станица се очекува да биде завршена во 2022 година, а целиот проект се проценува на околу 120 милиони евра. Станицата за третман на отпадни води ќе пречистува вода за над 500.000 жители во околината на Скопје.

„ Проектното подрачје опфаќа 9 од 10-те општини во Град Скопје. Општина Сарај не е вклучена во проектното подрачје бидејќи во изградба се неколку помали пречистителни станици во општината, со што ќе се подобри квалитетот на водата на реката Треска која е една од поголемите притоки на Вардар“, пишува во Студијата за изградба на пречистителната станица за третман на отпадни води.

Во Студијата понатаму пишува дека: „Паралелно, се гради мала пречистиелна станица во општина Општина Ѓорче Петров. Од друга страна, општина Сопиште која на југ се граничи со Град Скопје е вклучена во проектот имајќи предвид дека ново изградениот систем за собирање на отпадни води ќе биде приклучен на еден од колекторите на Град Скопје“.

Нашето истражување дојде до уште еден интересен податок за тоа колку индустриските загадувачи плаќаат на државата за испуштање на одпадните води или народски кажано данок на загадување на водите.

„Министерството за животна средина и просторно планирање има отворена наменска трезорска сметка преку која се врши уплата на парични средства за надомест за испуштање во вода.  Собраните средства по овој надоместок на годишно ниво изнесуваат околу 4.426.000 денари“, објаснуваат од ресорното министерство.

Тоа значи дека по основ на испуштање на отпадни води, фирмите на државата годишно и плаќаат нешто повеќе од 70.000 евра.  Тоа е ситно во споредба со штетата што се предизвикува од испуштање она овие води.

Инаку преку загадување на површинските води се загадуваат и подземните води со тоа доведувајќи ги во опасност и изворите на питка вода. Во оваа насока драматичен беше заклучокот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) дека изворите на Рашче се во опасност. МАНУ заедно со Истражувачкиот центар за животна средина и материјали во минатата година во заеднички документ објаснуваат дека : “Жеденскиот масив, од кој се храни изворот Рашче преку кој најголем дел од Скопје се снабдува со вода, е загаден со шестовалентен хром.“

„Да се дефинира транспортот на веќе навлезениот хром низ Жеденскиот масив како потенцијален ризик за квалитетот на водата на изворот Рашче“, пишува во предлог мерките на МАНУ кои се приоритетни во функција на заштита на изворот Рашче.

Отпадот и депонијата на Јегуновце во долг период беше директна закана за загадување на подземните води и изворот Рашче со хром.

За заштита на изворот воспоставени се три зони на заштита. Првата зона ја покрива областа околу изворот и е близу селото Рашче и планината Жеден. Втората зона ги покрива Полошката долина и северно од Тетово, додека третата зона ја опфаќа реката Вардар, сливното подрачје на градот Тетово. На границата помеѓу зона 1 и 2 се наоѓа селото Јагуновце, каде се наоѓа и поранешната фабриката за феросилициум.

Отпадот и депонијата на Јегуновце во долг период беше директна закана за загадување на подземните води и изворот Рашче со хром. Во периодот 1999- 2004, со средстав на ЕУ, беше извршена девијација на потокот Музга, кој одеше под телото на депонијата, ги собираше отпадните води и ја загадуваше реката Вардар со хром. Со ова се тврди дека е елиминирана опасноста од понатамошни загадувања, но можноста за појавување на хромот во изворот Рашче како резултат од историските-претходни загадувања е се уште актуелна.

Од друга страна пак од Центарот за санитарна контрола на ЈП Водовод и канализации велат дека водата во Рашче е безбедна преку зоните за заштита.

„Постојат заштитни зони кои во овој момент ќе се редефинираат, по мои сознанија по најсовремени методи на симулирање на состојби“, вели д-р  Зоран Божиновски , директор на Центарот за санитарна контрола.

Нашиот тим ги посети каптажите на Рашче каде можевме да се увериме дека заштитата е далеку поголема отколку на било кои други водни ресурси во земјава. Насекаде има поставено заштитни огради, стаклени прегради во изворите и камери, а има и редовна чуварска служба.

Ваква заштита ни од далеку нема на другите водни ресурси. Па така реката Вардар е чиста само неколку километри долж изворот кај Вруток. Потоа започнува загадувањето на реката, не само од отпадни води туку и од секаков вид на шут кој се исфрла без никој да биде санкциониран. Ова загадување продолжува долж целото течение на реката Вардар низ земјава.

Вардар во целото течение со години е река со висока загаденост на водата од трет и четврт степен. Пребарувајќи ги судските архиви се обидовме да пронајдеме судски пресуди за евентуално санкционирање на некои од загадувачите, но не успеавме да најдеме. Иако во Кривичниот закон се предвидени строги парични, но и затворски казни тие во пракса не се применуваат.

Пред заогање на сонцето на истото место на вливот на реката Лепенец во Вардар, каде утрото ги затекнавме двајцата капачи, имаше друга група деца кои уживаа капејќи се во валканата вода.

Ги „крадеа“ последните сончеви зраци за да се искапат, не криејќи да им покажат на сите минувачи дека она што го прават е забавно. За многумина, поради енормното загадување, оваа река е само водена депонија, но за овие деца е секојдневна дестинација за освежување од летните горештини.

Facebook
Twitter
LinkedIn