Влахо – оштетена историја во име на капитализмот

Археолошкиот локалитет Влахо ја загуби источната периферија поради уништување од ископи од приватен концесионер. Копањето е запрено, но штетите се непоправливи.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Запре ископувањето на јаглен на концесионерот кај археолошкиот локалитет Влахо во битолско Живојно, Пелагонија, но штетите се непоправливи. Дел од историјата на ова место е уништена, иако археолошката фела предупредуваше неколку пати.

Куќите од лепеж, керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки сведочат за животот во 64-от век пред новата ера кај Влахо. Но во 21 век, најстарата неолитска населба стана уште една жртва на капитализмот.

24 јануари 2023 година

Центарот за истражување на предисторијата соопшти дека археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија е најстарата неолитска населба во Македонија.

„Датирана во 64-от век пред новата ера, таа е основана дури 300 години пред останатите во овој регион, што воедно претставува и еден од најраните неолитски локалитети во Европа.“

Оваа убава вест наиде на восхитување и поздрав од јавноста. Но само по 15 дена, се вклучи алармот за уништување на локалитетот порaди ископи за јаглен.

9 февруари 2023 година

Центарот за истражување на предисторија алармира дека на теренот во Влахо се вршат ископи, со што оштетени се дел од рововите и градбите во неговиот периферен источен и северен дел. На интервенција на „Заводот и музеј“ Битола и Управата за заштита на културно наследство, оштетувањето за момент беше запрено.

24 февруари 2023 година

Имајќи го предвид досегашното искуство низ годините, пораката „секое чудо – три дена“ се потврди точна во оваа ситуација. Поради таа цел, тимот на Види Вака беше на терен и посведочи дека и покрај реакцијата на институциите, на терен ископувањата сè уште траат.

Ископувањето на овој терен не е нова вест за институциите. Од „Завод и музеј“ Битола велат дека уште лани дале мислење да се запре ископувањето на локалитетот.

Концесионерот беше упатен да запре со наведените активности на овој дел од опфатот, а веднаш беше информирана и инспекциската служба при Управата за заштита на културно наследство во Скопје. Уште минатата година од страна на нашите стручни лица беше доставено мислење со кое концесионерот беше информиран како треба да постапи. Тоа значеше дека на наведената локација треба да се извршат заштитни археолошки истражувања, и просторот да биде комплетно истражен, по што од добиените резултати ќе биде дефинирано дали тој простор ќе може да биде предмет на понатамошна експлоатација, или пак ќе биде наложено истиот да биде изземен од барањето на концесионерот.“ 

Види Вака побара одговор од Управата за заштита на културно наследство уште на 23 февруари 2023 година за тоа кои активности се преземени во моментот кога институцијата е известена за оштетувањето на локалитетот, какви се сознанијата од терен, односно за чии потреби се врши ископување, како и за тоа кои активности ќе се преземат во иднина за да се спречи понатамошно трајно оштетување на локалитетот. Одговор на прашањата добивме по 20 дена, на 13.3.2023 година.

Оттаму нè известија дека немаат сознанија за чии потреби е ископувањето на јаглен, бидејќи како што велат „не е во нивна надлежност согласно Законот за заштита на културното наследство.“

„По добиена пријава за предизвикано оштетување на археолошкиот локалитет Влахо, стручни лица од Секторот за превенција и инспекциски надзор во два наврати во месец февруари и март 2023 година направија увид на истиот. За констатираната состојба се изготвени записници. На теренот е евидентно дека правното лице кое има коцесија за вадење на јаглед до границата на локалитетот, со користената механизација, направил оштетување и уништување на дел од археолошкиот локалитет. За така констатираната состојба ќе бидат преземени сите мерки согласно важечката законска регулатива.“ – велат од Управата за заштита на културно наследство.

Додека пак, за тоа кои активности ќе се преземат во иднина за да се спречи понатамошно трајно оштетување на локалитетот оттаму ни одговорија:

„Стручни лица од НУЗЗСК и Музеј Битола како територијално надлежна установа за заштита на недвижното културно наследство има законска обврска да ги преземе сите стручни активности во врска со конкретниот археолошки локалитет и за истите да достави известување до Управата за заштита на културното наследство, така што ова прашање во овој момент ви е преурането.“ – ни посочија од управата.

Фото: Центар за истражување на предисторија

6 март 2023 година

Две недели по објавата на видеото на Види Вака и реакциите на социјалните мрежи, Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко и едно правно лице за кривично дело – Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од член 264 од Кривичниот законик.

„Во периодот од ноември 2022 година до 03.03.2023, во селото Живојно, општина Новаци, првопријавениот како одговорно лице во правното лице презел дејствија со кои ја уништил источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влаху во селото Живојно. Локалитетот претставува регистрирано недвижно добро – дел од арехолошката мапа на Македонија и се наоѓа во опфатот на концесиското поле определено со Одлуката на Владата на РСМ за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – јаглен на осомниченото правно лице.

Иако првопријавениот знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште во кое не смее да се врши експлоатација, сепак во горенаведениот период, без да ги почитува одредбите од член 13 од Договорот за концесија и насоките дадени од претставниците на НУ Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство, ангажирал подизведувач на кого му дал насоки да започне со експлоатација на минерална суровина – јаглен.“

Дополнително, во рамките на истото концесиско поле има уште два локалитети кои подлежат под истиот режим на заштита. Со оглед на тоа што концесионерот, со своето однесување покажал дека нема намера да ги почитува законските и договорните обврски за заштита на културното наследство, јавниот обвинител оценил дека постои реална опасност и овие други локалитети да бидат неповратно уништени доколку ископот не се забрани.

7 март 2023 година

Битолскиот суд го уважи предлогот на ОЈО Битола и изрече забрана за вршење на ископ на подрачјето на Задбрдо, како дел од локалитетот Влахо, од страна на концесионерот „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ сè додека правосилно не заврши постапката за кривично дело која се води во битолското обвинителство. Оваа забрана доаѓа скоро еден месец по првиот аларм за оштетувањето на Влахо.

Заштита на хартија, уништување на терен

„Локалитетот е откриен некаде 70-тите години од страна на Драгица Симоска и тогаш е востановено дека има ран неолит што нас ни предизвивика внимание бидејќи почетоците на неолитот не ги очекувавме толку високо со оглед на тоа што локалитетот се наоѓа на планината Ниџе. Она што нас многу нè изненади со десетина ровови досега не сме ги виделе во толкав број. Сме виделе по два три рова. Во други земји има и по четири, пет рова на некои населби. Меѓутоа сега гледаме десетина, на едно место дури има и 13 рова што е највисок број на вакви укопи. Мислам дека ќе биде неблагодарно да се продолжи со негово уништување“ дециден е археологот Гоце Наумов.

27 септември 2022 година

Лани, и покрај мислењето на „Завод и музеј“ Битола, Владата на владина седница донела одлука да се прифати иницијативата на приватната компанија „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ за експропријација на земјоделско земјиште во Општина Новаци, КО Живојно во приватна сопственост, заради обезбедување на јавна услуга од областа на енергетиката и минералните суровини.

На веб страната на Министерството за економија може да се најде документ во којшто се наведени склучените договори за концесија за детални геолошки истражувања. Меѓу нив е и оној за јаглен на „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“.

Локалитетот кој е регистрирано недвижно добро – дел од археолошката мапа на Македонија, ја изгуби источната периферија, како резултат на активностите на концесионерот. Престижното археолошко списание „Antiquity“ неодамна публикуваше труд за Влахо. Но и покрај тоа што локалитетот е публикуван, истражуван повеќе години и подржан од повеќе институции и фондации, заштитата на хартија нема да значи ништо, сè додека бизнисите на терен во име на иднината ја уништуваат историјата.

Facebook
Twitter
LinkedIn