(НЕ)ЕДНАКОВ ПРИСТАП ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Брат и сестра не можат да ја следат онлајн наставата! Дали нивните ограничени ресурси треба да бидат пречка за да се стекнат со квалитетно образование?
Автор: Сунаи Сабриоски
Камера и фотографии: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Пандемијата од корона вирусот e најтежок тест за просветните работници и за учениците. За институциите станува збор за период на прилагодување кон дигитализација на образованието. Во март 2020 година кога беше прогласена  вонредната состојба, Владата ги затвори училиштата и градинките поради опасност од понатамошно ширење на вирусот ковид-19.  Министерството за образование и наука одлучи образовниот процес да продолжи од далечина па децата од училишните клупи се префрлија во домовите каде со посредство на информатичката технологијата продолжија да ја следат образовната настава.

Одлуката е базирана согласно усвоените уредби поврзани со законите каде се наведува дека во ситуации на вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго ) воспитно – образовната настава се прекинува, но не помалку од 100 наставни денови, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот.  Кога вака беше поставена ситуација се отвори и главното прашање: „Дали секое дете ќе има еднаков пристап до образование?

Просветните работници имаат поделено мислење. Едни се на ставот дека далечинското учење е единствениот начин за справување со моменталната состојба, други дека ИТ вештините за дел од просветните работници е проблем за кои и самите велат даваат максимум за да не трпи образованието.

Сепак нотирани се најгорливите проблеми, немањето на пристап до интернет, компјутер или паметен телефон кај дел од учениците со што се остава простор за дискриминација поради фактот што државата не обезбедила образование достапно за сите.

„За учениците кои беа оневозможени да ја следат наставата,  наставниците обезбедуваа дополнителен пишан материјал, кој им беше соодветно доставуван, или пак беа организирани индивидуални средби со учениците, во средини во кои тоа беше можно, земајки ги предвид епидемиолошките услови “, додава професорката, Елизабета Секирарска.

Дека недоследностите во образованието постојат, но посебно испливаа на површина во време на пандемијата, а со што најмногу се погодени ранливите категории зборува и наставничката, Јулијана Талеска.

Поранешниот заменик министер за образование и наука, Петар Атанасов на прашањето дали учениците/децата кои беа принудени да останат дома и да следат настава, а не се во можност поради немање соодветни ИТ уреди и интернет се дискриминирани да следат настава и да се здобијат со квалитетно образование со оглед на фактот дека ваквиот начин на образование не е достапно за сите вели дека?

„Ова прашање има всушност две нивоа на можна анализа. Прво, секако дека доколку некои од децата, поради технички услови, не се во можност да следат настава тие се на некој начин оштетени и оневозможени да имаат пристап до редовно образование. Одговорноста за ова може да се подели меѓу различни институции, но според Уставот и законите државата се обврзала да овозможи бесплатно образование до одредена возраст. За секое дете“,  вели поранешниот заменик министер за образование и наука, Петар Атанасов.

Прашува што значи категоријата квалитетно образование кога, според него, образованието е одамна под просекот и децата не се изложени на доволен квалитет кој би им вградил доволно сознанија и компетенции за понатаму.

Во интервју за Фокус, поранешниот министер за образование и наука, Азис Положани, изјави дека штетите се големи за најслабите образовни системи и учениците од социјално ранливи семејства. 

„ Нашиот образовен систем во последно време покажува многу слабости, па оттука сите ќе претрпиме одредени штети. Нормално, најголеми ќе бидат штетите за оние кои се во понезавидна ситуација од аспект на инфраструктурната и технолошката подготвеност на образовните институции, а тоа се пред сè руралните училишта и учениците што потекнуваат од семејства со низок социо-економски стандард. Дел од наставниот кадар не е подготвен да се зафати со новите технолошко-педагошки предизвици и во нормални околности, а камоли во вакви комплексни ситуации“, вели во интервјуто поранешниот министер за образование и наука Азис Положани.

Од Министерството за образование и наука посочуваат дека правото на образование никому не е скратено одговарајќи на нашето прашање дали станува збор за дискриминација врз учениците кои не се во можност да следат настава од далечина поради фактот дека немаат пристап до интернет и ИТ уреди.

„На ова укажуваат извештаите од училиштата коишто ги добивавме на дневно ниво. Првото полугодие го завршивме со над 90% од учениците кои успешно следеа онлајн настава, со помалку од 1 % активни случаи на ковид-19 од наставниците и учениците кои беа со физичко присуство и со околу 8.000 ученици кои наставата на далечина ја следат на Националната телевизија преку емитување на 15 минутни часови на македонски и албански јазик и преку достава на печатени наставни материјали“, велат од  Министерство за образование и наука.

Спротивно на ставот на МОН, од Сојузот на средношколци подвлекуваат дека наставата од далечина оставила штетни последици  врз квалитетот на самиот наставен процес.

Додека ресорното Министерство за образование и наука тврди дека генералниот заклучок е дека сите ученици се вклучени во воспитно-образовниот процес, постојат ученици кои се оневозможени да следат квалитетна настава од дома. Таков е и случајот со средношколците Мите и Катерина Драгишевски кои ја отсликуваат реалната состојба на голем дел од учениците кои немаат еднаков пристап до образование.

Преку документарниот филм „Образование надвор од мрежата“ главните протагонисти ги отсликуваат аномалиите во образовниот систем.

Слабост на системот – доблест на граѓанинот

Документарецот „Образование надвор од мрежата“ ги поттикна граѓаните со донации и хуманитарни акции да им помогнат на Мите и Катерина Драгишевски откако тие скромно побараа помош за ИТ уреди кои ќе им помогнат во образовниот процес. До редакцијата на Види Вака пристигнаа стотици пораки со желби за донирање компјутер за семејството Драгишевски, парична и друг вид помош.

Мите и Катерина беа само дел од протагонистите во документарецот преку кои се отслика реалната состојба во образованието.

Петар Атанасов: Образовниот систем е руиниран – потребен е ветинг и во образованието

Oбразовниот систем веќе долго време произведува писмено нефункционални генерации преку застарени учебници, слабо подготвени наставници и институции за кои образованието во изминатите години не било приоритет, вели поранешниот заменик министер за образование и наука, Петар Атанасов, додавајќи дека и според усвоениот буџет за 2021 година, Влaдата не заслужува преодна оценка по образование.

„Значи, во потешки услови од нормалните нашиот квалитет и ефект ќе биде уште послаб. Решението е во изборот на луѓе лидери, кои ќе започнат суштински промени, вклучувајќи ја и дигитализацијата во една поширока смила и контекст. Образовниот систем е руиниран и не се снаоѓа во оваа ситуација. Не може слаби професори да постигнат квалитет ниту во живо уште помалку онлајн“  вели Петар Атанасов, поранешен заменик министер за образование и наука.  

Дигитализација на образованието – достапно за сите

Дигитализацијата на образованието веќе долги години е предмет на дискусија, како реформа во секторот образование речиси и да немаше министер кој не ја споменуваше но беше во фаза на тргни – застани.

Дигитализацијата, се чини дека не беше потребна само заради ковид-19, туку пандемијата само го забрза овој процес на осовременување на образованието којшто би требало да продолжи и понатаму да се користи како алатка, но и покажа дека дигиталните алатки може да се користат за реализирање на еден вид поинаква настава, но и ги посочи  (не)еднакви можности за сите. Според професорката Секирарска, не сите ученици имаа еднаква можности посочувајќи дека ерата на дигитализација мора да биде императив до квалитетно образование.

Предизвиците со учењето од далечина се безброј. Се стартува со импровизации, но полека се соземаме и се обидуваме во чекор да бидеме достојни на повикот, појаснува наставничката Талеска.

Министерката за образование и наука Мила Царовска на панел дискусијата организирана  од „Фајнанс тинк“ на тема социо-економското влијание од Ковид-19 во Северна Македонија, посочи дека се работи на процесите на дигитализација.

Второто полугодие продолжи да се спроведува со комбинираниот модел, односно, по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење на часови преку телевизија.

Facebook
Twitter
LinkedIn