ЖИВОТ БЕЗ СТРАВ ОД НАСИЛСТВО

Во пандемијата домот не е безбедно место за жртвите на семејно насилство. Зошто препораката „Седи дома“ наместо заштита, носи закана по животот?
Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Крсте Шупев
Монтажа: Синиша Илијески и Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

„Убиство на млада жена во Скопје од страна на својот партнер“,  „Ѕверско убиство со сукало: Сопругот осомничен за смртта на жената во Битола“, „Скопјанец обвинет за убиство на партнерката“, „Убиство во Гостивар: Со нож и секира ја усмртил сопругата и избегал“…

Ова се само дел од насловите во македонските медиуми поврзани со брутално семејно насилствo кое завршило со фатален крај.

Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, до ноември 2020 година се случиле четири убиства на жени, фемициди. Во сите овие случаи, претходно било пријавено насилство, но, немало соодветна реакција за заштита на жртвите. Според податоците што нашата редакција ги доби од Министерството за внатрешни работи, лани за само девет месеци, биле извршени 678 кривични дела од страна на мажи сторители на семејно насилство, наспроти 66 жени сторители.

Извршени кривични дела и сторители во врска со семејно насилство за девет месеци од 2020 година (Извор: МВР) 

На секој еден час низ светот, шест жени се убиени од страна на мажи, покажуваат анализите за 2017 година на УНОДЦ. Токму поради ова, Обединетите нации повикуваат на итни мерки. Според последните податоци на ООН, секојдневно се убиваат 137 жени низ светот, убиството е од страна на партнерот или член на нивното семејство. Од вкупно 87.000 жени убиени во 2017 година, дури 50.000 биле убиени од својот партнер или член на семејството.

Македонија во јуни 2011 година ја потпиша Истанбулската конвенција, која има обврзувачки стандарди за спречување на насилството врз жените. Санкции за случаите на родово базирано насилство е едно од клучните барања на оваа конвенција.

Видеото оригинално е објавено на 15.5.2020 година

Ковид – 19 ширење на стравот за семејно насилство

Пандемијата предизвикана од вирусот ковид – 19 стави голем број жени во Македонија пред двоен предизвик. Едниот предизвик беше од коронавирусот, а другиот од насилството во својот дом поради мерките за изолација.

Ограничувањето на движењето и полицискиот час со цел да се намали ширењето на ковид-19, го зголеми стравот за семејното насилство, бидејќи жртвите беа затворени заедно со насилникот. На почетокот, по прогласувањето на вонредната состојба, жртвите на семејно насилство, односно, жените и децата кои беа под голем ризик на насилство, беа изоставени од мерките и препораките.

Социјалната работничка во „Прв семеен центар – ХЕРА“, Ивана Костовска, истакна дека пандемијата на почетокотискомплицирала случаите за семејно насилство.

Две жени, жртви на семејно насилство, за време на карантинот кај нас, се охрабрија да го напуштат својот дом и

да го пријават насилникот.

„Карантинот го гледав како одлично време да преземам нешто и да се тргнам од таму,“ посочи една од жртвите на семејно насилство.

Додека другата жртва, посочи за

стравот и безнадежностакоја ја чувствувала за време на полицискиот час.

„Кога се случи последен пат, беше за време на полициски час, немаше ниту еден човек, значи ништо. Немав ни телефон во мене, ми беше од негова страна бројот одземен, блокиран. Така што, јас не можев како на друг начин да најдам помош. Мораше да отидам, да кажам во полиција и со нив да можам да успеам да преземат нешто, да го решам тоа што се случуваше,“ истакна жртвата на семејно насилство.

Видеото оригинално е објавено на 17.4.2020 година.

Ретки казни за сторителите на семејно насилство

Физичкото, психичкото и сексуалното семејно насилство се казниви во Македонија, но, за жал, казните се ретки за сторителите. Голем број жени жртви се откажуваат и се повлекуваат од постапката за кривичните дела кои се сторени како резултат на семејно насилство. Жртвата е таа која треба да обезбеди докази за претрпеното насилство, а сите форми на насилство не се секогаш видливи. Во најголем број случаи, не се избегнува повторната виктимизација на жртвата, која треба да располага со доволно докази во однос на стореното кривично дело, а на суд повторно да даде исказ за претрпеното насилство.

Според директорката на „Глас против насилството“, Елена Димушевска, државата е таа која треба да ја смени улогата, наместо кон жртвата зошто таа била нападната,треба да се сврте кон сторителот, зошто тој го извршил насилството.

„Сторителот на насилство во Центарот е третиран како тој да нема потреба ништо да докаже, ако жртвата успее да обезбеди докази, во ред, ако жртвата не успее да обезбеди докази, тогаш ништо врз него не може да се преземе,“ посочи Димушевска.

Во Прв семеен центар на Град Скопје, освен психо-социјалната поддршка, советување и правна поддршка на жени жртви на насилство и нивните деца кои се директни или индиректни жртви на насилството, нудат и третман за сторители. Третманот на сторители се одвива во група. Сторителите најчесто доаѓаат по упатување од институциите, односно, од Центарот за социјална работа, а во последно време имаат соработка и со Пробациската служба.

Социјалната работничка од „Прв семеен центар“, Ивана Костовска, истакна дека за првпат кај нив на третманот на сторители,самоиницијативно се пријавил сторител на семејно насилство

Спас во Шелтер центар само до 12 месеци

Спас за бегство од насилникот, жртвите бараат засолниште во Шелтер центарот, кој  функционира од 1995 година. Во него се сместуваат жени и деца кои се жртви на насилство, тие можат да престојуваат во Шелтерот во период од еден до дванаесет месеци.

Една од жртвите на семејно насилство, ни го раскажа своето искуство во Шелтер центарот.

Во Шелтерот кога бевме згриженипод камери, имавме чувари, имавме надзор, бевме под клуч, без телефони, немавме комуникација по телефони, со физички лица, не бевме пуштени да движиме, да шетаме. Која било потреба да ја имавме, физичка или психичка, за што било, сами без присуство на социјален работник не бевме пуштени и сето тоа не смеевме да го правиме,посочи жртвата на семејно насилство. По првиот пат кога била сместена во Шелтеротодлучила повторно да се врати кај насилникот,

Тука се поставува прашањето, што се случува со жените и децата жртви на семејно насилство по Шелтер центарот? – Овој системски проблем, доста години ги прогонуваше жртвите на семејно насилство.

Куќа за отворено домување – нов почеток 

Минатата година кај нас, за првпат во Западен Балкан, се отвори Куќа за отворено домување на жени жртви на семејно насилство. Целта на оваа куќа е кога жртвата ќе го напушти Шелтер центарот, да има каде да отиде, а тоа да не значи враќање кај сторителот. Во Куќата за отворено домување, престојот за жртвите на семејно насилство не е временски ограничен.

Една од жртвите на семејно насилство, која заедно со своето малолетно дете е сместена во куќата, кажа дека ѝ севратила волјата во животот откако се сместила тука.

Капацитетот на куќата е четири спални соби, за секоја жена и нејзините деца по една соба, останатите простории се заеднички, дневна, кујна, тераса и двор. Со жртвите и нивните деца работат психолог, социјална работничка и правничка, сè со цел, полесно да ги надминат претрпените трауми и да започнат нов живот. Жените и нивните деца што се сместени во куќата, можат слободно да се движат, да ги носат децата во училиште, се грижат за куќата, за нејзиното одржување, си готват, пазарат, сè она што би го правеле доколку би живееле во сопствен стан. Исто така, кога жената ќе реши да замине од куќата, комуникацијата со неа не престанува. Социјалната работничка, правничката и психологот, сè уште и стојат на располагање за сите потреби којашто таа би ги имала.

Според Елена Димушевска, извршната директорка на „Глас против насилството“,куќата нуди стабилност, поддршка за да можат жените да направат план за понатаму.

Материјална поддршка за жртвите на семејно насилство

Освен поддршката од најблиската околина да ја напушти насилната средина, голема помош во тие моменти на жените жртви е и материјалната поддршка, за да можат да направат чекор напред и да започнат нов живот.

Според Публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија“ (2019) на Државниот завод за статистика, стапката на неактивност на работоспособни жени изнесува 55.7%, за разлика од неактивноста на работоспособните мажи која изнесува 30.7%.

Законот за социјална заштита вели дека државата дава еднократна парична помош за жртвата на семејно насилство. Член 62 од Законот за социјална помош, износот на еднократната парична помош може да изнесува до 15.000 денари за потребите на лице – жртва на семејно насилство за обезбедување на итна заштита и згрижување.

Според извршната директорка на „Националната мрежа против насилството врз жена и семејно насилство – Глас против насилството“, Елена Димушевска, висината на исплатата треба подобро да се приспособи кон потребите на жртвата, бидејќи,финансиските потешкотии се главната причина за таа да се врати кај сторителот

Биди безбедна!

Еден од начините да се спречи насилството и да не дојде до фатален крај е и апликацијата „Биди безбедна“. Кон крајот на 2020 година, Министерството за труд и социјална политика, заедно со UNDP ја креираа апликацијата за лесно и брзо пријавување на семејно насилство наречена „Биди безбедна“. Со оваа апликација за само една секунда може да испратиш СМС порака за помош до СОС линија, доколку се задржи црвеното копче една секунда. Додека, со притиснатото портокалово копче, се испраќа порака до личноста или организацијата по сопствен избор, на која најмногу и верувате.

Апликацијата за само месец и пол, има над сто симнување (заклучно ден 12.1.2020). „Биди безбедна“ е еден од начините со кој може да се придонесе кон безбедноста на жените.

Жените во најголем процент се жртви на семејно и родово базирано насилство. Државата е таа која треба да им подаде рака и да ги згрижи жените и децата кои претрпeле насилство, без притоа да треба повторно да се виктимизира жртвата. Потребна е превенција и борба против родово базирано насилство во сите негови облици. Процесот за надминување на траумите и започнување на нов живот, далеку од насилната средина е долг, но, со оваа инвестиција државата овозможува здрави луѓе кои ќе живеат без страв за сопствениот живот.

Пријави насилство!  

Facebook
Twitter
LinkedIn