Вештачката интелигенција во улога на љубовен советник, психотерапевт, мајстор

Вештачката интелигенција за краток период од само технолошка алатка за пребарување и пишување текстови почна да се јавува во најнеочекувани улоги: љубовен советник кој помага во врски, психотерапевт што нуди утеха, виртуелен мајстор за поправки, професор што објаснува лекции, па дури и родител кој дава совети за воспитување.

Кога последен пат побаравте совет од пријател? А кога последен пат побаравте совет од ChatGPT?

„Здраво чет, како да прекинам со девојка ми? Здраво чет, предложи ми идеја за подарок за 10-годишнина од брак со сопругот? Здраво чет, како да ја поканам на дејт девојката што ми се допаѓа? Здраво чет, како да му одговорам на симпатијата на оваа порака..? Здраво чет, ми се расипа машината за перење алишта… Здраво чет, не се чувствувам добро, имам негативни мисли… Здраво чет…“ – 2,5 билиони прашања, барања и промтови пристигнуваат секојдневно до чет ботот „ЧетЏПТ“ и, во само неколку секунди, 800 милиони корисници колку што го користат овој чет бот ширум светот, добиваат утеха, совет, идеја, решение.

Македонците не изостануваат од статистиката, а младите се оние кои најмногу се потпираат на чет ботовите.

И, можеби вештачката интелигенција нема да ги замени луѓето во нивните работни места или барем не во блиска иднина, но дефинитивно постепено ја заменува односно намалува нивната способност за размислување, креативно изразување, решавање на проблеми, навлегувајќи и во оние најчувствителни сфери од животите до степен што се јавува во најразлични улоги во зависност од потребите на корисниците.

Вештачката интелигенција во улога на љубовен советник, психотерапевт, мајстор, професор, родител…

Во свет во кој машините зборуваат како луѓе, границите се бришат. Еден клик е доволен да добиеме совет, поддршка, насока, решение.
Вештачката интелигенција за краток период од само технолошка алатка за пребарување и пишување текстови почна да се јавува во најнеочекувани улоги: љубовен советник кој помага во врски, психотерапевт што нуди утеха, виртуелен мајстор за поправки, професор што објаснува лекции, па дури и родител кој дава совети за воспитување. Прашањето е што губиме, а што добиваме кога вештачката интелигенција ја презема улогата на човекот?

На психотерапија со „ЧетЏПТ“

Психологот и психотерапевт Зорица Николова предупредува дека особено младите не се ни свесни за последиците кои можат да дојдат од честото и зголеменото користење на технологијата со вештачка интелигенција.

Според Николова токму младите сѐ повеќе се одлучуваат да баарат психолошка и психотераптевтска помош од алатките за вештачка интелигенција поради лесна и брза достапност, економичност и комфортност.
Но како што таа укажува, она што „ЧетЏПТ“ и другите ВИ алатки не можат во суштина да го доловат, е интеракцијата, релацијата која ја дава човек кон човек, свесност и емпатија, клиничка одговорност и неможност за следење на вербални знаци.

„Климање со глава, допир на рамо, допир на рака, „разбирам дека ти е тешко“, позитивни зборови, тоа е тоа што колку и да се обидува, нели, вештачката интелигенција да го долови, мислам дека не би можело да го долови, тоа е тоа што нас нѐ прави еволутивно поразлични во насока на одржување на оваа човечка комуникација“ – психолог Зорица Николова.

Доста впечатливо за психологот Николова е кога нејзини клиенти користат „ЧетЏПТ“ како замена за психолог, што според нивните искуства се потврдуваат и недостатоците на овие алтки.

„Еден млад дечко, претпоставувам дека беше рани 20-ти, се соочуваше со проблематика и анксиозност околу испити. Како првична сесија имаме запознавање и на крај клиентот ми го покажува делот од тоа што разговарал со „ЧетЏПТ“. Морам да признаам дека бев видно изненадена од аспект на тоа колку концизно ја гледаш твојата сесија од 60 минути во една страница, напишан текст. Тоа што јас го прашав како прашање во терапевскиот процес беше што е тоа што е поразлично кога веќе имаме ист материјал, значи ја добил истата тематика, на истото сме работеле. Тоа што го кажа клиентот е дека навистина можел да се почувствува различно и попријатно и поубаво се чувствувал додека сме разговарале. И тоа што исто така беше впечатливо е дека спомна дека се чувствува поуверливо. Значи поуверливо е кога зборува со мене.

видео Зорица Николова

Алатките како „ЧетЏПТ“ често го кажуваат она што сакаме да го слушнеме – покажаа некои истражувања, а како што Николова истакнува, опасноста доаѓа оттаму што доколку корисникот се препушти на „А мене ми е добро, со мене сѐ е во ред, „ЧетЏПТ“ кажува дека е во ред“, бидејќи го нема клиничкото искуство на соодветно обучен терапевт, тогаш во ниеден случај не би можело да се превенира ваков вид на ограничување кој може да резултира со енормни последици како загуба на човечки живот.

Веќе на виделина излегуваат негативни примери како последица на користење, односно слепо верување на овие алатки, особено кај младите или лицата кај кои критичкото размислување не е на високо ниво.

  • 60-годишен маж завршил во болница поради труење бидејќи послушал медицински совет од „ЧетЏПТ“ – стои во извештај на Annals of Internal Medicine: Clinical Cases.
  • Алармантни податоци се појавија и во студија на Центарот за борба против дигиталната омраза (CCDH), каде за потребите на студијата, CCDH креираше лажни профили на 13-годишни деца со цел да ги детектира последиците од користење на „ЧетЏПТ“ кој по само неколкуминутно користење им генерираше опасна содржина. ВИ четот им дал упатства за самоповредување, планирање самоубиство, нарушено јадење и злоупореба на суспстанции, дури и составил проштално писмо за деца кои размислуваат да си го одземат животот.

Она што Николова го советува во однос на користење на алатките како „ЧетЏПТ“ кога станува збор за психотерапија, е младите да ги користат за да истражат што е тоа што како терапија им одговара со цел да дојдат до адекватна и здрава поддршка, како и за уривање на стигмата со менталното здравје.

Замената на психотерапевти и психолози со вештачка интелигенција треба да се решава системски

„Лично сметам дека како што имаме матичен доктор, матичен гинеколог, треба да имаме и матичен терапевт, така да тоа е нешто што би требало системски да се покрие овде – вели Зорица Николова потенцирајќи дека во високоразвиените земји во Европа младите можат полесно да дојдат до психотерапевска и психолошка услуга, која кај нас претставува можеби малку поголем предизвик.

Од една страна тоа се должи на стигмата околу менталното здравје, а од друга страна не секој може да си дозволи приватен психотерапевт.

„Повеќето европски лиценцирани терапевти имаат свој приватни ординации, а во нашиот систем, еве и ова е една препорака каде што може да се внесе соработка помеѓу јавните здравствени установи и приватните пракси, каде што може да се направи една соработка да тоа биде подостапно за луѓе кои нели во моментот и не можат да си дозволат приватна психотерапија, односно приватен психотерапевт. – смета Николова.

„ЧетЏПТ“ ги знае најосетливите и најинтимни работи за корисниците

Особено младите, не губат време, со брзината и лесната пристапност која ја нудат алатките со вештачка интелигенција, само со неколку клика и во неколку секунди добиваат совети за љубовни дилеми, за проблеми со анксиозност, насоки околу поправка на бојлер или помош во математичка задача.

Но, колку е безбедно и одговорно да ѝ се препуштиме на машината во овие интимни и чувствителни сфери?

Корисниците внимателно да размислат пред да користат „ЧетЏПТ“ како замена за терапевт – предупреди дури и извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман.

Луѓето зборуваат за нивните најинтимни работи во животот со „ЧетЏПТ“. Особено младите го користат како терапевт, лајф коуч, прашуваат како да ги решат своите љубовни проблеми – изјави Сем Алтман – извршен директор на компанијата за вештачка интелигенција OpenAI, предупредувајќи ги корисниците дека сè што ќе му кажете на „ЧетЏПТ“ може да се искористи против вас на суд како доказ во случај на тужба истакнувајќи и дека е видлива потребата од нови закони за заштита на приватноста на разговорите.

„Ако разговарате со терапевт или адвокат или лекар постои законска привилегија. Постои доверливост помеѓу лекарот и пациентот, постои законска доверливост, а тоа сè уште не сме го регулирале за разговорите со „ЧетЏПТ“, изјави тој во подкастот на комичарот Тео Вон.

„Ми праќа одговор од „ЧетЏПТ“ напишан“

„Додека зборувавме на дејтинг апликација сѐ беше супер, одлично течеше разговорот, кога се видовме во живо како да се сретнав со сосема друго момче. Подоцна дознав дека користел „ЧетЏПТ“ за да ми одговара на пораките“ – ни раскажа 20-годишна девојка.

Нејзиното искуство го делат и други млади, понесени од лесната достапност на ВИ чет ботовите.

Сѐ повеќе млади се жалат на дејтинг културата во време на вештачка интелигенција кадешто младите се служат со чет ботови за прекинување на врска, одговарање на пораки, додворувње, шармирање што пак доведува до лажни очекувања и разочарувачки впечатоци на состанувањата во живо со оглед на очигледните разлики во начинот на кој се води разговор позади екран и во живо.

Студија од апликација за љубовни врски „Paired“ покажала дека 15% од генерацијата Z (на возраст од 18 до 26 години) користеле вештачка интелигенција за планирање состаноци, додека 12% побарале совети за врските генерирани од вештачка интелигенција. Од миленијалците (на возраст од 29 до 44 години) 9% користат вештачка интелигенција за планирање состаноци, а 11% се обраќаат за насоки за врска.

Друго истражување пак, од апликацијата „Вингмејт“ покажа дека 41% од младите лица користеле вештачка интелигенција за да им помогне да прекинат врска и речиси половина од лицата на возраст од 18 до 29 години изјавиле дека се обратиле кон алатките за вештачка интелигенција за пишување пораки за раскинување, извинувања или справувања со конфликти во врската. Дури за 29% од младите состанувањето станало „поедноставно“ со вештачката интелигенција.

Кога станува збор за љубовни врски, чет ботовите најмногу се употребуваат за составување на биографија на апликациите за состанување, за започнување разговори, одговарање на пораки и решавање конфликти.

Според терапевтите, ова може да доведе до намалување на емоционалната интелигенција кај младите кај кои во пораст е и самодијагностицирањето. Додек нова студија Институтот за технологија во Масечусетс (MIT) укажува дека користењето на „ЧетЏПТ може да има негативни последици врз когнитивните способности. Истражувачите предупредуваат дека потпирањето на чет ботовите може да резултира со „веројатно намалување на вештините за учење“.

Едукацијата како клуч за етичко и правилно користење на вештачката интелигенција

„Вештачката интелигенција повеќе не се третира како футуристички концепт, туку е реалност и има голема примена во секојдневието. Планираме нејзино етапно воведување во наставните програми во училиштата, тоа е наша должност со цел младите низ формалниот процес на образование да се запознаваат со придобивките, но и со предизвиците од нејзината употреба“ – истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска посочувајќи дека зборува за вештачката интелигенција која е во согласност со етичките и моралните начела и норми.

Неоспорлив факт е дека сепак вештачката интелигенција носи и значајни придобивки и отвора нови можности како во здравството, така и во образованието и воопшто во секојдневието помагајќи да заштедиме време и ресурси, оттука важно е особено новите генерации навремено да се запознаваат со овие алатки, модели и чет ботови со цел правилно, етичко, рационално користење.

Сè повеќе луѓе се свртуваат кон четботови, како што е „ЧетЏПТ“, причините се најразлични од справување со лични проблеми, до поддршка, решение, идеја. Претходно, овие алатки првенствено се користеа за технички цели, меѓутоа, како што станаа пошироко усвоени, така се зголемува нивната употреба за емоционална поддршка и личен развој. Според експертите колку што се корисни, истовремено може да имаат и штетни последици алатките за вештачка интелигенција.
Од сериозни ризици за менталното здравје, социјализација и автентичната комуникација – бројни се негативните последици за корисниците. Сепак способноста за критичко размислување е она што го прави човекот различен и способен да донесува правилни и рационални одлуки во време на развој на вештачката интелигенција.

Facebook
Twitter
LinkedIn