
Сè тече и сè протечува
А ние одиме одиме одиме
Минејќи преку минливото
Одејќи низ недоодливото
А едно густо име
Со многу жилки од животек
Слоевито и збито и деветорно
Се лепи милениумски
Низ нашите изморени стапалки:
М а к е д о н ц и!Песна „Нашинска“, Гане Тодоровски
Триесет и две години Македонците одат со изморени стапалки од предизвиците и препреките со кои се соочуваат уште од осамостојувањето на нивната држава.
Почетокот на 1991 година, беше почеток на големи прашања и одлуки. На 8 јануари се одржа првата конститутивна седница на повеќепартиското Собрание на Македонија. Прв претседавач беше најстариот тогашен пратеник, лекарот Никола Стојаноски. На таа седница беше избран првиот претседавач на Собранието, Стојан Андов.
„Таа прва седница беше малку чудна, осум часа се припремаше. Стојан Андов ја менуваше… Јас таму зборував. Осум саати редевме кој-што ќе каже,“ истакна сега стогодишниот македонски борец и лекар Никола Стојановски.
Прилог „Мемоарите на стогодишниот борец и лекар“ (видеото оригинално е објавено на 8.9.2023)
Граѓаните на Македонија го кажаа судбоносното „ДА“ за самостојност на референдум
На 8 септември 1991 година, се одржа референдумот кој ја запечати и потврди самостојноста и независноста на Македонија од Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Со 96% од гласовите ЗА референдумот е прогласен за успешен и со тоа Македонија стана независна и суверена држава.
Промените кај највисокиот акт на Македонија – Уставот
Уставот на Македонија е донесен на 17 ноември 1991 година, еден месец откако граѓаните на земјава на референдум одржан на 8 септември 1991 ја донесоа одлуката Република Македонија да биде самостојна и суверена држава.
Осум пати се менуваше македонскиот Устав од независноста на државата па досега. Денес, највисокиот правен акт на државата е на чекор до уште една промена. Измените се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, односно во формулацијата:
„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.
Овие измени отворија широка дискусија во државата имајќи ги предвид политичките случувања во земјата и регионот. Нивната цел е се остварат стратешките цели и да ја доближат земјата до влез во Европската Унија.
Како документ, Уставот ги утврдува основните правила и принципи во државата, а секоја уставна промена подразбира сложен и комплексен процес подложен на дискусија, расправа и сериозна политичка одговорност. Низ годините овој акт претрпе неколку промени.
Досега пет претседатели ја водеа државата.
Триесет и две годишното независно постоење на државата ја водат трите најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и верниот партнер од албанските партии, ДУИ. Иако државата претрпе сериозни скандали на криминал, корупција, перење пари, непотизам и сериозни повреди на човештвото, сепак, менувањето на власта е наизменично со овие партии, а константа е само политичката партија ДУИ која без разлика дали станува збор за десница или левица, таа е дел од владеачкото мнозинство.
Во овие 32 години постоење на Македонија како независна, суверена и самостојна, македонскиот народ стоеше пред големите предизвици, проблеми, но и радости предизвикани од спортот, културата, но и поединците кои со македонското знаме не претставуваа пред светот.
„Но ние сме како што сте како што се
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!“
Песна „Нашинска“, Гане Тодоровски